10 Божјиот план за финансирање на Неговото дело
10. лекција – 10. јуни 2012.
Божјиот план за финансирање на Неговото дело
“Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божјо здание.“ – 1 Кор. 3,9.
“Бог луѓето ги сторил свои управители. Имотот што го ставил во нивни раце всушност се средства што Тој ги предвидел за ширење на евангелието.“ – Патријарси и пророци, 555.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 4 Сведоштво, 545-550.618.619.
Недела 3. јуни
1. ЗА СЕКОГО ПО НЕШТО
а. Кој е Божјиот метод за усовршување и обединување на Неговите расеани овци? Ефес. 4,11-16.
“Испраќајќи ги своите слуги нашиот Спасител им дал дарови на луѓето, за преку нив Тој да комуницира со светот со зборови на вечен живот. Тие претставуваат од Бога одредени средства заради усовршување на светиите во знаење и вистинска светост.“ – 5 Сведоштво, 219.
б. На кој начин ова ги вклучува и должностите и предностите на секој верник? 1 Кор. 3,7.8.
“Господ направил проповедањето на евангелието да зависи од посветените способности и доброволните дарови и придонеси на Неговиот народ. Додека Тој ги повикува луѓето да ја проповедаат Неговата Реч, Тој на црквата како целина и нуди привилегии да учествува во делото помагајќи го со свои средства.“ – Во небесните пространства, 303.
Понеделник 4. јуни
2. ПОУЧУВАЊЕ НА БОЖЈИ НАЧИН
а. На кој начин мнозина денес го повторуваат гревот на Надав и Авиуд? 3 Мојс. 10,1.2.
“Каде во Божјите упатства за поддршка на Неговото дело наоѓаме какво било спомнување на базари, концерти, раскошни приредби и слични забави? Зарем Божјото дело мора да зависи од вакви манифестации кои се забранети во Неговата Реч – кои умот на набљудувачот го одвраќаат од Бога, од трезвеност, од побожност и светост?“ – Совети за управителите, 204.
“А каков впечаток сето тоа остава врз умот на неверниците? Светите критериуми на Божјата Реч се влечат по прашина. Христијанството и Божјото име се излагаат на презир. Со такво небиблиско извлекување на пари се поттикнуваат и охрабруваат изопачени принципи. А тоа е токму она што го сака сатаната. Луѓето го повторуваат гревот на Надав и Авиуд. Наместо свет тие употребуваат ‘туѓ оган’ во Божјата служба. Господ не прима такви приноси.“ – Совети за управителите,205.
б. Што можеме да научиме од начинот на кој Мојсеј собирал средства – и од одѕивот на Израелците? 2 Мојс. 35,4.5.21.29; 36,3-7.
“Мојсеевиот план да се соберат средства за изградба на светињата бил мошне успешен. Не било потребно да се навалува со барањето. Тој не се служел со лукавства кон кои денес толку често прибегнуваат многу цркви. Не правел некои големи гозби. Не ги поканувал луѓето на свечени празници, на игранки или на заеднички веселби, ниту пак организирал лотарии, или пак нешто слично, за да добие средства за подигање на Божјата светиња. Господ му наредил на Мојсеј да ги повика синовите Израелови да донесат дарови. Тој требало да прими прилог од секого кој доброволно и од срце давал. И дарови се донесувани во толкаво изобилство, што Мојсеј морал да нареди да престанат да донесуваат, зашто било приложено повеќе отколку што можело да се употреби.“ – Патријарси и пророци, 555.
ц. Што во поглед на давањето секогаш треба да се има во предвид? 2 Кор. 9,7.
“Дали му ги донесовте на Бога своите дарови и приноси од изобилството со кое Тој ве дарувал? Дали му го вративте она за кое Тој тврди дека е Негова сопственост? Ако не сте, сѐ уште не е премногу доцна да ги исправите своите пропусти во тој поглед. Христовиот Дух може да го стопи ледот на себичноста кој ја проникнува душата.“ – РХ, 13. октомври, 1896.
Вторник 5. јуни
3. ПРАКТИЧЕН СОВЕТ
а. Со што можеме да се изложиме на опасност врз себе да навлечеме проклетство кое го заслужиле жителите на Мероз? Судии 5,23.
“(Судии 5,23). Што направиле жителите на Мероз? Ништо. Тоа бил нивниот грев. Божјо проклетство дошло врз нив затоа што ништо не направиле.“ – 2 Сведоштво, 312.
“Плодовите на себичност секогаш се откриваат во занемарувањето на должноста и во злоупотребата на даровите кои Бог им ги доверил на луѓето за унапредување на Неговото дело.“ – Совети за управителите, 26.
“Малата количина на средства наменети за делото на спасување на души е скромна и многу бавно пристигнува во Господовата ризница, а и таа скромна сума се добива со тежок труд. Кога сите би можеле да увидат колку алчноста, која сѐ повеќе зема замав, го попречува напредокот на Божјото дело во поглед на десетоците и приносите, кај мнозина би дошло до одлучна реформа; и не би се осмелувале повеќе, како досега, да го попречуваат напредокот на Божјото дело.“ – 4 Сведоштво, 460.
б. Што учи Светото Писмо за личното штедење? Изреки 21,20; Јован 6,12.
ц. На кој начин македонските повици и денес допираат до секого од нас, и какви благослови можеме да примиме ако одговориме на нив? Дела 16,9.10.
“Секој од нас треба да се стреми да направи за Исуса сѐ што може со своите лични напори, со подароци и жртви. Треба да има храна во домот Господов; а тоа значи полна ризница, за да може да се одговори на македонските повици кои доаѓаат од сите земји. Колку е жално кога сме принудени на оние кои плачат за помош да им кажеме: ’Не можеме да ви испратиме ниту луѓе ниту пари, бидејќи ризницата е празна“. – Совети за управителите, 298.
“Сите пари кои можеме да ги заштедиме, должни сме да ги положиме во Господовата каса. Потребите на запоставените и необработени полиња викаат за тие пари. Од многу земји се слуша плачот: ’Дојдете и помогнете ни‘ (Дела 16,9). Членовите на нашата црква треба длабоко да се заинтересирани и за домашните и за странските мисии. Трудејќи се со самопожртвување знамето на вистината да го забодат на нови подрачја, тие ќе почувствуваат голем благослов. Вложените пари во тоа дело ќе бидат богато возвратени.“ – 9 Сведоштво, 45.
Среда 6. јуни
4. НАШИОТ УДЕЛ ВО БОЖЈИОТ ПЛАН
а. Како нашите десетоци и дарови влијаат на отворање на нови полиња? 1 Тим. 5,17.18.
“Десетокот е Господов и оние кои неправилно ракуваат со него ќе бидат казнети со губење на нивното небесно богатство, освен ако не се покаат. Не дозволувајте Господовото дело и понатаму да се ограничува со ненаменска употреба на десетокот во други цели, наместо во она што самиот Бог го одредил. Средствата за останатите гранки на делото треба да се обезбедат на друг начин. И тие треба да се потпомагаат, но не од десетокот. Бог не се изменил; десетокот сѐ уште треба да се користи за издржување на проповедниците и библиските работници. Отворањето на нови полиња бара повеќе проповеднички сили отколку што сега ги имаме, и затоа мора да има средства во благајната.“ – Слуги на евангелието, 204.
“Кога сите кои тврдат дека се Божји народ, и млади и стари, би ја вршеле својата должност, нема да има недостаток во ризницата. Кога сите верно би давале десеток и би посветиле на Господа првина од своите приноси, Неговото дело би имало доволно парични средства.“ – 6 Сведоштво, 355.
б. Како Давид нѐ поттикнува на великодушно давање? 1 Лет. 29,10-14.
“Бог ги благословува луѓето со имот за да им овозможи да даваат прилози за напредок на Неговото дело. Тој дава сонце и дожд и прави во природата сѐ да буи, да расте и да успева. Тој дава здравје и способност за стекнување на средства за живот. Сите наши добра доаѓаат од Неговите дарежливи раце. Тој сака луѓето да ја покажат својата благодарност со тоа што ќе му вратат еден дел во вид на десеток, доброволни дарови и дарови на благодарност и на покајание. Кога во благајната би пристигнувале средства според божествениот план – десеток од секоја добивка и доброволни дарови – би имало вистинско изобилие на средства за напредок на Господовото дело.“ – Делата на апостолите, 54.
“Ако се постапувало според Божјиот план, денес средствата редовно би се приливале во Неговата ризница со што на проповедниците би им било овозможено да влезат во нови полиња, нови работниците би се обединиле со проповедниците во напорите знамето на вистината да се издигне во мрачните делови на Земјата.“ – 6 Сведоштво, 357.
Четврток 7. јуни
5. ПРЕДНОСТИ И ОДГОВОРНОСТИ
а. Со што Божјиот народ го забрзува или пак одложува Христовото враќање на облаците на славата? 2 Петр. 3,11.12.
“Кога Христовата црква би го извршила делото кое Господ ѝ го наменил, сиот свет би бил предупреден, а Господ Исус Христос веќе би дошол на нашата Земја со сила и голема слава.“ – Копнежот на вековите, 611.
“Божјото дело, кое требало да биде десеткратно посилно и поделотворно отколку што е сега, е задржано, како што студените ветрови на зимата го задржуваат доаѓањето на пролетта, затоа што некои од оние што тврдат дека се Божји народ ги присвојуваат за себе средствата кои би требало да ги посветат во Божјото дело. Затоа што Христовата љубов и самопожртвувањето не се вткаени во животната пракса, црквата е слаба таму каде што би требало да биде силна. Со сопствените постапки таа ја засолнува својата светлина и милиони души го закинуваат Христовото евангелие.“ – Совети за управителите, 54.
б. Која предност му се овозможува на секој верник? 1 Кор. 3,9.
“Господ ги направил луѓето за свои соработници во делење на милостината и во унапредување на своето царство на земјата; но тие можат да продолжат по патот по кој одел неверниот слуга и со тоа да ги изгубат најскапоцените привилегии кои некогаш им биле дадени на луѓето. Бог илјадници години работел преку човечки орудија, но Тој може да одлучи и да се откаже од таквата соработка поради човечката себичност, среброљубје и лакомост. Тој не зависи од нашите средства, и може да продолжи и без наше било какво учество. Но, кој од нас би сакал Господ да го направи ова?“ – Совети за управителите, 198.199.
Петок 8. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Кој е еден од начините на кој можеме да придонесеме во усовршувањето на единството на Божјиот народ?
2. На кој начин погрешните методи на собирање на средства се спротивни на Божјиот метод?
3. Како со намалувањето на своите лични прилози можеме да го попречиме Божјото дело?
4. Што би се случило кога сите би ја негувале великодушноста на Давид?
5. Како можеме да го забрзаме или пак одлагаме враќањето на нашиот Господ?