5. Агонијата во Гај

Сподели го ова:

5. лекција Сабота, 2. февруари 2019.

Агонијата во Гај

„Згрешија луѓето и ја прекршија Мојата заповед, што им ја дадов; украдоа од проколнатото, и го сокрија меѓу своите предмети; затоа синовите Израелови не можат да издржат пред непријателите свои и им свртеа грб, бидејќи тие потпаднаа под клетвата; нема да бидам веќе со вас, ако не го отстраните од вас проколнатото.“ – Исус Навин 7:11,12.

„Илјадници од нив загинале на бојно поле, бидејќи Бог не можел да го благослови и помага народот во кој се наоѓал само еден грешник, еден кој ја престапил Божјата заповед.“ – 3. Сведоштво, 239.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 3. Сведоштво, 263-272.

Недела 27. јануари

1. СКРИЕНА ОПАСНОСТ ДЕМНЕ

а. После падот на Ерихон, за кои скриени опасности Исус Навин не бил свесен? Исус Навин 7:1; Кои чекори се преземени во меѓувреме при освојувањето на Ханан? Исус Навин 7:2,3.

„Набргу по паѓањето на Ерихон, Исус Навин решил да го заземе Гај, еден малечок град во една котлина, неколку километри западно од јорданската долина. Затоа пратил извидници кои му донеле вест дека во тоа место нема многу жители и дека не е потребно да праќа голема војска за негово освојување.“ – Патријарси и пророци, 493.

б. Врз основа на извештајот на извидниците, колку војници биле пратени да го нападнат Гај? Исус Навин 7:4 (прв дел)? Какви грешки биле направени тогаш?

„Големата победа што ја извојувал Бог за Израелците ги сторила премногу самоуверени. Се чувствувале потполно сигурни затоа што Бог им ветил дека ќе им ја даде хананската земја, а го загубиле од вид фактот дека само Божјата помош може да им обезбеди успех. Дури ни Исус Навин, при своето планирање да го заземе Гај, не побарал совет од Бога.
Така Израелците почнале да ги преценуваат сопствените сили и да ги потценуваат своите непријатели. Очекувале лесна победа.“ – Патријарси и пророци, 493.

Понеделник 28. јануари

2. ПОВИК ЗА ИСПИТУВАЊЕ НА СРЦЕТО

а. Какво непријатно изненадување ги запрепастило Израелците во Гај? Исус Навин 7:4,5.

 

„И не прашувајќи се дали е Бог со нив, побрзале во напад. Напредувале до вратата на градот, но тука наишле на решителен отпор. Тогаш, обземени со паничен страв од големиот број и од совршената опрема на нивниот непријател, го свртиле грбот и безглаво побегнале низ стрмните падини на брегот… Иако загубата од триесет и шест луѓе не била толку голема, сепак поразот обесхрабрувачки дејствувал врз целата заедница… Тоа бил нивни прв вистински судир со Хананците, а што ќе се случи дури во поголемите битки што ги очекувале, кога бранителите на едно вакво малечко гратче ги натерале во бегство.“ – Патријарси и пророци, 494.

б. Како Исус Навин реагирал на трагедијата? Исус Навин 7:6-9. Што било погрешно во неговата реакција?

 

„Исус Навин покажал вистинска ревност за чест и слава на Божјото име, но сепак во неговата молитва биле на повидок сомнеж и неверување. Помислата дека Бог го пренел својот народ преку Јордан за да го предаде во рацете на незнабошците била погрешна и не му прилегала на водачот на Израел. Чувствата на Исус Навин на очај и недоверба биле неоправдани во поглед на големите чуда што Бог ги извршил за избавување на својот народ и повтореното ветување дека Тој ќе биде со нив.“ – The Signs of the Times, April 21, 1881.
„Вината и гревот паѓа на црквата во било кое место ако не ја пронајде причината за духовната темнина и тешкотиите кои постојат во неа. Црквата во ¬¬¬¬¬——— не може да биде жива и успешна сè додека нејзините членови не се пробудат, не го увидат и не го отстранат злото кое постои меѓу нив и кое спречува Божјиот благослов да се излие на нив.“ – 3. Сведоштво, 520.
„Црквите кои тврдат дека веруваат во вистината, кои се залагаат за Божјиот закон и го држат тој закон, нека се одвојат од секакво беззаконие. Секој член нека се спротивстави на искушенијата да практикува зло и да му се потчини на гревот. Црквата нека започне со делото на чистење пред Бога преку покајание, понизност и длабоко истражување на срцата, бидејќи се наоѓаме во несимболичен ден на помирување – сериозно време кое носи вечни последици.“ – Selected Messages, vol. 2, p. 378.
Вторник 29. јануари

3. БОГ ОДГОВАРА

а. На кој начин Бог милостиво одговорил додека Исус Навин се молел, прекорувајќи го за срамниот пораз на израелската војска во Гај? Исус Навин 7:10-12.

 

„Но нашиот милостив Бог не го посетил својот слуга (Исус Навин) со гнев поради оваа грешка (на очај и неверување). Тој благонаклоно го прифатил понижувањето и молитвите на Исус Навин, а истовремено нежно го прекорил поради неговото неверување, а потоа му ја открил причината за нивниот пораз.“– The Signs of the Times, April 21, 1881.

б. Што треба да научиме од оваа криза? 1. Коринтјаните 10:1-5,11,12.

(Исус Навин 7:10-12).
„Покажано ми е дека овде Бог ни предочува како Тој гледа на гревот меѓу оние кои тврдат дека се Негов народ, народ кој ги држи сите Негови заповеди. Оние кои ја имаа таа посебна чест да бидат сведоци на манифестирањето на Неговата сила, слично на старозаветниот Израел, а сепак се осмелуваат да не ги почитуваат Неговите упатства, неминовно ќе бидат предмет на Неговиот гнев. Бог сака да го поучи Својот народ дека непослушноста и гревот Нему му се одвратни и дека не смеат лесно да се земат. Тој ни покажува дека припадниците на Неговиот народ, кога меѓу нив ќе се најде грев, треба веднаш да преземат одлучни мерки тој грев да се искорени помеѓу нив, така што Неговото негодување не би ја погодило целата црква. Но ако оние кои се наоѓаат на одговорни положби преминуваат преку гревовите на поединците, Неговиот гнев нема да ги одмине, а одговорен за таквите гревови ќе се смета Божјиот народ како целина. Со своите постапки со Својот народ во минатото, Господ покажува постојана неопходност од чистењето на црквата од гревот и злото. Темнината која еден грешник ја распространува околу себе може да ја засолни Божјата светлина од целата црква. Кога припадниците на Божјиот народ ќе увидат дека ги опкружува темнина, а не ја знаат причината за тоа, тие треба сесрдно да Го бараат Бога во длабока понизност и самоиспитување сè додека не се разоткријат и отстранат гревовите кои го навредуваат и жалостат Светиот Дух…
Ако Божјите слуги рамнодушно преминуваат преку очевидните гревови кај Неговиот народ, тие со тоа всушност го оправдуваат и поддржуваат грешникот и виновни се исто како и тој, така што Божјото негодување нема да ги одмине и ќе се сметаат одговорни за гревовите на виновникот.“ – 3. Сведоштво, 265,266.

Среда 30. јануари

4. ДЕЛОТО ВО ОВИЕ ПОСЛЕДНИ ДЕНОВИ

а. Што му наредил Бог на Исус Навин да преземе во кризата која предизвикала слабост и пораз кај Гај? Исус Навин 7:13-15. Што можеме да научиме од ова?

 

„Иако можеби увидуваат дека беззаконие постои, тие не го чувствуваат тоа толку болно како што го чувствувал тоа Исус Навин ниту се подготвени да се понизат пред Бога поради опасностите во кои се наоѓаат душите.
Вистинските припадници на Божјиот народ, на кои им е во срцето Господовото дело и спасувањето на душите, секогаш ќе гледаат на гревот во неговата вистинска одвратност. Тие секогаш ќе се залагаат совесно и отворено да се осудат гревовите кои толку често го снаоѓаат Божјиот народ. Поради гревот на таканаречениот Божји народ, тие ќе чувствуваат најдлабока болка особено во завршното дело за црквата, во времето на запечатување на сто и четириесетте илјади кои треба да стојат без мана пред Божјиот престол…
Кој ги познава Господовите намери во ова време? Дали се тоа оние кои ги покриваат беззаконијата и гревовите меѓу таканаречениот Божји народ и кои во своето срце, иако не отворено, мрморат против оние кои го осудуваат гревот? Дали се тоа оние кои јавно застануваат против ваквите, а го сожалуваат престапникот? Не, навистина не! Ако не се покајат и не престанат – малтретирајќи ги оние кои го носат товарот на одговорности, а крепејќи ги рацете на грешниците во Сион – да прават сатански дела, тие никогаш нема да примат печат на Божјото одобрување.“ – 3. Сведоштво, 266,267.
„Ако водечките луѓе занемарат да ги разоткријат гревовите поради кои Бог не може да биде задоволен со Својата црква, тие стануваат одговорни за тие гревови.“ – 3. Сведоштво, 269.

б. На кој начин Исус Навин послушно го извршил Божјиот налог? Исус Навин 7:16-18.

 

„На Исуса му било дадено упатство како да го пронајде и да го казни престапот. За откривање на виновникот се послужиле со ждрепка. Престапникот не бил веднаш покажан зашто целата работа извесно време е оставена во неизвесност со цел сите да ја почувствуваат својата одговорност за гревовите што постоеле меѓу нив и на тој начин биле наведени да ги испитаат своите срца и да се понизат пред Бога…
„Ахан, синот на Хармие, од племето на Јуда, бил покажан со Божји прст како оној што го попречил Израел.“ – Патријарси и пророци, 494,495.
Четврток 31. јануари

5. ВЕРНИТЕ ВОДАЧИ ЗА ВРЕМЕ НА КРИЗА

а. Што го замолил Исус Навин Ахана да направи и каков бил Ахановиот одговор? Исус Навин 7:19-21. Како Бог гледа на рамнодушноста за време на криза? Софонија 1:12.

„Има многумина и такви на кои им недостига разумноста на Исус Навин и на кои не им е должност да ги бараат виновниците и неодложно да застануваат против гревовите кои постојат меѓу нив. Таквите не треба да ги попречуваат оние на кои лежи товарот на одговорности, стоејќи на патот на оние на кои тоа им е задача…
Покажано ми е дека признанијата кои некои помеѓу нас ги даваат или ги давале се слични на Ахановото признание. Тие ги кријат своите престапи и не се подготвени на доброволно признание сè додека Бог не ги разоткрие и дури тогаш ги признаваат своите гревови. Таквите продолжуваат по својот лош пат сè додека не станат потполно нечувствителни. Тие можеби дури и знаат дека како такви претставуваат товар за црквата… А сепак совеста не ги обвинува поради тоа. Тие не се подготвени, понижувајќи ги своите горделиви и бунтовни срца пред Бога и отфрлајќи ги своите гревови, да ја олеснат положбата на црквата. Божјото неодобрување ги следи сите припадници на Неговиот народ како целина и Тој нема да ја манифестира Својата сила во нивна корист сè додека меѓу нив постои грев и додека тоа го поддржуваат оние кои се наоѓаат на одговорни положби.
Оние кои во Божји страв се заложуваат црквата да се ослободи од ваквите пречки и препреки, исправајќи ги тешките застранувања и наведувајќи го народот да се гади од гревот, за да може да напредува во чистотата и да се слави Божјото име, секогаш ќе наидуваат на отпор на непосветените.“ – 3. Сведоштво, 270,271.
„Црквата како целина во извесна мера е одговорна за гревовите на своите членови, бидејќи не подигнувајќи го својот глас против постоечкото зло, таа всушност го одобрува.“ – 4. Сведоштво, 491.

Петок 1. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која била причината за поразот на Израелците кај Гај?
2. Во молитвата на Исус Навин упатена кон Бога, што било доказ на вера, а што откривало сомнеж?
3. Објаснете ја должноста на црквата на остатокот која сериозно се подготвува за второто Христово доаѓање.
4. Кои лидерски особини споменати во Книгата на Исус Навин, во 7. поглавје, би било добро да се развијат?
5. Зошто не смееме да го попречуваме неопходното дело на протерување на гревот од нашите редови?

Сподели го ова:

Слични објави