09 Божја ризница – Неговата црква

Сподели го ова:

9. лекција – 2. јуни 2012.

Божја ризница – Неговата црква

“Вие кои како живи камења сте вградени во духовен дом, свештенство свето, за да принесувате духовни жртви кои Му се на Бога пријатни преку Исус Христос.“ – 1 Петр. 2,5.

“Христовата црква е многу драгоцена во Неговите очи. Таа е ковчег кој ги содржи Неговите бесценети камења, кошара која го оградува Неговото стадо.“ – Верата со која живеам, 280

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 5-10.

Недела 27. мај

1. КОШАРА ЗА НЕГОВОТО СТАДО

а. Зошто Бог има црква на земјата? 1 Петр. 2,5.9.

“Црквата е Божјо орудие за спасување на луѓето. Таа е организирана да служи и нејзина задача е да му го објавува евангелието на светот. Божја намера уште од почеток е светот со помош на црквата да го спознае совршенството на Неговата добрина, милост и моќ. Верниците на црквата, што Тој ги повикал од темнината ‘кон своето чудесно видело’, мора да ја одразуваат Неговата слава. Црквата е ризница на богатството на Христовата милост и преку неа Божјата љубов конечно ќе им се открие дури и на ‘началствата и на властите на небесата’ (Ефес. 3,10).“ – Делата на апостолите, 5.

б. Кои особини се од суштинско значење во вистинската Божја црква? Откр. 14,12, Ефес. 4,4-6.

“Ние треба да се обединиме, но не на платформата на заблудите.“ – Специјални сведоштва, серија Б, бр. 2, стр. 47.
Понеделник 28. мај

2. СИГУРНО УТОЧИШТЕ

а. Бидејќи, само Христовото присуство во нашето срце (Јован 15,4.5) може да нѐ направи единствени во вистината, кој пример на првите ученици не треба никогаш да го заборавиме? Дела 1,13.14; 2,46; 4,32.

“(Дванаесетте апостоли) биле доведени заедно со своите мани, со сите наследени и стекнати склоности кон злото, но сепак, во и преку Христа тие требало да живеат во Божјото семејство, учејќи да станат едно во верата, учењето и духот. Тие ќе имаат свои проби, свои поплаки и различни мислења, но додека Христос бил во нивното срце меѓу нив не можело да има неслога. Неговата љубов би ги навела да се љубат еден со друг; поуките на Учителот би ги воделе да ги усогласат сите разлики, донесувајќи ги учениците во единство, додека не станат еднодушни и истомисленици.“ – Копнежот на вековите, 276.

б. Која одговорност презема секој од нас кога ќе го потчини својот живот на Христа? 1 Тим. 3,15.

“Мошне е тесна и света врската помеѓу Христа и Неговата црква – Тој е младоженец, а црквата невеста; Тој е глава, а црквата тело. Врската со Христа, според тоа, вклучува и врска со Неговата црква.
“Црквата е организирана да служи; и во животот кој е посветен на службата за Христа, врската со црквата е еден од првите чекори. Верноста кон Христа бара верно исполнување на црковните должности.“ – Воспитување, 268.269.

б. Каква привилегија му се нуди на секој член на вистинската Божја црква? 1 Јов. 1,7; Евр. 10,24.25.

“Проповедањето е само еден мал дел од работата во спасувањето на душите. Божјиот Дух го осведочува грешникот во вистината и го доведува во прегратките на црквата. Проповедниците можат да го направат својот дел, но никогаш нема да можат да ја извршат работата која црквата треба да ја направи. Бог бара од служителите во црквата да ги негуваат оние кои се млади во верата и искуството, да ги посетуваат, не да водат со нив празни разговори, туку да се молат со нив и да им упатуваат зборови кои се ‘како златно јаболко во сребрена кошничка’ (Изреки 25,11).“ – Евангелизам, 352.
Вторник 29. мај

3. ПОВИКАНИ НА СЛУЖБА

а. Која должност верниците често ја занемаруваат? Псалм 60,4.

“Во многу од нашите организирани цркви знамето на вистината се влече по правот затоа што членовите не му служат на Бога туку на своите задоволства. Со својот став тие негативно влијаат на душите што се околу нив. Со попуштањето на својата себичност, со световните навики во облекувањето, со своите зборови и постапки, тие со поука и пример сведочат против вистината, против самоодрекувањето, против Христовата кротост. Тие се духовно студени и далеку одвоени од Христа. Кога би оделе по Христовите стапки, тие би биле учесници во Неговото самоодрекување и самопожртвување и би можеле да ги воздигаат и спасуваат душите кои се готови да пропаднат.“ – Објавени ракописи XIX, 173.

б. На што секој Христов следбеник постојано се повикува? 2 Тим. 2,1-4.

“Христовата црква е организирана да служи; нејзината лозинка е: ‘Да се служи’. Нејзините членови се војници, кои мораат да бидат обучени за борба под раководството на Капетанот на нашето спасение. Христијанските проповедници, лекарите и учителите, имаат задача поголема отколку што многумина воопшто сфаќаат. Тие не треба само да им служат на луѓето, туку да ги поучуваат како и тие да им служат на другите. Доколку вистината не се спроведе во животот и не се пренесе на другите, таа ја губи својата животворна моќ и исцелувачка сила. Нејзиниот благослов ќе биде задржан единствено, доколку таа биде споделена.“ – Здравје и среќа, 101.

ц. Што помага за обединување на црквата? Гал. 6,2; Ефес. 4,1-3.

“Црквата никогаш не може да стигне до позиција која Бог ја посакува сѐ додека во љубов и сочувство не се соедини со своите мисионерски работници. Единството за кое Христос се молел никогаш нема да постои сѐ додека во мисионерската служба не се внесе духовност, и сѐ додека црквата не стане средство за поддршка на мисиите. Напорите на мисионерите нема да ја остварат посакуваната цел сѐ додека членовите на црквата, не само со зборови туку со дела, не покажат дека ги сфаќаат своите обврски да им дадат сесрдна поддршка на тие мисионери.“ – Совети за управителите, 47.48.
Среда 30. мај

4. РАСТЕЊЕ И РАЗВОЈ

а. Како вдахновението го опишува растот и развојот на верниците и на црквата? Ефес. 2,19-22; 4,14-16; 1 Кор. 3,9-13.

“Бог ја става на проба секоја душа која тврди дека верува во Него. На сите им се доверени таленти. Господ им ги дал своите добра на луѓето за да тргуваат со нив. Тој ги направил свои повереници и им дал пари, куќи и земја. И сето тоа треба да се смета за Господов имот и да се употреби за напредок на Неговото дело, за изградување на Неговото царство во овој свет. Тргувајќи со Господовите добра, мораме да бараме мудрост од Него за неговиот свет имот да не го употребуваме за прослава на себеси и за задоволување на своите себични желби. Износот на доверениот имот е различен; меѓутоа, тие што добиле најмалку дарови не би смееле да чувствуваат дека поради тоа што даровите им се мали, дека не треба да дадат ништо.“ – 9 Сведоштво, 251.
“Нашето дело не беше издржувано од големи дарови или наследства, бидејќи меѓу нас имаше малку богати луѓе. Која е тајната на нашиот просперитет? Ние напредувавме под наредбата на Капетанот на нашето спасение. Бог ги благословуваше нашите обединети напори. Вистината се ширеше и цветеше. Установите се множеа. Синаповото зрно израснало во големо дрво. Системот на организација се покажа како голем успех. Се пристапи на систематска дарежливост според планот на Библијата. Телото беше ‘составено и сврзано преку сите дарувани врски‘ (Ефес. 4,16).“ – Сведоштво за проповедниците, 27.

б. Што е тоа што овозможува талентите и средствата најефикасно да се искористат меѓу верниците? 1 Кор. 1,10; 14,40. Од друга страна, што е тоа што предизвикува мнозина да биваат изгубени од редовите на чуварите на саботата?

“О, како сатаната би се радувал кога би успеал некако да се вовлече меѓу нас и да ја дезорганизира работата во време кога темелната организација е од суштинско значење и ќе биде најголема сила која треба да ги одбие лажните востанија и да ги побие тврдењата кои не се одобрени од страна на Божјата реч! Мораме да бидеме постојано претпазливи за да не дојде до било какво рушење на системот, на правилата и редот. Само така бунтовните елементи нема да добијат дозвола да го контролираат делото. Ние живееме во времето кога редот, организацијата и единство во акцијата се најважни.“ – Сведоштво за проповедниците, 228.
Четврток 31. мај

5. ОПТИМАЛНА СЛУЖБА И КРЕДИБИЛИТЕТ

а. Опишете ја состојбата која мора да постои меѓу Христовите следбеници за да се обезбеди успех во нашите мисионерски потфати. Јован 10,16; 13,35; 17,18-23.

“Како што се зголемуваше нашиот број беше очигледно дека без некој облик на организација ќе дојде до голема конфузија и делото нема да може да продолжи со успех. За да се осигурат средства за издржување на проповедници, за вршење на работа во нови области, за заштита на црквите и проповедниците од недостојните членови, за зачувување на црковниот имот, за објавување на вистината преку печатот и поради многу други причини, организацијата беше неопходна.“ – Сведоштво за проповедници, 26.
“(Ангелот рече): ‘Црквата мора да се обрати кон Божјата Реч и да се придржува кон евангелскиот ред кој беше лесно сфатен и занемарен’. Ова е неминовна потреба за црквата да дојде во единство на верата.“ – Рани списи, 110.
“Исус се молел Неговите ученици да можат да бидат едно… Таквото единство може да го убеди светот дека ја продолжуваме Христовата мисија и дека имаме божествени акредитиви.“ – РХ, 11. јуни, 1890.
“Ако постоеле тешкотии меѓу браќата и сестрите – ако имало завист, злоба, горчина, зли претпоставки, исповедајте ги тие гревови, но не на еден воопштен начин, туку едноставно отидете лично кај вашите браќа и сестри. Бидете конкретни. Ако сте направиле една грешка а тие дваесет, признајте ја таа една грешка како да сте вие главниот виновник. Загрлете го оној кој се чувствува навреден и, со срце омекнато под влијанието на Божјиот Дух, речете: ‘Ќе сакаш ли да ми простиш? Не постапив исправно кон тебе. Сакам да ја исправам секоја грешка, за да не остане ништо запишано против мене во небесните книги. Записникот за мене мора да биде чист.’ Кој, според ваше мислење, би можел да одолее на таков гест како овој?“ – РХ, 16. декември, 1884.

Петок 1. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како можеме да го утврдиме идентитетот на вистинската Божја црква?
2. Зошто членството во црквата е важно за верниците како поединци?
3. На кој начин можеме да бидеме во опасност да сведочиме против вистината?
4. Наведи некои фактори кои ќе поттикнат единство во црквата?
5. Со што можеме да докажеме пред светот дека навистина имаме божествени акредитиви?

Сподели го ова:

Слични објави