11 Библиски начела на финансирање

Сподели го ова:

11. лекција – 16. јуни 2012.

Библиски начела на финансирање

“И ќе дојдат на тебе сите овие благослови и ќе се исполнат, ако го слушаш гласот на Господ, твојот Бог.“ – 5 Мојс. 28,2.

“Никој не може да собира богатство на Небото, а неговиот живот на оваа Земја да не е збогатен и облагороден.“ – Воспитување, 145.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 51-55.
Воспитување, 135-145 ориг.

Недела 10. јуни

1. ЛИЧНИ ФИНАНСИИ

а. Какви последици можеме да имаме поради запоставувањето на делото Господово и сега и за вечноста? Агеј 1,5-11.

“Оние кои себично го држат своето богатство нека не се чудат ако Божјата рака го растури. Ќе се случи на неразумниот син да му го дадат она што требало да го посветат на ширење на Божјото дело, но не било дадено, и тој син ќе го потроши тоа. Можеби во шталата ќе го најде мртов својот најдобар коњ, гордоста на суетното срце. Можеби од време на време ќе загине некоја крава. И жетвата може да изневери. Бог може да го растури богатството кое им го дал на своите управители, ако не сакаат да го употребат на Негова слава. Можеби некои нема да ги имаат тие загуби кои би ги потсетувале на должностите кои не ги извршиле, но видов дека токму тие можат да бидат во побезнадежна положба.“ – 2 Сведоштво, 745.
“Занемарувањето да го признаете Христа во своите сметководствени книги ве одделува од големата привилегија вашето име да биде запишано во животната книга на Јагнето.“ – Нашиот висок повик, 192.

б. Што треба да разгледаат оние кои обично имаат склоност да бараат помош, наместо да ја понудат? 5 Мојс. 28,12.13.

Понеделник 11. јуни

2. УСЛОВЕНИ ВЕТУВАЊА

а. Каква е Божјата намера за Неговиот народ и денес? 5 Мојс. 28,1-6.

“Повикот: ‘Пригответе му пат на Господ, исправете ги во пустината патеките за нашиот Бог‘ (Ис. 40,3), е упатен до секој верник. Штедењето во трошењето на средствата кои ви се дадени морате да го започнете токму од себе. Првиот чекор на самооткажување обично е најтежок, но мора да започне без одлагање. Вашите самопрегорни прилози ќе се користат во оваа област за намирување на работниците кои ја објавуваат последната порака на милост на паднатиот свет.“ – Билтен на Ген. конференција, 1. април, 1899.
“Според божествената намера, ниту христијаните, кои уживаат многу поголеми предимства отколку Евреите, не би смееле да бидат помалку дарежливи од нив. ‘Кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него‘ (Лука 12,48), рекол Спасителот. Дарежливоста што се барала од Евреите, во голема мера ја користел само еврејскиот народ. Денес Божјото дело се раширило по целиот свет. Богатството на евангелието Христос го ставил во рацете на своите следбеници и ги задолжил таа добра и радосна порака на спасението да ја носат низ целиот свет. Затоа ние имаме многу поголеми обврски од стариот Израел.“ – Делата на апостолите, 251.

б. Кои ветувања се сигурни за сите кои се придржуваат до Божјиот финансиски план? Мал. 3,11.12.

“Секој може да ја почувствува радоста од учеството во драгоценото дело на спасување на душите. Секој маж, жена и младинец може да стане ризничар за Господа, и орудие кое успешно ќе придонесе за снабдување на Неговата ризница. Апостолот вели: ‘секој од вас да оддели и остави кај себе колку што може‘ (1 Кор. 16,2).
“Благодарение на овој систем остварени се големи успеси. Кога би го прифатиле овој совет, секој би можел да стане внимателен и верен ризничар за Господа; и нема да има недостиг на средства потребни за објавување на последната порака на милост и предупредување за овој свет. Кога сите би го прифатиле овој систем, ризницата би била пополна, а оние кои даваат прилози не би станале посиромашни. Секоја инвестиција го прави верникот уште повеќе посветен во делото на сегашната вистина.“ – Порака за младите, 304.305.
Вторник 12. јуни

3. ПОУКИ ОД ХРИСТОВИТЕ ДЕНОВИ

а. Каков поттик за нас можат да бидат даровите кои мудреците ги посветиле на детето од Витлеем? Матеј 2,1.2.11.

“Мудреците биле меѓу првите што го поздравиле Спасителот. Нивните подароци биле први, кои биле приложени пред Неговите нозе. Каква привилегија на служење тие стекнале со своите дарови! Бог радосно го почитува дарот што доаѓа од срцето кое љуби, правејќи го најуспешно во службата за Него. Ако сме го дале нашето срце на Исуса, тогаш ќе му ги донесеме и нашите дарови. Нашето злато и сребро, нашиот најдрагоцен земен имот, нашите највозвишени умствени и духовни дарови – сето тоа радосно ќе му го посветиме на Оној, кој нѐ љуби и кој се дал себеси заради нас.“ – Копнежот на вековите, 35.

б. Што можеме да научиме од Марија кога со миро го помажала Исуса? Марко 14,3.

“Кога одлучувате за износот кој ќе го дадете за Божјото дело, бидете сигурни дека секогаш е подобро да биде поголем, а не помал од она што го бара должноста. Размислете кому вие давате, и таа мисла ќе го отстрани духот на алчност и себичност. При самата помисла за толкавата љубов со која Христос нѐ засакал, ќе ни се чини дека и нашите најголеми дарови не се вредни за Тој да ги прифати. Кога Христос е предмет на нашите чувства, свесни колку ни простил токму затоа што нѐ љуби, нема да застануваме да ја проценуваме вредноста на садот од алабастер во кој се наоѓа драгоценото миризливо масло. Тоа го правел алчниот Јуда; додека оној кој го цени и прифаќа дарот на спасението ќе жали што мирисот на неговиот прилог не е уште поскапоцен и со поголема вредност.“ – 4 Сведоштво, 461.

ц. Како можат оние кои вообичаено зависат од милостината да станат – како Марија – дарители? Дела 20,35.

“Кога оние кои во животот немале многу успех би биле подготвени да ги прифатат поуките, би можеле да стекнат навики на самооткажување и штедење, како и предност да уживаат во давањето, а не во примањето на милосрдие. Многумина всушност се мрзливи слуги. Кога трудољубиво би преземале сѐ што е во нивна моќ, многумина би искусиле големи благодати на укажување на помош на другите и би увиделе дека навистина е ‘поблагословено да се дава отколку да се прима’ (Дела 20,35).“ – 3 Сведоштво, 371.
Среда 13. јуни

4. ВО ВРЕМЕТО НА АПОСТОЛИТЕ

а. При објавување на Евангелието, каква одлучност во намерата ние треба да споделиме со првите христијани? Дела 4,32-37.

“(Дела 4,34.35). Таа великодушна дарежливост на верниците била последица на излевањето на Светиот Дух. Оние што го прифатиле евангелието биле ‘едно срце и една душа’. Нив ги раководела една заедничка желба – успехот на мисијата што им била доверена, и алчноста немала место во нивниот живот. Големата љубов кон браќата и кон делото што го прифатиле била многу поголема од љубовта кон парите и имотот. Со своите дела тие сведочеле дека вредноста на човечката душа ја ценат повеќе од секое земно богатство.“ – Делата на апостолите, 51.
“Така е секогаш кога Божјиот Дух владее со човечкото срце и живот. Оние, чиишто срца ги исполнува Христовата љубов, ќе го следат примерот на Оној кој осиромашил за ние да се збогатиме со Неговото сиромаштво. Парите, времето, угледот и влијанието – сите дарови што ги примиле од Божјите раце – тие ќе ги ценат само како средство за напредок на Неговото дело. Така било во првата црква. А кога во црквата на нашите денови ќе се покаже дека верниците, благодарение на силата на Духот, се одвратиле од земните работи и дека се подготвени да поднесат жртва за да можат нивните ближни да го слушнат Евангелието, тогаш објавувањето на вистината ќе има силно влијание врз слушателите.“ – Делата на апостолите, 52.

б. Што можеме да научиме од подмолната измама на Ананија и Сапфира и страшните последици од сето тоа? Дела 5,1-11.

“Сакајќи да се стекнат со репутација на самопожртвувани, дарежливи и посветени на христијанската вера, Ананија и Сапфира го продале нивниот имот и оставиле еден дел од средствата пред нозете на апостолите, преправајќи се дека дале сѐ. Тие не биле наговарани да дадат сѐ за делото. Бог би прифатил и еден дел. Но тие сакале да создадат впечаток како сѐ да дале. Мислеле дека на тој начин ќе стекнат углед, а во исто време да задржат дел од нивните пари. Сметале дека биле успешни во нивната интрига и дека го измамиле Господа, но Тој по кратка постапка го решил првиот случај на измама и лага во новоформираната црква. Тој и двајцата ги погубил, како предупредување за сите колку е опасно да се жртвува вистината за да стекне наклонетост.“ – Медицинска служба, 126.127.

Четврток 14. јуни

5. СИСТЕМАТСКО САМООДРЕКУВАЊЕ

а. Што мораме да сфатиме во функционирањето и финансиската поддршка на Божјото дело на оваа земја? 1 Кор. 14,33.

“Тој и денеска, исто како и во старо време, бара да се почитува редот и систематското уредување при водењето на црковните работи. Тој сака неговото дело да се извршува темелно и исправно за да може да му стави печат на своето одобрување.“ – Делата на апост., 69.

б. Што можеме да научиме од примерите на оние кои претставуваат пример во самоодрекување? Евреите 11,8-10.24-26.37-40.

“Постоеше време кога оние кои ја прифаќаа вистината беа многу малку, и тие немаа многу добра на овој свет. Тогаш било неопходно некои да ги продадат своите куќи и земјишта, и да купат поевтини, додека нивните средства ги посветувале на Господа за објавување на вистината и други начини за помагање на Неговото дело. Овие самопожртвувани поединци претрпеле немаштија, но ако издржат до крај, голема ќе биде нивната награда.
“Бог ги поттикнувал срцата на мнозина. Вистината, за која неколкумина поединци толку многу се жртвувале, триумфирала и мнозина цврсто ја прифатиле. По Божја промисла, оние кои имале средства требало да ги вложат за ширење на вистината, така што – кога делото ќе се прошири – потребите на истото би можеле да бидат задоволени. Сега Бог не бара припадниците на Неговиот народ да ги продаваат своите куќи во коишто треба да живеат; но ако оние кои имаат изобилство не го послушаат Неговиот глас да се одвојат од светот и жртвуваат за вистината, Тој ќе помине покрај нив и ќе ги повика оние кои се подготвени да направат сѐ за Исуса, дури и да ги продадат своите домови за да ги задоволат потребите на Неговото дело. Оние кои даваат треба да го ценат тоа како посебна привилегија.“ – Совети за управителите, 215.

Петок 15. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како примателот на љубовта може да стане нејзин дистрибутер?
2. Каква треба да биде нашата добронамерност во споредба со онаа на древните Евреи?
3. Како треба да нѐ инспирираат примерите на великодушност во Христовите денови?
4. Што можеме да научиме од духот на ранохристијанската црква?
5. Како самоодрекувањето на пионерите на сегашната вистина може да се открие и денес?

Сподели го ова:

Similar Posts