9. Слабост во силата

Сподели го ова:

9. лекција Сабота, 3. март 2018.

Слабост во силата

„Туку облечете се во Господ Исус Христос, и грижата за телото не претворајте ја во страсти.“ – Римјаните 13:14.

„Физички (Самсон) бил најсилниот човек на земјата, но во самоконтрола, морален интегритет и цврстина, тој бил меѓу најслабите.“ – The Signs of the Times, October 13, 1881.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 563-568.

Недела 25. февруари

1. ЖЕТВА НА ОНА ШТО Е ПОСЕАНО

а. Кои горки плодови веднаш станале очигледни во бракот на Самсон со неверничката? Судии 14:7,10,20.

„Тој (Самсон) не се прашал дали тој брак ќе му помогне подобро да го прослави Господа или ќе го доведе во таква положба во која не ќе може да ја оствари својата животна задача. Бог им ветил мудрост на сите оние кои пред сѐ се стремат него да го прослават, но такво ветување нема за оние што настојуваат да ги задоволат само своите желби…

При свадбената свеченост Самсон стапил во интимни односи со оние што го мразеле израелскиот Бог. Секој што доброволно стапува во такви односи, ќе биде присилен во извесна мера да се прилагоди кон обичаите и навиките на новото друштво. На тој начин поминатото време е полошо отколку пропуштено. Се мисли и се зборува само за она што е насочено да ги урне бедемите на начелата и да ја ослаби тврдината на душата.

Жената заради која Самсон ја престапил Божјата заповед за да ја добие, му се покажала неверна уште пред да биде завршена свадбената свеченост. Разјарен од нејзината вероломност, Самсон ја напуштил за извесно време и сам се вратил дома. А подоцна, кога се смирил и се вратил да ја земе жена си, таа веќе се омажила за друг.“ – Патријарси и пророци, 563.

Понеделник 26. февруари

2. ЧОВЕШТВОТО СЕ СПРОТИВСТАВУВА НА БОЖЈАТА МИЛОСТ

а. Како Самсоновата одмазда на Филистејците покажува пример на уникатна сила која Бог му ја дал за избавување на Израел? Судии 15:4-8,13-15.

б. Колку долго Самсон владеел како судија во Израел? Судии 15:20. Како народот покажал дека човечката природа често ги попречува плановите на Бога?

„Кога Израелците би биле подготвени да се согласат со Самсона и да ја искористат неговата победа, би можеле уште тогаш да се ослободат од ропството на своите угнетувачи. Но тие се понеле кукавички. Ја запоставиле задачата што им ја доверил Бог и наместо да ги истераат незнабошците, тие ги прифатиле нивните понижувачки обичаи, ја одобрувале нивната свирепост, па дури и ја поддржувале нивната неправда сѐ додека не се свртела директно против нив. А кога и сами потпаднале под власт на угнетувачите, ропски ги прифатиле понижувањата што можеле да ги избегнат да му се покориле на Бога. Дури и кога Бог им подигнувал ослободител, тие го напуштале и често се соединувале со своите непријатели.“ – Патријарси и пророци, 564.

в. И покрај отпадништвото на Самсон, како Бог му укажал милост? Судии 16:1-3.

„Самсон ја престапил Божјата заповед со тоа што зел жена Филистејка и повторно се осмелил да потоне во сетилна страст и тоа меѓу тие свои смртни непријатели. Потпирајќи се врз својата голема сила која на Филистејците им влевала толку голем страв, решително се упатил во Газа кај некоја блудница. Дознавајќи за неговото присуство, тамошните жители посакале да му се одмаздат. Нивниот непријател се наоѓал меѓу ѕидовите на еден од нивните најсилни градови. Затоа биле сигурни во својот успех и само го чекале утрото за да го зголемат својот триумф. Околу полноќ Самсон се разбудил. Гласот на совеста го обвинувал и при помислата дека го престапил својот завет како назиреј немал мир. Но, и покрај тоа што сторил грев, Божјата милост уште не му била скусена. И овој пат неговата чудесна сила му помогнала да се ослободи.“ – Патријарси и пророци, 565.

Вторник 27. февруари

3. ВРТЛОГ НА ПРОПАСТА

а. Во кој грев Самсон се заплеткал? Судии 14:4-6; Галатјаните 6:8. Како овој грев довел до негова пропаст?

„Тој не се осмелувал веќе да се врати меѓу Филистејците, но не престанал да паѓа пред сетилните задоволства кои се заканувале да го уништат. “Потоа засака девојка на потокот Сорик“, недалеку од неговото родно место. Се викала Далида, што значи „растурница“. Долината Сорик била прочуена по своите лозја. И тоа било едно искушение за назирејот што талкал и кој веќе почнал да пие вино и на тој начин ја скинал и втората алка во синџирот што го врзувал за чистотата и за Бога. Филистејците внимателно следеле сѐ што правел нивниот непријател и кога се спуштил дотаму повторно да стапи во недозволена врска, решиле да го упропастат со помош на Далида.

Филистејците во долината Сорик пратиле пратеништво составено од најугледни луѓе од секоја област на нивната земја. Тие не се осмелувале Самсона да го фатат додека во него била неговата голема сила, но цел им била, ако некако е можно да ја дознаат тајната на неговата сила. Затоа ја поткупиле Далида да дознае и да им открие.“ – Патријарси и пророци, 565.

б. На кои предупредувања треба да обрнеме внимание од надолната спирала во која Самсон паѓал? Изреки 5:21,22; 7:10,22,23; Римјаните 13:14.

„Самсоновата залуденост изгледала речиси неверојатна. Во почетокот тој не бил така целосно маѓепсан за да ја открие тајната; но тој намерно одел во мрежата на својата предавничка, а таа со секој нов потез сè посилно ја стегала својата мрежа околу него.

Во друштвото на оваа волшебница, Самсон како судија во Израел ги трошел своите часови кои требало најсвето да ги посвети на благосостојбата на својот народ. Но, слепите страсти кои го прават дури и најсилниот слаб, стекнале контрола над разумот и совеста.

Самсон во својата опасност го имал истиот извор на сила како и Јосиф. Тој можел да го избере вистинското или погрешното, но наместо да се фати за силата на Семожниот, дозволил со него да загосподарат дивите страсти. Така неговите морални и умни сили станале изопачени. Бог го повикал Самсона да одигра мошне одговорна, чесна и корисна улога во животот, но тој прво морал да ја научи и да ја совлада основната лекција – да се покорува на Божјите заповеди.“ – The Signs of the Times, October 13, 1881.

Среда 28. февруари

4. НА ДНОТО НА ЈАМАТА

а. Кои горчливи резултати ја следеле духовна слабост на Самсон? Судии 16:15-21.

„Кога му ја пресекле косата Далида прва почнала да го мачи и да му задава болка за да ја провери неговата сила, зашто Филистејците не се осмелувале да му се приближат сѐ додека потполно не се увериле оти неговата сила навистина исчезнала. Тогаш го фатиле, му ги извадиле двете очи и го одвеле во Газа. Таму го оковале во синџири и го присилиле да работи тешки работи.

Каква промена за човекот кој бил судија и заштитник на Израел! сега немоќен, слеп, заточен и понижен до таа мера да работи тешки ропски работи. Малку по малку тој ги престапувал и ги погазил условите на својот свет позив. Бог со него долго имал трпение, но кога толку длабоко потонал во грев и ја предал својата тајна, тогаш и Бог отстапил од него. Во неговата долга коса немало сила, но таа била знак на неговата преданост на Бога; и кога Самсон и тој симбол го жртвувал заради задоволување на своите страсти, ги проиграл и благословите што биле обележани со тој знак.“ – Патријарси и пророци, 566.

б. Како може Самсоновиот одговор во најобесхрабрувачкиот час во неговиот живот на сите да ни даде надеж? Лука 5:32.

„Во своите патила и понижување, како играчка во рацете на Филистејците, Самсон како никогаш порано ја сфатил и ја увидел својата слабост; и неволјата го навела на покајание.“ – Патријарси и пророци, 566.

 

в. Што почнало да се случува со Самсон во физички поглед, како знак на Божјата прекрасна милост кон грешниците? Судии 16:22. Кое чувство почнало да го обзема Самсона? Марко 9:24.

„(Самсоновата) коса почнала постепено да расте, што укажува на враќање на неговата извонредна сила.“ – The Signs of the Times, October 13, 1881.

 

Четврток 1. март

5. ТРИУМФ НА БОЖЈАТА МИЛОСТ

а. Како и зошто сатаната се потсмевал на срамната состојба на Божјиот беспомошен избавител? Судии 16:23-25.

„Филистејците се веселеле над својата голема победа, тие им оддавале чест на своите богови, фалејќи ги како посупериорни во однос на Богот на Израел. Натпреварот, наместо да биде меѓу Самсон и Филистејците, сега беше меѓу Јехова и Дагон.“ – The Signs of the Times, October 13, 1881.

 

б. Што намерно побарал Самсон од оној кој го водел за рака? Каква молитва Самсон тивко упатил до Бога? Судии 16:26-28.

„По извесно време, како да се смирил, Самсон замолил да му дозволат да се потпре на двата централни столба што го држеле покривот на храмот. А потоа тивко се помолил на Бога: „Господе Боже, спомни си за мене и поддржи ме само сега, о Боже, за да им се одмаздам еднаш на Филистејците за двете мои очи.“ – Патријарси и пророци, 567.

 

в. Со што Бог се користел за да му даде на Самсон спасоносна вера? Во која „куќа на славните“ бил вклучен овој кревок човек? Судии 16:30; Евреите 11:32,33.

Петок 2. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто исходот на Самсоновиот брак не треба да нè чуди?

2. На кој духовен пат бракот го водел Самсона?

3. Како и денес се повторува историјата на Самсон и Далила на различни начини?

4. Каква промена направил Самсон по загубата на очите?

5. Како и зошто Бог ја благословил Самсоновата молитва на крајот од неговиот живот?

Сподели го ова:

Слични објави