4. Победа во Ерихон

Сподели го ова:

4. лекција Сабота, 26. јануари 2019.

Победа во Ерихон

„Преку вера паднаа ѕидовите на Ерихон, откако беа обиколувани цели седум дена.“ – Евреите 11:30.

„Христос и Неговите ангели биле присутни додека ковчегот кружел околу Ерихон, конечно ги собориле масивните тврдини на градот и го предале Ерихон во рацете на Израелците.“ – Spiritual Gifts, vol. 4a, p. 102.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 4. Сведоштво, 159-164.

Недела 20. јануари

1. ЧУДЕСНА СРЕДБА

а. Додека Исус Навин во близина на Ерихон размислувал и се молел, кого го сретнал и какво прашање му поставил? Исус Навин 5:13.

„Повлекувајќи се од другите, за во тајна молитва да побара Божја помош и Негово водство, Исус Навин здогледал еден вооружен војник, со величествен раст со меч во раката. Исус Навин во него не препознал ниту еден од израелските војници, а сепак не личел ниту на непријател.“ – 4. Сведоштво, 159.

б. Кој бил воинот со возвишен раст и заповедничка појава што стоел пред Исус Навин? Какви инструкции му биле дадени тогаш? Исус Навин 5:14,15.

 

 

„(Исус Навин 5:13-15) Тоа не бил обичен ангел. Тоа бил Господ Исус Христос кој ги предводел Евреите низ пустината, сокриен во огнениот столб ноќе и во столбот од облак дење. Поради тоа на Исус Навин му било заповедано да ги собуе чевлите. “ – Spiritual Gifts, vol. 4a, p. 61.

Понеделник 21. јануари

2. ДОШЛО ВРЕМЕТО

а. Што ни е кажано за Ерихон и зошто неговите порти биле затворени? Какво убедување Бог му дал на Исус Навин? Исус Навин 6:1,2.

 

„Една од најголемите тврдини во земјата, големиот и богат град Ерихон, лежел непосредно пред нив… На работ на една плодна рамнина што обилувала со богатство на разни тропски плодови, овој горд град, со своите палати и храмови полни со раскош и пороци, зад своите масивни тврдини му пркосел на Израеловиот Бог. Ерихон бил еден од центрите на идолопоклоничката служба, посебно посветен на богињата на Месечината, Астарота. Тука било концентрирано сѐ што било најодвратно и најизопачено во верата на Хананците. Израелскиот народ, сеќавајќи се живо на страшните последици на својот неодамнешен грев со Ваал-Фегора, го посматрал овој незнабожечки град со одвратност и гроза.“ – Патријарси и пророци, 487.

б. Објаснете ги инструкциите за освојување на градот кои Бог ги дал преку Исус Навин. Исус Навин 6:3-8. На кој начин слогата и дисциплината ја издигнале верата на целиот народ?

 „Меѓутоа, токму планот на постојано повторување на оваа церемонија толку долго пред конечното рушење на градските ѕидини им пружал прилика за барање на вера меѓу Израелците.

Требало во душата што подлабоко да се втисне свеста дека нивната сила не е во човечката мудрост, туку единствено во Богот на нивното спасение. Така се навикнувале да не се потпираат на себе, туку само на својот божествен Водач.
Дали и оние кои денес тврдат дека се Божји народ се однесувале така во слични околности? Сигурно е дека многумина повеќе би се задржале на своите лични планови, препорачувајќи поинакви начини и средства за остварување на саканата цел. Со незадоволство би се согласиле на еден толку едноставен чин кој не им ветува никаква слава, освен заслуги на послушност. Исто така, тие би се прашувале дали е можно на таков начин да се освои еден толку утврден град. Меѓутоа, законот на должност е над сè друго и тој треба да го држи под своја власт секое човечко резонирање. Верата е жива сила која ги руши сите пречки, ја совладува секоја препрека и го подига своето знаме во срцето на непријателскиот табор.“ – 4. Сведоштво, 163.
Вторник 22. јануари

3. МИСТЕРИОЗНАТА ГЛЕТКА

а. Што правеле Израелците во првите шест дена додека кружеле околу Ерихон? Исус Навин 6:9-14. Како реагирале жителите на градот на оваа таинствена глетка?

 

„Прифаќајќи ја Божјата заповед, Исус Навин ја подготвил Израелската војска. Не смеел да биде преземен никаков напад. Едноставно требало само да кружат околу градот, носејќи го пред себе ковчегот на заветот и трубејќи во труби. На чело оделе борците, чета одбрани луѓе, не затоа за да победат со својата воена вештина и јунаштво, туку со послушност кон упатствата добиени од Бога. Зад нив чекореле седум свештеници со труби. Потоа, опкружен со сјаен ореол на Божја слава, на рацете на свештениците облечени во одежди што ја означувале нивната света служба, е носен ковчегот на Божјиот завет. Најпосле одела Израелската војска, секое племе под своето знаме. Вака изгледала поворката што го обиколувала осудениот град. Освен тупотот на силните чети и свечениот звук на трубите кои од околните ритчиња се одгласувале низ ерихонските улици, не се слушнал никаков друг глас. Кога обиколувањето околу градот било завршено, војската во тишина се вратила во своите шатори, а ковчегот на заветот бил однесен на своето место во шаторот за состанок.
Со чудење и со сѐ поголем немир стражарите на градот посматрале секое движење и ги известувале своите старешини. Тие не го сфатиле значењето на толку големото растурливо движење и парадирање; но кога виделе како силните чети секој ден со светиот ковчег на заветот и со свештениците го обиколуваат градот, оваа таинствена сцена го исполнила срцето на народот и на свештениците со страв. Повторно ги испитале своите силни тврдини и се увериле дека тие можат да му пркосат и на најсилниот напад. Мнозина ја исмевале помислата дека со ова едноставно обиколување може нешто да им се наштети. Други ја губеле храброста штом би ја виделе поворката која секој ден го обиколувала нивниот град.“ – Патријарси и пророци, 488.

б. Што се случило во седмиот ден? Исус Навин 6:15,16,20; Евреите 11:30.

 

„Колку лесно небесните чети ги срушиле ѕидовите кои за неверните извидувачи изгледале толку страшно и неосвоиво! Божјата реч била единствено оружје кое било употребено во таа прилика… Делото во потполност било препуштено во рацете на Семоќниот.“ – 4. Сведоштво, 161.

Среда 23. јануари

4. КОНЕЧНА ПРОПАСТ И НЕЈЗИНА ПРИЧИНА

а. Што заповедал Бог во врска со Ерихон, неговите жители и имоти? На кој начин клетвата на Исус Навин во книгата Исус Навин 6:26 се исполнила? Исус Навин 6:17-19,24,26. 1. Цареви 16:34.

„Израелците не ја извојувале победата со сопствена сила; освојувањето било целосно Господово; и како првите плодови на земјата, градот и сето она што се наоѓало во него, било посветено како жртва на Бога. Врз Израел требало да биде оставен впечаток дека при освојувањето на Ханан тие не требало да се борат за себе, туку тие едноставно биле орудија во извршувањето на Божјата волја; да не бараат богатство или самовозвишување, туку славата на Јехова, нивниот Цар. Пред заробувањето била издадена команда: ‘градот, со сè што е во него да падне во проклетство.’ ‘Чувајте се од проколнатото, за да не паднете и самите во проклетство… и со тоа на логорот и на синовите Израелови да им донесете проклетство’.
Сите жители на градот и сѐ живо што се наоѓало во него… морале да ги убијат со меч… Градот бил спален. Неговите палати и храмови, величествените згради со сите нивни раскошни украси, со богати драперии и скапоцени облеки, биле проголтани во пламенот… па дури и почвата на која бил изграден градот, била проклета. Ерихон никогаш веќе не бил изграден како тврдина. Над секого кој би се осмелил повторно да ги гради ѕидовите што ги урнала Божјата моќ, била изречена казна.“ – Патријарси и пророци, 491,492.

б. Зошто Бог изрекол такво проклетство врз Ерихон? Повторени закони 7:2-10; 20:16-18.

„Кога ќе ги разбиеш, сотри ги“ (Повторени закони 7:2). ‘Но, во градовите на оние народи што ти ги дава твојот Господ Бог да ги наследиш, не оставај ниту една жива душа’ (Повторени закони 20:16). На мнозина овие заповеди им изгледаат спротивни на духот на љубовта и милосрдието, на она на што се укажува во други делови на Библијата. Но, всушност, тоа е она што го барала бесконечната мудрост и правда. Населувајќи ги Израелците во Ханан, Бог имал намера тие како нација да развијат систем на владеење што би претставувало манифестација на неговото царство на земјата. Тие требало да бидат не само наследници на вистинската вера, туку и нејзините начела да ги рашират по цела земја. Хананците потонале во најодвратно и најниско незнабоштво, па било неопходно земјата да се очисти од она што навистина го спречувало исполнувањето на Божјите милостиви намери.
На жителите на Ханан им била дадена доволна можност за покајание.“ – Патријарси и пророци, 492.
Четврток 24. јануари

5. БОГ ЗНАЕ НАЈДОБРО

а. Што треба да научиме од освојувањето на Ерихон? Римјаните 15:4.

„Ние како народ, немаме доволно вера. Денес се малку оние кои се подготвени да ги послушаат упатствата кои ги дава Бог преку Своите избрани слуги како што го правеле тоа Израелците при освојувањето на Ерихон. Војсководецот на Господовата војска не се појавил пред собирот на Израелци, туку разговарал само со Исус Навин кој му го пренел на народот сето она што му било кажано. Ним им било препуштено да му веруваат или да се сомневаат во неговите зборови, да ги послушаат заповедите кои тој им ги давал во име на Војсководецот на Господовата војска, или пак да се побунат против сето тоа и да го оспорат неговиот авторитет. Тие не можеле да ги видат војските на ангели кои под водство на Божјиот Син оделе пред нив; и можеле да кажат: ‘Колку е бесмислено ова движење, колку е смешно ова секојдневно марширање околу градските ѕидини и едноставно трубењето во овновски рогови! Сето тоа, ниту може, ниту има било какво дејство на овие силни и високи тврдини.’…
На оние кои како Негови верни деца ќе Му се предадат со сето срце и во потполност ќе се потпрат на Него, Тој ќе им пружи помош во секоја нивна потреба…
Бог силно работи за оние кои Му се верни и кои ја прифаќаат Неговата реч без прашања или сомнежи. Оној Кој го претставува Величеството на небото, со војската на Своите ангели, ги срушил ѕидовите на Ерихон, без никаква човечка помош. Тука израелските војници немале ништо со што би можеле да се слават и да се издигнуваат себеси. Сè направила само Божјата сила. Затоа луѓето не треба да се воздигнуваат со намера да го водат делото по своите лични планови, туку понизно нека се потчинат на божествената волја и Бог повторно ќе ја оживее нивната сила и ќе им подари слобода и победа на Своите деца.“ – 4. Сведоштво, 162-164.

Петок 25. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој начин Исус Навин добил сила за извршување на важните планови?
2. Доколку Ерихон не би бил уништен, како би влијаело тоа на понатамошната историја?
3. Објаснете го таинствениот начин на кој Бог ја извојувал ерихонската битка.
4. Зошто Израелците требало да изгорат сѐ, а металите да ги дадат во ризницата?
5. Што би можело да ме спречи да го доживеам успехот кој може да го даде Бог?

Сподели го ова:

Слични објави