10. Почеток на животот во Ханан

Сподели го ова:

10. лекција Сабота, 9. март 2019.

Почеток на животот во Ханан

„И целата заедница на Израеловите синови се собраа во Силом, ја поставија таму скинијата на собранието, бидејќи земјата беше покорена од нив.“ – Исус Навин 18:1.

„Земјата во која ние патуваме во секој поглед е попривлечна во споредба со хананската земја. Израелците ги водела Божјата рака. Самиот Христос им ја опишал земјата во која тие ќе можат да најдат свој дом. Тој на сите начини сакал да ги поттикне да продолжат напред храбро и со надеж… Нив им биле потребни храброст и непоколеблива вера.“ – Review and Herald, November 29, 1881.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 512-518.

Недела 3. март

1. ХРАБАР ЧОВЕК

а. Пред да биде поделена земјата, како Халев посведочил за своето искуство од пред четириесет години? Исус Навин 14:6-9. Како и порано покажал храброст?

б. Што можеме да научиме од Божјото ветување за Халев? Броеви 14:22-24.

„Додека тие што се сомневаат зборуваат за неможностите, треперат од помислата на високите ѕидови и силните џинови, нека истапат напред верните Халевци кои имаат ‘друг дух’. Божјата вистина, која донесува спасение, ќе продре во народот, ако проповедниците и верниците не ѝ стојат на патот, како што правеле неверните извидници. Нашето дело бара залагање. Нешто мора да се направи за да се предупреди светот. Не смееме да дозволиме да се слушне ниеден глас кој ќе поттикнува себичност на сметка на мисионерската работа. Мораме со срце, душа и зборови да се посветиме на мисионерската работа, мораме да ги пробудиме умните и физичките сили. Целото небо е заинтересирано за нашата работа, а Божјите ангели се срамат заради нашите слаби напори.“ – 5. Сведоштво, 380,381.
Понеделник 4. март

2. ВЕРАТА НА ОСТАРЕНИОТ БОРЕЦ

а. Каква охрабрувачка молба изнел осумдесетгодишниот Халев? Исус Навин 14:10-12. Како неговата неверојатна храброст и доверба во Бога претставуваат инспирација за нас?

 

„Мораме да ја зголемиме нашата ревност и енергија, и талентите кои за’рѓале заради неактивност мора да ги направиме делотворни. Гласот кој вели: ‘Чекај, не дозволувај да те оптоварат со должности’ е гласот на кукавичките извидници. Нам денес ни се потребни Халевци, кои ќе истапат во први редови, водачи на Израел кои со охрабрувачки зборови силно повикуваат на непосредна активност. Кога себичните љубители на удобност и паничарите, плашејќи се од високите џинови и недостапните ѕидови, бунтовнички повикуваат на повлекување, нека се слушне гласот на Халевци, па дури и ако кукавиците стојат со камења во рацете, подготвени да ги каменуваат заради нивното верно сведоштво.“ – 5. Сведоштво, 383.

б. Како било благословено верното барање на Халев? Исус Навин 14:13-15.

„Верата на Халев и сега била исто онаква како и тогаш кога со своето сведоштво им противречил на лошите извештаи на десеттемина извидници. Тој верувал дека Бог, според даденото ветување, ќе му го предаде Ханан на својот народ и со таа вера непоколебливо и ‘целосно се држеше за Господа’. Тој, заедно со својот народ, ги издржал сите долги талкања низ пустината и ги преживеал сите разочарувања и сите тешкотии што ги создавале виновниците; па сепак, не се жалел, туку ја славел и фалел милоста и добрината на Оној кој го сочувал и го одржал во пустината додека неговите браќа пропаѓале. Господ го одржал во најголемите патила, опасности и несреќи претрпени во текот на талкањето низ пустината, во сите воени години откако влегле во Ханан, па и сега, кога веќе имал повеќе од осумдесет години, неговата сила не била намалена. Тој за себе не ги барал оние области што веќе биле освоени, туку токму ова место за кое извидниците, повеќе отколку за кое било друго, тврделе дека е непреземливо. Со Божја помош тој сакал да се фати во костец токму со таа сила чиишто џиновски тврдини ја поколебале верата на Израел. Халев тоа не го барал затоа што бил жеден за слава или за величење. Стариот храбар воин сакал на народот да му даде пример со кој Бог ќе биде прославен, а племињата охрабрени целосно и до крај да ја покорат земјата што нивните татковци ја сметале за неосвоива.“ – Патријарси и пророци, 512,513.
Вторник 5. март

3. ДЕЛОТВОРНА ВЕРА

а. Објаснете како храбрата вера на Халев била покажана во неговите дела, дури и во неговата старост. Исус Навин 15:13,14.

 

 

„Халев го примил наследството за кое неговото срце копнеело четириесет години и, верувајќи дека Бог ќе биде со него, ги истерал ‘од таму … трите Енакови синови.’ Откако на тој начин си обезбедил имот за себе и за својот дом, неговата ревност не попуштила. Тој не се сместил удобно да ужива на своето наследство, туку ја продолжил борбата и освојувањето во полза на нацијата и на слава на Бога.“ – Патријарси и пророци, 513.

б. Објаснете ја разликата во искуството на Исус Навин и Халев наспроти искуството на неверните извидници. Броеви 14:30-32; 1. Коринтјаните 10:5.

 

 

„Кукавиците и бунтовниците пропаднале во пустината, но Халев и Исус Навин, кои својата должност како извидници ја извршиле верно доживеале да јадат грозје од потокот Есхол. Секому му било дадено според неговата вера. Неверниците гледале како нивните стравувања се исполнуваат. И покрај Божјото ветување, тие тврделе дека Ханан не може да се освои, и затоа не го наследиле. А оние што имале доверба во Бога, и кои помалку гледале во навидум непремостливите тешкотии, а повеќе во силата на својот семожен Помошник, влегле во добрата земја.“ – Патријарси и пророци, 513.

в. Што сака Бог да сфатиме за силата на верата? 1. Јованово 5:4.

 

„Сè е можно на тој што верува, и што и да бараме во своите молитви ќе добиеме, ако веруваме во тоа. Таквата вера ќе продира низ најгустата темнина и ќе донесе зраци на светлина и надеж на свенатите и очајни души. Ако ја немаме таа вера, ќе бидеме заблудени, заплашени и неповерливи кон сите. Бог ќе направи големи дела за својот народ ако тој потполно се потпре на Него.“ – 2. Сведоштво, 140.
Среда 6. март

4. ЗАЕДНИЧКО НОСЕЊЕ НА ТОВАРОТ

а. Кои племиња се наоѓале на источната, а кои на западната страна на Јордан? (За полесно објаснување на поделбата помеѓу дванаесетте племиња погледнете во библиската мапа). Броеви 34:14,15; Исус Навин 13:7,8.

 

 

„Две израелски племиња, племето на Гад и на Рувим и половина племе на Манасија, примиле свое наследство уште пред да ја преминат реката Јордан. Пространите висорамнини и богатите шуми на Галад и Васан, кои на тие пастирски племиња им нуделе големи пасишта за нивните стада, нуделе привлечности какви што не можеле да се најдат ниту во самиот Ханан. Сакајќи да останат тука, припадниците на овие две и пол племиња се обврзале да приготват соодветен број вооружени луѓе што требало, заедно со своите браќа да преминат преку Јордан и да им помагаат во битките за ослободување на земјата сѐ додека и тие не се доберат до свое наследство. Така обврската била верно исполнета. Кога другите десет племиња влегле во Ханан, ‘и синовите на Рувим и Гад и половина племе на Манасија преминаа… околу четириесет илјади вооружени за борба преминаа пред Господа кон градот Ерихон за да се борат’ (Исус Навин 4,12.13). Четири долги години храбро се бореле со своите браќа. А потоа настапило време да се вратат во земјата на своето наследство. И како во борбата што биле рамноправни со своите браќа, така рамноправно го поделиле и пленот и се вратиле ‘во своите шатори со многуброен добиток, со многу сребро, злато, месинг, железо и облека.’ Сето тоа требало да го поделат со оние што останале дома, кај своите семејства и кај своите стада.“ – Патријарси и пророци, 517,518.

б. Каде се наоѓал логорот на израелскиот народ? Исус Навин 4:19; 10:6 (прв дел).

 

 

„(Во првиот логор во Ханан) ‘Исус го обрежа сиот народ.’ ‘И синовите Израелови, престојувајќи во логор во Галгал, славеа Пасха…’ И Господ му рекол на Исуса Навин: ‘Денеска го симнав од вас египетскиот срам’, и како спомен на тоа, местото на нивниот логор е наречено Галгал, ‘симнува’ (симнување на срамот, заб. на прев.).“ – Патријарси и пророци, 485,486.
Четврток 7. март

5. НОВ ЛОГОР

а. Откако молбата на Јосифовите деца била одобрена, каде бил преместен шаторот за состаноци? Исус Навин 18:1,10. Зошто? Колку долго останал таму?

„До тогаш Галгал бил главен национален центар и тука се наоѓал шаторот за состанок. А тогаш шаторот за состанок требало да се пренесе во она место кое било одредено за негово постојано седиште. Тоа бил Силом, едно малечко место во делот на Ефрема. Силом се наоѓал во централниот дел на земјата па на сите племиња им бил лесно пристапен. Тој предел на земјата бил веќе потполно ослободен, така што поклониците немале од што да се плашат, ниту пак некој ги вознемирувал. ‘И целиот народ синовите Израелови се собраа во Силом и ја поставија таму скинијата на сведоштвото, бидејќи ја покорија земјата.’ Кога ковчегот со шаторот за состанок е пренесуван од Галгал, племињата кои сѐ уште биле улогорени пошле по него и се сместиле во близината на Силом. Тука останале сѐ додека не се раселиле секое на своето наследство.
Ковчегот на заветот останал во Силом триста години, сѐ додека, поради гревот на домот на Илија, не паднал во рацете на Филистејците и кога Силом бил разурнат; ковчегот на заветот никогаш веќе не бил вратен во шаторот за состанок сместен во Силом, и службата на светињата најпосле била преместена во храмот подигнат во Ерусалим.“ – Патријарси и пророци, 514.

б. Која корисна пракса подоцна била воспоставена во Силом? Судии 21:19.

„Празниците на Израелците исто така биле важно средство за воспитување. Во секојдневниот живот семејството било и школо и црква, а родителите биле учители и на световно и на верско поле. Но, три пати годишно било одредено време и за општествени средби и за богослуженија. Овие состаноци на почеток се одржувале во Силом а подоцна и во Ерусалим.“ – Воспитување, 41,42.

Петок 8. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Бог рекол дека Халев имал ‘друг дух’, подесен за хананската земја?
2. Како можам да развијам став многу повеќе сличен на Халевиот отколку ставот на Јосифовите деца?
3. Што треба да сфатам за верата, што можеби не сум ја видел претходно?
4. Каква вера покажале племињата источно од Јордан?
5. Наведи некои од благословите примени во Силом.

Сподели го ова:

Слични објави