6. Синдромот на Ахан

Сподели го ова:

6. лекција Сабота, 9. февруари 2019.

Синдромот на Ахан

„Потоа им кажа: „Внимавајте! Чувајте се од алчноста, зашто животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот.“ – Лука 12:15.

„Натрупувањето на богатство кај некои станува вистинска манија.“ – 4. Сведоштво, 490.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 493-498;
4. Сведоштво, 489-495.

Недела 3. февруари

1. ПРИЧИНА ЗА ПРОКЛЕТСТВО

а. Што направил Исус Навин кога Ахан конечно ја признал својата вина, откако Бог го издвоил како виновник во Израел? Исус Навин 7:22,23.

 

б. Зошто било важно да се обелоденат таквите гревови? Изреки 26:2

 

„Ахан добро знаел дека златото и среброто по кои се полакомил Му припаѓаат на Господа.“ – 3. Сведоштво, 269.
„Гревот на Ахан и донел несреќа на цела нација. Поради еден престапник, Божјо негодување ја погаѓа целата црква сѐ додека престапот не се најде и не се отстрани. Од влијанието на несовесните верници на црквата треба повеќе да се плашиме отколку од нашите отворени непријатели, неверници и богохулници. Тие го лишуваат Израел од Божјиот благослов и го ослабуваат Божјиот народ.
Кога црквата ќе наиде на тешкотии, кога постои студенило и духовно опаѓање, што на Божјите непријатели им дава можност да ликуваат, тогаш верниците, наместо со скрстени раце да ја оплакуваат таа жална состојба, треба да се запрашаат дали меѓу нив можеби не се наоѓа некој Ахан. Секој од нив понизно нека го испита своето срце, пронаоѓајќи ги скриените гревови што го отстрануваат од нив Божјото присуство.“ – Патријарси и пророци, 497.

 

Понеделник 4. февруари

2. АХАН БИЛ СМЕТАН ЗА ВИНОВЕН

а. Што Бог му наложил на народот да направи со Ахан? Исус Навин 7:24,25. Зошто неговата судбина е предупредување за сите нас кои живееме толку блиску до крајот на времето на милост?

„Кога конечно ќе настапи кризата… кога Бог ќе проговори во корист на Својот народ, тогаш оние кои постојано грешат, кои претставуваат мрачни облаци и кои непосредно стојат на патот на Божјото залагање за Неговиот народ, можеби ќе бидат вознемирени што со своето мрморење толку долго внесувале обесхрабреност во црквата и можеби, како Ахан во свое време, во страв и ужас ќе признаат дека згрешиле. Но толку предоцна даденото признание за нив самите нема да биде од никаква корист, иако можеби ќе претставуваат олеснување за Божјото дело. Признанието на таквите не доаѓа од осведочувањето за нивната вистинска состојба ниту од свеста колку нивниот начин на живеење му е одвратен на Бога.“ – 3. Сведоштво, 271.
„И денес има многумина кои не го сметаат Ахановиот грев за толку тежок и наоѓаат изговор за него, но тоа произлегува поради тоа што немаат претстава за природата на гревот и неговите последици, ниту пак ја разбираат Божјата светост и неприкосновеност на Неговите барања. Честопати се слушаат тврдења дека Бог не гледа толку ситничарски дали внимателно ги слушаме Неговите зборови, дали се покоруваме на сите заповеди од Неговиот свет закон или не; но записот за Неговата постапка со Ахан треба да ни послужи како опомена. Тој во ниту еден случај не го оправдува виновникот.“ – The Review and Herald, March 20, 1888.

б. Како и зошто Ахановата судбина треба да остане во сеќавање? Исус Навин 7:26. Што треба тоа да ни открие?

„Дали сте размислувале за тоа зошто сите кои биле поврзани со Ахан заедно со него биле предмет на Божјата казна? – Затоа што не биле учени и воспитувани во слад со упатствата дадени во Божјиот закон, како Негово мерило за правда. Ахановите родители својот син го воспитувале на тој начин што тој се чувствувал слободен да не ја послуша Божјата Реч, и начелата вткаени во неговиот живот го навеле и со своите деца да постапува на тој начин, па и тие се изопачиле. Влијанието на умот врз ум секогаш има повратно дејство; казната која покрај Ахан ги опфатила и неговите приврзаници, го открива фактот дека сите тие биле вклучени во престапот.“ – Коментари на библиски текстови, том 2, 998.

Вторник 5. февруари

3. ЗАМКАТА НА ЛАКОМОСТА

а. Што го навело Ахан на грев? Јаков 1:13-15.

 

„Кога видел скапоцена вавилонска ткаенина, Ахан не можел да ја совлада својата алчност. Дури и во мигот кога на смртта и гледал во очи, не можел да не каже: „Убава вавилонска наметка.“ Еден грев повлекува по себе друг, и тој присвоил од златото и среброто посветено на Господовата ризница закинувајќи го со тоа Бога во првите плодови на хананската земја.
Смртниот грев што го одвел Ахана во пропаст имал свој корен во алчноста еден од вообичаените гревови преку кој се преминува лекомислено. Додека другите гревови се истражуваат и се казнуваат, на алчноста ретко и се забележува Иако таа всушност е престап на десеттата заповед. Колку тој грев е голем и колку неговите последици се страшни, се гледа од случајот на Ахана.“ – Патријарси и пророци, 496.

б. Објаснете на кој начин злото на лакомоста претставува одрекување од верата. Евреите 13:5.

 

„Лакомството е зло што се развива постепено. Ахановата дрчност и незаситна желба за богатење се претвориле во навика која цврсто се вкоренила, така што речиси било неможно да се искорени. Иако уживал во тоа зло, сепак се вчудовидел при помислата дека со тоа ќе му нанесе несреќа на цел Израел; но гревот ја умртвил неговата совест и кога наишло искушението, тој паднал како лесен плен.
Зар не се греши и денеска наспроти исто толку свечените и јасни опомени? И нам исто така јасно и одредено ни е забрането да му попуштаме на лакомството како и на Ахана што му било забрането да присвои што било од пленот затечен во Ерихон…. Валканите траги на таа лоша склоност секаде се покажуваат. Во семејствата поради тоа настануваат неслоги и разделби; таа кај сиромасите предизвикува завист и омраза кон побогатите; таа доведува до свирепо угнетување на сиромасите од страна на имотните. А тоа зло постои не само во светот, туку и во црквата. Како и секаде дури и овде се наидува на себичност, на алчност и подвала, на запоставување на милосрдието и на братската љубов и на закинување на Бога „во десетокот и приносот“ (Малахија 3:8). Меѓу „редовните“ верници на црквата, кои дури се сметаат за „угледни и добро ситуирани“, за жал, се наоѓаат многу Ахани.“ – Патријарси и пророци, 496,497.

Среда 6. февруари

4. ДА СЕ ИЗБЕГНЕ ЗАМКАТА

а. Кои предупредувања против копнежот по нешто што не ни припаѓа допираат и до нас? Лука 12:15; 1. Јованова 2:15-17. На кој начин овој грев го спречува напредокот на Божјото дело?

„Таа сè поголема склоност за стекнување на земно богатство и себичноста која се раѓа од незаситната желба за добивка се постојани причини поради кои црквата ја губи својата духовност и Божјото одобрување. Кога и главите и рацете се постојано зафатени со планирање и мачни напори во стекнување на богатства, тогаш се заборава на должностите и обврските што ги имаме кон Бога и кон ближните.“ – 4. Сведоштво, 82.
„Наместо сѐ да дадат за Исуса, мнозина ја земале златната шипка и вавилонската наметка и ги сокриле во шаторот. Кога постапката на Ахан била доволна да го ослаби целиот израелски логор, зар треба да се чудиме што нашите напори носат толку малку успех, кога во секоја црква и речиси во секое семејство има по некој Ахан?“ – 5. Сведоштво, 157.

б. Кои други гревови, поврзани со лакомоста, Бог особено ги мрази? Изреки 6:16-19. Како Бог гледа на нас ако ги негуваме овие гревови?

„Разните гревови кои ги прават и одобруваат и оние кои за себе тврдат дека се христијани го навлекуваат Божјиот гнев на црквата. Во денот кога небесните книги ќе се отворат, Судијата нема да мора со зборови да ја изразува вината на престапникот, туку ќе биде доволно да упати само еден продорен поглед и секое дело и секоја трансакција во животот ќе оживее во сеќавањето на сторителот. За престапникот нема да мора, како во деновите на Исус Навин, да се трага од племе до семејство, туку тој со сопствени усни ќе го признае својот срам, својата себичност, алчност, нечесност, лага и измама. Гревовите на секој поединец, сокриени од луѓето, тогаш ќе бидат објавени како од “покрив.”
Црквата не треба толку да стравува од отворените престапници, неверници и богохулници, колку од влијанието на недоследните христијани. Тоа се тие поради кои црквата не прима Божји благослов, поради кои често е толку слаба и изложена на срам кој не може лесно да се избрише. Додека Исус Навин лежел со лицето на земја, излевајќи ја болката на својата душа пред Бога во агонија и горчливи солзи, Божјата заповед била: “Стани, што си паднал на своето лице?”.“ – 4. Сведоштво, 493.
„Неговиот Дух е ожалостен поради себичност, раскош, нечесност и измама со кои се служат и некои кои исповедаат побожност. Сето тоа придонесува Бог да не биде задоволен од Својот народ.“ – 4. Сведоштво, 491.
Четврток 7. февруари

5. ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО ТРГОВИЈАТА

а. Кое размислување може да ни помогне да го ставиме Бога и своите ближни пред своите природни желби за светска добивка? Изреки 15:3; Колосјаните 3:1-3.

„Обичајот во трговијата да се стекне претерана заработувачка, што во светот секаде се практикува, не треба да биде пример за вистинските христијани. Тие не треба да отстапуваат од совршената чесност, дури ниту во таканаречените ситници. Да се продаде некој продукт поскапо отколку што му е неговата вистинска вредност, користејќи се притоа со незнаењето на купувачот, тоа е измама. Незаконската заработувачка, ситничарските измами во трговијата, претерувањето, нелојалната конкуренција, продавањето поевтино од некој брат кој се труди чесно да работи – сето тоа ја валка чистотата на црквата и ја поткопува нејзината духовност.
Однесувањето во деловниот живот не е надвор од границите на Божјото владеење. Христијанството не е облека со која треба фалбаџиски да се покажуваме само во сабота и кога доаѓаме на богослужение, туку карактер кој треба да го манифестираме секој ден во седмицата и на секое место. Начелата на христијанството мораат да се почитуваат на работното место, било со членовите на нашата црква или со останатиот свет. Кај многумина љубовта кон привлечностите на овој свет ја фрла во сенка вистинската претстава за христијанските обврски.“ – 4. Сведоштво, 494.
„Ние исповедаме дека се раководиме според истите начела и дека нѐ вдахновува истиот дух… Да се потрудиме сите со својот пример да ги поттикнеме другите на несебично добродетелство.“ – 5. Сведоштво, 156, 157.

Петок 8. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што најмногу го спречува излевањето на Божјиот благослов и го слабее Неговиот народ?
2. Како јас можам да влијаам на младите како што Ахан влијаел на своите деца?
3. На кој начин можам да го избегнам закоренувањето на лакомоста?
4. Каква особена опасност постои кога купуваме или продаваме нешто што е веќе користено?
5. На кој начин можеме да ја избегнеме честата замка на копнежот за светска добивка?

Сподели го ова:

Слични објави