02 Болеста и нејзините причини
2. лекција – 11. април 2015.
Болеста и нејзините причини
„Ако го послушаш добро гласот на Господ твојот Бог… нема да ти пратам ниедна од болестите… Зашто Јас сум Господ, твојот исцелител.“ – Излез 15,26.
„’Не лажете се: Бог не е за подигрување. Што човекот ќе си посее, тоа и ќе си жнее’ (Галатјаните 6,7). Оној кој своите таленти и своите средства себично ги троши на угодување себеси, во задоволување на ниски страсти, ќе пожнее само уште поголема изопаченост. Таквата жетва е неизбежна.“ – 4 Сведоштво, 263 (343).
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Ум, карактер и личност 2, 466-473.
Недела 5. април
1. БОЛЕСТ И СМРТ
а. Зошто земјата е толку преполна со болести? Изреки 14,12; 26,2.
„Гревот на Израелците кај Ваал-Фегор донел Божја казна врз целиот народ; денеска истиот тој грев можеби нема да биде толку бргу казнет, но сигурно ќе ја прими својата одмазда. ‘Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие’ (1 Коринтјаните 3,17). Природата става печат на страшната казна за таквите злосторства – казна која, порано или подоцна, ќе го снајде секој престапник. Токму овој грев, повеќе од кој било друг, претставува причина за страшното изопачување на нашиот род, како и за болестите и бедата што се проклетство за светот. Луѓето можат да успеат своите престапи да ги сокријат од своите ближни, но тоа не значи дека нема да пожнеат сигурни последици во страдања, болест, малоумност или смрт.“ – Патријарси и пророци, 487 (461).
б. Што Бог им ветува на послушните? Излез 15,26. Што ќе се случи со непослушните? Второзаконие 28,58-61.
„Кога Христос ги исцелувал болните, Тој на мнозина од нив им го нагласувал предупредувањето: ‘Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо’ (Јован 5,14). Со тоа, Тој ги поучувал дека тие ја навлекле болеста поради престапувањето на Божјите закони и дека здравјето може да биде сочувано единствено само преку послушност.“ – Здравје и среќа, 71 (113).
Понеделник 6. април
2. ПРИЧИНА И ПОСЛЕДИЦИ
а. Што вели Библијата за причинско – последичната поврзаност која постои во природниот свет? Галатјаните 6,7. Како оваа поврзаност може да ја доведеме во врска со нашето здравје? Второзаконие 28,15.22.
„Според Божјите закони во природата, со непогрешна точност последиците соодветствуваат со причината. Жетвата кажува каква била сеидбата… Бог никого не уништува. Секој што е уништен, се уништил самиот себеси.“ – Христовите очигледни поуки, 59 (84).
„Бог ни подарил способности да ги користиме, да ги развиваме и да ги зајакнеме преку едукација. Со размислување и внимателно заклучување можеме правилно да го утврдиме односот помеѓу причините и последиците.“ – 4 Сведоштво, 524 (548).
б. Дали болеста е секогаш резултат на нашите лични постапки? Излез 34,7 (последен дел); Јован 9,2.3.
„Многу природно е за луѓето да мислат дека големите несреќи се сигурен показател на големите престапи и тешките гревови; но луѓето често прават грешка, мерејќи го карактерот на таков начин.“ – Коментари на библиските текстови, 241.
„Многумина страдаат како последица од престапите на нивните родители. Иако тие не се одговорни за она што го правеле нивните родители, тоа воопшто не ја намалува нивната должност да знаат што е, а што не е престапување на здравствените закони. Тие треба да ги избегнуваат погрешните навики на своите родители и да настојуваат да се доведат себеси во подобра положба со правилен начин на живот.“ – Здравје и среќа, 177 (234).
в. Што покажува дека Бог понекогаш им дозволува на праведните луѓе да се разболат, иако можеби тие верно ги следеле принципите на доброто здравје? 2 Коринтјаните 12,7-9; Јов 2,3-7.
„Јов бил болно и тешко погоден, и неговите пријатели се обиделе да го натераат да признае дека неговото страдање е резултат на гревот… но Господ ги укорил што го осудиле Неговиот верен слуга.
Светот е преплавен со беззаконие, меѓутоа сите страдања не се резултат на еден изопачен начин на живеење. Јов сосем јасно ни е прикажан како човек кого Господ дозволил сатаната да го мачи.“ – Коментари на библиските текстови, 242.
Вторник 7. април
3. СОВЛАДУВАЊЕ НА ОБЕСХРАБРЕНОСТА
а. Што направил Илија кога бил обземен со сомнеж и обесхрабреност? 1 Цареви 19,1-4. Што и ние сме често искушувани да направиме? Јов 7,11.
„Не е мудро да гледаме само на себе и да ги проучуваме своите емоции. Ако го правиме тоа, непријателот ќе ни ги предочи тешкотиите и искушенијата кои ја ослабуваат верата и ја уништуваат храброста. Постојано задржување на она што нè вознемирува и предизвикува излив на емоции, значи препуштање и вплеткување во нешто што го збунува духот. Наместо на себе, ние треба постојано да гледаме на Христа.“ – Здравје и среќа, 190 (249).
„Оние таканаречени христијани, кои постојано се жалат и кои сметаат дека е погрешно да се биде расположен и среќен, немаат вистинска религија. Оние кои наоѓаат некое тажно задоволство во сè што е меланхолично во светот на природата, кои повеќе сакаат да ги гледаат мртвите лисја отколку да берат прекрасно свежо цвеќе, кои не гледаат никаква убавина во височините на планинските врвови и во прекрасното зеленило на долините, кои ги затвораат своите сетила за пријатниот и како музика сладок глас кој им зборува во природата – тие не се во Христа. Тие прибираат мрак и темнина, иако во своето срце би можеле да се радуваат на блескавата светлина од Сонцето на Правдата и здравјето на Неговите зраци.“ – Здравје и среќа, 192 (251).
б. Каков противотров Бог дава против депресијата? Псалм 37,7.8; Матеј 11,28.30.
„Кога искушенијата ќе навалат на вас, кога грижите, неизвесноста и темнината ќе ја опкружат вашата душа, гледајте на местото каде што последен пат сте виделе светлина. Бидете спокојни во Христовата љубов и Неговата заштитничка грижа. Кога гревот се бори да загосподари во срцето, кога чувството на вина ја притиска душата и оптоварува совеста, кога неверувањето го замрачува умот, имајте предвид дека Христовата благодат е доволна да го совладате гревот и да ја протерате темнината. Стапувајќи во тесна заедница со Спасителот, ние влегуваме во сферата на мирот.“ – Здравје и среќа, 191 (249).
„Ништо не придонесува повеќе за унапредување на здравјето на телото и на душата од духот на благодарност и пофалба. Исто колку што сме должни да се молиме, должни сме и да пружиме отпор на малодушноста и чувството на незадоволство. Доколку целта на нашето патување е небото, зарем да одиме таму како поворка нажалени луѓе, која по целиот пат кон Татковата куќа само воздивнува и се жали?“ – Здравје и среќа, 192 (251).
„Кога би ѝ давале поголем израз на нашата вера и повеќе би се радувале на благословите за кои со сигурност знаеме дека се наменети за нас, а тоа се Божјата голема љубов и милост, би имале уште повеќе вера и поголема радост.“ – Здравје и среќа, 193 (252).
Среда 8. април
4. СПРАВУВАЊЕ СО СТРЕСОТ
а. Зошто многумина имаат висок крвен притисок и проблеми со нервите? Матеј 6,31.34.
„Господ нè надарил со извесна животна сила. Тој, исто така, ни дал органи прилагодени за извршување на најразличните животни функции и одредил тие да работат во взаемна согласност. Ние ќе бидеме здрави доколку внимателно ја чуваме својата животна сила и го одржуваме во ред чувствителниот механизам на нашето тело. Но ако животните сили пребрзо се исцрпуваат, нервниот систем позајмува енергија за сегашната употреба предвидена за подоцна, а кога е повреден еден орган, со него страдаат и сите останати.“ – Здравје и среќа, 177 (234.235).
б. Кое ветување секогаш треба да го имаме на ум? Второзаконие 33,25; Матеј 6,26-30.
„Мораме да се потпираме на Исуса секој ден и секој час. Тој ни ветил дека додека траат нашите денови ќе трае и нашата сила. Со Негова благодат ние може да ги носиме сите бремиња на сегашниот живот и да ги вршиме своите должности. Но многумина ја губат храброста мислејќи на идните неволји. Тие постојано се трудат утрешните грижи да ги внесат во денешниот ден. Затоа голем дел од нивните неволји се измислени. За таквите грижи Исус не се погрижил. Тој ветува дека благодатта е само за тој ден. Тој не нè повикува да се оптоваруваме со утрешните грижи и неволји затоа што: ‘На секој ден доволна е неговата неволја’ (Матеј 6,14).“ – 5 Сведоштво, 185 (200).
в. Што треба да разгледаме кога сме оптоварени со финансиски притисоци? Матеј 6,8.33.
„Одново и одново ми беше покажано дека кога поединци почнуваат да бараат повисоки и уште повисоки плати, во нивното искуство се појавува нешто поради што веќе не се корисни. Меѓутоа, кога ќе ја прифатат платата со која очигледно покажуваат подготвеност на самопожртвување, Господ го гледа нивното самооткажување и Тој ќе им даде успех и победа. Ова ми беше покажано одново и одново. Господ, кој гледа тајно, ќе ја награди јавно секоја жртва која Неговите слуги се подготвени да ја направат.“ – Ум, карактер и личност 2, 612.
Четврток 9. април
5. ПРОЦЕСОТ НА СТАРЕЕЊЕ
а. Имајќи ги предвид последиците од стареењето, каква треба да биде нашата молитва? Псалм 71,18.19; 17,5.
„Покажано ми е како Давид сесрдно се молел на Господ да не го напушти во неговата старост, и сфатив која била причината што го поттикнала на толку искрена молитва. Тој забележал дека повеќето луѓе во староста се чувствуваат незадоволни и дека карактерните мани што луѓето ги прават несреќни во староста се поизразени. Кај оние што по својата природа се скржави и лакоми овие особини стануваат најодвратни во нивната старост. Ако пак, се завидливи, нерасположени и нетрпеливи, сето тоа станува поизразено со годините.“ – 1 Сведоштво, 320 (422).
б. Како нашето минато од детството и од младоста влијае на нас кога ќе остариме и како овој фактор треба да влијае на нас кога сме млади? Проповедник 12,1; Езекиел 16,60.
„О, кога младите би можеле да сфатат колку е важно својот ум да го сочуваат чист и неизвалкан со изопачени мисли и да ја сочуваат својата душа од сето она што ја унижува – бидејќи чистотијата или нечистотијата од младите денови се рефлектира врз староста.“ – Упатства за младите, 25. октомври, 1894.
в. Како младите и старите можат да соработуваат заедно за меѓусебно добро?
„Колку е трогателно да се набљудуваат младите и старите кога се потпираат едни на други, младите од старите очекуваат совет и мудрост, а старите од младите очекуваат помош и сочувство. Ова токму така и треба да биде.“ – Синови и ќерки Божји, 161.
Петок 10. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што вообичаено се смета како причина за болеста, и која е главната причина?
2. Наведи некои примери каде што болеста не е резултат на нашите постапки?
3. Како можеме да ја совладаме обесхрабреноста и депресијата?
4. Што треба да разгледаме кога сме во искушение да претераме со работата?
5. Колку е важно за младите да ги почитуваат постарите лица?