10 Поуки од кобните грешки

Сподели го ова:

10. лекција – 7. јуни 2014.

Поуки од кобните грешки

“Така се одметнаа Израелците од домот Давидов сѐ до денес.“ – 2 Лет. 10,19.

“Вдахновеното перо го забележало тажниот запис на Соломоновиот наследник, како оној кој не успеал да изврши силно влијание за лојалност кон Јехова…“ – Судир и храброст, 201.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци цареви, 87-98 ориг.

Недела 1. јуни

1. РОВОАМ

а. Што народот побарал од Соломоновиот син Ровоам кога се зацарил, и како тој одговорил на тоа? 2 Летописи 10,3-5.

б. Како советот на соработниците на Ровоам се разликувал од советот на оние со повеќе искуство? Чиј совет тие го прифатиле? 2 Летописи 10,6-11.

“Поласкан од изгледите за остварување на врховна власт, Ровоам одлучил да го отфрли советот на постарите луѓе во неговото царство и за негови советници да ги земе помладите луѓе.“ – Пророци и цареви, 59.
“На средбата во Сихем, на самиот почеток од неговото владеење, Ровоам можел да заземе став со кој би ја стекнал довербата на народот во неговата способност да застане на чело на нацијата. Да покажал подготвеност дека на прво место му е благосостојбата на неговите поданици, народот би го прифатил како мудар владар. Но во овој момент на својата животна шанса, пропуштил да расуди за причините и последиците, тој засекогаш го ослабел влијанието врз поголемиот дел од народот.“ – РХ, 3. јули, 1913.

Понеделник 2. јуни

2. НЕМУДРА ОДЛУКА

а. Врз основа на неговата одлука, како би го опишале карактерот на Ровоам?

“Иако Соломон сакал Ровоам, својот избран наследник, да го подготви мудро да ја дочека кризата која ја прорекол Божјиот пророк, никогаш не бил во состојба доволно силно да влијае во вистински правец на разумот на својот син, чие воспитување во детството било занемарено. Ровоам од својата мајка, една Амонка, наследил колеблив карактер. Едно време се трудел да му служи на Бога и постигнувал извесни успеси, но не бил постојан и на крајот потпаднал под влијание на злото кое го опкружувало уште од детството.“ – Пророци и цареви, 58.

б. Како народот реагирал против непопустливиот став на неразумниот цар? 2 Летописи 10,16.

“Да ја разбрале божествената волја Ровоам и неговите неискусни советници во поглед на Израел, тие би излегле во пресрет на барањата на народот да се изврши одлучна реформа во начинот на владеење. Меѓутоа, тие ја пропуштиле можноста која им се давала на состанокот во Сихем, не размислувале за причините и последиците, и така засекогаш го ослабнале своето влијание на поголемиот дел од народот. Нивната изразита решеност да го продолжат па дури и да го зголемат угнетувањето воведено во текот на Соломоновото владеење, била во спротивност со Божјиот план за Израел и му дала на народот повод да се посомнева во искреноста на нивните побуди. Во овој обид непромислено и бесчувствително да владеат, царот и неговите избрани советници покажале гордост заради положбата и власта.“ – Пророци и цареви, 59.
“Меѓу племињата имало илјадници луѓе кои, премногу огорчени од угнетувањето за време на Соломоновото владеење, сметале дека не им преостанува повеќе ништо друго освен да се побунат против Давидовиот дом.“ – Пророци и цареви, 59.

ц. Кога Ровоам ја увидел својата грешка, како тој се обидувал да ја поправи ситуацијата? 1 Цар. 12,18.

Вторник 3. јуни

3. ПОДЕЛБАТА СТАНУВА НЕИЗБЕЖНА

а. Кога Ровоам видел дека само две племиња, Јудиното и Венијаминовото останале лојални кон него, а дека останатите десет племиња се побуниле, за што тој се подготвувал? 2 Летописи 11,1.

б. Што Господ му порачал на Ровоам преку еден пророк со цел да го спаси од правење на уште една грешка, полоша од првата? 2 Летописи 11,2-4.

“Три години Ровоам настојувал да извлече поука од жалното искуство кое го стекнал на почетокот од своето владеење, и во тоа настојување имал успех. Тој ‘соѕида тврди градови во земјата Јудина’, и ‘ги утврди тие градови, намести во нив заповедници и складишта за жито и за масло и за вино’, грижејќи се особено да ‘ги утврди силно’ (2 Летописи 11,5.11,12). Но тајната на Јудиниот успех во првите години на Ровоамовото владеење не лежела во тие мерки. Племињата Јудино и Венијаминово се наоѓале во поповолна положба благодарение на тоа што го признавале Бога како врховен владетел.“ – Пророци и цареви, 60.

ц. Поради која следна грешка на Ровоам Израел не можел да биде светлина на светот? 2 Летописи 12,1.

“И покрај тоа што по природа бил тврдоглав, самоуверен, самоволен и склон кон идолопоклонство, тој сепак би стекнал силен карактер, цврста вера и навика да се покорува на божествените барања, кога целосно би се потпрел на Бога. Меѓутоа, како што времето одминувало, царот сѐ повеќе се потпирал на силата на својата позиција и на градовите кои ги утврдил. Малку по малку попуштал на наследените слабости и на крајот целосно прешол на страната на идолопоклонството. ‘Кога царството на Ровоам се зацврсти, и тој стана силен, го остави законот Господов, а заедно со него и сиот Израел’ (2 Летописи 12,1).
“Колку се жални и полни со значење зборовите: ‘а заедно со него и сиот Израел!’ Народот кој Господ го избрал да биде светлина на околните народи, се одвоил од Изворот на силата настојувајќи да стане сличен на нив.“ – Пророци и цареви, 61.

Среда 4. јуни

4. ЈЕРОВОАМ

а. Бидејќи од страна на десетте бунтовнички племиња бил доведен ривалски цар, од што Јеровоам најмногу се плашел и што направил тој? 1 Цареви 12,26-29.

“Јеровоам најмногу стравувал од тоа владетелот на престолот Давидов во даден момент да не ги придобие срцата на своите поданици. Тој сметал дека доколку би дозволил десетте племиња почесто да ја посетуваат престолнината на израелското царство, каде сѐ уште се вршела службата во храмот како во времето на Соломон, мнозина би посакале да потпаднат под власта во Ерусалим. Советувајќи се со своите советници, Јеровоам се одлучил на едно дрско дело, колку што тоа било можно, да ја осуети побуната на своите поданици. Решил во границите на своето новоформирано царство да подигне две нови светилишта, едно во Ветил а друго во Дан. Во овие места, наместо во Ерусалим, десетте племиња требало да се собираат на богослужение.“ – Пророци и цареви, 65.

б. Што Јеровоам, покрај поставувањето на две идолски места за поклонување, исто така направил? 1 Цареви 12,31.32.

ц. Како Господ го запрел и казнил пркосниот став на Јеровоам? 1 Цареви 13,1-6.

“Господ сака да спасува, а не да уништува. Тој се радува на спасението на грешникот. ‘Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја посакувам смртта на грешникот’ (Езекиел 33,11). Тој ги опоменува и преколнува заталканите да престанат да чинат зло, да се обратат кон Него и да живеат. Тој на своите избрани гласници им подарува света смелост и одлучност, за да оние што ќе ги слушнат да почувствуваат страв и да се покаат. Колку само одлучно Божјиот човек го укорил царот! Но тоа било неопходно, бидејќи злото на било кој друг начин не можело да се спречи, Господ му дал смелост на својот слуга така што неговите зборови оставиле траен впечаток на слушателите.“ – Пророци и цареви, 68.
Четврток 5. јуни

5. ОПАСНОСТ ОД ПОГРЕШНО ВЛИЈАНИЕ

а. Признавајќи дека сме повикани да бидеме светлина на светот, колку внимателни треба да бидеме никогаш да не прифатиме или вршиме погрешно влијание? Евр. 12,13; 2 Кор. 2,15.16.

“Како што било тоа во Соломоновиот случај, така било и за владеењето на Ровоам: влијанието на погрешниот пример ги одвело мнозина на погрешен пат. Тоа исто, во голем или помал степен, важи за сите оние кои прават зло – влијанието на лошите постапки не се ограничува на сторителот. Никој не живее само за себе. Никој не пропаѓа сам во своето беззаконие. Сечиј живот е светлина која го осветлува и развеселува патот на другите, или пак со своите мрачни и погубни влијанија ги носи во очајание и пропаст.“ – Пророци и цареви, 61.

б. Како Господ ги уверувал Израелците дека Тој сѐ уште ги љуби и дека е подготвен да им прости? Ис. 1,17-20; Ерем. 3,11-13.22.

“И покрај изопаченоста на оние кои се приклониле на идолските обичаи, Бог во својата милост правел сѐ што е во Негова моќ да го спаси од пропаст поделеното царство. И покрај тоа што луѓето кои биле вдахнати со сатанска сила се обидувале со текот на времето да ги расипат Божјите планови за Израел, Тој сепак ја манифестирал својата љубов кон избраниот народ, одведувајќи го во заробеништво и повторно ослободувајќи го избраниот народ.“ – Пророци и цареви, 62.

Петок 6. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Пред крунисувањето на Ровоам, што сакале да дознаат од новиот владар претставниците на израелските племиња?
2. Спротивно на советите кои Ровоам ги добивал од искусните луѓе кои биле советници на неговиот татко, што младите и неискусни луѓе предложиле?
3. Како народот реагирал на царевиот одговор, и зошто?
4. Што направил Ровоам кога видел дека се наоѓа во беспомошна состојба?
5. Каква поука треба да извлечеме од грешката на Ровоам?

Сподели го ова:

Слични објави