8. Помагање на Гаваонците
8. лекција Сабота, 23. февруари 2019.
Помагање на Гаваонците
„А, еве, што ќе направиме со нив: ќе ги оставиме живи, за да не нè стигне гневот поради заклетвата, со која им се заколнавме.“ – Исус Навин 9:20.
„На сред земја еден броен народ – Гаваонци – се одрекол од незнабоштво, се соединил со Израел, и добил дел од благословите на заветот.“ – Пророци и цареви, 369.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: The Signs of the Times, February 7, 1884.
Недела 17. февруари
1. ЛУКАВА СПЛЕТКА
а. Што направиле луѓето од Гаваон кога ја виделе победата на Израелците? Исус Навин 9:3-6.
„(Во Галгал, Израелците) набргу тука ги посетило едно необично пратеништво. Луѓето од тоа пратеништво сакале со Израелците да стапат во преговори. Изјавиле дека доаѓаат од далечна земја, што можело и да се види по нивната надворешност. Облеката им била стара и изветвена, а обувките искрпени. Лебот што го понеле со себе се мувлосал, а старите мевови за вино биле искинати и подврзувани, како попатно набрзина да ги крпеле.
Раскажувале како нивните сонародници во својата далечна татковина божем надвор од границите на Палестина слушнале за чудата што ги направил Бог за својот народ, па затоа ги пратиле да склучат со Израелците сојуз.“ – Патријарси и пророци, 505.
б. Прераскажете ја нивната средба и што е тоа што Израелците требало да го знаат. Исус Навин 9:7-13.
„На Евреите изрично им било нагласено да се пазат од каков и да е сојуз со идолопоклоничките жители на Ханан, и затоа нивните водачи се посомневале во вистинитоста на сѐ што раскажувале тие дојденци.“ – Патријарси и пророци, 505.
Понеделник 18. февруари
2. РАЗОЧАРУВАЧКА ИЗМАМА
а. Каква грешка направиле Исус Навин и водачите во врска со Гаваонците? Исус Навин 9:14,15.
б. Како реагирале Израелците откако виделе дека се измамени? Зошто се смета за исправно тоа што ги поштедиле Гаваонците? Исус Навин 9:16-20.
„Негодувањето на Израелците кога дознале дека се прелажани на таков начин било мошне силно. Нивното нерасположение било мошне големо… ‘Сиот собир викаше на кнезовите.’ Но овие не се осмелиле да ја погазат и да ја раскинат спогодбата, иако таа била заснована на измама, зашто ‘им се заколнаа со Израеловиот Господ Бог.’ ‘И не ги погубија синовите Израелови.’ Гаваонците се заветувале дека ќе се откажат од идолопоклонството и ќе му служат на Господа. Во овој случај поштедувањето на животот на Гаваонците не значело прекршок на Божјиот налог идолопоклоничките жители на Ханан да се истребат. Со дадената заклетва Евреите не се обврзале да прават некој грев. Иако таа заклетва била постигната со измама, сепак не смеела да се погази.“ – Патријарси и пророци, 506.
в. Што треба да сфатиме за важноста на принципот во одржувањето на нашиот збор откако ќе го дадеме? Изреки 12:22; Псалм 15:1,4 (последен дел).
„Обврската на која се заколнуваме со даден збор доколку не нѐ врзува да сториме некое зло за нас треба да претставува светиња. Никакви обѕири кон добивка, кон можности за заработувачка, кон одмазда или кон лични интереси не смеат на никаков начин да влијаат врз неприкосновеноста на дадениот збор или заклетва.“ – Патријарси и пророци, 506.
„Ако во некоја ситуација изјавите дека нешто ќе направите а подоцна сфатите дека на некој друг ќе му направите услуга на сопствена штета, од принцип не се повлекувајте од ветеното ни за влакно. Извршете го својот збор. Барањето на промена на планот ќе покаже дека на вас не може некој да се потпре. Ако го повлечете зборот во некоја мала работа, ќе го повлечете и во поголема. Под такви околности некои се во искушение да лажат, велејќи: ‘Не сте ме разбрале добро. Мислите дека моите зборови значат нешто повеќе од мојата намера’. Но факт е дека го мислат токму она што го рекле, но ги изгубиле добрите намери па подоцна посакале да се повлечат.“ – Child Guidance, p. 154.
Вторник 19. февруари
3. СУДБИНАТА НА ГАВАОНЦИТЕ
а. Бидејќи Гаваонците се послужиле со лукавство, каква станала нивната животна судбина? Исус Навин 9:21-23. Како тоа го покажува влијанието што израелскиот Бог го оставил на околните народи?
„На Гаваонците им било дозволено да живеат, но биле обврзани како слуги во светињата да ги извршуваат сите најтешки работи…
Гаваон, ‘беше голем град, како некаков царски град’, ‘и сите луѓе во него беа храбри.’ Израелците влевале голем страв меѓу жителите на Ханан, а впечатлив пример за тоа бил фактот што жителите на еден толку силен град морале да прифатат таква понижувачка улога само да го спасат животот.“ – Патријарси и пророци, 506.
б. Како Гаваонците одговориле на пресудата? Исус Навин 9:24-27.
„’Ќе сечете дрва и ќе носите вода за мене и во домот На мојот Бог!’ (Исус Навин 9:27). Овие услови (Гаваонците) ги прифатиле со благодарност, бидејќи биле свесни дека згрешиле и дека морале да се радуваат што им е дадена можност да го откупат својот живот под било какви услови.“ – Патријарси и пророци, 506.
в. Што покажува дека Гаваонците би биле благословени доколку останеле чесни и ја кажеле целата вистина, наместо да се служат со измама? Излез 12:48,49; Левитска 19:33,34.
„Бог се погрижил во благословите на заветот да можат да учествуваат сите оние што ќе се откажат од незнабоштвото и ќе се соединат со Израел…
За жителите на Гаваон, кој ‘беше како царски град’, и чиишто ‘луѓе беа храбри’, не било ниту малку лесно да се понизат и да станат слуги кои на целиот собир ќе им цепат дрва и ќе носат вода. Но тие, со намера да измамат, облекле изветвена облека која останала на нивните рамена како знак на доживотно слугување. Така тие во текот на сите генерации со својата подредена положба претставувале сведоштво за Божјата омраза кон невистината.“ – Патријарси и пророци, 507.
Среда 20. февруари
4. ОДРЖУВАЊЕ НА ВЕТУВАЊЕТО
а. Што направиле петте аморејски цареви кога до нив дошла веста дека Гаваонците склучиле мир со Израелците? Исус Навин 10:1-5.
„Подјармувањето на Гаваонците од страна на Израел, ги исполнило со страв срцата на хананските цареви. Веднаш се преземени мерки да им се одмаздат на оние што склучиле мир со напаѓачите… Тие нагло навлегувале.“ – Патријарси и пророци, 507.
б. Кога Гаваонците увиделе дека се во опасност, каква порака му испратиле на Исус Навин, и што презел тој во врска со тоа? Исус Навин 10:6-9.
„‘Не кревај раце од твоите слуги; дојди поскоро кај нас, избави нè и помогни ни; зашто против нас се собрани сите аморејски цареви, што живеат во планините’ (Исус Навин 10:6). Опасноста не им се заканувала само на Гаваонците, туку и на Израелците. Тој град ги држел премините за средна и јужна Палестина и морал да се одржи по секоја цена ако требало да се освои земјата.
Приготвувајќи се, Исус Навин веднаш тргнал Гаваон да го ослободи од опсадата. Жителите на опседнатиот град се плашеле дека тој ќе го отфрли нивниот повик затоа што го измамиле; но, со оглед на тоа што тие им се предале на Израелците и се согласиле да му служат на вистинскиот Бог, Исус Навин чувствувал обврска да ги заштити. Овој пат не сакал да тргне без Божји совет и Господ го храбрел да го преземе тој чекор…
Одејќи пеш цела ноќ, Исус Навин со својата војска в зори бил пред Гаваон. Кнезовите заговорници уште не се распоредиле околу градот кога Исус ги нападнал.“ – Патријарси и пророци, 507,508.
в. Што ја открило неверојатната моќ на израелскиот Бог во корист на оние кои Тој ги одбранил? Исус Навин 10:10,11.
„Голем број од поразените војници се повлекувале пред Исуса кон Веторон; бегајќи така стигнале на врв на една карпа и се струполиле ‘низ падините на веторонската стрмнина’ на другата страна од планината. Тогаш врз нив се урнало жестоко невреме.“ – Патријарси и пророци, 508.
Четврток 21. февруари
5. МОЛИТВА + АКЦИЈА
а. Која чудесна молба на својот верен слуга, Исус Навин, Бог ја услишил во чест и слава на Творецот? Исус Навин 10:12-14. Зошто го направил тоа?
„Исус, гледајќи од врвот на еден вис, заклучил дека денот е премногу кус за да го заврши започнатото дело. Ако непријателите не ги дотолчи потполно, тие набргу пак ќе се соберат и повторно ќе почне битка. ‘Тогаш Исус му рече на Господа … пред Израелците: Запри се, Сонце, над Гаваон, и ти, Месечино, над долината Елонска. И Сонцето застана, и Месечината стоеше додека Бог им се одмаздуваше на нивните непријатели … Сонцето застана на небото и не брзаше да зајде речиси цел ден’ (Исус Навин 10:12.13)….
Божјиот Дух ја инспирирал молитвата на Исуса Навина за да се даде уште еден силен и непобитен доказ за силата и моќта на Израеловиот Бог. Затоа ова барање од страна на големиот водач не било дрско пречекорување на дозволеното. На Исуса Навина му било ветено дека Бог ќе ги совлада неговите непријатели; но сепак, тој се трудел толку сесрдно како успехот потполно да зависел само од израелската војска. Сторил сѐ што може да стори човечката сила, а потоа со вера пекал пред Бога за помош. Тајната на успехот лежи во поврзувањето на Божјата сила со човечките напори. Најголем успех постигнуваат оние кои без притеснување се потпираат врз мишката на Семожниот. Истиот оној човек кој наредил: ‘Запри се, Сонце, над Гаваон, и ти, Месечино над долината Елонска’, со часови се молел пред Бога со наведено лице до земја во логорот кај Галгал. Луѓето од молитва се луѓе со духовна сила.“ – Патријарси и пророци, 508.
„Ова силно чудо сведочи дека над сѐ што е создадено владее Творецот.“ – Патријарси и пророци, 509.
б. Што е тоа што Господ повторно го направил, а укажува дека Тој управува со природата? Исаија 38:7,8. Што ќе направи Бог во иднина? Јов 38:22,23; Откровение 16:17,21.
Петок 22. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Дали некогаш сум бил измамен? Ако е така, како можам тоа да го избегнам?
2. Зошто Израелците им останале верни на измамниците кои ги измамиле?
3. Што претставува доказ во приказната за Гаваонците дека лажењето не се исплаќа?
4. Зошто Бог им подарил успех на Израелците во борбата со Аморејците?
5. Што ќе се случи во иднина, како показател дека Бог ги контролира елементите на природата?