11. Решавање на недоразбирањето

Сподели го ова:

11. лекција Сабота, 16. март 2019.

Решавање на недоразбирањето

„Кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости.“ – Изреки 14:29.

„Со прекорите и со осудувањето уште никој и никогаш не бил ослободен од своето погрешно мислење и вратен на подобар пат.“ – Патријарси и пророци, 519.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 518-520.

Недела 10. март

1. ПРЕКУ СИЛНАТА РЕКА

а. Синовите Рувимови, Гадови и половина од синовите на Манасиевото племе биле населени на источната страна на реката Јордан. Какви проблеми се појавиле поради нивната голема оддалеченост од светилиштето? Исус Навин 22:10.

 

„(Овие племиња) сега заминувале во својата нова татковина која со реката Јордан била изделена од светињата; и Исус Навин со загрижено срце го гледал нивното одвојување, знаејќи колку тешко и сериозно во својата изолираност и осаменост ќе бидат искушувани да ги примат обичаите на незнабожечките племиња што живееле покрај нивните граници .
И додека мислите на Исуса Навина и на другите водачи сѐ уште биле исполнети со неспокојство и со мрачни наслутувања до ушите им допреле чудни извештаи. На Јордан, недалеку од местото на кое израелскиот народ на толку чудесен начин ја преминал реката, тие две и пол племиња изградиле голем олтар, сличен на олтарот, на жртвеникот, во Силом.“ – Патријарси и пророци, 518.

б. Како реагирале останатите племиња? Зошто? Исус Навин 22:11,12.

„Божјиот закон, под закана на смртна казна, забранувал воведување на какво било богослужение покрај службата во светињата. Кога споменатиот олтар би бил подигнат со таква цел, тој со самото свое постоење би ги одвраќал припадниците на овие племиња од вистинската вера.“ – Патријарси и пророци, 518.
Понеделник 11. март

2. СМИРУВАЊЕ НА ГНЕВОТ

а. Кога две и пол племиња источно од реката Јордан направиле олтар, каков мирен пристап ја смирил првобитната реакција на другите племиња? Исус Навин 22:13,14.

 

„Претставници на народот се собрале во Силом и во огнот на својата возбуда и негодување решиле веднаш да завојуваат против престапниците. Меѓутоа, под влијание на оние што биле попретпазливи, било решено прво да се пратат пратеници кои од претставниците на тие две и пол племиња ќе побараат објаснување зошто тие го сториле тоа. Така одбрале десет кнезови, од секое племе по еден. Тоа пратеништво го предводел Финес, кој кај Фегор се истакнал со посебна ревност.“ – Патријарси и пророци, 518.

б. Објаснете го барањето упатено кон источните племиња. Исус Навин 22:15-18.

 

„Тие две и пол племиња згрешиле кога без претходно објаснување почнале дело што дало повод за такви тешки сомневања и наслутувања. Сметајќи дека нивните браќа сториле тежок грев, пратениците при средбата истапиле со остар прекор. Ги обвиниле за бунт против Господа, опоменувајќи ги да се сетат како Бог ги казнил Израелците кога се клањале пред Ваал-Фегора.“ – Патријарси и пророци, 518.

в. На кое упатство укажувал Финес? Броеви 25:1-9. Што ние треба да научиме од духот кој тој го покажал кон своите браќа? Исус Навин 22:19.

 

„Во име на цел Израел, Финес им рекол на синовите на Рувим и Гад доколку не сакаат во оваа земја да бидат без олтарот, жртвеникот, слободно да дојдат кај другите браќа, од другата страна на Јордан, каде што ќе имаат наследство и исти права како и другите.“ – Патријарси и пророци, 518,519.
„Нам ни се потребни добра вера, побожност од срце и божествена мудрост во односот кон луѓето, не само да укоруваме, да се закануваме и да ги притискаме со долгогодишните страдања и доктрини, туку и да ги земеме заблудите во прегратките на верата и да ги принесеме на Христовиот крст.“ – Manuscript Releases, vol. 16, p. 339.
Вторник 12. март

3. ЗАЕДНИЧКО РАСУДУВАЊЕ

а. Каква сериозна споредба направиле племињата на западната страна од Јордан во поглед на олтарот изграден на источната страна на Јордан. Исус Навин 22:20. Што можеме да научиме од нивната погрешна ревност за она што е исправно?

 

„Секој христијанин треба да се чува од две крајности: попустливост при справувањето со гревот од една страна, и престрого осудување и неосновано сомневање од друга страна. Израелците кои покажале толку многу ревност во осуда на синовите на Гад и Рувим, имале на ум како во случајот на Ахан, Бог ги укорил дека не биле доволно внимателни да ги воочат и откријат гревовите што постоеле меѓу нив. Затоа одлучиле во иднина да дејствуваат брзо и одлучно; но во обидот да го сторат тоа отишле во спротивна крајност. Наместо да излезат пред браќата со обвинување и осуда, тие требало најпрвин во дух на учтивост и љубезност да ги испитаат фактите во настанатиот спор.“ – Коментари на библиски текстови том 2, 999.

б. Како синовите Рувимови, Гадови и половината од Манасиевото племе ја објасниле причината за подигање на олтар на источната страна на реката Јордан? Исус Навин 22:21-29.

 

„Во својот одговор обвинетите објасниле дека нивниот олтар не е подигнат со цел да биде и жртвеник, туку само да послужи како сведоштво дека и тие имаат иста вера како и нивните браќа во Ханан, Иако ги разделува реката. Се плашеле нивните деца во иднина да не бидат отстранети од светињата како да не се припадници на израелскиот народ. Тогаш овој олтар, изграден според мострата на Господовиот олтар во Силом, би претставувал очигледно сведоштво дека неговите градители исто така биле и поклоници на живиот Бог.“ – Патријарси и пророци, 519.

в. Како разумниот пристап во решавање на проблемите се покажал успешен? Исус Навин 22:30,31.

„Пратениците со голема радост го примиле ова објаснување и веднаш им однеле порака на оние што ги пратиле. Сите воени намери биле напуштени и народот се обединил радувајќи се и фалејќи го Бога.“ – Патријарси и пророци, 519.
Среда 13. март

4. МУДРОСТ ВО СМИРЕНОСТА

а. Што направиле децата Рувимови и Гадови за да откријат дека нивните намери во поглед на подигањето на олтарот на источната страна од Јордан биле чесни? Исус Навин 22:34.

 

„Тогаш синовите на Рувим и Гад врежале натпис на олтарот за да се знае зошто е подигнат: ‘Сведок е меѓу нас дека Господ е Бог’, рекле. На тој начин сакале да ги отстранат идните недоразбирања и искушенија.“ – Патријарси и пророци, 519.

б. Каква важна лекција треба да научиме од искуствата на овие племиња? Изреки 14:17,29; Јаков 1:19.

 

„Колку често поради обични недоразбирања настануваат сериозни тешкотии дури и меѓу оние што имаат најчесни намери; и ако нема учтивост и попуштање, можат да настанат тешки па дури и судбоносни последици…
Има луѓе кои се мошне чувствителни кога ќе се изнесе и најмала забелешка на сметка на нивното однесување, но премногу се строги во постапките кон оние за кои претпоставуваат дека се во заблуда.“ – Патријарси и пророци, 519.
„Силите на темнината ќе ја нападнат секоја душа, но не смееме да се соединиме со нечесниот во неговото дело и да постапуваме строго со слабите и заблудените, бидејќи со тоа ќе ги обесхрабриме и разочараме. Да бидеме сожаливи и сочувствителни едни кон други, и нека потече од нас влијание кое ќе лекува, поврзува и зацврстува, наместо да ранува и истребува. Премногу сме нагли… и често она за што мислиме дека е праведно, Господ во своите книги го запишува како угнетување… Да се сакаме меѓусебно, да бидеме учтиви и љубезни.“ – The Review and Herald, October 24, 1893.

в. Кои други начела треба да ги имаме на ум во постапките со нашите браќа? 1. Коринтјаните 13:4; Ефесјаните 4:32.

 

„Во сите свои работни, трговски и вообичаени меѓучовечки односи со ближните никогаш не заборавај дека постапуваш со Божја сопственост. Биди љубезен, чувствителен и учтив. Почитувај ги луѓето како Божји посед. Бидете кон другите нежни и учтиви.“ – Мојот живот денес, 235.
Четврток 14. март

5. КОГА СМЕ ЛАЖНО ОБВИНЕТИ

а. На што треба да се сетиме кога сме лажно обвинети? Каков став треба да заземеме? 1. Петрово 2:19-24; 4:14-16.

„Мудроста што ја покажале синовите на Рувим, Гад и Манасија треба не само да се пофали туку и да се следи. Додека искрено се труделе да ја унапредат вистинската вера, за нив погрешно се судело и биле строго прекорувани; па сепак, тие не возвратиле со иста мера. Пријателски, учтиво и стрпливо ги ислушале обвинувањата на своите браќа пред да се обидат да се бранат, и дури потоа убаво објасниле зошто го сториле тоа и целосно ја докажале својата невиност. Така на пријателски начин е отстранета тешкотијата што можела да има сериозни и тешки последици.
Оние што се во право, можат дури и кога се лажно обвинети да останат и спокојни и полни со обѕири. На Бога му е познато сѐ што луѓето погрешно го разбираат и погрешно го изнесуваат; и секој наш случај можеме со сигурност да го препуштиме во негови раце. Сите оние што нему му го доверуваат својот проблем, можат да бидат сигурни дека Тој ќе го реши исто онака како што ја пронашол кривицата на Ахана. Срцето со кое управува Христов дух ќе ја покажува онаа љубов која ‘долго трпи и милокрвна е.’“ – Патријарси и пророци, 520.
„Колку зло би се спречило доколку сите, кога ќе бидат лажно обвинети, ќе избегнуваат да се караат, а наместо тоа да користат благи, смирувачки зборови. Оние пак, кои во својата ревност да се спротивстават на гревот, се склони кон неправедни сомневања, треба да се трудат да имаат најповолно мислење за своите браќа и да се радуваат кога ќе се утврди дека не се виновни.“ – The Signs of the Times, May 12, 1881.

Петок 15. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кои опасности особено се изложени изолираните членови на црквата?
2. На кој пример треба да се сетиме дека еден смирен пристап би можел да даде подобри резултати во справувањето со другите?
3. Зошто чесниот и отворен разговор во Христов дух секогаш се исплати?
4. Со каков став треба да им се обратам на оние за кои мислам дека се во заблуда?
5. Ако чувствувам дека сум лажно обвинет, кое знаење ќе ме наведе да го предадам мојот случај во Божји раце?

Сподели го ова:

Слични објави