01 Израел во Ханан
1. лекција – 5. април, 2014.
Израел во Ханан
“И Му служеше Израел на Господ во сите денови Исусови, и во сите денови на старешините, кои го поминаа времето со Исус и кои ги видоа сите дела што му ги направи на Израел.“ – Исус Навин 24,31.
“Изрелците само делумно ја послушале Божјата заповед (да ги истераат сите жители на Ханан), и многу поколенија биле погодени од остатокот на тие идолски народи.“ – Знаци на времето, 13. јануари, 1881.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 574-580.
Недела 30. март
1. ОБНОВЕНИОТ ЗАВЕТ ПОВТОРНО ЗАБОРАВЕН
а. Како Исус Навин, пред крајот на својот живот, го опоменувал народот да му остане верен на Господ? И како тие реагирале на неговата опомена? Исус Навин 24,15.16.20-26.
“Бог го поставил својот народ во Ханан како еден силен бедем да го задржува напливот на моралните зла да не го преплават светот. Кога Израелците би му останале верни на Бога, тие, според Божјата намера, би напредувале од победа во победа. Тој би им ги предал во раце народите поголеми и посилни отколку што биле Хананејците.“ – Патријарси и пророци, 575.
б. Што тие после смртта на Исус Навин сепак направиле? Судии 2,7.8.11.12; 3,5-7.
“Непочитување на Божјите ограничувања од страна на оние што влегле во хананската земја посеано е семе на зло што продолжило да донесува горчливи плодови на многу поколенија… Израелците поради своите гревови биле одвоени од Бога. Биле лишени од Неговата сила и не биле веќе надмоќни над своите непријатели.“ – Патријарси и пророци, 575.576.
Понеделник 31. март
2. “СЕКОГАШ ПОСТОЕЛ ОСТАТОК“
а. Кој термин го користи Библијата за реформаторите во тој период од црковната историја? Кој збор се користи за да се опише реформаторската улога на овие Божји слуги? Судии 2,16.18.
б. Опишете го длабокото застранување кое Божјиот народ го искусил? Псалм 78,58-62. Како Бог, сеќавајќи се на заветните ветувања дадени на Аврам, го избавувал својот народ од нивните непријатели? Псалм 78,65.66.
в. Иако мнозина можат да се одвратат од Бога, каква сигурност имаме дека вистината никогаш нема да биде оставена без своите верни носители? Ис. 1,9; Рим. 11,1-5. Што укажува на тоа дека Бог ќе го користи верниот остаток да го реформира својот народ на крајот од времето? Проповедник 3,15.
“Сепак, Тој никогаш не се откажал наполно од својот народ. Секогаш постоел еден мал остаток – оние што му останале верни на Бога; и Господ од време на време подигал верни и храбри луѓе да го рушат идолопоклонството и да го ослободуваат Израел од неговите непријатели.“¬¬ – Патријарси и пророци, 576.
“Големиот Поглавар кој се движи среде Неговите свеќници, никогаш не бил без своја црква… Ако ние одбиваме да и дозволиме на нашата светлина да свети за Господарот… другите ќе го направат она што ние сме можеле да го направиме, но сме одбиле да го сториме тоа.“¬¬ – РХ, 7. јуни, 1897.
“Мнозина од луѓето кои имале голема светлина не ја ценеле истата и не се подобриле… Тие ги негираат начелата на вистината во пракса и му нанесуваат срам на Божјото дело. Христос изјавува дека таквите ќе ги изблуе од својата уста… Својата порака Господ им ја дава на оние кои одат во согласност со вистината што ја имале и таквите ќе ги признае како вистински верници… Таквите луѓе ќе ги заземат местата на оние кои, имале светлина и знаење, но не оделе по патот на Господа, туку по мислите на нивните непосветени срца.“¬¬ – Одбрани пораки 3, 421.422.
“Во часот на најголема опасност за црквата, најогнени молитви за неа ќе упатува верниот остаток.“¬¬ – 5 Сведоштво, 495.
Вторник 1. април
3. ИЗРАЕЛЦИТЕ ИЗВИКУВААТ КОН БОГА ОД ОЧАЈ
а. Споменете некои од ослободителите од редот на верниот остаток кои Бог ги подигнал во времето на првите судии. Судии 3,9.15.31; 4,4.6. После овие јунаци, кој бил повикан да го скрши јаремот на угнетувачите? Судии 6,11-14.
“На Гедеон му бил упатен Божји повик да го ослободи својот народ… Бил жалосен поради постоечката состојба и размислувал како би можел да го скрши јаремот на угнетувачот на неговиот народ.“ – Патријарси и пророци, 578.
б. Зошто Гедеон побарал знак од Оној кој зборувал со него? Судии 6,17-21.
“Гедеон барал некаков знак дека оној што му се обраќа бил заветниот Ангел кој во минатите времиња се залагал за Израелците. Божјите ангели, кои некогаш разговарале со Авраам, еднаш го прифатиле неговото гостопримство; и Гедеон сега сесрдно го убедувал небесниот Гласник да остане кај него како негов гостин. Брзајќи кон својот шатор, приготвил од своите сиромашни резерви едно јаре и пресни лебови па сето тоа го донел и го поставил пред него. Но ангелот му наредил: ‘Земи го месото и погачата и стави ги на оној камен, а чорбата истури ја’. Гедеон го направил тоа, а потоа му бил даден бараниот знак: Ангелот со својот стап го допрел месото и пресните лебови и од карпата пламнал оган спалувајќи ја жртвата. Потоа ангелот исчезнал од неговиот видокруг.“ – Патријарси и пророци, 578.
в. Кое уверување го смирило Гедеон откако сфатил дека ангелот на Заветот кој се појавил пред неговите очи бил самиот Христос? Судии 6,22.23.
“Овие милостиви зборови изговорени од страна на истиот сочувствителен Спасител кој на своите исплашени ученици на бурното море им кажал: ‘Јас сум, не бојте се’ (Марко 6,50). – Оној кој со истите зборови им се јавил на своите загрижени ученици ‘во Горната соба’, сега му рекол на Гедеон: ‘Мир на тебе, не плаши се, нема да умреш’ (Судии 6,23).“ – Знаци на времето, 23. јуни, 1881.
Среда 2. април
4. ПРВА ЗАДАЧА – РЕФОРМА ВО СЕМЕЈСТВОТО
а. Каде Гедеон ја започнал реформата во Израел? Судии 6,25.27.28
“Гедеоновиот татко Јоас, кој учествувал во отпадот на своите сонародници, живеел во Офра и тука му подигнал голем олтар на Вал, пред кој мештаните се клањале. На Гедеон му било наредено да го урне тој олтар, а на карпата каде што му била запалена жртвата да му подигне олтар на Јехова и таму да принесе жртва. Принесувањето на жртви на Господа им било доверено на свештениците и тоа само на олтарот подигнат во Силом. Но Оној кој ја воспоставил обредната служба и на кого укажувале сите тие жртви, имал власт да ги менува своите барања. На ослободувањето на Израел морало да му претходи свечен протест против служењето и клањањето на Вал. Гедеон морал да му објави војна на идолопоклонството пред да може да тргне во борба против непријателите на својот народ.“ – Патр. и прор., 578.
“Божјиот налог бил верно извршен. Знаејќи дека ќе наиде на отпор ако се обиде тоа да го стори јавно, Гедеон својата задача ја извршил тајно. Со помош на своите слуги сѐ завршил за една ноќ.“ – Патријарси и пророци, 579.
б. Каква била реакцијата на луѓето од градот следното утро кога виделе дека олтарот на Вал бил уништен? Судии 6,30.
в. Како Јоас, како истакнат човек во градот, застанал во одбрана на неговиот син, и што му рекол тој на мноштвото? Судии 6,31.32.
“Голем бил гневот на жителите на Офра кога следното утро дошле да се поклонат пред Вал. Тие Гедеона и би го убиле кога Јоас – кој бил известен за посетата на Ангелот – не би станал во одбрана на својот син. ‘Вие ли ќе го браните Вал?’, рекол Јоас, ‘вие ли сакате да го избавите? (Судии 6,31). Оној што го брани ќе загине утрово. Ако е бог, сам нека расправи со него што му го урнал олтарот.’ А ако Вал не можел да го одбрани ниту својот олтар, тогаш како можела да му се довери заштита над неговите поклоници.“ – Патријарси и пророци, 579.
Четврток 3. април
5. ОСОБИНИ ПОТРЕБНИ НА ХРИСТОВИТЕ ВОЈНИЦИ
а. Која поука поборниците на крстот треба да ја научат од Гедеон? Рим. 15,4; 1 Петр. 3,15.
“Господ е подготвен да направи големи работи за нас. Победата можеме да ја здобиеме не преку бројки, туку преку целосното предавање на душата на Исус. Да одиме напред во Негова сила, надевајќи се во силниот Бог Израелов… Во записот за Гедеоновата војска се наоѓа една поука за нас. Господ и денес исто така е подготвен да работи преку човечките напори и да постигне големи работи преку слаби инструменти. Од суштинско значење е да имаме јасно познавање за вистината, бидејќи како поинаку би можеле да се спротивставиме на нејзините лукави противници? Библијата мора да се проучува, не само заради запознавање со нејзините учења, туку и заради нејзините практични поуки. Никогаш не треба да бидете изненадени, никогаш не смеете да бидете без своето оружје. Бидете подготвени за секое изненадување, за секој повик на должност. Будно искористете ја секоја можност да ја презентирате вистината, запознајте се добро со пророштвата и со Христовите поуки. Но немојте да верувате во добро подготвени аргументи. Аргументот самиот по себе не е доволен. Морате да го барате Бога на своите колена, за да влијаете на луѓето морате да бидете вооружени со силата на Неговиот Дух.
“Дејствувајте веднаш. Бог сака да реагирате во вистински момент, како што тоа го правеле Гедеоновите војници. Многу пати проповедниците се премногу прецизни, премногу планираат и пресметуваат. Додека тие се подготвуваат да направат нешто големо, можноста за тоа добро дело поминува неискористена. Проповедникот, еден сирот и ограничен човек, се однесува така како да целиот товар лежи врз него, додека Исус го носи и него и неговиот товар и уште многу повеќе. Браќа, верувајте помалку во себе, а повеќе во Исуса.“ – Библиски коментари, 122.
Петок 4. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што се случило, после смртта на Исус Навин, кога Израелците удобно се сместиле во Ханан?
2. Каква сигурност можеме да имаме дека вистината никогаш не била оставена без своите верни поборници?
3. Каде Гедеон го започнал делото на реформа во Израел?
4. Како Јоас се обидувал да го смири гневот на народот?
5. На кој начин можам подобро да се подготвам за извршување на доверената задача?