13. Последна поука на Исус Навин
13. лекција Сабота, 30. март 2019.
Последна поука на Исус Навин
„Одберете си сега, кому да му служите… а, пак, јас и домот мој ќе му служиме на Господ.“ – Исус Навин 24:15.
„Сè уште можеш да станеш потполно посветен на вистината или ако се одлучиш за спротивното, да продолжиш во мракот на неверството, да го изгубиш спасението и да изгубиш сè. Одејќи во светлина и извршувајќи ги налозите на Божјата волја, би можел да ја победиш својата себична природа.“ – 4. Сведоштво, 214.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 521-524;
5. Сведоштво, 361-368.
Недела 24. март
1. СВЕЧЕН СОБИР
а. Во кои околности Израел конечно уживал за извесно време? Исус Навин? На што Исус Навин тогаш ги потсетил луѓето? Исус Навин 23:1-4; 24:11-13.
б. Со какви уверувања Исус Навин ги охрабрувал? Исус Навин 23:5-10. Што треба да научиме од обврските кои се барани од нив?
„(Народот) не смеел да се здружи со идолопоклоничките нации на кои Бог конечно им одредил уништување. Им било забрането да покажат и најмало почитување кон паганските богови… Биле предупредени дека зближувањето со идолопоклонството ќе придонесе да го изгубат чувството на одвратност кон истото, и дека со тоа ќе предизвикаат Божјо незадоволство.“ – The Signs of the Times, May 19, 1881.
„Ако го љубиме светот и уживаме во неговите неправди, или пак учествуваме во бесплодните дела на мракот, пред себе сме ставиле нешто на кое ќе се сопнеме и во своето срце сме поставиле идоли. И доколку не ги искорениме со одлучни напори никогаш нема да бидеме признати како вистински синови и ќерки на Бога.“ – 5. Сведоштво, 164.
Понеделник 25. март
2. ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ПРОТИВ МЕШАНИ БРАКОВИ
а. Кое предупредување им го дал Исус Навин како клучен фактор кој би му помогнал на народот да ги намали шансите од пад во идолопоклонство? Исус Навин 23:11-13.
б. На кој начин се повторува ова свечено предупредување и во христијанската ера? 2. Коринтјаните 6:14-18; 1. Коринтјаните 7:39.
„Запрашај се: ‘Нема ли неверниот сопруг да ги одврати моите мисли од Исуса? Тој повеќе го сака задоволството од Бога. Нема ли да ме наведе да уживам во нештата во кои тој ужива?’ Патеката кон вечниот живот е стрмна и нерамна. Немој на себе да преземаш нови товари кои ќе го успорат твоето напредување…
Како Божјо дете, како поданик на Христовото царство, откупена со Неговата крв, како можеш да се поврзеш со некој кој не ги признава Неговите барања, кој не се наоѓа под власт на Неговиот Дух?… Ако другарот што го одбра е достоен во секоја друга смисла (што не е случај), тој сепак не ја прифатил вистината за ова време. Тој е неверник и небото не ти дозволува да стапиш со него во брачна врска. Не можеш да го занемариш тоа божествено барање, а притоа да не ја изложиш твојата душа на опасност.
Сакам да те предупредам на опасноста пред да биде премногу доцна. Ти ги слушаш ласкавите, пријатни зборови и наклонета си да веруваш дека сѐ ќе биде добро; меѓутоа не ги знаеш побудите кои ги поттикнуваат таквите убави зборови. Не можеш да ја согледаш длабочината на расипаноста скриена во срцето. Не можеш да погледнеш зад завесата и да ги забележиш стапиците што сатаната ги поставува за твојата душа. Тој сака да те наведе на пат на кој лесно би можел да ти пријде и против тебе да ги впери стрелите на своите искушенија. Не му дозволувај да те искористи ниту најмалку. Додека Бог влијае на умот на Своите слуги, сатаната работи преку децата на непокорноста. Меѓу Христос и Велијар не може да има договор. Меѓу тие две страни не може да има никаква хармонија. Поврзување со неверник значи поминување на сатанска почва. Со тоа ќе го ожалостиш Светиот Дух и ќе ја загубиш Неговата заштита. Можеш ли себеси да се дозволиш такви товари додека се бориш за вечен живот?…
Имај на ум дека пред тебе е можноста да го задобиеш небото и од друга страна, отворен пат кон пропаста која треба да ја избегнеш. Бог го мисли тоа што го кажува.“ – 5. Сведоштво, 340-342.
Вторник 26. март
3. ПОКОРНА ЉУБОВ КОН БОГА
а. Зошто нерационалната наклонетост претставува проблем? Исаија 5:18-21; Колосјаните 3:5,6.
„Една од најголемите опасности кои му се закануваат на Божјиот народ денес е поврзаноста со безбожниците, а особено склучување на брачни врски со неверниците. Кај многумина, љубовта кон она што е човечко ја затемнува љубовта кон божественото. Не почитувајќи ја јасната Божја заповед во овој поглед, тие го преземаат првиот чекор во погрешен правец; и се покажало дека чест резултат е целосно отпадништво. Секој пат се покажало дека извршувањето на својата волја наспроти Божјата заповед е многу опасно…
„Оние кои за свои пријатели и животни сопатници избираат такви кои го отфрлаат Христа и го газат Божјиот закон, на крајот стануваат слични на нив по сфаќање и по дух.“ – Коментари на библиски текстови, том 2, 1000.
„Во христијанскиот свет постои изненадувачка, загрижувачка рамнодушност кон поуките на Божјата реч во врска со браковите кои христијаните ги склопуваат со неверниците… Мажите и жените кои инаку се разумни и совесни ги затвораат ушите за совети. Тие се глуви на повиците и преколнувањата на пријателите, роднините и Божјите слуги… а кон пријателот кој е толку верен што упатува опомена, се постапува како кон непријател. Сето тоа е онака како што сатаната сака да биде. Тој плете мрежа на магии околу душата додека потполно не ја маѓепса и зашемети. Разумот дозволува уздите на самосовладувањето да паднат на вратот на телесните желби додека телесните желби не победат наполно; а жртвата ја разбудува животот на беда и ропство, но тогаш е предоцна.“ – 5. Сведоштво, 365,366.
б. Објаснете ја реалноста за причинско – последичните врски кои ги изнел Исус Навин. Исус Навин 23:14-16.
„Божјиот план за спасение на луѓето е совршен во сите подробности. Кога секој од нас верно би ја извршувал задачата која му е доверена, сѐ би било добро и во ред. Неслогата, несреќата, бедата и пропаста доведуваат до отпадништво на луѓето. Бог никогаш не ја употребува својата моќ за да ги угнетува луѓето кои ги создал со своја рака. Тој од човекот не бара ништо што тој не може да направи. Своите непослушни деца Тој никогаш не ги казнува повеќе отколку што е потребно за да ги доведе до покајание, или пак другите да ги заплаши за да не тргнат по нивниот пример. Побуната против Бога е неоправдана.“ – The Signs of the Times, May 19, 1881.
Среда 27. март
4. ИЗБИРАЊЕ НА БОГА
а. Кој повик Исус Навин му го упатил на народот? Исус Навин 24:1,14,15. Како ова може да нѐ инспирира и нас?
„Сѐ уште потајно обожавале идоли, и затоа Исус Навин сега настојувал да ги наведе на одлука со која тој грев ќе биде истеран од Израел. – Патријарси и пророци, 523.
„Ако Божјото одобрување значи нешто, тогаш значи сѐ. Така одлучил Исус Навин; и откако ја разгледал целата работа, тој одлучил да му служи со целото срце. И повеќе од тоа, тој ќе се потрудил и своето семејство да го наведе да тргне по истиот пат…
Често повторуваните предупредувања против идолопоклонството упатени до израелскиот народ не се ништо помалку значајни и применливи за нас денес. Сѐ што чувствата ги одвојува од Бога е идол, и нѐ води кон грев. Ако му служиме на Бога доброволно и радосно и ако службата на Бога ни е подрага од службата на гревот и на сатаната, ако го избереме Него и отворено и храбро се свртиме од сите привлечности и суети на овој свет, ќе уживаме во Неговите благослови во овој и ќе живееме засекогаш во Негово присуство во идниот живот.
Господ нашиот Бог e љубоморен Бог. Тој е праведен и свет. Со Него не можеме да се играме. Тој може да го прочита лажливото срце. Тој го осудува дволичниот ум. Тој ја мрази млакоста. Ние не можеме да му служиме и на Бога и на мамонот, бидејќи тие се сосема спротивни.“ – The Signs of the Times, May 19, 1881.
б. Што сакал Бог Израелците да сфатат за нивната слабост? Исус Навин 24:16-20. Дали сме ние поинакви од нив?
„Пред да може да се зборува за трајна реформа, тие морале да бидат наведени да ја почувствуваат својата целосна неспособност со сопствена сила да му служат на Господа. Тие го престапиле неговиот закон кој ги осудувал како престапници, не предвидувајќи начин за ослободување од таа осуда. И сѐ додека се потпирале врз својата сила и правда, не можеле да постигнат проштавање на гревот. Тие не биле во состојба да ги задоволат барањата на совршениот Божји закон и попусто се обврзувале дека ќе му служат на Господа. Само со вера во Христа можеле со сигурност да добијат проштавање на гревот и сила да го држат Божјиот закон. Морале да престанат својата надеж во спасение да ја темелат на своите сопствени напори. За да му бидат угодни на Бога, морале целосно да се потпрат врз заслугите на ветениот Спасител.“ – Патријарси и пророци, 524.
Четврток 28. март
5. ЧУДЕСНА ПОБЕДА
а. Каков извонреден завет во Божјите очи направил Израел пред Исус Навин? Што било направено во спомен на овој завет? Исус Навин 24:21-27.
б. На кој начин завршниот период од животот на Исус Навин бил исполнет со посветеност кон Бога? Исус Навин 24:29-31. Како народот реагирал на укорот кога во своето искуство се посомневал? Судии 2:1-5.
„Во светиот карактер на Исус Навин немало ниту една дамка. Тој бил мудар лидер. Неговиот живот бил целосно посветен на Бога…
Исус Навин бил сакан и почитуван од целиот Израел, а по неговата смрт народот долго време жалел по него.“ – The Spirit of Prophecy, vol. 1, pp. 351, 352.
„(Судии 2:1.2) Израелците се поклониле пред Бога во понизност и покајание. Тие принеле жртва и ги признале своите гревови пред Бога и еден на друг. Принесувањето на жртвата не би имало никаква вредност ако тие не покажале вистинско каење. Нивната понизност била вистинска. Христовата благодат делувала на нивните срца, кога ги признале гревовите и принеле жртва, и Бог им простил.
Тоа било вистинско будење, и помеѓу Израелците дошло до реформа и духовна обнова. Тие останаа верни на заветот што го склучиле со Бога. Израелците му служеле на Бога во сите денови на Исус Навин, и во сите денови на водечките луѓе кои го надживеале Исус Навин, кои ги виделе големите дела што ги направил Бог за нив.“ – Коментари на библиски текстови, том 2, 1001.
Петок 29. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Под кој услов Божјиот народ ја ужива Неговата посебна заштита?
2. Што се случува кога некое лице ќе дојде во искушение да стапи во брачна заедница со неверник?
3. Зошто е толку тешко да се вразуми еден човек кој е лудо заљубен во неверник?
4. Колку човечката природа е подложна на пад во идолопоклонство? Зошто?
5. Што го прави толку посебен периодот на Исус Навин и неговото водство во историјата на Израелците?