12. Градови за прибежиште

Сподели го ова:

12. лекција Сабота, 23. март 2019.

Градови за прибежиште

„Господ им е тврдина на угнетените, крепост во време на неволја.“ – Псалм 9:9.

„Градовите за прибежиште што ги одредил Бог за својот народ во старо време претставуваат симбол на прибежиштето што го наоѓаме ние во Христа.“ – Патријарси и пророци, 516.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 515-517.

Недела 17. март

1. МИЛОСРДНА ОДРЕДБА

а. Која одредба била донесена во корист на оние Израелци кои некого ненамерно убиле? Броеви 35:9-12; Исус Навин 20:1-3.

 б. Колку градови за прибежиште биле одредени? Каде се наоѓале тие? Броеви 35:13,14.

 в. Зошто и за кого биле потребни овие градови? Броеви 35:15.

 

 

„Оваа благородна грижа била неопходна поради стариот обичај на крвна одмазда, според кој убиениот требало да го одмазди неговиот најблизок роднина или наследник. Во случај кога вината била очигледна, не било неопходно да се чека на судска истрага. На одмаздникот му било дозволено да го прогонува убиецот секаде и да го убие каде што ќе го стигне. Господ видел дека тоа време не било погодно за укинување на овој обичај, и затоа се погрижил за безбедноста на оние што би направиле убиство не сакајќи.“ – Патријарси и пророци, 515.

Понеделник 18. март

2. ПАТИШТА ЗА ПРИБЕЖИШТЕ

а. Објаснете го распоредот на градовите за прибежиште и процедурите за нивно користење. Исус Навин 20:4-6. Каква разлика е направена помеѓу намерно и случајно убиство? Броеви 35:16-24.

„Градовите за прибежиште биле распоредени така што за половина ден одење можело да се стигне во еден од нив од кој било дел на земјата. Патиштата по кои се стигнувало до нив биле постојано одржувани во добра состојба; и насекаде по должината на патот морале да постојат патокази на кои со јасни и крупни букви бил испишан зборот „Прибежиште“, за бегалецот да не се задржува ниту еден миг. Тоа предимство можел да го користи секој, било тој да е Евреин, странец или дојденец. Но додека се внимавало да не биде убиен невин човек, се внимавало и на тоа виновникот да не ја одбегне казната. Случајот на секој бегалец морал подробно да биде испитан од надлежните власти и само ако се утврдело дека не е виновен за убиство за кое законите предвидуваат казна, можел да најде заштита во градот за прибежиште.“ – Патријарси и пророци, 515.

б. Кое било правилото во случај на судење за убиство? Броеви 35:30. Што се однесува до бројот на сведоци, кое правило било повторено и во Новиот Завет? Матеј 18:16; 1. Тимотеј 5:19. Зошто е ова толку важно?

„Личното непријателство, или можноста за лична корист, го уништувале угледот и корисноста на илјадници невини луѓе… Еден човек може да биде воден од предрасуди, себичност или злоба. Но, малку е веројатно дека двајца или повеќе луѓе ќе бидат толку изопачени за да се соединат и да сведочат лажно, па дури и да го сторат тоа, со поединечно испитување вистината би била откриена.
„Оваа милосрдна одредба содржи поука за Божјиот народ до крајот на времето. Самиот Христос на Мојсеј му ги дал овие експлицитни упатства за еврејскиот народ, а кога лично бил со своите ученици на земјата, големиот Водач ја повторил истата поука учејќи ги како да постапуваат со грешниците. Сведочењето на еден човек не можело ниту да ослободи ниту да осуди. Ставовите и мислењата на еден човек не можеле да ги решат спорните прашања… Бог на своите слуги им дал должност да се покоруваат еден на друг. Никогаш ниту во едно важно прашање не требало да владее расудувањето на еден човек. Взаемното уважување и почитување ја прави службата достоинствена и ги обединува Божјите слуги во блиски врски на љубов и хармонија.“ – The Signs of the Times, January 20, 1881.
Вторник 19. март

3. СИМБОЛ НА ПРИБЕЖИШТЕ

а. Под кои услови бегалецот бил заштитен од одмаздници, и кога бил слободен да си оди дома? Броеви 35:25-32.

 

 

б. Кое е нашето засолниште од смртта поради гревот? Псалм 9:9; Римјаните 8:1.

 

 

„Истиот милостив Спасител, кој во тоа време ги одредил овие градови како привремено засолниште, со пролевањето на својата сопствена крв за престапниците на Божјиот закон, обезбедил сигурно прибежиште во кое тие можат да најдат заштита од втората смрт. Не постои сила која од Неговите раце ќе ја истргне душата што ќе му се обрати нему за проштавање.“ – Патријарси и пророци, 516.

в. Како Христос нѐ поттикнува да бараме засолниште во Него? 2. Коринтјаните 6:1,2; Евреите 10:26,27. Како е тоа покажано преку примерот на градовите за прибежиште?

 

„Доколку бегалецот сакал да го сочува својот живот, не смеел да чека ниту за момент; семејството и работата морал да ги остави зад себе, немал време да се поздрави со своите најблиски. Неговиот живот бил во прашање, и секој друг интерес морал да биде жртвуван за една цел – да стигне до градот на прибежиште. На заморот не се мислело, на тешкотиите не им се обрнувало внимание. Тој ниту за момент не го забавувал темпото, сѐ додека не бил безбеден меѓу ѕидовите на градот.“ – The Signs of the Times, January 20, 1881.
„Ние живееме во последното време, и сатаната сега со извонредна сила работи со суптилни искушенија да ги совлада оние кои веруваат во Исуса. Но, ние треба да бидеме ‘чувани од Божјата сила’; затоа, во искушение, прославете го Бога, кој е моќен и кој ќе ја сочува верната душа за да нѐ биде совладана од страна на лутиот непријател…
„Лукавиот измамник е како оној што обвинува, како лажливец, мачител и убиец; но што и да ги наведе другите да кажат за вас, Господ може да му рече како што му рекол на Петар: ‘Оди од мене сатано’. Тој може да му каже: ‘Ти нема да стоиш помеѓу мене и душата која со смрт ја откупив.’“ – The Upward Look, p. 42.
Среда 20. март

4. СВЕТОСТА НА ЖИВОТОТ

а. Како Бог гледа на пролевањето на крвта? Броеви 35:33,34.

 

б. Кон кој обред се пристапувало кога некој бил пронајден убиен? Повторени закони 21:1-9. Што ни зборува ова за Божјата омраза кон гревот и за Неговиот однос кон човековиот живот?

 

„Откако не успеале да го најдат убиецот ниту со најдетална истрага, владетелите со оваа свечена церемонија требало да ја покажат својата одвратност кон злочинот. Тие не требале со негрижа и немарност да ги разгледуваат делата на виновниците. Во сите свои постапки требале да покажат дека влијанието на гревот се шири како зараза – дека остава дамка на секоја земја и на секој човек кој не се обидува со сите средства да го врати престапникот на патеката на правдата. Бог ги смета за непријатели оние кои со некој немарен чин го штитат виновникот. Тие во Неговите очи се учесници во злоделата на грешникот…
„Гревот може да се нарече со лажни имиња, да биде занемарен и оправдуван со оправдани изговори и наводно со исправни побуди, но тоа не ја намалува вината на виновникот во очите на Бога. Каде и да се најде, гревот е навредлив за Бога, и за него сигурно ќе стигне казна.“ – The Signs of the Times, January 20, 1881.

в. Што уште претставува убиство во Божјите очи? 1. Јованово 3:15.

 

„Секоја неправедна постапка што придонесува за скусување на животот духот на омраза и одмазда, или попуштањето на некоја страст што не наведува на неправедни постапки кон другите, или кај нас предизвикува само желба да им напакостиме „зашто оној кој го мрази својот брат е крвник човечки“; себичната немарност во помагањето на сиромасите и на оние што страдаат; секое попуштање себеси, непотребното лишување или претераната работа што би биле штетни за здравјето сето тоа, во поголема или помала мера, е престап на шестата заповед.“ – Патријарси и пророци, 308.
„Духот на омразата и одмаздата потекнува од сатаната и го навел да го убие Синот Божји. И оној кој во себе негува злоба и суровост го негува истиот дух, а неговиот плод ќе биде смртта.“ – Мисли од Гората на блаженствата. 56.
Четврток 21. март

5. НАДЕЖ ЗА СИТЕ ОНИЕ КОИ БАРААТ ПРИБЕЖИШТЕ

а. Што е предвидено денес за наше прибежиште? Јован 10:14,15.

„Истиот милостив Спасител, кој во тоа време ги одредил овие градови како привремено засолниште, со пролевањето на својата сопствена крв за престапниците на Божјиот закон, обезбедил сигурно прибежиште во кое тие можат да најдат заштита од втората смрт. Не постои сила која од неговите раце ќе ја истргне душата што ќе му се обрати нему за проштавање…
Сѐ додека не најде засолниште во Христа, грешникот е изложен на опасност од вечна смрт; и како бегалецот колебањето и безгрижноста што можеле да го лишат од единствената шанса и изглед на живот, така исто одложувањето и рамнодушноста можеле да доведат и до пропаст на душата. Големиот непријател, сатаната, секој престапник на Божјиот закон го следи во стапка, и сите оние кои не се свесни за својата опасност и не бараат сериозно заштита во вечното Засолниште, набргу ќе станат жртва.“ – Патријарси и пророци, 516,517.

б. Каква улога има црквата во овој процес? Јован 10:16.

„Црквата е Божја тврдина, Божји град-прибежиште во овој одметнички свет.“ – Делата на апостолите, 11.
„Божјиот Дух ги осведочува грешниците во вистината и ги доведува во прегратките на црквата. Проповедниците треба да го направат својот дел, но тие никогаш не можат да ја извршат онаа задача која ѝ е доверена на црквата. Бог бара од членовите на Својата црква да ги негуваат младите во вера и искуство, да ги посетуваат, не да озборуваат со нив, туку да се молат и да им упатуваат зборови кои се како “златни јаболки во сребрени садови.“ – 4. Сведоштво, 69.

Петок 22. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кој ги основал прибежиштата и за која цел?
2. Зошто е толку важно да има два или повеќе сведоци во секое судење?
3. Што треба да научиме од неопходноста за брзо заминување во градот засолниште?
4. Што нѐ учат овие градови за Божјата милост и правда?
5. Кога е Христос сигурно засолниште за мене? Како можам да им помогнам на другите да Го пронајдат?

Сподели го ова:

Слични објави