06 Финансиски средства
6. лекција – 12. мај 2012.
Финансиски средства
“Среброто е Мое и златото е Мое, вели Господ Саваот.“ – Агеј 2,8.
“Секогаш кога трошиме средства мораме да се трудиме да ја исполниме волјата на Оној кој е Алфа и Омега на сите христијански стремежи.“ – 9 Сведоштво, 45.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 5 Сведоштво, 138-146.
2 Сведоштво, 735 -746.
Недела 6. мај
1. ОТВОРАЊЕ НА СРЦЕТО
а. Како начинот на кој ги трошиме парите открива колку е длабока нашата посветеност и преданост на Бога? Мат. 6,21.
“Во едно мораме да бидеме длабоко ревни, а тоа е служењето на Бога. Не постои опасност да бидеме премногу ревни овде. Кога предвид би ја имале само работата за Божја слава, маглата би се подигнала и ние би можеле да разликуваме добро од зло. Ние треба да го посветиме нашиот имот. Нашите срца треба да говорат: ‘Господе еве ги средствата што си ми ги доверил, каде сакаш да ги употребам?’“ – Знаците на времето, 7. јануари, 1886.
“Парите се дар од Бога. Тие не ни се дадени да ги трошиме на задоволување на гордоста или амбициите.“ – Здравје и среќа, 252.
б. Како Давидовата посветеност на Бога е инспирација, но и прекор за повеќето од нас? 1 Лет. 29,3-5.
“Зарем благодарноста изумре во нашите срца? Зарем Христовиот крст не е срам за животот на себични попуштања и задоволства?… Ние ги користиме благодатите на бескрајната жртва; а сепак кога треба да се изврши некое дело, кога нашите пари се потребни за помош во делото на Спасителот за спасување души, ние се повлекуваме настрана и наоѓаме изговори.“ – Совети за управителите, 21.
Понеделник 7. мај
2. ЗБОРОВИ НА ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ
а. Како сме предупредени за опасната завера против оние што ја празнуваат саботата? Лука 21,34.
“Сатаната им кажал на своите ангели дека црквите се заспани. Тој ја зголемил својата моќ над нив и со лажни чуда ги држи под своја контрола. ‘Но,’ вели тој, ‘ги мразиме оние што ја држат саботата; тие постојано делуваат против нас и ги одземаат нашите поданици за да го држат омразениот Божјиот закон. Одете, дајте им имот и богатство и опијте ги во грижи. Ако успеете да ги придобиете нивните чувства по овие работи, тие ќе бидат наши. Можат да исповедаат што сакаат, но направете да се грижат повеќе за пари отколку за успехот на Христовото царство или ширењето на вистината што ја мразиме. Претставете им го светот во најдобро светло, за да го засакаат и да стане нивен идол. Мора да имаме контрола врз што е можно повеќе средства. Колку повеќе средства се посветуваат на Христовата служба, тие толку повеќе ќе му наштетат на нашето царство и ќе ги оттргнуваат од нас нашите поданици… Контролирајте ги средствата, а нивните проповедници доведете ги во состојба на немаштија и неволја. Ова ќе ја ослаби нивната храброст и ревност. Борете се за секоја педа земја. Алчноста и љубовта кон земните задоволства направете ги главни особини на нивниот карактер. Сѐ додека овие особини се на прво место, спасението и милоста се потиснати. Покажете им ги сите привлечности на овој свет и тие сигурно ќе станат наши. И не само што тие ќе бидат на наша страна, туку и нивното влијание нема да има сила која другите ќе ги води кон небото. Кога ќе направат и најмал обид да дадат средства наведете ги притоа да негодуваат како тоа можеле да го заштедат.“ – Рани списи, 288.
б. Зошто ни е дадено особено предупредување против алчноста? Лука 12,15.
“Себичноста и алчноста кои демнат во човечките срца се најсилни страсти и доведуваат до судир кој не е само привиден. Ако душата секојдневно ‘јаде од Христовото тело и пие од Неговата крв’ силата на побожноста ќе ја надвладее сатанската сила. Себичноста и алчноста ќе бидат победени. Самоуверениот, независен дух никогаш нема да влезе во Божјото царство. Само оние кои, слично на Христа, се самоодрекуваат и жртвуваат ќе станат соучесници со Него во Неговата слава.“ – Одбрани пораки 2, 216.
Вторник 8. мај
3. СЕРИОЗНО ПРАШАЊЕ
а. Како љубовта кон парите го влошува нашиот духовен живот и кој е лекот за тоа? 1 Тим. 6,9.10.
“Христос се понудил себеси како бесценета жртва. Тоа само по себе е победа врз лакомството и воздигање на добродушноста.
“Постојаното самооткажување е Божји лек против себичноста и лакомството кои како канцер ја нагризуваат душата. Бог ја воспоставил добродушноста за да го одржи своето дело и да ги задоволи потребите на сиромашните и страдалните. Тој наредил давањето да стане навика, за да се победи опасниот и лукав грев – алчноста. Постојаното давање доведува до изумирање на алчноста. Бог воспоставил систематска добродушност за да ги искористи богатствата на алчните со исто темпо со кое тие биле натрупани и да бидат посветени на Господа, кому вистински му припаѓаат.“ – 3 Сведоштво, 510.
“Самопожртвуваноста е клучна во Христовото учење. Честопати е претставена со авторитет, затоа што Бог знае дека не постои друг начин да се спаси човекот и да се ослободи од себичноста, која доколку се задржи го деградира целото битие.“ – 9 Сведоштво, 45.
“Љубовта кон парите и пријателството со светот го загрозува духовниот живот на Божјиот народ.“ – 2 Сведоштво, 741.
б. На што сака Бог да го фокусираме нашето внимание, и зошто? Кол. 3,1.
“Себичноста е грев што ја уништува душата. По неа следи алчноста, што во суштина е идолопоклонство. Сите нешта му припаѓаат на Бога. Сиот просперитет што го уживаме е исход на божествената добрина. Бог е голем и обилен дарител. Ако Тој бара еден дел од подареното, тоа не е за да се збогати со нашите дарови, бидејќи Тој не зависи од нашата рака, тоа е за да вежбаме самоодрекување, љубов и сочувство кон нашите ближни, и на тој начин духовно да се воздигнеме. Низ сите векови, од Адам па до денес, Тој полага право на имотот на луѓето и вели: Јас сум законски сопственик на универзумот, затоа посветете ми ги вашите први плодови, дадете придонес како знак за лојалност, предадете ми го она што е Мое и признајте го Моето владеење, а Јас ќе ве наградам со изобилие и ќе ве благословам.“ – 4 Сведоштво, 453.
Среда 9. мај
4. ЗАВЕТ НА ЖРТВА
а. Имајќи го предвид краткото време што останува пред Господовото доаѓање, што треба да има на ум секој од нас кога ги распоредува своите лични средства? Агеј 2,8.
“Крајот бргу се приближува, а мнозина во нашите цркви спијат. Главна задача на секого од нас треба да ни биде служењето на Бога. Господ на својот народ му доверил средства, некому повеќе, некому помалку. За мнозина големото богатство се покажа како стапица. Во нивната желба да ја следат модата на овој свет, тие ја изгубија ревноста за вистината и во опасност се да го изгубат и вечниот живот. Луѓето на Бога треба да му враќаат во иста мера со која Тој ги благословува со добра.“ – Денес со Бога, 349.
“Некои ги затвораат своите уши пред повикот за средства кои се потребни за праќање мисионери во странски земји и за објавување на книги со вистината кои како есенски лисја треба да го преплават светот. Таквите ја оправдуваат својата алчност и кажуваат дека ќе бидат дарежливи кон крајот на својот живот. Тие велат дека за Божјото дело одвоиле дел во нивните тестаменти. На тој начин живеат живот на лакомост и крадат од Бога во жртви и приноси, а со своите тестаменти на Бога му враќаат само мал дел од она што Тој им го позајмил, додека најмногу средства одвојуваат за своите роднини кои немаат интерес за вистината.“ – 4 Сведоштво, 456.
б. Кое особено предупредување во врска со управувањето на ресурсите им го упатува Христос на родителите? Мат. 10,37.
“Верните родители честопати својот имот го даваат на нивните неверни деца и така пропуштаат на Бога да му го посветат она што со право му припаѓа. Правејќи така не ја извршуваат задачата што тој им ја дал и во непријателските редови принесуваат средства што Бог им ги доверил за да ги дадат за Неговото дело кога ќе има потреба. Не е Божја волја родителите кои сѐ уште се способни да работат, контролата на своите имоти да ја предадат на своите деца, дури и ако тие ја исповедаат истата вера.“ – 1 Сведоштво, 474.
Четврток 10. мај
5. НАЈБЕЗБЕДЕН СЕФ
а. Каква сигурност им нуди Христос на сите што ќе направат завет на жртва со Него? Мат. 6,28-33.
“Отворете ги вашите срца и прифатете го (Божјото) царство, а служењето за негово унапредување нека биде вашиот најголем интерес. Иако тоа е духовно царство, немојте да се плашите дека вашите потреби во овој живот нема да бидат задоволени. Ако себе се предадете на Божјата служба, Тој кој ја има целата моќ и на небото и на земјата ќе се погрижи за сѐ што ви е потребно.“ – Мисли од гората на блаженствата, 70.
“Секој чин на саможртвување за доброто на другите ќе го зајакне духот на милосрдност во срцето на оној што дава и ќе доведе до поблиска врска со Откупителот на светот.“ – Совети за управителите, 20.
б. Како најдобро можеме да го сочуваме нашето богатство? Изреки 3,9.10.
“Сакате ли да го направите вашиот имот безбеден? Ставете го во раката која ги носи белезите од клиновите на распнувањето. Задржете го за вас и ќе го загубите за вечност. Дајте го на Бога и од тој миг ќе го носи Неговиот натпис и ќе биде запечатен со непроменливост.“ – Совети за управителите, 49.
“Ние треба да инвестираме во небесните интереси и секогаш кога работиме да го имаме небото пред очи, и на тој начин нашето богатство ќе го вложуваме во небесната банка.“ – Знаците на времето, 4. април, 1895.
Петок 11. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто парите можат да бидат талент кој открива многу нешта за нашето срце?
2. Опиши ја стратегијата на сатанската завера против оние што ја држат саботата?
3. Кој благослов ќе го примиме ако ја победиме љубовта кон парите?
4. Што треба да биде наша преокупација како што се приближува крајот на времето?
5. Кое ветување е дадено за оние кои своето богатство го вложуваат во небесната банка?