03 Сесрдност, доброволна служба
3. лекција – 21. април 2012.
Сесрдност, доброволна служба
“Затоа возуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила! Ова е најважната заповед.“ – Марко 12,30.
“Целото битие – срцето, душата, умот и силата треба да се употребат во Божјата служба. Зарем постои нешто што не треба да го посветиме на Бога?“ – RH, 6 ноември, 1900.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Рани списи, 266-269.
Недела 15. април
1. МОТИВ ЗА СЛУЖБА
а. Кои аспекти на вистинската посветеност често ги занемаруваат оние кои тврдат дека го следат Христа? Марко 8,34; Јован 15,19.20
“Малкумина се подготвени да го следат (Христа) во Неговата зачудувачка сиромаштија, да ги претрпат Неговите страдања и прогонства и да учествуваат во Неговата исцрпувачка работа за просветлување на оние што се наоѓаат во темнина. Сосема мал број го следат Неговиот пример на искрена и постојана молитва за Бог да им даде сила да ги издржат искушенијата во овој живот и да ги извршуваат своите секојдневните обврски.“ – 2 Сведоштво, 748. ¬
б. Која е разликата меѓу вистинската и лажната служба? Јов 31,24-28; 29,11-16. Зошто мораме да ги преиспитаме нашите побуди?
“Бесмисленостите од овој свет ги блокирале пристапите до душите кај мнозина. Кога нашиот живот би бил сокриен со Христа во Бога, тогаш Неговата служба не би била мачна. Ако целото срце е посветено на Бога, сите би го нашле својот удел во работата за Божјото дело. Тие би сееле покрај секоја вода молејќи се и верувајќи дека посеаното ќе донесе плод.“ – RH, 19. декември, 1878.
Понеделник 16. април
2. КЛУЧНАТА ПОРАКА НА ХРИСТОВОТО УЧЕЊЕ
а. Која жална разлика се забележува помеѓу Христос и мнозина кои денес се нарекуваат Негови следбеници? Филип. 2,5-8.21.
“Планот на спасението е заснован на жртва која е толку широка и длабока и висока така што е немерлива. Христос не ги испратил своите ангели на паднатиот свет за Тој да остане на небото; не, Тој лично дошол без придружба и го зел срамот на себе. Станал човек на болката и тагата; Тој самиот на себе ги зел нашата немоќ и ги носел нашите слабости. Затоа, отсуството на самоодрекување кај оние што тврдат дека се Негови следбеници, Бог го смета за одречување од Христовото име. Оние кои тврдат дека се на Христова страна, а им попуштаат на себичните желби за скапа, накитена облека, мебел и раскошна храна, таквите се Христијани само на збор. Да се биде христијанин значи да се живее како Христа.
“Па така колку се вистинити зборовите на апостолот: ’Зашто сите си го бараат своето, а не она на Исус Христос‘ (Фил. 2,21). Многу христијани ги немаат делата кои одговараат на името што го носат. Тие дејствуваат како никогаш да не слушнале за планот на спасението овозможен со неизмерна цена. Мнозинството сака да изгради име за себе на овој свет; тие ги прифаќаат светските навики и обичаи и живеат за да го задоволат своето ‘јас’. Ги следат своите цели со иста ревност како светот, и на тој начин ја трошат својата сила со која треба да помогнат во воспоставувањето на Божјото царство.“ – Совети за управителите, 54.
б. На кое небесно начело Христос им укажува на сите Негови следбеници денес? Зошто? Матеј 16,24-26.
“Оние кои сакаат да го задобијат благословот на светост, прво мора да ја сфатат смислата на самопожртвуваноста. Христовиот крст е централен столб на кој виси ‘многу пообилната и вечна тежина на славата’ (2 Кор. 4,17). Види Матеј 16,24. Нашата љубов кон ближните ја открива љубовта што ја имаме кон Боа. Трпеливоста во Божјата служба ѝ носи мир на душата.“ – Делата на апостолите, 422.
“Ние треба да ја практикуваме истата самопожртвуваност што Христа го навела да умре на крстот за да им овозможи вечен живот на човечките битија.“ – 9 Сведоштво, 45.
Вторник 17. април
3. ДА УЧИМЕ ОД АПОСТОЛИТЕ
а. Која била тајната за горливата љубов што апостол Павле ја имал кон луѓето? 2 Кор. 4,15-18; 5,14.15.
“Како можат оние за кои Христос жртвувал толку многу да продолжат себично да уживаат во Неговите дарови? Неговата љубов и Неговото самоодрекување се ненадминати; а кога таа љубов ќе влезе во Неговите следбеници, тие Христовите интереси ќе ги прифатат како свои. Нивна главна цел ќе биде да го изградат Христовото царство. Себе и својот имот тие ќе му ги посветат на Христа и ќе ги употребат за Неговото дело.“ – Совети за служителите, 55.
“Христовата љубов во душата ќе се открие во зборови и дела. Христовото царство ќе биде на прво место. Сопственото ‘јас’ доброволно ќе биде жртвувано на Божјиот олтар. Секој што е вистински обединет со Христа ќе ја чувствува истата љубов за душите заради кои Божјиот Син го напуштил царскиот престол и високата положба; и станал сиромашен за ние преку Неговата сиромаштија да се збогатиме.“ – Совети са служителите, 55.
б. За која склоност апостол Јован ги предупредува верниците и како тоа може да важи за нас? 1 Јов. 2,15-17.
“Што правиме ние кои се нарекуваме христијани? Душите насекаде околу нас, близу и далеку, гинат за своите гревови без да бидат предупредени и згрижени. Секојдневно ги одминуваме безнадежните кои го немаат Бога и не ја отвораме устата за да ги запознаеме со Христа и со Неговата љубов. Световниот занес ги држи мажите и жените како маѓепсани… Војниците на Христовиот крст со своите молитви треба да го придвижат небото за Бог да делува и Неговата моќ да соработува со човечките орудија за тие да допрат до луѓето каде и да се.“ – Објавени ракописи 8, 95.
“Додека мнозина чекаат да биде отстранета секоја пречка, душите во светот умираат без надеж и без Бога. Многумина, заради светски предности, заради здобивање на научно знаење би заминале и во пустински предели, би отишле во далечни земји за да успеат во бизнисот; но каде се оние кои би го смениле местото на живеење и би ги преселиле своите семејства во места каде има потреба од небесна светлина, каде нивниот пример ќе покаже дека се Христови претставници?“ – Совети за служителите, 56.
Среда 18. април
4. ЧИСТО И ЗАДОВОЛНО СРЦЕ
а. Како Христови слуги, што треба да ја обележува нашата вера? Зошто? Ефес. 6,6-8.
“Зарем не е опасно да дозволиме желбата за безвредната овоземна добивка да го загрози нашето скапоцено, бесмртно наследство? Постои опасност со купување и продавање да ја уништите својата корисност, да ја ослабите својата вера и да го извалкате храмот на вашата душа.“ – RH, 19. јуни, 1888.
б. Зошто Исус неколку пати посочувал на десеттата заповед за време на Неговата служба? 2 Мојс. 20,17; Лука 12,15. Како ние можеме да задобиеме победа на ова подрачје? 1 Кор. 15,31.
“Христос е нашиот пример. Тој го жртвувал својот живот за нас и бара и ние да го жртвуваме нашиот живот за Него. На тој начин ќе можеме да ја отфрлиме себичноста што сатаната постојано се труди да ја всади во нашите срца. Себичноста ја умртвува секоја побожност и може да се победи само со љубов кон Бога и ближните. Ниедна алчна личност нема да влезе низ бисерните порти бидејќи алчноста е идолопоклонство.“ – Совети за управителите, 26.
“Постојаното самоодрекување и добродетелта се Божји лек против гревот на себичност и алчност. Бог воспоставил систематско добредетелство за да го одржува Неговото дело и да ги олесни страдањата на напатените и сиромашните. Тој наредил давањето да стане навика за да може се спротивстави на опасниот грев – алчноста. Постојаното давање ја уништува алчноста. Систематското давање е воспоставено за Бог да ги добие богатствата на алчните толку брзо како што ги стекнале и истите да се посветат на Господа, на кого и му припаѓаат…
“Богатството ги прави луѓето себични, и натрупувањето ја храни алчноста; а овие зла се зајакнуваат со активно практикување. Господ ги знае опасностите кои ни се закануваат и ни дал упатства за да ја спречиме сопствената пропаст. Тој бара постојано практикување на милосрдие за силата на навиките за добри дела да ја победи силата на навиките во спротивна насока.“ – 3 Сведоштво, 510.
Четврток 19. април
5. ВИСТИНСКА, БОГОУГОДНА СЛУЖБА
а. Како можеме да се охрабриме од примерот на првите христијани во Македонија? 2 Кор. 8,1-5.
“Речиси сите верници во Македонија биле сиромашни во овоземни богатства, но нивните срца биле преполнети со љубов кон Бога и Неговата вистина, и тие радосно давале за поддршка на евангелието. Кога во црквите од паганските предели биле организирани прилози за еврејските верници, духот на дарежливост во Македонија бил истакнат како пример за останатите цркви.“ – Делата на апостолите, 254.
б. Како Христос накратко ја сумира нашата должност како верници? Марко 12,29-31. Што се случува кога ова начело се применува во секојдневниот живот? Матеј 7,24.25.
“Целото битие треба да биде посветено во служба на Господарот“ – Билтен на Генерална конференција, 16. април, 1901.
“Никој не може навистина да биде обединет со Христа, да ги практикува Неговите поуки и на себе да го стави јаремот на воздржување без да сфати нешто што не може да се искаже со зборови. На таквиот му доаѓаат нови, духовно збогатени мисли. Интелектот е просветлен, волјата е одлучна, совеста станува чувствителна, а имагинацијата прочистена. Срцето станува понежно, мислите подуховни, а службата слична на Христовата. Во животот се забележува она што не може да се изрази со зборови – вистинска, верна и предана посветеност на срцето, умот, душата и нова сила за работа во работата за Господарот.“ – 6 Сведоштво, 441.
Петок 20. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како во животот на Јов се одразувал Христовиот Дух?
2. Која вообичаена склоност мора да ја победиме ако сакаме да станеме победници?
3. Што нѐ учат Павле и Јован околу негувањето на вечните вредности?
4. Зошто алчноста е толку штетна за нашите души?
5. Која е наградата за службата од сѐ срце, дури и во овој земен живот?