04 Ревност во службата

Сподели го ова:

4. лекција – 28. април 2012.

Ревност во службата

“Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди ревностен и покај се.“ – Откр. 3,19.

“Сите предности што Бог ни ги дал се Негови средства за да ни дадат сила на духот, ревност на нашите напори и енергија за исполнување на Неговата света волја.“ ¬- Патријарси и пророци, 370.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Колпортерска служба, 154.155.

Недела 22. април

1. ПОТРЕБЕН Е НОВ СТАВ

а. Што треба да научиме од Христовото предупредување против негодувањето и половичната служба? Матеј 25,14.15.18.24-30.

“Многумина, слично на слугата кој добил само еден талент, сметаат дека Господ е како строг човек кој ‘жнее каде не сее и собира каде не вее‘. Ваквото гледиште е измама на лукавиот; бидејќи што имаме ние, а да не сме го добиле? Зборовите: ‘Но од Тебе е сѐ, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме’ (1 Лет. 29,14) треба да бидат и наш израз на благодарност.“ – RH, 12. јуни, 1888.

б. Кои Христови предупредувања особено се однесуваат на овие последни денови од земната историја? Матеј 24,12. Откр. 2,4.

“Членовите на црквата треба ревно да настојуваат непријателите на нашата вера да не триумфираат над нивната безживотна, отпадничка состојба. Некои го упропастиле своето влијание, а со малку самоодрекување, сесрдност и ревност можеле да бидат сила на страната на доброто. Но таквата ревност нема да дојде без труд и без сериозни борби.“ – 5 Сведоштво, 266.
Понеделник 23. април

2. ОСОБИНА КОЈА СЕ БАРА

а. Како Библијата ја опишува огромната важност на ревноста за Бога? Пс. 42,1; 84,2. Како можеме да ја стекнеме оваа особина ако таа ни недостасува? Еремија 29,13.

“Постојат мнозина кои не даваат никакви одлучувачки докази дека се верни на заветот кој го направиле при крштевањето. Нивната ревност е оладена од формалноста, светските амбиции, гордоста и самољубието. Од време на време нивната совест се буди, но тие не паѓаат на Карпата – Исус Христос. Тие не доаѓаат кај Бога со скршени срца во покајание и признавање. Оние кои имаат искуство на вистинска преобразба на срцето, во својот живот ќе донесат плодови на Духот.“ – 9 Сведоштво, 159.
“Потребно е да се пости, понизува и моли за нашата слаба ревност и млака духовност.“ – 4 Сведоштво, 511.

б. Кое ветување им е дадено на оние кои копнеат да станат слични на Христа? Матеј 5,6. Зошто искуството на Јаков е толку вредно за нас? 1 Мојс. 32,24-30.

“Бог бара побожност, самоодрекување, самопожртвуваност, сомилост кон другите и ревност за Бога. Тој сака кај луѓето да види длабок копнеж на душата за спасување на ближните од неверство и пропаст.“ – Знаците на времето, 15. февруари, 1899.
“Наоружани со величествената вистина која е наша привилегија, ние со помош на Светиот Дух треба да станеме живи канали на светлината. На тој начин ќе можеме да пристапиме кон престолот на милоста и гледајќи во заветот на виножитото да клекнеме и со скрушени срца да го бараме царството небесно заедно со духовна ревност што ќе донесе своја награда. Ние ќе можеме да го зграбиме со сета своја сила исто како Јаков. Тогаш нашата порака ќе биде Божја сила за спасение.“ – Отсликувајќи го Христа, 217.
“Отидете во вашата скришна соба и насамо молете го Бога: ‘Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене.’ (Пс. 51,10). Бидете сесрдни, бидете искрени. Горливата молитва има голема сила. Слично на Јаков, борете се во молитва пред Бога. На Исуса му течеле крвави капки пот во Маслинката градина. И вие мора да вложите напор. Не напуштајте го вашето скришно место додека не се почувствувате силни во Бога; потоа бдејте, и сѐ додека бдеете и се молите ќе можете да ги избегнете замките и тогаш милоста Божја ќе живее во вас.“ – Пораки за младите, 131.132.
Вторник 24. април

3. РЕВНОСТА НА ДЕЛО

а. Што можеме да научиме од претрпените борби и извојуваните победи на Божјите верни сведоци? Ерем. 20,8-11; Дела 4,14-20.

“Спротивставувањето на пораката на Еремија било толку силно и толку често бил исмеван и презиран што изјавил: ‘Нема веќе да спомнувам за Него, ниту ќе зборувам во Негово име’ (Ерем. 20,9). Така било отсекогаш. Заради горчината, омразата и противењето кон Божјиот збор кој прекорува, мнозина Божји гласници одлучиле да постапат како Еремија. Но што направил Божјиот пророк по оваа одлука? Тој не можел да седи со скрстени раце. Веднаш штом се нашол пред група насобрани, тој почувствувал дека Божјиот Дух е посилен од него.“ – Библиски коментари 4, 1156.
“Ревноста за Бога и Неговото дело ги поттикнало апостолите со голема моќ да сведочат за евангелието. Зарем нема слична ревност да ги разгори нашите срца со одлучност да се проповеда за искупителната љубов на Христа и за Неговото распетие? Секој христијанин ја има таа привилегија, не само да го чека туку и да го забрза доаѓањето на Спасителот?“ – Делата на апостолите, 600.

б. Каков вид на искуство треба да одекне меѓу нас? Пс. 119,137-140; 1 Јов. 3,1-3.

“Старешината Loughborough беше ревносен работник на делото. Тој работеше со цело срце. Тој влезе… во новo поле од мисијата и беше спремен да се најде на најскромна позиција, да истрпи секаква тешкотија, да штеди, да живее сиромашно и да работи од утро до вечер за интересите на штотуку започнатото дело.“ – Објавени ракописи 21, 246.
“Ние се наоѓаме на работ на вечниот свет. Заради сеопштото беззаконие, љубовта на мнозина оладила. Но напротив, во нашите срца треба да се развива љубовта кон Бога, кон чистотата, вистината и светоста. Зголемувањето на злото околу нас треба да разбуди во нас огнена ревност и силна решителност.“-RH, 29. ноември, 1881.

Среда 25. април

4. ОДБЕГНУВАЊЕ НА ПОГРЕШНА РЕВНОСТ

а. На кој начин се изложуваме на опасност со погрешна ревност да застраниме од вистинскиот пат? Рим. 10,1-3; 1 Кор. 10,23.

“Кога во полето ќе дојдат да работат луѓе кои немаат Свет Дух и Божја сила, тие почнуваат да ги напаѓаат другите верски заедници и мислат дека ќе ги убедат луѓето во вистината со изнесување на недоследностите кај популарните цркви. Во некои случаи ваквиот пристап е неопходен, но најчесто тоа предизвикува само предрасуди против нашето дело и ги затвора ушите на мнозина кои инаку би сакале да ја чујат вистината. Кога ваквите учители би биле тесно поврзани со Христа, тие би имале небесна мудрост во начинот на кој му пристапуваат на народот.“ – 4 Сведоштво, 511.

б. Во што била погрешна лажната ревност на Јуј? 2 Цар. 10,16-19. 28-31.

“Постојат мнозина чија религијата се состои од активности. Тие сакаат да работат и да бидат заслужни за некое големо дело, а истовремено ги занемаруваат малите љубезности кои го сочинуваат христијанскиот карактер. Постојаната забрзана служба, која остава впечаток дека се работи некое големо дело не е прифатлива за Бога. Тоа е духот на Јуј, кој вели, ‘Дојдете, видете ја мојата ревност за Господа.’ На тој начин човекот станува задоволен од самиот себе; но истовремено душата може да остане извалкана со дамки на непотчинетост и непобедена себичност.“ – Знаците на времето, 20. ноември, 1884.
“Христијанската ревност се раководи според начелата и не е повремена. Таа е искрена, длабока и силна, ја проникнува целата душа. Спасувањето на душите и интересите на Божјото царство се најважни… Христијанската ревност не се изразува со постојано зборување, туку таа дејствува моќно и успешно. Сепак христијанската ревност не се покажува за да биде видена. Во секој напор и секое дело ќе се забележува понизност. Христијанската ревност наведува на сесрдна молитва и понизност, и верно исполнување на домашните должности. Во семејниот круг ќе се забележи нежност и љубов, добронамерност и сомилост кои се вистински плодови на христијанската ревност.“ – 2 Свед., 253.254.
Четврток 26. април

5. ХРИСТОВИОТ ПРИМЕР

а. Како пророштвото на псалмистот за божествена ревност се исполнило во Христа? Пс. 69,9; Јован 2,13-17; 4,34. Кои поуки можеме да ги извлечеме од Христовата ревност? 1 Кор. 2,2-4.

“(Христос) живеел според законот. Неговата чистота и благородност, Неговата посветеност на вистината и Неговата ревност за славата Божја ја откриваат совршеноста на законот.“ – RH, 26. февруари, 1901.
“Христос изјавил дека Негова храна и пијалак се да ја извршува волјата на својот Отец. Ревноста што произлегува од ваквата посветеност на вистината верникот го прави силен бидејќи тој е извор на посветена вистина и со ширењето на таа вистина тој станува корисен христијанин. Ревноста секогаш треба да биде урамнотежена и на тој начин да ја открива светоста на карактерот.“ – Објавени ракописи 10, 131.

б. Кој повик го упатува Христос до сите што живеат во млакиот период на Лаодикеја? Откр. 3,19.

“Кога станува збор за Божјата служба, дали луѓето ја покажуваат истата ревност за Неговото дело како што порано ја покажувале во службата на светот?“ – RH, 12, јуни, 1888.
“Во ова време кога крајот на сите нешта е пред нас, зарем не е потребно ревноста на црквата да ја надмине ревноста на раната црква? Ревност за Божјата слава ги поттикнала апостолите со голема моќ да сведочат за вистината. Зарем ваква ревност не треба да ги разгори нашите срца со копнеж да проповедаме за искупувачката љубов на Христа и Неговото распнување? Зарем Божјата моќ не треба уште посилно да биде откриена денес, отколку во времето на апостолите? – 7 Сведоштво, 32.

Петок 27. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кое предупредување од параболата за талентите треба да внимаваме?
2. Кој аспект од искуството на Јаков, исто така, треба да биде и наш и зошто?
3. Што можеме да научиме од Еремија, Давид и првите апостоли?
4. Како и ние може да покажеме знаци на погрешна ревност?
5. Кои се особините на вистинската ревност?

Сподели го ова:

Слични објави