09 Соломон

Сподели го ова:

9. лекција – 31. мај 2014.

Соломон

“Зашто ние сме Му на Бога благопријатен мирис Христов и меѓу оние кои се спасуваат и меѓу оние кои пропаѓаат; на едните сме смртоносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот. И за ова кој е способен?“ – 2 Кор. 2,15.16.

“Страшна е и самата помисла дека нашето влијание може да биде мирис смртен за смрт, но тоа е можно. Кој може да ја процени загубата на една заведена душа, која ќе го изгуби вечното блаженство!.“ – Пророци и цареви, 86. ориг.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Духот на пророштвото 1, 390-398.

Недела 25. мај

1. ГОСПОД ДАВА МУДРОСТ

а. Кога Соломон почнал да царува над Израел, што Господ му рекол во сон, и што Соломон побарал? 1 Цар. 3,5-9.

б. Што Господ му ветил на Соломон после неговото мудро барање? 1 Цар. 3,11-14; Изреки 2,6.

ц. Што секој работник во Господовото лозје треба да сфати? Јаков 1,5-7.

“Оние кои денес заземаат позиции од доверба треба да ја примат поуката содржана во молитвата на Соломон. Колку човекот е на повисока позиција, толку се поголеми и неговите одговорности кои тој мора да ги носи, пошироко е неговото влијание и поголема е неговата потреба да се потпре на Бога. Таков човек секогаш треба да има на ум дека со повикот на работа доаѓа и повикот внимателно да се однесуваме кон своите ближни. Тој мора да стои пред Бога во став на ученик.“ – Пророци и цареви, 17.
Понеделник 26. мај

2. НА СЕКОЈ КОЈ НОСИ ТОВАР НА ОДГОВОРНОСТ ПОТРЕБНА МУ Е МУДРОСТ

а. Како Библијата го опишува вистинскиот носител на товар? Мат. 24,45-47; Јован 21,15-17; Дела 20,28.

“Ако човек кој носи товар на должности сака повеќе мудрост отколку богатство, моќ или слава, таквиот човек нема да се разочара. Од големиот учител ќе научи не само што треба да направи, туку и како тоа треба да го направи како би добил знак на божествено одобрување.
Се додека остане посветен, човекот на кого Бог му подарил способност за расудување нема да копнее за високи позиции ниту ќе бара да владее или да заповеда. Некој мора да го понесе бремето на одговорноста; меѓутоа, наместо да се стреми кон власт, вистинскиот водач ќе се моли со разумно срце за да може да разликува добро од зло.
Патот на оние луѓе кои се на одговорни позиции не е лесен. Тие мораат да разберат дека секоја потешкотија им нуди можност за молитва. Никогаш не смеат да пропуштат да се обратат кон големиот Извор на сета мудрост. Кога Господ ќе ги поткрепи и просветли, тие ќе бидат во состојба одлучно да одолеат на несветите влијанија и да направат разлика помеѓу правичноста и неправичноста, помеѓу доброто и злото. Тие ќе го одобруваат она што Бог го одобрува и искрено ќе се борат против воведување на погрешни начела во Неговото дело.“ – Пророци и цареви, 17.

б. Што е запишано за почетокот на владеењето на Соломон? 1 Цареви 3,28; 4,29.34.

“Многу години го одбележувале Соломоновиот живот со посветеност на Бога, со исправност и строга послушност на Божјите заповеди. Тој раководел со секоја значајна активност и мудро ги водел работите поврзани со царството. Неговото богатство и мудрост, величествените згради кои ги подигнал и јавните работи кои ги направил за време на првите години од неговото владеење, енергијата, побожноста, праведноста и великодушноста кои ги откривал со зборови и дела, му обезбедиле преданост на неговите поданици и восхитување и почитување на владетелите од многу земји.“ – Пророци и цареви, 18.
“Никој не разбирал подобро од (Соломон) дека овие дарови (на моќ, мудрост и слава) му биле подарени со цел да може на светот да му даде познавање на Бога.“ – РХ, 7. декември, 1905.
Вторник 27. мај

3. ХРАМОТ ИЗГРАДЕН СО НЕБЕСНА МУДРОСТ

а. Каква монументална градба подигнал царот Соломон? 1 Цар. 6,1.7.38.

“Величествената градба која Соломон и неговите помагачи ја подигнале за Бога и Неговата служба, била исклучително убава и раскошна…
На (планината Морија) местото на кое храмот бил подигнат веќе долго време се сметало за свето. На тоа место Авраам, таткото на сите верни, ја покажал својата подготвеност да го жртвува својот син единец покорувајќи се на Божјата заповед. Тука Бог со Авраам го обновил својот завет на благослов, завет кој го содржел славното месијанско ветување до човечкиот род за избавување преку жртвата на Синот на Севишниот (Види 1. Мојсеева 22,16-18). На тоа место Давид принел жртва паленица и жртва на благодарност за да го оттргне мечот на ангелот уништувач, А Господ му одговорил со оган од небото (Види 1. Летописи 21). Сега уште еднаш слугите Господови се собрале на ова место да го обноват својот завет на верност кон Него.“ – Пророци и цареви, 22.

б. Штом величествената градба била завршена, што било внесено во храмот? 2 Летописи 5,1-5.

ц. Опишете ја свечената церемонија со која е пратено внесувањето на ковчегот на заветот во храмот. 2 Летописи 5,12.13. Прераскажете ја во скратен облик Соломоновата молитва при посветувањето на храмот. 1 Царевите 8,23-53.

“Соломон… клекнал на платформата и пред целиот народ изговорил молитва на посветување. Верниците ги наведнале своите глави кон земјата а царот ги подигнал рацете кон небото молејќи се (во молитва кон Бога).“ – Пророци и цареви, 24.
“’Кога Соломон ја заврши молитвата, слезе оган од небото и ги голтна сепалениците и жртвите, и слава Господова го исполни домот. И свештениците не можеа да влезат во домот Господов, зашто славата Господова го исполни домот Господов’(2. Летописи 7,1.2).“ – Пророци и цареви, 26.
Среда 28. мај

4. МУДРОСТА ЗЛОУПОТРЕБЕНА

а. Како Соломон ја оплакувал злоупотребата на својата мудрост во неговите подоцнежни години? Проповедник 2,1-3.7.10.15.

б. Во спротивност со погрешниот курс на Соломон, по каков пат одел Христос? Мат. 8,20; Дела 10,38. Што можеме да научиме проучувајќи ги Христовите методи на работа?

“Оние кои одговориле на повикот и стапиле во служба на најголемиот Работник, треба добро да ги проучат Неговите методи на работа. Тој обилно се користел со приликите што му се пружале на големите друмови.
Во паузите на своите патувања Исус живеел во Капернаум кој заради тоа станал познат како ‘Негов град’ (Матеј 9,1). Сместен на патот кој водел од Дамаск за Ерусалим, Египет и Средоземното Море, Капернаум бил погоден за средиште на Спасителовото дело. Низ градот поминувале луѓе од многу земји и тука застанувале заради одмор. Таму Исус се среќавал со луѓе од сите народи и сталежи, па Неговите поуки се пренесувале до многу земји и во многу домаќинства. На тој начин кај луѓето бил поттикнат интерес за пророштвата кои говореле за доаѓањето на Месија, вниманието било насочено кон Спасителот, и светот дознал за Неговата мисија.“ – Пророци и цареви, 47.

ц. Што Соломон рекол кога дошол при себе? Проповедник 2,16-18. Каква поука треба да научиме од неуспехот на Соломон?

“Судирот кој ни претстои бара од нас дух на самоодрекување; не смееме да се потпреме на себе, туку единствено на Бога; должни сме мудро да ја искористиме секоја можност за спасување на душите. Благословот Господов ќе ги следи членовите на Неговата црква доколку таа работи сложно, откривајќи му ја на светот, кој се наоѓа во темнината на заблудата, убавината и светоста на Христовиот дух и самопожртвување, доколку го слават Бога, а не луѓето, и доколку се посветат на неуморна служба за оние на кои толку им се потребни благословите на Евангелието.“ – Пророци и цареви, 48.

Четврток 29. мај

5. СОЛОМОНОВОТО ПОКАЈАНИЕ

а. Како Светиот Дух конечно ја разбудил Соломоновата успиена совест? 1 Цареви 11,11.12. Каков ефект Господовата казна имала врз него? Проповедник 2,11.13.

“(1 Цареви 11,11-28). Овој збор на осуда против него и неговиот дом како да го разбудил Соломона од сон, и со разбудена совест тој почнал во вистинска светлина да гледа на својата лудост. Искаран во духот, со ослабен ум и тело, тој уморен и жеден ги остави распуканите земски кладенци за уште еднаш да се напие од водата на животот… Тој долго бил вознемируван од стравот дека ќе пропадне затоа што не бил во состојба да се откаже од својата лудост, но сега во пораката препознал зрак на надеж .“ – Пророци и цареви, 50.

б. Во неговите подоцнежни записи, на каква опасност Соломон ги предупредува заинтересираните, особено младите? Проповедник 11,9; 12,13,14.

“Сѐ додека борбата не заврши, ќе има луѓе кои ќе отстапуваат од Бога. Сатаната така ги обликува околностите што тие речиси незабележливо ќе ги ослабат бедемите на душата, доколку немаме помош од божествената сила. На секој чекор мора да се запрашаме ‘Дали е ова патот Господов’? Во текот на целиот живот, склоностите и страстите мораат одлучно да се скротат. Ниеден момент не можеме да бидеме безбедни, освен ако не се потпреме на Бога, и ако животот не ни е сокриен во Христа. Будноста и молитвата се заштитни мерки на чистотата.“ – Пророци и цареви, 54.

Петок 30. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто можеме да бидеме охрабрени од Божјиот одговор на барањето на Соломон?
2. Објаснете го успехот во раните Соломонови години и причините за тоа?
3. Опишете како мнозина и денес го повторуваат искуството на Соломон во подоцнежните години?
4. Каков е емоционалниот резултат на живеење на еден егоцентричен живот?
5. Додека бараме задоволства и планови за осмислен живот, која свечена реалност секогаш треба да ја имаме на ум?

Сподели го ова:

Слични објави