01 Творец и сопственик

Сподели го ова:

1. лекција – 7. април 2012.

Творец и сопственик

“Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!“ – Откр. 4,11.

“Само на Јехова, вечниот, самопостоечки, несоздаден Бог, и Изворот и одржувач на сѐ, само Нему му припаѓа правото на највозвишена почит и обожавање.“ – Патријарси и пророци, 310.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 1, 290-294.

Недела 1. април

1. ТВОРЕЦ И ОДРЖУВАЧ

а. Што треба да сфатиме додека ја набљудуваме величествената убавина на сѐ што е создадено? Псалм 19,1-3; Ис. 40,18.21.26.

“(Псалм 19,1-3) Некои можеби претпоставуваат дека величествените појави во природата се Бог. Тие не се Бог. Сите чудеса на небесата се само Божји орудија кои ги извршуваат добиените наредби. Бог е надзорник и Творец на сѐ“ – Одбрани пораки 1, 294.

б. Кој аспект на Божјата семоќ можеме секојдневно да го допираме? Дела 17,24-29.

“Човечкиот организам функционира под Божја контрола, тој не е како часовник кој еднаш е вклучен, а потоа функционира самостојно. Срцето чука, и произведува пулс, градите постојано вдишуваат и издишуваат, но под Божји надзор… Секое чукање на срцето, секое вдишување го покренува Оној кој во ноздрите на Адам дувнал здив животен – инспирација на вечниот Бог, големиот ЈАС СУМ “ – Одбрани пораки 1, 294.295.

Понеделник 2. април

2. ДОСТОЕН ЗА ПОЧИТ

а. Кои факти покажуваат дека Бог е единствениот кој ја заслужу-ва нашата постојана почит? Псалми 33,6-9; Ерем. 10,9-13.

“Бог бара почит и обожавање, над сите пагански богови, тоа се заснова на фактот дека Тој е Создателот и Нему сите суштества му го должат своето постоење.“ – Патријарси и пророци, 345.
“Творецот ги одржува во живот сите свои созданија. Истата рака ги држи и планините на нивните места и ги води планетите низ нивниот таинствен марш околу сонцето“ – Одбрани пораки 1, 294.

б. Кои прашања треба да нѐ исполнат со почит кон Бога? Јов 11,7; 38,1-7. Како ваквата почит придонесува за спасение на нашите души?

“Божественото вдахновение поставува многу прашања на кои ниту најостроумниот интелектуалец не може да одговори. Овие прашања не се поставени за да ги одговориме, туку нашето внимание да го насочат на Божјите длабоки тајни и за луѓето да сфатат дека нивната мудрост е ограничена; дека во секојдневниот живот постојат мистерии кои ограничениот ум не може да ги сфати; дека Божјите судови и намери се несфатливи, а Неговата мудрост недостижна. Затоа Тој на човекот му се открива обвиен во густ облак на таинственост.
“Бог нема намера целосно да му се открие на човекот. Доколку луѓето во целост проникнат во Божјите дела и патишта, тие не би верувале во Неговата бесконечност. ‘Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта’ (Рим. 11,33). Неговата љубов никогаш не би можела да се објасни со природните закони. Кога тоа би било возможно, ние не би чувствувале потреба да му ги довериме нашите души. Скептиците не веруваат затоа што нивните ограничени умови не можат да ја разберат бесконечната моќ со која Бог им се открива на луѓето. Дури ниту градбата и функционирањето на човечкото тело не може наполно да се разбере; тоа се тајни кои ги збунуваат и најучените.“ – Библиски коментари, 242,243.

Вторник 3. април

3. ВИСТИНСКИ СОПСТВЕНИК

а. Што Бог отсекогаш сакал да разбереме во однос на сопственоста на имотот? Псалм 50,7.10-12.

“Господ ги учел Израелците дека Тој треба да им биде на прво место. Ги потсетувал дека Тој е сопственик на нивните полиња и нивните стада; дека Тој им дава сонце и дожд за да имаат жетва. Сѐ што имале било Негово.“ – Делата на апостолите, 250.
“Нашите тела му припаѓаат на Бога. Тој со откупот ја платил цената и за телото и за душата. ‘Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓаме само на себе? Зашто скапо сте платени. Затоа прославете го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји.’ ‘Телото, пак, не е за блудство, а за Господ, а Господ – за телото’ (1. Кор. 6,19.20.13). Творецот го надгледува човечкото тело и го одржува. Ако Тој постојано не дејствува, пулсот не би чукал, работата на срцето би запрела, мозокот не би ја извршувал својата задача.“ – Совети за здравјето, 586.

б. Што сѐ опфаќа Божјата сопственост? Пс. 24,1.2; 5 Мојс. 10,14. Што значи тоа за нас? Откр. 4,11.

“Имајте на ум дека постои само еден сопственик на универзумот и дека секој човек со своето времето, интелектот и средствата што ги поседува му припаѓа на Оној кој платил откуп за душата. Господ со право бара постојана служба и највозвишени чувства. Вашиот единствен критериум е Божјата волја, а не личните задоволства.“ – Одбрани пораки 2, 137.
“Оние кои постојано на ум го имаат овој однос кон Бога, во својот желудник нема да внесуваат храна која го задоволува апетитот и им штети на органите за варење. Tие нема да ја уништуваат Божјата сопственост со нездрави навики во јадење, пиење или облекување. Тие внимателно ќе се грижат за човечкото тело и ќе сфатат што мора да прават за да дејствуваат во согласност со Божјата волја. Тој сака да бидеме здрави, среќни и корисни. Но за да го постигнеме тоа, ние мораме својата волја да ја замениме со Неговата.“ – Воспитување на детето, 399.
Среда 4. април

4. КОМУ МУ Е ДОВЕРЕНА ВЛАСТА?

а. Кому Бог му ја доверил власта над Неговите земни добра? 1 Мојс. 1,26-28. Зошто тоа е чест за човештвото? Пс. 8,1-9.

“Оној што над нас го поставил ѕвезденото небо, уметнички ги обоил цвеќињата во полето, кој земјата и небесата ги исполнил со чудеса на Неговата моќ, кога дошло време да го круниса своето величествено дело не заборавил да создаде суштество достојно на раката што му дала живот. Нашите предци, како што е забележано во вдахновението, не потекнуваат од едноклеточни организми или влекачи, туку од раката на големиот Создател. Иако извајан од кал, Адам бил ‘син Божји’ (Лука, 3,38).“ – Патријарси и пророци, 18.

б. Како се фалел измамникот пред Христа, по падот на Адам? Лука 4,5.6.

в. Кога Христовата власт над оваа планета треба целосно да се обнови? Даниел 7,13.14.26.27; Михеј 4,8; Откр. 11,15.

“Кога сатаната изјавил пред Христа дека царството и славата на овој свет се негови и дека тој ги дава кому сака, тој само делумно бил во право и со тоа сакал да ја постигне својата намера да измами. Сатаната власта ја приграбил од Адам, но Адам му бил служител на Создателот. Тој не владеел самостојно. Земјата е Божја, а Бог сѐ му предал на својот Син. Адам во своето управување му бил потчинет на Христа. Кога Адам своето власништво го предал во рацете на сатаната, Христос останал законски Цар. Господ му рекол на царот Навуходоносор ‘Севишниот владее над човечките царства и ги дава кому сака’ (Дан. 4,22). “ – Копнежот на вековите, 109.
“Според изјавата на пророкот Даниел Христос на небото ќе прими ‘власт, слава и царство’; Тој ќе го добие Новиот Ерусалим, престолнината на Неговото царство, ‘стокмен како невеста променета за својот маж’ (Дан. 7,14; Откр. 21,2). Откако ќе го добие Ерусалим, Тој ќе дојде во сета своја слава, како Цар над царевите и Господар над господарите за да го избави Неговиот народ, кој ќе ‘седне на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно’ (Мат. 8,11) за да учествуваат на свадбената вечера на Јагнето.“ – Големата борба, 382.
Четврток 5. април

5. УПРАВУВАЊЕТО ДОВЕРЕНО НА ЛУЃЕТО

а. Кој совет треба да го имаме на ум секогаш кога ќе ни се довери власт – мала или голема? 5 Мојс. 8,11-18.

“Ние треба да се сметаме за управители на Господовиот имот, а Бог за врховен сопственик, кому треба да му го вратиме Неговото кога Тој ќе го побара.“ – 4 Сведоштво, 457.

б. Која порака има особено значење во овие последни денови кога Господ само што не дошол? Лука 19,11-13.

“Бог нѐ нарекува служители, што подразбира дека Тој нѐ најмил за да сработиме одредена работа и да имаме одговорности. Ни позајмил и капитал за инвестирање. Тоа не е наша сопственост, и ние на себе го навлекуваме Неговиот гнев ако го чуваме за нас или го трошиме како што сакаме…
“Секој талент што му го враќаме на Бога ќе биде испитан. Постапките на Божјите слуги нема да се сметаат за неважни. Секој поединец лично ќе се испитува и од секого ќе биде побарано да даде сметка за талентите што му биле доверени, за да се утврди дали ги умножил или ги злоупотребил. Наградата ќе биде според умножените таленти, а казната според злоупотребените таленти…
“Талентите се во наши раце. На нас останува дали ќе ги употребиме на Божја слава или ќе ги злоупотребиме. Ние можеме со нив да тргуваме денес, но утре времето за нас може да заврши времето на нашата проба и нашата сметка да биде конечна.“ – 2 Сведоштво, 752.

Петок 6. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кои факти откриваат дека нашиот Творец е и наш Седржител?
2. Зошто единствено Господ е достоен за обожавање?
3. Како треба да дејствуваме кога ќе дознаеме дека сѐ е Божја сопственост и дека Тој власта на земјата им ја доверил на луѓето?
4. Што треба да знаеме за узурпираната власт на сатаната?
5. Какво искушение имаме кога ни се доверуваат добра?

Сподели го ова:

Similar Posts