03 Самсон

Сподели го ова:

3. лекција – 19. април 2014.

Самсон

“И Духот Господов почна да дејствува во него во Дановиот логор, меѓу Цора и Ештаол.“ – Судии 13,25.

“Божјото ветување дека преку Самсон ‘ќе почне да го избавува Израел од Филистејските раце’ (Судии 13,5) се исполнило, но колку е мрачен и страшен записот за животот на тој човек кој можел да послужи на слава на Бога и за слава на нацијата.“ – Патријарси и пророци, 599.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 591-600.

Недела 13. април

1. ИЗРАЕЛ ПОВТОРНО ПОД РЕПРЕСИЈА

а. Што Израелците правеле во времето на благосостојбата и мирот, после победите на Гедеон и Ефтај? Судии 10,6.7; 13,1.

б. Како Господ одговорил на нивните неодлучни повици за ослободување во овие прилики? Судии 10,13.14. Дали Господ и денес на сличен начин би му одговорил на својот народ?

в. Како Божјиот народ во тие времиња и како Неговиот народ денес, подржувајќи ја реформата, можат да бидат ослободени од гревот и угнетувањето? 2 Летописи, 7,14.

“Секогаш кога Израелците како негов народ ги отфрлиле гревовите што ги одделувале од Него, Тој ги услишувал нивните молитви и уште еднаш се зазел за нив.“ – Патријарси и пророци, 589.
“Наша прва задача е да го отфрлиме гревот, но за да го направиме ова ние мора да се приближиме до Бога за да го разбереме Неговиот карактер и Неговите барања, и на таков начин се осведочуваме колку сме грешни и колку ни е потребен Спасител.“ – РХ, 4. март, 1884.

Понеделник 14. април

2. ЗАБОРАВАЊЕ НА ИЗБРАНИОТ ОСЛОБОДИТЕЛ

а. Како Бог одговорил на молитвите на Израелците за ослободување од филистејското угнетување? Судии 13,24.25.

“Иако се чинело дека Бог не ги слуша нивните молитви, иако од година во година власта на нивните угнетувачи станувала сѐ потешка, Божјото провидение сепак за нив подготвило помош. И токму во првите години на робувањето под Филистејците, се родило дете преку кое Бог имал намера да ја понизи силата на нивниот моќен непријател.“ – Патријарси и пророци, 591.

б. Наместо да се посвети на својата мисија, како Самсон му овозможил на сатаната да го заведе и да го направи заробеник на силите на темнината? Судии 14,1-3.

“Кога Самсон би ги почитувал Божјите заповеди толку верно како неговите родители, тој би доживеал поблагодарна и посреќна судбина. Но него го расипало дружењето со идолопоклониците. Бидејќи градот Сарај бил во близина на филистејската земја, Самсон се мешал со нив во пријателски односи. Така, во неговата младост настанале интимни пријателски влијанија кои го затемниле целиот негов живот. Една млада девојка, која живеела во филистејскиот град Тамнат, го освоила неговото срце и тој решил да ја земе за жена.“ – Патријарси и пророци, 594.
“Тој не се прашал дали тој брак ќе му помогне подобро да го прослави Господа или ќе го доведе во таква положба во која не ќе може да ја оствари својата животна задача. Бог им ветил мудрост на сите оние кои пред сѐ се стремат Него да го прослават, но такво ветување нема за оние што настојуваат да ги задоволат само своите желби.
“Колку има такви кои упорно продолжуваат по истиот пат како и Самсон! Колку често се склучуваат брачни врски меѓу побожните и безбожниците затоа што во изборот на сопружниците господарат само телесните склоности.“ – Патријарси и пророци, 594.

в. Што направил Самсон, откако дознал дека неговата невеста го предала? Што се случило откако тој ја напуштил свадбата? Што се случило кога гневот на Самсон се оладил? Судии 14,15-20; 15,1.2.

Вторник 15. април

3. САМСОНОВАТА СВЕТЛИНА СТАНУВА ТЕМНИНА

а. Откако слушнал дека неговата жена му била дадена на друг човек, како Самсон им се одмаздил на Филистејците? Судии 15,4.5.

б. Како Филистејците на Самсоновата одмазда крвнички возвратиле против неговата жена и нејзиниот татко? Судии 15,6-8.

“За да се одмазди, ги запалил сите фелистејски полиња и лозја, а Филистејците толку многу се налутиле на неа, што ја убиле, иако на вероломност била наведена токму со нивни закани со што започнала и целата работа. Самсон и пред тоа веќе дал доказ за својата необична сила – со голи раце убил млад лав и триесет луѓе во Аскалон. А тогаш, разјарен поради тоа што Филистејците на толку свиреп начин му ја убиле жената, ги нападнал и ‘наполно ги порази’. Потоа, во потрага по сигурно засолниште од своите непријатели, се повлекол ’во пештерата кај карпата Етам’ (Судии 15,8), во племето на Јуда.“¬ – Патријарси и пророци, 595.

в. Опишете го процесот во развојот на Самсоновиот карактер кој бил недостоен за неговата мисија и неговиот реформаторски повик. Како неговата историја често се повторува од страна на оние кои се повикани да бидат светлина во светот? Спореди: Матеј 6,23 со Гал. 5,9; 1 Јов. 2,11.

“Ако не решиме целосно да му се предадеме на Бога, ќе останеме во темнина. Ако и само малку се притеснуваме на сатаната му оставаме отворена врата низ која тој може да влезе да нѐ заведува со своите искушенија. Тој знае дека нема повеќе да има бариери против гревот само ако успее да го замрачи нашиот вид, така што окото на верата не може да го види Бога.
Превласта само на една грешна желба покажува дека душата е во заблуда. Секое угодување на таквата желба го јакне во душата противењето на Бога. Кога чекориме по патеката што ја одбрал сатаната, стануваме опкружени со сенките на злото, а секој чекор води во уште подлабока темнина и се повеќе го заслепува срцето.“¬ – Мисли од гората, 65.
“Со тоа што упорно го негува злото и тврдоглаво ги занемарува барањата на божествената љубов, грешникот ја губи љубовта кон доброто, стремежот за Бога, па и самата способност да ја прими небесната светлина. Повикот на милоста сѐ уште е полн со љубов, светлината блеска исто толку јасно како тогаш кога прв пат заблескала во душата, но гласот наидува на глуви уши, светлината паѓа на заслепени оч蓬 – Мисли од гората, 66.
Среда 16. април

4. “ФИЛИСТЕЈЦИТЕ ГО ЗАРОБУВААТ“

а. И покрај Божјата намера да ги ослободи Израелците преку Самсон, со каква постапка Израелците ја покажале својата духовна деградација? Судии 15,10-13. Кој, во многу случаи, и на прво место треба да биде обвинет кога такво нешто ќе се случи меѓу Божјиот народ? Исаија 3,12; Матеј 15,14.

“Има луѓе на одговорни позиции кои учат едно а во пракса применуваат друго. Додека ревно ги осудуваат своите браќа, нивниот карактер во Божји очи е полош од оние што ги критикуваат и осудуваат. Овие луѓе се слепи водачи на слепите, и доколку искрено не се покаат пред Бога ќе пропаднат и едните и другите.“ – Свед. за црквата во Батл Крик, 13.

б. Бидејќи бил судија во Израел дваесет години (Судии 15,20), како сатаната го направил Самсона роб на Израеловите непријатели? Судии 16,1.4-6.16-20.

“Каква промена за човекот кој бил судија и заштитник на Израел! – а сега немоќен, слеп, затворен и деградиран до таа мера да работи тешки ропски работи. Малку по малку тој ги престапувал и ги погазил условите на својот свет повик. Бог со него долго имал трпение, но кога толку длабоко потонал во грев и ја предал својата тајна, тогаш и Бог отстапил од него.“ – Патријарси и пророци, 598.

в. Бидејќи Самсон не знаел како да ги контролира своите очи (во духовна смисла – Мат. 5,28.29), што Бог им дозволил на Филистејците да направат со неговите очи (во буквална смисла)? Судии 16,21.

“Во своите страдања и понижување, како играчка во рацете на Филистејците, Самсон научил повеќе од сопствената слабост отколку било кога порано; и неговата неволја го навела на покајание. Како што растела неговата коса, така постепено и силата му се враќала. Меѓутоа, неговите непријатели воопшто не се плашеле од тоа, сметајќи дека тој е само окован и беспомошен затвореник.“ – Патријарси и пророци, 598.

Четврток 17. април

5. МЕЃУ ЈУНАЦИТЕ НА ВЕРАТА

а. Зошто според ваше мислење Самсоновото име се споменува меѓу јунаците на верата? Евреите 11,32; Судии 16,28-30.

б. На кое предупредување секој христијанин треба да обрати внимание, особено оние кои директно се ангирани во служба на Господа? 1 Кор. 10,12.

“Грижата што ја води Бог во своето провидение за човекот, на Самсон не му била скусена, така што тој можел да се приготви за извршување на задачата за која бил повикан. Уште од почеток на својот живот живеел во околности што биле поволни за развој на неговите телесни и духовни сили и за развој на неговата морална чистота. Но, под влијание на лошото друштво, тој занемарил постојано да оди со Бога, што претставува единствена сигурност за човекот, и поројот на злото го зафатил. Сите кои на патот на должноста се доведени во искушение, можат да бидат сигурни дека Бог ќе ги сочува, но ако луѓето доброволно се изложуваат на силата на искушението, порано или подоцна сигурно ќе паднат.
Сатаната со сите свои сили настојува да ги заведе токму оние луѓе што Бог има намера да ги употреби како свои орудија за некое нарочно дело. Тој нѐ напаѓа нас таму каде што сме најслаби, настојувајќи преку карактерните недостатоци да завладее со целото наше битие; и тој знае дека, доколку ние не ги отстраниме нашите недостатоци, неговиот успех е сигурен. Сепак никој не мора да биде победен. Во борбата против силата на злото човекот не е препуштен сам на себе. Помошта ни стои при рака и ќе ѝ биде дадена на секоја душа која искрено ќе ја побара.“ – Патријарси и пророци, 600.

Петок 18. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кога неколку верни верници во Израел се молеле за ослободување, кого Бог го подигнал од семејството на Маној?
2. Кој бил првиот запишан погрешен чекор на Самсон ?
3. Колку бргу Самсон сфатил дека бракот помеѓу верник и неверник, кој донесува големи страдања, е голема грешка?
4. Опишете како Самсон чекор по чекор дозволил неговата светлина да стане темнина?
5. Под кои мизерни услови Самсон сепак дошол до покајание?

Сподели го ова:

Слични објави