05 Енергија и делотворност

Сподели го ова:

5. лекција – 5. мај 2012.

Енергија и делотворност

“И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно.“ – Матеј 10,7.

“Времето е кратко и заради тоа ние мора да работиме напорно и со двојно поголема енергија.“ – 3 Сведоштво, 149.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христови очигледни поуки, 287-307.

Недела 29. април

1. ТАЛЕНТ ШТО СЕКОЈ ГО ПОСЕДУВА

а. Дури и во овие денови на брзо живеење, што Бог милостиво ни дава и зошто? Проп. 3,1.

“Нашето време му припаѓа на Бога. Секој миг е Негов, а ние имаме најсвечена обврска да го употребиме на Негова слава. За ниеден друг талент што ни го дал Бог нема да бара толку строга сметка како за времето…
“Само малку денови на милост ни остануваат во кои мораме да се подготвиме за вечноста. Немаме време за губење, за задоволување на себичните желби и за толерирање на гревот. Сега треба да изградиме карактер за идниот, вечен живот. Сега треба да се подготвиме за истражниот суд.“ – Христови очигледни поуки, 303.

б. Што треба да имаме на ум кога планираме како ќе го искористиме времето? Јаков 4,13-15.

“Заради краткоста на времето потребна е енергија што досега недостасуваше кај оние коишто тврдат дека веруваат во сегашната вистина.“ – Совети за здравјето, 506.
“Кога секој од нас на најдобар можен начин би го искористувал времето, многу средства би биле заштедени за Божјото дело. Кога се работи од сѐ срце, се работи сесрдно, енергично и брзо.“ – 4 Сведоштво, 430.
Понеделник 30. април

2. МУДРО СПРОТИВСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕГИЈАТА НА НЕПРИЈАТЕЛОТ

а. Што мораме да сфатиме при нашите напори да го унапредиме Божјото дело? 1 Петр. 5,8; Откр. 12,12.

“Ние немаме време за губење. Силите на темнината дејствуваат моќно и сатаната како волк нечујно се прикрадува за да ги зграби оние што спијат. Ние имаме предупредувања кои мораме да ги објавиме, работа што мораме да ја извршиме, но наскоро тоа ќе стане потешко отколку што можеме да замислиме.“ – Евангелизам, 218.
“О, колку голема одговорност ни е доверена – на секоја душа да ѝ го предочиме фактот дека постои небо кое треба да се придобие и втора смрт што треба да се избегне. Душата треба со сета сила да донесе одлука и насила да го придобие царството. Сатаната е активен, а и ние мора да бидеме активни. Тој е неуморен и истраен, па и ние мора да бидеме такви. Немаме време да пронаоѓаме изговори и да ги обвинуваме другите за нашето назадување; немаме време да ѝ ласкаме на душата дека доколку околностите се подобри, би ни било многу полесно да работиме на Божјото дело. Ние сме должни да ги предупредиме оние што тврдат дека веруваат во Христа, да престанат да го навредуваат Бога со грешните изговори.“ – Објавени ракописи, 12, 366.

б. На што нѐ учи вдахновението во поглед на борбата што ни претстои? Ефес. 6,12; Мат. 24,13.

“Имајќи во предвид колку е кратко времето ние како народ треба да бдееме и да се молиме, и во никој случај да не дозволиме да бидеме одвратени од свеченото дело на подготовка за големите настани што претстојат. Бидејќи е очигледно дека небото го продолжува времето, мнозина стануваат немарни и рамнодушни кон своите зборови и дела. Тие не ја согледуваат опасноста и не ја разбираат Божјата милост која им го продолжува времето за да можат да изградат карактер за идниот, бесмртен живот. Секој миг има огромна вредност. Ним им е подарено време не за да планираат како да си го олеснат животот на оваа земја, туку за да го употребат за совладување на секој недостаток во својот карактер и со дела и лични напори да им помогнат на ближните да ја согледаат убавината на светоста.“ – 4 Сведоштво, 290.
“Ние сме должни со разгорена ревност и енергија да го продолжиме Божјото дело сѐ до крајот на времето.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 455.
Вторник 1. мај

3. РЕСУРСИТЕ СТАНУВААТ КОРИСНИ

а. Што нашиот Господар сака да разбереме за разновидните таленти што ни ги доверил? Лука 19,13.

“Колку и да е големо или мало она што некој го поседува, тој треба да знае дека тоа само му е доверено. За својата сила, умешност, време, таленти, можности и средства тој ќе мора да дава сметка пред Бога. Ова е индивидуална работа; Бог ни ја дава за ние да можеме со давање на другите да станеме како Него дарежливи, благородни, добротворни. Оние што ја забораваат оваа божествена мисија и штедат и трошат само за да ја задоволат својата гордост и себичност ќе си обезбедат задоволства на овој свет, но во Божји очи, во поглед на духовните достигнувања, тие се сиромашни, мизерни, бедни, слепи и голи.“ – Совети за управителите, 22.
“Јас не можам да пронајдам пример во Исусовиот живот кога тој посветил време на игри и забава. Тој бил голем воспитувач за сегашноста и идниот живот; сепак јас не можам да најдам ниеден пример каде Тој ги советува учениците да се забавуваат со цел физички да се рекреираат. Откупителот на светот на секој човек му дава задача и му вели: ‘Тргувајте… додека да се вратам.’ (Лука 19,13). Правејќи така, срцето се загрева за задачата. Сите сили на битието се употребуваат во напорот да се послуша. Нашиот позив е висок и свет.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 255.

б. Што треба да научиме од искуството на Соломон? Проп. 2,10.11.

“Ние мораме да се свртиме од илјадници теми кои го преокупираат нашето внимание. Тие ни го трошат времето и предизвикуваат интерес, но не водат никаде. Највисоките интереси бараат поголемо внимание и енергија кои толку често се трошат на безначајни ситници.“ – Здравје и среќа, 407.
“Покажете им на луѓето дека вашиот ум е насочен кон должностите, кон она што е корисно и кон спасување на душата. Забавите на кои се троши драгоцено време за задоволување на нашето ‘јас’, не се исплатливи.“ – Медицинска служба, 82.
“Енергијата која денес се троши на евтини, безвредни и расипливи добра треба да се искористи во делото за просветлување на светот. Секоја сила што Бог ја дал треба да се употреби во работата која со себе донесува благословено задоволство сега и за вечноста.“ – Објавени ракописи 6, 267.

Среда 2. мај

4. КУПУВАЊЕ НА ИМОТ

а. Зошто ставот на безумниот, богат човек е предупредување за нас? Лука 12,16-21.

“Жалосно е што припадниците на Божјиот народ го задржуваат за себе она што му припаѓа на Бога. Средствата и трудот кои треба да му бидат посветени на Христа се трошат на задоволства. Од Бога се крадат време, пари и служба. Самољубието и задоволувањето на себичните желби ја потиснуваат љубовта кон Христа во душата и затоа во црквата нема поголема ревност и посилна љубов кон Оној што прв нѐ засака.“ – Знаците на времето, 22. декември, 1890.
“Луѓето се однесуват како да немаат разум. Тие се затрупани со грижи за овој живот. Тие немаат време за Бога, ниту време да му служат. Работа, работа, работа – тоа е нивното мото. Од сите околу себе бараат да работат постојано под притисок, да се грижат за огромните фарми. Нивните амбиции се да ги срушат старите и да изградат поголеми, за да можат да ги складираат своите добра. И токму ваквите луѓе кои се робови на своето богатство ги сметаат за Христови следбеници. Тие тврдат дека веруваат во скорешното Христово доаѓање, дека крајот на сите нешта е пред прагот, а сепак не покажуваат дух на пожртвуваност. Тие сѐ подлабоко и подлабоко тонат во светот. Одвај некогаш си дозволуваат да го проучуваат Божјиот збор, да размислуваат и да се молат. Ниту пак им ја даваат оваа привилегија на членовите на нивните семејства или, пак, оние што работат за нив. Сепак, овие луѓе тврдат дека веруваат дека светот не е нивен дом, дека се само гости и туѓинци на земјата кои се подготвуваат да заминат во подобра земја. Примерот и влијанието на ваквите е проклетство за Божјото дело. Нивниот живот е исполнет со површност и лицемерство. Тие го сакаат Бога и Неговата вистина исто онолку колку што тоа го покажуваат со своите дела и ништо повеќе. Човекот дејствува според верата што тој ја има.“ – 2 Сведоштво, 746.

б. Кои мисли треба да ни бидат најважни? 1 Кор. 3,23; 6,20.

“Без разлика дали нашиот ум, душа и сила ги посветуваме на Бога или не, тие сепак се Негови. Бог му вели на секое човечко битие: ‘Ти ми припаѓаш мене. Дај ми ја твојата ревност, твоите способности, твојата енергија, твоите средства.’ Тој има право да го бара ова бидејќи ние сме Негови, откупени сме со Неговата бесконечна љубов и со агонијата на крстот што Тој ја претрпел заради товарот на гревот.“ – Знаците на времето, 2. јануари, 1901.
Четврток 3. мај

5. ПОДГОТОВКА ЗА ПОЗНИОТ ДОЖД

а. Кое сознание треба да нѐ пробуди и секого од нас да го покрене на дејствување? 2 Кор. 6,2; Мат. 10,7.

“Нам ни е потребна поголема сесрдност во Божјото дело. Свечената порака за вистината треба да се објавува со моќ што ќе ги убеди неверниците дека Бог соработува со нашите напори и дека Возвишениот е нашиот извор на сила…
“Зарем оваа рамнодушност ќе преовладува од година во година? Зарем сатаната постојано ќе триумфира, а Христос ќе биде разочаран од слугите кои ги откупил со бесконечна цена? Ние со радост го очекуваме излевањето на позниот дожд и се надеваме на подобри денови кога црквата ќе се обедини со голема моќ и на тој начин ќе бидеме поспремни за поуспешна работа за Христа. Но позниот дожд никогаш нема да ги освежи и покрене мрзливците кои не ја користат силата што Бог им ја дава сега. Духовната мрзеливост нема да нѐ приближи кон Бога. Во нашите дела мора да вткаеме енергија, ревност, посветеност и лична побожност.“ – Знаците на времето, 9. декември, 1886.

б. Кој е Божјиот позив за нас денес? Ис. 60,1.2; Мат. 5,14-16.

“Жива црква е црквата што работи. Членови на црквата, погрижете се светлината да засвети. Вашите гласови нека се слушаат во понизна молитва, во сведочење против неумереноста, лудостите и забавите на светот и во објавување на вистината за ова време. Вашиот глас, вашето влијание, вашето време – сѐ се тоа дарови од Бога кои треба да се искористат за придобивање на души за Христа. Посетете ги вашите соседи и покажете интерес за спасување на нивните души. Активирајте ја и најмалата духовна енергија. Кажете им на оние што ги посетувате дека крајот на сите нешта е близу.“ – Медицинска служба, 332.

Петок 4. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто времето е толку важно?
2. Која вообичаена замка може да нѐ спречи во работата за Христа?
3. Која склоност би можела да нѐ задржи во лаодикејскиот период?
4. Што треба да нѐ поттикне да работиме за Христа?
5. Зошто многумина нема да го примат позниот дожд?

Сподели го ова:

Similar Posts