11 Царот Аса

Сподели го ова:

11. лекција – 14. јуни 2014.

Царот Аса

“Аса го правеше она, што беше добро и угодно пред очите на неговиот Господ Бог.“ – 2 Летописи 14,2.

“Иако силите (на Аса) биле помалобројни од непријателот, неговата вера во Оној кого тој го направил своја потпора не ослабнала.“ – Судир и храброст, 203.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 72-75.

Недела 8. јуни

1. ВЕРАТА НА АСА СТАВЕНА НА ПРОБА

а. Што вели Библијата за Аса, внукот на Соломон? 2 Лет. 14,2-5.

б. Како Аса ја открил својата вера за време на тестот кога Етиопјаните ја нападнале Јуда? 2 Летописи 14,9-11. Како неговата вера била наградена? 2 Летописи 14,12.

“( 2 Летописи 14,9). Во оваа криза Аса не се потпрел на ‘тврдите градови во земјата Јудина’, каде што соѕидал ‘ѕидови и кули и порти и предворја’ (2 Летописи 14,6-8), ниту на храбрите јунаци од својата грижливо обучена војска. Царот се потпрел на Господа над војските со чие име Израел чудесно се ослободувал во старо време…
Молитвата на Аса е таква што секој христијански верник може да ја изговори. Ние учествуваме во војна, но не против крв и тело, туку против началствата и силите, против духовните сили на злобата под небото (Ефес. 6,12). Во животната борба мора да се судриме со сите оние сили кои војуваат против правдата. Нашата надеж не е во човек, туку во живиот Бог. Мораме со сета сила на верата да се надеваме дека Тој со својата семоќ ќе се придружи на напорите на човечкото орудие кое се бори за слава на Неговото име. Облечени во оклопот на Неговата праведност, можеме да се здобиеме со победа над секое непријателство.“ – Пророци и цареви, 73.
Понеделник 9. јуни

2. ЕДИНСТВЕН НАЧИН ДА СЕ УСПЕЕ

а. Како пророкот Азарија го потсетил Аса на изворот на неговата победа? 2 Летописи 15,1.2.7.

б. Што Аса направил за да ја задоволи потребата која била неопходна за понатамошните реформи кои веќе биле во тек? 2 Летописи 15,8.

“(2 Летописи 15,1.2.7). Охрабрен од овие зборови, Аса наскоро извршил уште една реформа во Јудеја.“ – Пророци и цареви, 74.

ц. Споредувајќи ги деновите на Аса со нашите денови, за што ние треба да бидеме свесни, и што треба со сето срце да подржуваме? Исаија 48,16-18.

“Во денешно време, кога сатаната преку своите многубројни помагачи се обидува да ги заслепи очите на луѓето на обврзувачките барања на Божјиот закон, има потреба од луѓе што ќе наведат мнозина да ‘треперат на заповедта на нашиот Бог’ (Ездра 10,3). Потребни се вистински реформатори кои што ќе им укажат на луѓето за големиот Законодавец, и ќе ги поучат дека ‘Господовиот Закон е совршен – ја крепи душата’ (Псалм 19,7). Потребни се луѓе кои добро го познаваат Светото писмо, кои со секој свој збор и постапка, ќе го прослават законот на Јехова и ќе тежнеат да ја зајакнат верата. Потребни се учители, ох, толку многу, кои ќе ги поттикнат срцата со почит и љубов кон Светото писмо.
“Широко распространетото беззаконие кое што денес преовладува во голема мера се должи на неуспехот на луѓето да го проучуваат Светото писмо и да му се покоруваат, затоа што кога Божјата Реч е ставена настрана, таа повеќе нема сила да ги заузда злите страсти на непосветеното срце. Тогаш тие сеат во тело, а од него излегува расипаност.
“Со занемарувањето на Библијата дошло и до отфрлањето на Божјиот закон. Учењето дека не треба да се покоруваме на Божјиот закон ја ослабело силата на моралните обврски и ги отворило уставите на беззаконието во светот. Беззаконијата, развратот и расипаноста навалуваат како страшна поплава.“ – Пророци и цареви, 425.426.
Вторник 10. јуни

3. “ТИЕ СТАПИЈА ВО ЗАВЕТ“

а. На што народот, со оглед на нивните претходни искуства во отпадништво, свечено се заветувал на посебен собир? 2 Летописи 15,12-15.

б. Во нашите напори да придобиеме души за Христа, како може примерот сличен на оној кој Аса го направил во оваа пригода да биде поттик за нас денес? 2 Летописи 15,9.

“Настојувајте да го запознаете Господа. Ако го направите ова вие ќе придобивате души за Христа. Не само што вашата душа ќе биде спасена, туку силата со која е обратена вашата душа ќе ве оспособи да дадете пример кој и другите ќе ги придобие за Христа.“ – Упатство за младите, 9. јуни, 1914.

ц. Како искрените посматрачи ќе бидат убедени во силата на вистината додека нѐ слушаат или посматраат? Мат. 5,16; 1 Тим. 4,12.16.

“Оној кој заслужува да се нарече христијанин, што значи сличен на Христа, ќе биде исполнет со побожност и чистота, со љубов и почит кон Бога и Исуса Христа кого Тој го има испратено, и неговиот дух, неговите зборови, неговите дела, ќе носат печат на Небото. Другите ќе можат да видат дека бил со Исуса и дека се научил од Него. Неговите молитви ќе бидат едноставни и страсни и ќе се издигаат кон Бога на крилјата на верата. Учејќи во Христовата школа, тој ќе има скромно мислење за самиот себе; и иако тој може да биде сиромашен со добра во овој свет, тој може да биде богат со благодатта на Светиот Дух, и може да биде на благослов и збогатување на другите со својот дух и влијание, затоа што Христос во него е извор на вода која тече во вечен живот. Тој околу себе ќе шири атмосфера на надеж, храброст и сила, и ќе ги посрами оние кои се световни, себични, формални верници, кои имаат име дека се живи а мртви се.“ – Синови и ќерки Божји, 85.
“Светот навистина може да биде предупреден само ако, посматрајќи ги оние кои ја исповедаат вистината, забележат дека тие се посветуваат со таа вистина, постапувајќи во склад со високите и свети начела.“ – Библиски коментари, 930.

Среда 11. јуни

4. ГРЕШКИТЕ НА АСА

а. Откако влегол во свечен завет со Господа, како верата на Аса била тестирана и како тој изневерил? 2 Летописи 16,7-9.

“Во долгиот извештај за верната служба на Аса има и неколку грешки. Погрешил неколку пати, и тоа кога заборавил целосно да се потпре на Бога. Кога во една прилика, царот на Израел влегол во Јудиното царство и ја зазел Рама, утврден град само на пет милји од Ерусалим, Аса се обидел да се ослободи склопувајќи сојуз со сирискиот цар Венадад.“ – Пророци и цареви, 74.

б. Како Аса направил и други грешки кога поради недостаток на вера во Бога бил укорен од Божјиот пророк? 2 Лет. 16,10.

ц. Зошто Библијата ги раскажува и победите и грешките, позитивните и негативните особини на карактерот на мажите и жените кои се поврзани со Божјото дело? Псалм 39,4.

“Вдахновеното перо, верно на својата задача, ни укажува на гревовите на кои подлегнале; Ное, Лот, Мојсеј, Аврам, Давид, Соломон, па дури и силниот дух на Илија паднал за време на неговата тешка неволја. Верно се забележани непослушноста на Јона и идолопоклонството на Израелците. Петровото срамно откажување од Христа, острата препирка меѓу Павле и Варнава, неуспесите и слабостите на пророците и апостолите, сето тоа е разоткриено од страна на Светиот Дух кој го подига превезот на тајната од човечкото срце. Пред нас се отворени животите на мнозина верници со сите нивни недостатоци и лудости, кои треба да послужат како поука за сите идни генерации. Ако биле без никакви недостатоци, тие би биле повеќе од луѓе, и ние во својата грешност очајно би се сомневале дека некогаш ќе се воздигнеме на такво ниво на совршеност. Но гледајќи како тие се бореле и паѓале, како повторно станувале и со Божја благодат стекнувале победа, и ние биваме охрабрени да ја продолжиме борбата во совладување на препреките кои нашата изопачена природа ни ги става на патот.“ – 4 Сведоштво, 11.
Четврток 12. јуни

5. ОПАСНОСТ ОД ПРЕЗИРАЊЕ НА УКОРОТ

а. Каква поука можеме да извлечеме од втората грешка на Аса? Изреки 10,17; 15,10.

“Наместо да се понизи пред Бога заради својата грешка, Аса ‘се налути на јасновидецот и го затвори во темница, бидејќи беше разјарен против него поради тоа. Во тоа време Аса угнетуваше и некои од народот’ (2 Летописи, 16,10).“ – Пророци и цареви, 75.
“Секогаш ќе има мажи и жени кои го презираат укорот, и чии чувства се бунат против тоа. На никого не му е пријатно кога ќе му се укаже на неговите грешки. Речиси во секоја ситуација кога укорот е неопходен ќе се најдат поединци кои го предвидуваат фактот дека Божјиот Дух бил ожалостен и дека на Божјото дело со тоа му е нанесен срам. Таквите обично ги сожалуваат оние кои заслужуваат укор, бидејќи биле повредени личните чувства. Таквото непосветено сочувство ги прави сите оние кои тоа го покажуваат за соучесници во вината на укорениот.“ – 3 Сведоштво, 332.
“Нашиот Творец и нашиот Заповедник, бескраен во својата моќ, страшен во својот суд, со сите средства се труди да ги наведе луѓето да ги согледаат своите гревови и да се покаат. Тој, преку устата на своите слуги, ја изнесува опасноста од непослушноста; упатува предупредувачки пораки и верно го изобличува гревот. Неговиот народ бил одржуван во напредок само поради Неговата милост, и будната стража на Неговите избрани слуги. Тој не може да подржува и чува народ кој ги отфрла Неговите совети и ги презира Неговите укори.“ – Пророци и цареви, 290.
“Да му заблагодариме на Господа за опомените кои Тој ни ги дал, за да нѐ спаси од нашите искривени патишта.“ – Синови и ќерки Божји, 260.

Петок 13. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто можеме да бидеме инспирирани од верата на Аса кога бил соочен со криза?
2. Кога Аса ја слушнал Божјата порака, кои следни чекори тој ги презел во делото на реформа?
3. Објасни како оние кои се наоѓаат околу нас можат да бидат привлечени од вистината?
4. Што ќе ги убеди искрените души во силата на спасоносната вистина?
5. Како можеме да ја избегнеме стапицата во која Аса конечно паднал?

Сподели го ова:

Слични објави