01 Здравје за секого
1. лекција – 4. април, 2015.
Здравје за секого
„Возљубен, се молам да бидеш здрав и во сè да ти биде добро, како што ѝ е добро на душата твоја.“ – 3 Јованово 2.
„Бог одредил преку Неговите слуги, Неговиот глас да го слушнат оние што се болни, што се во неволја и што се под власт на зли духови. Тој сака преку Своите човечки претставници да биде Утешител каков што светот не познава.“ – Копнежот на вековите, 261 (351).
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Здравје и среќа, 67-70; 329-332.
Недела 29. март
1. ПРОМЕНА ВО ЧОВЕКОВОТО ЗДРАВЈЕ
а. Опишете ја здравствената состојба на човекот пред падот во грев. Битие 1,26.27.31.
„Кога човекот излегол од рацете на својот Творец, имал висока става и совршена симетрија. Неговото лице имало румена боја, оддавајќи здравје и разведрено со светлина на живот и на радост.“ – Патријарси и пророци, 20 (45).
„Фактот дека (човекот) веќе шест илјади години одолева на постојаното зголемување на болеста и престапот е убедлив доказ за моќта на издржливоста со која тој во почетокот бил надарен.“ – Коментари на библиски текстови,10.
б. Како човековото здравје постепено се влошувало по падот? Битие 11,28; Псалм 90,10; Јован 5,3.
„Деформитетот, малоумноста, болестите и човечките страдања – со секоја следна генерација по падот – се потешко и потешко го притискаат човечкиот род, а сепак масите се заслепени од вистинските причини за тоа. Тие, во голема мера, себеси не се сметаат виновни за таквата жалосна состојба. Своите страдања вообичаено ги припишуваат на Провидението, сметајќи го Бога како зачетник на нивните неволји. Меѓутоа, во неумереноста, во поголем или помал степен, лежи основата на сите овие страдања.“ – Одбрани пораки 2,411.
Понеделник 30. март
2. КОПНЕЖОТ НА БОЛНИТЕ
а. Каков е (понекогаш неизречен) крикот на секој болен човек кој сè уште не е напуштен од страна на Светиот Дух? Матеј 8,2; Марко 10,47.
„Колку често оние што се здрави ја забораваат таа чудесна милост која за нив трае од ден во ден, од година во година? Тие на Бога не му упатуваат никаков знак на благодарност за сите Негови благослови. Но, кога ќе ги погоди некоја болест, се сеќаваат на Бога. Силната желба за оздравување ги принудува на сесрдна молитва, а така и треба. Бог е наше засолниште како во болеста, така и во здравјето.“ – 5 Сведоштво, 214 (315).
б. Дури и кога изгледа дека болниот нема желба за оздравување (како на пример кога е зависен од дрога или од други пороци), каква понекогаш е реалноста? Лука 8,27-29.
„Со авторитет (Исус) им наредил на злите духови да излезат од нив. Неговите зборови продреле во помрачениот ум на несреќните луѓе. Нејасно чувствувале дека е близу Оној, кој може да ги спаси од демоните што ги мачеле. Тие паднале пред нозете на Спасителот и Му се поклониле, но, кога ги отвориле усните за да замолат за милост преку нив проговориле демоните, викајќи: ‘Што сакаш од мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме’ (Лука 8,28).“¬¬ – Копнежот на вековите, 250 (337.338).
в. Која взаемна желба треба да ја имаме за оние кои се најблиску до нас? 3 Јованово 2. Кој исто така има таква желба? Јован 5,6.
„Бог сака да ги достигнеме стандардите на совршенството што ни се овозможени преку дарот во Христа. Тој нè повикува да ја избереме десната страна, за да се поврземе со небесните сили и да ги прифатиме принципите кои ќе го обноват во нас Божјиот лик. Во Неговата пишана Реч и во големата книга на природата Тој ги открил принципите на животот. Наша должност е да се здобиеме со знаење за тие принципи и во послушност да соработуваме со Него во обновувањето на здравјето на телото, како и на душата.“ – Здравје и среќа, 92 (114.115).
„Бог сака оние што ја носат Неговата светлина постојано да го држат високиот стандард. Со поуки и пример тие мораат да го одржат овој совршен стандард високо над лажниот стандард на сатаната, кој ако се следи, ќе доведе до беда, деградација, болест и смрт и за телото и за душата.“¬¬ – РХ, 12. ноември, 1901.
Вторник 31. март
3. БОЖЈИ ОДГОВОР
а. Кој апел Христос ни го упатува и денес? Матеј 11,28-30. Дали ова се однесува само на нашето духовно здравје?
„Зборовите на нашиот Спасител: ‘Дојдете кај Мене… и Јас ќе ви дадам одмор’ (Матеј 11,28), претставуваат рецепт за исцелување од физичките, менталните и од духовните заболувања. И покрај тоа што луѓето, заради сопствените грешки, си навлекле страдања, Тој кон нив гледа со сомилост. Тие можат да најдат помош во Него. Тој ќе направи големи дела за оние што имаат доверба во Него.“ – Здравје и среќа, 72 (115).
„Вистинската религија и законите на здравјето одат рака под рака. Невозможно е да се работи на спасување на мажите и жените, а да не им се претстави потребата од отфрлањето на грешните задоволства, кои го уништуваат здравјето, ја унижуваат душата и го спречуваат божественото влијание на вистината на умот. Мажите и жените треба да научат внимателно да ги преиспитаат своите навики и својата практика и да го отфрлат сето она што предизвикува една нездрава состојба на организмот, а со тоа фрлаат и темна сенка на умот.“ – Совети за здравјето, 445.
б. Од каде доаѓа исцелувачката сила? Јован 5,21; Малахија 4,2.
„Кога Евангелието ќе се прими во неговата чистота и сила, тоа е лек за секоја болест произлезена од гревот. Сонцето на правдата ќе изгрее ‘со здравје во крилјата’ (Малахија 4,2). Сè што овој свет може да понуди, не е во состојба да го исцели скршеното срце, да внесе мир во душата, или да ги отстрани грижата или болеста. Популарноста, генијалноста, талентот – сето тоа не може да го развесели нажаленото срце или повторно да го подигне упропастениот живот. Единствената надеж на човекот е Божјиот живот во душата.
Христовата љубов, го проткајува целото битие со својата животворна сила и ги обновува здравјето и силата на најважните животни органи – силата на мозокот, срцето и на нервите; таа ги поттикнува на работа највозвишените сили на човечкото битие. Ја ослободува душата од вина и тага, од немир и грижа, кои ги уништуваат животните сили. А со неа доаѓаат спокојство и сталоженост; таа во душата буди радост, радост која не може да ја уништи ништо земно – радост во Светиот Дух, радост која донесува здравје и живот.“ – Здравје и среќа, 73 (115).
Среда 1. април
4. ХРИСТОС, НАШИОТ ПРИМЕР ВО ЗДРАВСТВЕНАТА ДЕЈНОСТ
а. Како беше пророкувано Христовото дело? Исаија 61,1-3. Како Тој го исполнил ова пророштво? Марко 1,32-34.
„За време на Својата служба, Исус посветил повеќе време во лекување на болните, отколку во проповедање. Неговите чуда сведочеле за вистинитоста на Неговите зборови – дека Тој не дошол да уништува, туку да спасува. Неговата праведност одела пред Него, а Господовата слава била Негова стража одзади… Кога поминувал низ градовите, Тој бил како животворна струја што дава живот и радост секаде каде што одел.“ – Копнежот на вековите, 260 (350).
„Нашиот Господ Исус Христос дошол на овој свет како неуморен слуга на човечката потреба. За да може да послужи на секоја потреба на човештвото, ‘Тој врз Себе ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите’ (Матеј 8,17). Дошол да го отстрани бремето на болестите, бедата и гревот. Неговата мисија била да им донесе на луѓето целосно обновување; Тој дошол да им даде здравје, мир и совршенство на карактерот.“ – Здравје и среќа, 8 (17).
б. Како Исус ја прикажал поврзаноста помеѓу духовната и физичката природа? Јован 5,14.
„На многумина болни кои добиле исцеление, Христос им рекол: ‘Не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо’ (Јован 5,14). Со тоа го потврдил учењето дека болеста е последица од кршењето на Божјите закони, како природните така и духовните. Кога луѓето би живееле во склад со планот на Создателот, во светот не би постоела големата беда.“ – Копнежот на вековите, 639 (824).
„Кршењето на природните закони, со своите последици: страдање и предвремена смрт, земало толкав замав, што исходот од тоа се смета за судбина на човештвото; меѓутоа, Бог човекот не го создал толку слаб. Ваквата состојба не е дело на Провидението, туку последица на човековите погрешни навики – последица од престапувањето на законите што Бог ги создал да владеат со човечкото битие. Постојаното престапување на природните закони е постојано кршење на Божјиот закон. Ако луѓето секогаш му биле послушни на законот на Десетте Божји заповеди, и живееле според неговите принципи и прописи, проклетството на болеста кое сега го преплавува светот не би постоело.“ – Христијанска умереност, 6 (19.20).
Четврток 2. април
5. СОРАБОТНИЦИ СО БОГА
а. Која задача Христос им ја доверил на Своите ученици и денес? Матеј 10,7.8.
„Христовите следбеници треба да работат онака како што работел Тој. Ние треба да ги нахраниме гладните, да ги облечеме голите, да ги утешиме страдалниците и потиштените. Ние треба да им служиме на очајните, да им влееме надеж на безнадежните… Мисионерот може да ги ублажи не само телесните болести, туку може да го доведе и грешникот кај Големиот Лекар, кој може да ја очисти душата од лепрата на гревот.“ – Копнежот на вековите, 260 (350.351).
б. Што би требало да имаат на ум оние коишто се посветени на Бога кога се соочуваат со искушенија на незадоволство, неблагодарност, па дури и неверување? Исаија 42,4; 53,3; Јован 6,38.
„Искушенијата и пречките се дисциплински методи избрани од Бога и од Него назначени услови за успех.“ – Здравје и среќа, 375 (471).
„Треба да се чуваме од самосожалување. Никогаш не потклекнувајте пред чувството дека не сте почитувани колку што би требало да бидете, дека вашите напори не се ценат, дека вашата работа е премногу тешка. Нека споменот на она што Христос го претрпел за нас, ја замолкне секоја мисла на негодување. Кон нас се однесуваат подобро, отколку што се однесувале кон нашиот Господ: ‘А ти за себе сакаш нешто големо – не барај’ (Еремија 45,5). Господ во Своето дело нема место за оние што повеќе сакаат да ја освојат круната, отколку да го носат крстот.“ – Здравје и среќа, 379 (476).
Петок 3. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Која е причината за многубројните болести и страдања денес?
2. Во кои две ситуации треба да мислиме на Бога, како наше засолниште?
3. Која е нашата улога во процесот на лекувањето?
4. Ако постојано ги престапуваме законите на природата, што всушност правиме, и каков ќе биде резултатот?
5. Кои се пречките со кои ќе се судриме во здравствено мисионерската работа, и како тоа може да го надминеме?