04 Превенција на болестите: Божјиот начин (2)

Сподели го ова:

4. лекција – 25. април 2015.

Превенција на болестите: Божјиот начин (2)

„И го зеде Господ Бог човекот (кого го создаде), го насели во Едемската градина, за да ја обработува и да ја чува.“ – Битие 2,15.

„Во името на Исус, штедете ги своите сили, бидејќи откако со одмор ќе се освежите, ќе можете повеќе да направите и подобро да работите… Христовите ученици треба да се едуцираат не само како треба да работат, туку и како треба да се одморат.“ – Мојот живот денес, 147 (133).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Адвентен дом, 493-520.

Недела 19. април

1. ОД СУШТИНСКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА НАШЕТО ЗДРАВЈЕ

а. Каква работа му била дадена на човекот пред падот во грев, за да се унапреди здравјето и среќата? Битие 2,15. Кои благодати доаѓаат од работата, дури и по падот во грев? Псалм 128,2; Проповедник 2,24.

„При создавањето, работата била одредена како благослов. Тоа значело развој, сила, среќа… Таа е, исто така и заштита против искушенијата. Работната дисциплина помага во ограничувањето да си угодуваме на сопствените склоности, а ги поттикнува трудољубивоста, непорочноста и цврстината.“ – Воспит., 190 (214).

б. Кои се некои од последиците на мрзеливоста? Изреки 12,24; 19,15; Проповедник 10,18.

„Мрзеливоста и немарноста не се плодови кои можат да се пронајдат на христијанското дрво. Мрзеливоста е големо проклетство. Бог ги благословил човечките битија со нерви, органи и мускули; и тие не треба да дозволат било кој од овие органи да ослаби поради неактивност, туку треба со вежбање да се зајакнат и да се одржуваат здрави. Голема несреќа е ништо да не се работи, бидејќи мрзеливоста секогаш била и ќе биде големо проклетство за човечкиот род.“ – Совети за детето, 124.
Понеделник 20. април

2. УМЕРЕНОСТ ВО РАБОТАТА

а. Кој совет ни е даден во Проповедник 3,1? Кога ќе го занемариме овој совет и работиме прекумерно, какви ќе бидат последиците?

„Не работете прекумерно. Многу е подобро да се остават некои работи недовршени, кои се предвидени за денешниот ден, отколку да се преморувате, да губите елан потребен за извршување на задачите за следниот ден. Не кршете ги денес природните закони, за да не ја изгубите својата сила за утрешниот ден.“ – Ум, карактер и лич., 376.
„Прекумерната работа понекогаш доведува до губење на самоконтрола. Но Господ, никогаш не нè принудува да работиме набрзина и нервозно. Многумина го преземаат врз себе товарот кој милостивиот небесен Отец не го ставил врз нив. Должностите кои никогаш немал намера да им ги довери да ги извршат, се наметнуваат едни по други. Бог сака да сфатиме дека ние не го славиме Неговото име ако се преоптоваруваме со претешки товари кои го заморуваат нашето срце и нашиот мозок, чинејќи нè раздразливи и мрзоволни. Бог сака ова сериозно да го сфатиме.“ – Пораки до младите, 135.

б. Колку што е тоа можно, во кој дел од 24-часовниот ден треба да работиме за да го сочуваме своето здравје? Псалм 104,23; Јован 9,4.

„Бидејќи процесот на изградба на телото се одвива за време на часовите за одмор, мошне е важно, особено за младите, на спиење да одат во одредено време и да спијат доволно.“ – Мојот живот денес, 157 (143).
„Според сведоштвата кои ми се давани од време на време за умните работници, знам дека спиењето пред полноќ вреди многу повеќе од она после полноќ. Два часа добар сон пред дваесет и четири часот вредат повеќе од четирите часа по дваесет и четири часот.“ – Објавени ракописи 7, 224.

в. Каква придобивка има физичката активност врз умот? Проповедник 5,12.

„Неактивноста е честа причина за заболувањата. Физичката активност ја забрзува и изедначува циркулацијата на крвта.
За здравиот млад човек, брзото и напорно вежбање го зајакнува целиот организам… Без такво вежбање умот не може да ја одржи својата работна способност. Тој станува неактивен и неспособен за остра и брза реакција што би требало да му даде обележје на неговите способности.“ – Мојот живот денес, 144 (130).

Вторник 21. април

3. ОДМОР ЗА УМОРНИТЕ

а. Кои средства Бог ги предвидел за да ја обнови енергијата кај луѓето? Марко 6,31. Како знаеме дека Христос, во Својата човечка природа, бил подложен на истите слабости? Марко 4,38; Јован 4,6.

„Иако времето е кратко, а работата која треба да ја извршиме е голема, на Господ не Му е по волја кога своето работно време толку го продолжуваме така што не ни преостанува време за одмор, за проучување на Библијата и за разговор со Бога во молитва. Сето ова е важно за јакнење на душата и има за цел да нè доведе во положба во која ќе примиме мудрост од Бога како најдобро би ги искористиле своите таленти во служба на Учителот. Кога Христос рекол дека ‘жетвата е голема, а работници има малку’, Тој не барал од Своите ученици постојано напорно да работат… Напротив, им рекол дека веќе се преморени, и дека нема да бидат способни за идните напори доколку за извесно време не се одморат.“ – Мојот живот денес, 147 (133).
„Нека се обединат неколку семејства што живеат во град или село и нека ги напуштат своите занимања кои ги заморуваат и физички и психички, и нека организираат излет во природа, на брегот на некое убаво езеро или некоја пријатна шума каде што се опкружени со убавините на природата.“ – 1 Сведоштво, 388 (514).

б. Кој е еден од видовите на одмор, и кои услови треба да се исполнат како овој одмор би бил ефикасен? Псалм 4,8.

„Во јадење, пиење и облекување, законите на здравјето треба внимателно да се уважуваат, истото тоа треба да се почитува и во регулирањето на часовите за спиење. Ниту еден студент не треба да создава навика да седи до доцна во ноќта покрај запалено светло, а потоа дневните часови да ги поминува во спиење.“ – Христијанско воспитување, 124.
„Природата ќе ја врати… енергијата и силата (кај младите) во часовите за спиење, ако тие не ги кршат нејзините закони.“ – Здрав живот, 46.
„За да станувате наутро навреме, поставете го вашиот часовник да ве разбуди рано, и навикнете се на тоа; потоа на спиење ќе заминувате порано и ќе ја победите својата болна неуредност која ви ја измачува душата, предизвикува мрачни чувства, обесхрабрување и несреќна напнатост, онеспособувајќи ве да било што направите без големо префрлување.“ – Објавени ракописи 9, 47.
„Мнозина од умните работници продолжуваат со читање и во часовите кога треба да спијат, ова е многу штетно за здравјето.“ – Објавени ракописи 9, 46.

Среда 22. април

4. ОДМОР ЗА ТЕЛОТО, УМОТ И ДУХОТ

а. Покрај одморот кој произлегува од спиењето, за кои други форми на одмор исто така знаеме? Левит 23,3; Матеј 11,28. Дали саботниот одмор вклучува и дополнителен сон во овој ден?

„Нека никој не смета дека посветеното време може да го помине на бескорисен начин. На Бога не Му е угодно кога луѓето кои ја слават саботата ќе го преспијат поголемиот дел од овој ден. Тие со тоа го срамат својот Создател и со својата постапка зборуваат дека шесте дена во седмицата се премногу драгоцени за да можат да се одмораат во нив. Мораат да заработуваат пари, па ако треба и ќе се лишат од потребниот сон, а потоа тоа го надополнуваат спиејќи во светиот ден. Тие потоа се оправдуваат со зборовите: ‘Саботата е одредена како ден за одмор. Нема да се лишувам од одморот со тоа што би одел на состанок, затоа што ми е потребен одмор’. Овие луѓе погрешно го користат светиот ден. Тие токму на тој начин би требало да им зборуваат на членовите на своето семејство за неговата важност и да се собираат во домот за молитва без оглед дали се многу или малку… Од сите денови во седмицата, ниту еден не е толку поволен за побожни размислувања и чувства како саботата.“ – 2 Сведоштво, 463 (704).

б. Која е разликата помеѓу рекреацијата и разонодата, и каде е најдоброто место за одмор и рекреација за Божјиот народ? Марко 6,31. А што е со побожното размислување и личната молитва? Битие 24,63; Лука 6,12.

„Постои разлика помеѓу рекреација и забава. Рекреацијата, кога е навистина она што нејзиното име значи, ре-креација (повторно создавање), има тенденција да зајакне и да изгради. Одделувајќи нè од нашите вообичаени грижи и занимања, таа овозможува освежување за умот и телото, а со тоа нè оспособува со нова свежина да ѝ се вратиме на сериозната животна работа. Забавата, од друга страна, се бара заради уживање и во неа често се претерува; таа ја троши силата која е потребна за корисна работа и на тој начин станува пречка за вистинскиот успех во животот.“ – Воспитување, 207.
„Оние на кои менталната и физичката благосостојба им е поважна од парите или барањата и обичаите на општеството, би требале на своите деца да им го овозможат благословот да учат од природата и да се рекреираат во природата. Тоа ќе биде од голема помош во образовната работа кога секое училиште би било сместено така што на учениците ќе им овозможи да обработуваат земја и да имаат пристап до полиња и шуми.“ – Воспитување, 211.212.
Четврток 23. април

5. КОРИСНИ АКТИВНОСТИ

а. Кои се некои од придобивките кои се остваруваат преку физичките активности?

„Со физички активности ќе зајакнат не само органите на телото, туку и умот исто така ќе стекне сила и знаење благодарение на нивната активност.“ – 3 Сведоштво, 59 (77).
„Разумната активност ќе ја потисне крвта на површината, со што ќе им се олесни на внатрешните органи. Брзите, не толку напорни активности на отворено, и во добро расположение, ќе ја зајакнат циркулацијата, ќе и дадат здрав сјај на кожата и на екстремитетите ќе им испраќаат крв обновена со свеж воздух.“ – 2 Сведоштво, 349 (530).

б. Како во поглед на физичките активности треба да гледаме на разните спортски игри? 1 Коринтјаните 10,31; Дела 24,16.

„Страста за играње фудбал и други врсти на себични задоволства влијае врз младите, затоа што се запоставува будното стражарење, молитвата и секојдневното посветување на Бога.“ – Објавени ракописи 6, 127.
„Другите атлетски игри… поттикнуваат љубов кон уживања и возбудувања, а со тоа поттикнуваат одвратност кон корисната работа и тенденција да ги избегнуваат практичните должности и одговорности.“ – Воспитување, 210.
„Има рекреации кои се мошне корисни и за умот и за телото. Раководејќи се според просветениот ум, кој знае да прави разлика помеѓу доброто и злото, може да се најде изобилство на начини за забава чии извори не само што не се опасни, туку и поучни.“ – 4 Сведоштво, 510 (653).

Петок 24. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која благодат од самиот почеток Бог ја обезбедил за човекот, која е од суштинска важност за неговото физичко и психичко здравје?
2. Што умереноста во работата значи за човекот?
3. Зошто мнозина луѓе немаат мирен сон?
4. Покрај спиењето, кои други форми на одмор ќе ни помогнат во обновување на нашите физички и духовни сили?
5. Кои се најдобрите извори на рекреација за христијаните, и зошто?

Сподели го ова:

Слични објави