3. Да се држиме до Божјото присуство
3. лекција Сабота, 19. јануари 2019.
Да се држиме до Божјото присуство
„И им заповедаа на луѓето, велејќи: „Кога ќе го видите ковчегот на заветот на Господ, вашиот Бог, и (нашите) свештеници, левитите, како го носат, тргнете и вие од вашето место и одете по нив.“ – Исус Навин 3:3.
„Проучувајте ги внимателно искуствата на Израелците кога патувале за Ханан. Проучувајте го третото и четвртото поглавје од книгата на Исус Навин, каде што е забележана нивната подготовка за премин преку Јордан и влезот во ветената земја.“ – Коментари на библиски текстови, том 2, 994.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 483-486;
1. Сведоштво, 645-653;
Рани списи, 32.
Недела 13. јануари
1. ПОГЛЕД ФОКУСИРАН НА ВЕРАТА
а. Која јасна наредба ја издал Исус Навин во врска со ковчегот на заветот, симболот на Божјото присуство во Израел? Зошто? Исус Навин 3:2-4.
„Божјиот ковчег бил свет ковчег, направен да служи како складиште на десетте заповеди, законот кој го претставувал Бога. Тој ковчег е сметан за слава и сила на Израел. Знакот на Божјото присуство бил положен на него и ден и ноќ.“ – Spiritual Gifts, vol. 4a, p. 101.
б. Во која смисла, со преносно значење, ковчегот на заветот на небото е еднакво значаен за нас денес? Евреите 8:1,2; 9:3-5.
„Сатаната презел секакви мерки за да не допре до нас нешто што ќе нѐ опомене, укори или поттикне да ги отфрлиме нашите заблуди. Сепак постои еден народ кој ќе го носи Божјиот ковчег.“ – Сведоштво за проповедници, 411.
Понеделник 14. јануари
2. ПОДГОТОВКА ЗА ДА СЕ ВИДАТ ВЕЛИЧЕСТВЕНИ РАБОТИ
а. Како Исус Навин ги упатил Израелците да се подготват со цел на чудесен начин да го доживеат Божјото присуство? Исус Навин 3:5.
б. На кој начин денес Бог нѐ посветува или чисти, и што вклучува тој процес од наша страна? Тит 2:14; Матеј 16:24.
„Вистинска посветеност доаѓа преку развивање на принципот на љубовта…
„Посветеноста не е задача за еден момент, час или ден, туку за цел живот. Таа не се добива со среќен наплив на чувства, туку со непрекинато отфрлање на гревот и доследно живеење за Христа.“ – Делата на апостолите, 560.
„Вистинското посветување… не е ништо друго од секојдневно умирање на сопственото ‘јас’ и потполно потчинување на Божјата волја. Додека бев во Орегон, ми беше покажано дека некои од неодамна основаните цркви во Нова Англија се во опасност да подлегнат на отвореното влијание на таканаречената посветеност. Некои ќе бидат заведени од ова учење, додека други, сфаќајќи ја лажливоста на неговото влијание, ќе ја увидат опасноста која тоа ја донесува и ќе го отфрлат. Посветеноста која Павле ја препорачува била постојаната борба со своето ‘јас’. ‘Секој ден умирам’, нагласува тој. Тој почувствувал дека неговата волја и неговите желби се во постојан судир со барањата на должностите и со Божјата волја. И наместо да се поведува по своите склоности, тој ја прифатил Божјата волја, колку и да е таа непријатна, болна и распнувачка за неговата природа.“ – 4. Сведоштво, 299.
„Вистинската посветеност значи хармонија со Бога, единство со Него по карактерот. Тоа се постигнува по пат на потчинување на оние начела кои се препис на Неговиот карактер.“ – 6. Сведоштво, 350.
„Овде се истакнува библиската посветеност. Посветеноста не е само надворешен облик на побожност, туку вистинска светост која се добива со посредство на вистината. Тоа е всушност од срце прифатена вистина и практично применета во секојдневниот живот.“ – 1. Сведоштво, 339.
в. Кому му е заповедано да биде првиот кој би го ризикувал својот живот и безбедност поради народот? Исус Навин 3:6-8.
„Свештениците ја послушале наредбата од својот водич, и тргнале пред народот, носејќи го ковчегот на заветот. Наредено му е на мноштвото да се повлече, така што околу ковчегот имало три четвртини милји празен простор. Огромното мноштво народ со длабока заинтересираност ги набљудувало свештениците кои оделе кон брегот на Јордан. Ги гледале како со светиот ковчег постојано одат напред, кон бујната и разбранувана река, сѐ додека не ги наквасиле своите стапала во водата.“ – The Signs of the Times, April 7, 1881.
Вторник 15. јануари
3. СИГУРНОСТ ЗА БОЖЈОТО ПРИСУСТВО
а. Кое ветување е исполнето над посветените Божји луѓе кои во опасност го носеле светиот ковчег? Исаија 43:2.
„Четири небесни ангели секогаш го следеле ковчегот на сите негови патувања, да го чуваат од сите опасности и да ја исполнат секоја задача во врска со ковчегот.“ – Spiritual Gifts, vol. 4a, p. 102.
б. Какво ветување дал Бог во врска со носењето на ковчегот по надојдената вода во реката Јордан? Исус Навин 3:9-13.
в. Каква надеж Бог му дава на секој кој денес го носи бремето и верно чекори напред „носејќи го ковчегот“, ширејќи ја сегашната вистина во тешки и неизвесни околности? Псалм 126:4-6.
„Има моменти кога на Божјиот слуга поради недостаток на средства потребни за едена темелна и совесна работа, му изгледа потполно невозможно да го продолжи делото кое мора да се заврши. Некои пак, стравуваат дека со средствата кои им се дадени на располагање не можат да го извршат сѐ она што го сметаат за своја должност. Меѓутоа, ако продолжат напред со вера, спасението Божјо ќе се покаже и нивните напори ќе бидат наградени со успех. Оној кој им наложил на своите следбеници да одат по светот, ќе го поддржи секој работник кој покорувајќи се на Неговиот налог, настојува да ја објавува Неговата порака.
При изградбата на своето дело Бог не го направил патот пред своите слуги потполно лесен и јасен. Тој понекогаш ја тестира верата на својот народ создавајќи околности кои го присилуваат да чекори напред само со вера. Тој честопати ги доведува своите слуги до тешка и речиси безизлезна состојба и им налага да одат напред, иако им се чини дека веќе ги наквасиле своите нозе во брановите на Јордан. Во таквите моменти, кога молитвите на Неговите слуги се издигаат кон Него со најсилна вера, Бог пред нив отвора пат и ги носи ‘на пространо место’.“ – Делата на апостолите, 357.
Среда 16. јануари
4. БОЖЈАТА РАКА НА ДЕЛО
а. Каков неверојатен резултат следел откако свештениците безусловно ја послушале наредбата која им ја упатил Бог преку Исус Навин? Исус Навин 3:14-17; 4:18.
„Извршувајќи ја наредбата на својот водач, свештениците тргнале пред народот, носејќи го ковчегот на заветот. Израелската војска се подготвила да појде по тој симбол на божествено присуство. Кога мноштвото народ стигнало на брегот на реката Јордан и свештениците ги натопиле нозете во водата, водата се повлекла, така што оставила суво речно дно. Свештениците продолжиле да одат по исушеното дно на реката, носејќи го Божјиот ковчег, а по нив одел цел Израел. Според Божјата заповед, свештениците застанале на средината на речното корито сè додека целиот израелски народ не премине на спротивниот брег. Со тоа во мислите на народот на најсилен начин бил втиснат фактот дека Јордан бил повлечен од онаа иста сила која пред четириесет години на нивните татковци им го отворила патот преку Црвеното море.
Многумина кои како деца преминале преку Црвеното море, сега благодарение на слично чудо преминале и преку Јордан, како војници опремени за борба. Бидејќи целиот народ преминал на другиот брег, Исус Навин им наредил на свештениците да излезат од речното корито. Штом тие, носејќи го светиот ковчег, се нашле на сигурно, на спротивниот брег, Бог ја повлекол Својата моќна рака и насобраната вода се вратила во своето природно корито. Јордан продолжил несопирливо да тече, прелевајќи се преку своите брегови.“ – 4. Сведоштво, 157,158.
б. На кој начин и зошто ова чудо требало да се сочува во сеќавањата? Како ова влијаело на околните народи? Исус Навин 4:4-9; 21-24; 5:1.
„Исус, Синот Божји, кој бил придружуван од ангелите, одел пред ковчегот кога бил донесен пред Јордан и водата во Негово присуство се раздвоила. Христос, ангелите покрај ковчегот и свештениците стоеле во коритото на реката додека целиот Израел не поминал преку Јордан.“ – Spiritual Gifts, vol. 4a, p. 102.
„Кога аморејските и хананските цареви чуле дека Бог пред синовите Израелови ги запрел водите на Јордан, нивното срце се „стопи“ од страв.“ – Патријарси и пророци, 485.
Четврток 17. јануари
5. ДОЖИВУВАЊЕ НА НОВО ИСКУСТВО
а. Зошто обичајот на обрежување бил укинат, и зошто сега повторно е воведен? Исус Навин 5:2-9.
„Привременото укинување на обрезанието од времето на бунтот во Кадес, за Израелците било постојано сведоштво дека е раскинат нивниот завет со Бога. И прекинувањето на празнувањето на пасха, споменот на нивното ослободување од Египет, исто така претставувало очигледен доказ за тоа со какво негодување Господ ја гледа нивната желба да се вратат назад во земјата на своето робување. Но сега поминале годините на отфрленост. Бог уште еднаш ги признал Израелците како свој народ и знакот на заветот повторно е воспоставен. Чинот на обрезание е извршен над сите што биле родени во пустината.“ – Патријарси и пророци, 485.
б. Што друго ја одбележало победничката состојба на Израелците после чудото на реката Јордан? Исус Навин 5:10-12.
„Сега Господ на толку видлив начин ја покажал Својата моќ и Својата наклоност кон Израелците како кон Свој народ, отворајќи го Јордан пред нив, така што нивните непријатели веќе не можеле да ги срамат. Маната, со која дотогаш биле одржувани во живот, престанала да паѓа; бидејќи Израелците почнале да ги јадат плодовите на таа благословена Хананска земја, така што маната веќе не им била потребна.“ – 4. Сведоштво, 159.
Петок 18. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како јас денес треба да гледам на ковчегот на заветот?
2. Какво значење има подготвеноста на свештениците да зачекорат во реката Јордан?
3. Како јас денес можам да го носам ковчегот на заветот?
4. Зошто Бог понекогаш одлучува да прави чуда како оние на Јордан?
5. Зошто обредот на обрежување бил толку значаен за влез во ветената земја? Кој обред е значаен за нас додека копнееме за небесниот Ханан? Зошто?