2. Соработката води до успех

Сподели го ова:

2. лекција Сабота, 12. јануари 2019.

Соработката води до успех

„Со вера блудницата Раав не загина заедно со неверниците откако благонаклоно ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат.“ – Евреите 11:31.

„Во незнабожечкиот Ерихон една жена посведочила: ‘Зашто Господ вашиот Бог Тој е Бог горе на небесата и долу на земјата’ (Исус Навин 2:11). Познавањето на Господа кое на тој начин го стекнала, го издејствувало нејзиното спасение.“ – Пророци и цареви, 369.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 369,370, 375-378.

Недела 6. јануари

1. НАСОКИ ЗА ЕФИКАСНОСТ

а. Што покажува дека Исус Навин планирал ефикасно, како човек од акција? Исус Навин 1:10-15. Како тоа треба да нѐ мотивира нас денес?

  „Отворено и јасно да им ги изнесете плановите на сите оние на кои може да се однесуваат, воедно да се погрижите тие планови да бидат добро сфатени. Потоа од раководителите на различни оддели побарајте да учествуваат во спроведувањето на тие планови. Ако правилно го прифатиме и заинтересирано и со добра волја го применуваме овој докажан метод кој ги менува работите од корен, ќе избегнеме многу бескорисни работи, многу непотребни разногласија.“ – Евангелизам, 94.

„Работниците брзо нека се организираат во групи, двајца по двајца, и нека работат во Христов дух, следејќи ги Неговите планови. Дури и ако се вклучи некој Јуда во делото како работник, Господ ќе се погрижи за делото. Неговите ангели ќе одат напред и ќе приготвуваат пат. Пред тоа, секој голем град ќе ја слушне важната вест, и илјадници ќе ја запознаат вистината. Разбудете ги црквите, извадете ја свеќата од под садот.“ – Medical Ministry, p. 303.
Понеделник 7. јануари

2. СТЕКНУВАЊЕ ДОВЕРБА И ПОДДРШКА

а. Како племињата од источната страна на Јордан го увериле Исус Навин во својата доверба и поддршка? Исус Навин 1:16,17. Што можеме да научиме од ова?

„Христова волја е Неговите следбеници вистински да се зближат и обединат во црквата, да ги почитуваат редот, дисциплината и правилата и да се потчинуваат едни на други, правејќи се еден со друг поголеми од себе. Единството и довербата се битни услови за напредок на црквата. Кога секој член би се чувствувал потполно независен во своите постапки, одејќи секој по свој посебен пат, како црквата би можела да биде сигурна во миговите на опасност и ризик? Напредокот, па и самиот опстанок на црквата зависат од брзото, единствено делување и взаемната доверба на нејзините членови. Кога знакот на трубата, во некој критичен момент, ќе предупреди на опасноста која надоаѓа, неопходно е брзо и енергично делување, не задржувајќи се на опширно расправање за причините и последиците на настанатите тешкотии, бидејќи со тоа на непријателот би му се дала предност да добие во време, додека со единство во акцијата многу души би можеле да се спасат од пропаст.
Меѓусебната доверба на членовите е многу важна за напредок на црквата. Единството на акцијата е од посебно значење во тешките ситуации на верските кризи. Еден невнимателен чекор, една непромислена постапка може да ја турне црквата во тешкотии и искушенија од кои со години нема да може да се ослободи. Еден член исполнет со неверство може да му пружи прилика на непријателот да ѝ наштети на цела црква и поради тоа многу души да бидат загубени.“ – 3. Сведоштво, 445,446.

б. Како народот го охрабрил Исус Навин? Исус Навин 1:18. Како ние можеме да се инспирираме од оваа поддршка кон раководството?

„Да не се обесхрабруваме меѓусебно. Да се држиме заедно со цел секоја гранка од делото Божјо да ја направиме успешна. Ако некој дојде кај вас и ве обесхрабрува зборувајќи ви дека делото во некоја наша институција ја поминало секоја мерка, речете му: ‘Жал ми е што е така, ајде да им помогнеме ако имаат потешкотии.’ Зборувајќи на тој начин, можете да избегнете големо зло кое би се предизвикало доколку не сочувствувате со нив и одбивате да им помогнете на оние кои се можеби погрешно претставени. Да не ги обесхрабруваме никогаш дури ни оние кои работеле погрешно, однесувајќи се кон нив како да ни направиле непростлив грев.“ – Counsels on Health, p. 243.
Вторник 8. јануари

3. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ПРЕДИЗВИКОТ

а. Каков чекор презел Исус Навин кога при патувањето се соочил со вистинска препрека? Исус Навин 2:1 (прв дел).

„Израелците сѐ уште се наоѓале на источниот брег на Јордан, кој претставувал прва пречка при освојувањето на Ханан. Првата Божја порака упатена до Исус Навин гласела: ‘Стани, премини преку тој Јордан ти и сиот тој народ во земјата што им ја давам на синовите Израелови.’ Што се однесува до начинот на кој требало да ја преминат реката, не му било дадено никакво упатство. Меѓутоа, Исус Навин добро знаел дека кога Бог нешто ќе нареди, Тој секогаш ќе најде и начин неговиот народ да ја изврши таа заповед. Со таква вера бестрашниот водач веднаш почнал со подготовки за тргнување.
Неколку километри од другата страна на реката и токму спроти местото каде што Израелците биле улогорени се наоѓал големиот и добро утврден град Ерихон. Тој град всушност бил клуч за целата земја, па за Израелците значел сериозна пречка. Затоа Исус Навин пратил двајца млади луѓе да го извидат градот за да видат колку жители има, колку богатство и какви му се тврдините.“ – Патријарси и пророци, 482.

б. Објаснете ја состојбата на умот на жителите на Ерихон и заштитата која ја дала Рава кога нејзиниот живот бил во опасност. Исус Навин 2:1 (последен дел)-9.

„Ужасните казни со кои Бог ги погодил идолопоклониците во земјата од која биле изведени Израелевите синови, ги исполниле со страв и трепет сите народи кои живееле на земјата.“ – Коментари на библиски текстови, том 2, 994.

в. Што е тоа што Рава го препознала како клуч на силата на Израелците? Исус Навин 2:10,11.

„Преку учењето за жртвениот систем, Христос требало да биде воздигнат пред народите, така што секој кој што ќе го впери погледот во Него да може да живее. Сите оние, кои како Рава Хананката… се откажале од идолопоклонството за да Му служат на вистинскиот Бог, требале да се соединат со Неговиот избран народ.“ – Пророци и цареви, 19.
Среда 9. јануари

4. НЕЗНАБОЖЕЧКАТА ДУША ОБРАТЕНА

а. Со која постапка Рава ги заштитила Божјите луѓе, а за возврат и самата добила заштита? Исус Навин 2:12-20. На што нѐ поучува тоа?

 „Оние што бдеат над душите, кои потполно се посветиле на спасување на заблудените со тоа најдобро работат и за своето лично спасение.“ – 5. Сведоштво, 607.

б. Што направила таа жена како знак на договор? Исус Навин 2:21. Колку е важна соработката во делото Божјо?

 „Многу работи се кажани во однос на прашањето за неефикасноста на човечките напори, но сепак Господ не прави ништо за спасението на душите без соработка со човекот.“ – Fundamentals of Christian Education, p. 217.

в. Што треба да научиме од претпазливоста на извидниците? Исус Навин 2:22.

 „Има поединци кои својата склоност на лесноумност и непромислени чекори ги нарекуваат храброст и јунаштво. Тие непотребно се изложуваат на опасност и паѓаат во искушенија од кои само Бог со некое чудо би можел да ги изведе неповредени и неосквернати…

Драгоцените Божји ветувања не се дадени за да го храбрат човекот во пречекорување на дозволеното ниту тој да се повикува на нив кога без потреба се изложува на некоја опасност. Господ од нас очекува во својот живот понизно да се потпреме на Неговото провидение. ‘Патот на човекот не е во неговата власт ниту пак на човекот кој оди во власта да управува со своите чекори.’ Секоја напредок кој ќе го оствариме во својот живот и самиот наш живот е во Божји раце. Ништо не можеме да постигнеме без Божја дозвола и без Негов благослов. Тој со Својата рака може да ни подари успех во животот и благослов, а може и да ја подигне Својата рака против нас. ‘Предај му го својот пат на Господа и надевај се во Него, и Тој ќе те води.’ Од нас како Божји деца се бара да сочуваме цврст и доследен христијански карактер. Секогаш треба да бидеме разумни и понизни и внимателно да постапуваме со оние на кои тие доблести им недостигаат.“ – 3. Сведоштво, 482.

Четврток 10. јануари

5. НАДЕЖ И ОХРАБРУВАЊЕ

а. Што му пренеле извидниците на Исус Навин кога се вратиле во израелскиот логор? Исус Навин 2:23,24. Колку се важни зборовите на охрабрување?

„Оние кои секојдневно му се посветуваат на Бога му ја прикажуваат на светот и радосната страна на религијата. Не треба да го срамиме Бога со тажното прераскажување на тешкотиите кои нѐ погодуваат. Сите искушенија кои ги прифаќаме како воспитни средства во животот на крај ќе ни донесат радост. Целиот наш верски живот ќе биде исполнет со мирисот на добри дела и зборови кои воздигнуваат и облагородуваат. На непријателот му е драго кога ќе види потиштени души со наведнати глави. Тој сака неверниците да стекнат погрешен впечаток за нашата вера. Но Бог сака нашите мисли да бидат насочени кон нешто повозвишено. Тој сака секоја душа да триумфира во силата на Искупителот.“ – Коментари на библиски текстови, том 4, 1183.

б. Подоцна, кога Ерихон бил уништен, како Израелците се однесувале кон Рава и нејзиното семејство? Исус Навин 6:21-23,25. Што покажува дека победата со вера е возможна, без оглед на кој грев сме се предале? Евреите 11:31.

„Тврдокорноста на гревот е во волјата. Ставете ја својата волја на Божја страна; немојте себеси повеќе да се ставате во положба на грешница, блудница. Можеби не можете јасно да го видите избавувањето од гревовите кои сте ги негувале и постојано сте ги зајакнувале. Единствениот начин е да ги признаете своите гревови, да ги отфрлите и да верувате дека Исус ќе ви ги прости.“ – Testimonies on Sexual Behavior, Adultery, and Divorce, pp. 140, 141.

Петок 11. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како јас во своите мисионерски напори можам да бидам ефикасен како Исус Навин?
2. На кој начин можам да дадам поддршка како што му дале на Исус Навин племињата од источната страна на Јордан?
3. Каков е Божјиот план за „Рава“ со која секојдневно се среќаваме?
4. Зошто внимателноста и промисленоста се важни особини во време на опасност?
5. На кој начин мојот говор може да биде сличен на извештајот на извидниците?

Сподели го ова:

Слични објави