07 Царот Давид
7. лекција – 17. мај 2014.
Царот Давид
“Му рече Господ на Самоил… зашто меѓу неговите синови (Јесеј) си избрав цар.“ – 1 Сам. 16,1.
“Никаква надворешна убавина не може да ја препорача душата на Бога. Мудроста и доблестите откриени во карактерот и однесувањето ја изразуваат вистинската убавина на човекот; внатрешната вредност, превозвишеноста на срцето одлучуваат дали ќе нѐ прифати Господ над војските.“ – Судир и храброст, 160.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 674-702.
Недела 11. мај
1. ДАВИД ВО ДВОРОТ НА ЦАРОТ САУЛ
а. Која поука Бог сакал Самоил да ја научи кога требало да најде замена за отфрлениот цар? 1 Сам. 16,7 (втор дел).
б. Кој настан според Божјото провидение му овозможил на Давид да стекне искуство во царскиот дворски живот пред неговото крунисување? 1 Сам. 16,17-21. Зошто Бог му го дал ова искуство?
“Според Божјото провидение, пред царот го довеле Давида како човек кој одлично знаел да свири на харфа… (Давид) бил поучен на патиштата Господови и сега си поставил задача поцелосно од кога и да е порано да ја извршува Божјата волја. Имал нови теми за размислување. Бил на царскиот двор и ги видел одговорностите на царското семејство. Открил некои од искушенијата што ја измачувале душата на Саул и навлегол во многу тајни, во карактерот и постапките на првиот израелски цар… Бог на Давид му давал поуки за доверба. Како што Мојсеј бил обучен за неговата работа, така сега синот на Јесеј Господ го подготвувал за водач на својот избран народ.“ – Патријарси и пророци, 679.680.
Понеделник 12. мај
2. САУЛ НАМЕРАВА ДА ГО УБИЕ ДАВИДА
а. Како Бог го поттикнал Давида да одговори на предизвикот на Голијат против Израел? 1 Сам. 17,23.24.37.45-49. Што можеме да научиме од ова искуство во нашите напори да го евангелизираме денешниот свет?
“Нашите проповедници не треба пркосно да провоцираат расправа со противниците… (Некои проповедници) немаат, како скромниот Давид, доверба во Израеловиот Бог, ниту Него го прават своја сила. Тие истапуваат самоуверено и фалбаџиски како Голијат, воздигајќи се себеси и не сокривајќи се зад Исус…
“Младите проповедници треба да се учат од Христос, не само теоретски туку и во практична смисла, да учат од Исус дека тие можат да ја имаат Неговата благодат, кротост и понизноста на духот.“ – 3 Сведоштво, 203.204.
б. Кога и како Саул почнал да ја открива една од најслабите точки во неговиот карактер? 1 Сам. 18,6-9.
“Секој што се труди да им се допадне на луѓето, во животот нема да биде сигурен како оној што се труди пред сѐ да стекне Божјо одобрување. Во својата амбиција Саул сакал да биде прв меѓу оние што ги почитуваат луѓето, а кога ја слушнал споменатата песна, почувствувал сосема сигурно дека Давид ќе ги придобие срцата на луѓето и дека ќе владее наместо него.“ – Патријарси и пророци, 688.
ц. Кои настани покажуваат дека Саул бил контролиран од страна на злобниот дух? 1 Сам. 19,11.17; 20,27-31.
“Саул ѝ го отворил срцето на љубомората што му ја отрула душата… Владетелот на Израел својата волја ѝ ја спротивставил на волјата на Севишниот. За време на своето царување, Саул не научил да го совладува својот дух. Дозволувал нагони да управуваат со неговиот разум сѐ додека не потонал во бесот на страстите. Добивал и напади на бес и во тие мигови бил во состојба дури да го убие секого што би се осмелил да се спротивстави на неговата волја.“ – Патријарси и пророци, 688.
Вторник 13. мај
3. ДАВИД Е ВО БЕГСТВО
а. Спомени некои од местата во кои Давид побарал засолниште откако сфатил дека неговиот живот е во опасност? 1 Сам. 21,1.10; 22,1. Дали неговиот страв бил оправдан? 1 Сам. 22,16-18.20.21.. Дали тој воопшто требал да стравува од Саула? 1 Јов. 4,18
“Секој погрешен чекор што ќе го направат Божјите деца се должи на нивниот недостаток на вера. Кога сенки ќе ја обземат душата и кога ќе ни затреба светлина и насоки, мораме да погледнеме нагоре; зад темнината постои светлина. Давид не смеел ниту за миг да се посомнева во Бога.“ – Патријарси и пророци, 695.
б. Бегајќи од неговиот татко – по жена, од царот Саул, со какви нечесни постапки Давид покажал недостаток на вера во Божјата заштита? 1 Сам. 21,2.8.13-15.
“Давид му рекол на свештеникот дека тој бил испратен од страна на царот да изврши некоја задача што не смее да се одлага. Тука покажал дека му недостига вера во Бога и поради тој негов грев првосвештеникот го загубил животот. Кога Давид би ја кажал вистината, Авимелех би знаел што треба да стори за да му го зачува животот. Бог бара Неговиот народ да ја сака вистината и за време на најголема опасност.“ – Патријарси и пророци, 694.
ц. Иако без потреба никогаш не треба непотребно да се излагаме на прогонство, како искуството на Давид може да се повтори во нашите денови? Мат. 10,22.23. На кое ветување во такви прилики можеме да се повикаме? 2 Кор. 12,19.
“Помеѓу правдата и гревот, љубовта и омразата, вистината и лагата се води непрекината борба. Кога некој во својот живот ја прикажува Христовата љубов и убавината на светоста, тој на таков начин ги одзема поданиците на сатанското царство и кнезот на злото станува да му се спротивстави. Прогон и срам ги очекува сите оние кои се исполнети со Христовиот Дух. Карактерот на прогонството се менува со текот на времето, но во основа на сето тоа се наоѓа оној истиот дух кој, почнувајќи од Авел, постојано ги прогонувал Божјите избраници.“ – Мисли од гората, 23.
Среда 14. мај
4. ДАВИДОВАТА ВЕЛИКОДУШНОСТ
а. На кој начин локалното население од Зиф му понудиле на Давид и неговите луѓе да се предадат? Кој настан го спречил остварувањето на нивниот план? 1 Сам. 23,19.20.25-28.
б. Кога Саул, изгонувајќи ги Филистејците, се вратил да го гони Давида, како Давид ја покажал својата великодушност? 1 Сам. 24,1.3.4.8.10.15.16. Каков бил одговорот на Саул? Стихови 17-20
“(1 Сам. 24,9-11). Кога ги слушнал Давидовите зборови, Саул бил скршен и не можел да не ја признае нивната вистинитост. Неговите чувства биле длабоко трогнати кога сфатил дека целосно бил во моќта на човекот што сакал да го убие. Давид стоел пред него свесен за својата невиност…
“Непријателството што го негуваат против Божјите слуги луѓето кои му се предале на власта на сатаната понекогаш преминува во чувство на помирливост и наклоност, но таа промена не е секогаш трајна. Луѓето наклонети кон зло, кои зборуваат лошо за Божјите слуги и им прават неправда, понекогаш ги обзема длабоко убедување дека биле неправедни. Духот Господов се бори со нив и тие стануваат кротки пред Бога и пред оние чиешто влијание се обиделе да го уништат, и можат дури да го изменат своето однесување кон нив. Но штом ќе им ја отворат вратата на злите сугестии, старите сомнежи се будат, старото непријателство пак се јавува и тие повторно го прават она за што се каеле и што извесно време го напуштиле.“ – Патријарси и пророци, 700.701.
ц. Додека денес го проповедаат евангелието, какви поуки војниците од крстот треба да извлечат од великодушноста на Давид? Рим. 12,17-21.
“Бог ги извршува своите планови, иако тие за човечкото око може да изгледаат затскриени со мистерија. Луѓето не можат да ги сфатат Божјите патишта и, гледајќи го она што се гледа, сите маки и искушенија што Бог ги дозволува да дојдат врз нив, ги толкуваат како нешто што е насочено против нив и што ќе им послужи само на пропаст.“ – Патријарси и пророци, 709.
Четврток 15. мај
5. НАВРЕМЕНА ПОУКА
а. Која грешка Давид продолжил да ја манифестира откако и по втор пат го поштедил животот на Саул? 1 Сам. 27,1.
“Со своето неверство Давид го обесчестил Бога. Филистејците повеќе се плашеле од Давид отколку од Саула и неговата војска. Со тоа што побарал заштита кај Филистејците, Давид ја открил слабоста на својот сопствен народ… Со својата постапка дал повод неговите намери погрешно да се толкуваат, а кај мнозина однапред предизвикал предрасуди кон себе. Го сторил токму она што го сакал сатаната, зашто, барајќи засолниште кај Филистејците, тој предизвикал кај Божјите непријатели и непријателите на Божјиот народ голема радост. Давид не престанал да му служи на Бога ниту попуштил во ревноста за Неговото дело; но довербата во Бога ѝ ја жртвувал на личната безбедност и со тоа го извалкал исправниот и верен карактер што Бог го бара од своите слуги да го поседуваат.“ – Патријарси и пророци, 710.9
б. Како трпеливо треба да поминуваме многу часови на колена залагајќи се за поправање на оние кои станале непријатели на вистината? Евр. 12,3.12-14.
“Затоа да внимаваме со заблудените да не постапуваме на начин кој на другите им зборува како да нам не ни е потребно спасение. Да не обвинуваме, осудуваме и уништуваме како во сѐ да сме беспрекорни. Христовата работа била да поправи, да исцели и да обнови.“ – Во небесните пространства, 291.
Петок 16. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто Бог го довел Давида во Сауловиот двор?
2. Кој бил Сауловиот основен проблем и како можеме ние да го избегнеме тоа?
3. Кое предупредување на Исус треба да го имаме на ум кога размислуваме за Давидовото прогонство?
4. Зошто Давид не верувал во Сауловото признание во Енгад?
5. Кои поуки војниците од крстот треба да ги научат од Давидовата великодушност?