7. Доследна доверба

Сподели го ова:

7. лекција Сабота, 17. февруари 2018.

Доследна доверба

„Гедеон им одговори: „Ниту јас ќе владеам со вас, ниту мојот син ќе владее со вас; Господ нека владее со вас.“ – Судии 8:23.

„Кога сте тешко искушувани, не ја ставајте својата доверба во рацете на човекот, туку во живиот Бог. Имајте вера во Оној кој е на ваша страна подготвен да ви каже какви чекори треба да преземете во време на искушение и збунетост. Тој веќе сè однапред одредил.“ – Sermons and Talks, vol. 2, p. 178.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 550-559.

Недела 11. февруари

1. СЕРИОЗНИ, ПОДГОТВЕНИ ВОЈНИЦИ

а. Од 10.000 луѓе кои пиеле вода пред битката, колкумина од нив ја сфатиле мисијата сериозно, и каков исход Бог им ветил? Судии 7:6-9.

„Не само што (малиот остаток) поседувал храброст и самоконтрола, туку тие луѓе биле и луѓе на вера. Тие не биле осквернети со идолопоклонство.“ – The Signs of the Times, June 30, 1881.

„Господ и денес е волен исто така, како и тогаш, да делува преку човечките напори и да направи големи работи преку слабите човечки орудија. Важно е да имаме јасна претстава за вистината, бидејќи како инаку би биле во состојба да се спротивставиме на нејзините лути противници? Библијата мора да се изучува, не само поради запознавање на нејзиното учење, туку и поради практичните поуки. Никогаш не смеете да бидете изненадени; никогаш не смеете да бидете без вашиот оклоп. Бидете подготвени на секакво изненадување, за секој повик на должност. Подготвено искористете ја секоја прилика да ја изнесете вистината; запознајте се добро со пророштвата и со Христовите поуки. Немојте да се потпирате само на добро подготвени аргументи. Самите аргументи не се доволни. Морате да го барате Господа на своите колена; а за да влијаете на луѓето морате да бидете наоружани со силата на Неговиот Дух.

Дејствувајте веднаш. Господ сака да реагирате во вистински момент, како и луѓето кои ја сочинувале војската на Гедеон.“ – The Review and Herald, July 1, 1884.

Понеделник 12. февруари

2. ДА СЕ ИЗБЕРЕ ТЕСНИОТ ПАТ

а. Што открива Божјата употреба на малите броеви во Неговото дело? Како Тој ни предлага да работиме и во нашите училишта? Римјаните 9:27; Јаков 4:4.

„Некои ќе кажат дека нашите училишта ќе станат непопуларни ако верското учење се стави на прво место; и дека во нив нема да се за пишуваат оние кои не се припадници на нашата вера. Во ред; нека одат во други училишта во кои ќе најдат образовен систем кој одговара на нивниот вкус. Во врска со тоа, сатанската намера е да го спречи остварувањето на оние цели поради кои и се основани нашите училишта. Попречени од неговата лукавост, управителите расудуваат според на чинот на овој свет, угледувајќи се на неговите планови и имитирајќи ги неговите обичаи. Многумина покажаа толкав недостаток на небесна мудрост, така што се здружија со непријателите на Бога и на вистината, организирајќи световни забави за учениците. Правејќи така, тие го предизвикуваат Божјото негодување, зашто со тоа ја заведуваат младината на погрешен пат и му помагаат на сатаната во неговата работа. Со таква работа и сите нејзини последици, тие ќе мораат да се соочат на Божјиот суд.

Оние кои одат по тој пат, покажуваат дека во нив не може да се има доверба… Кога Господ бара од нас да бидеме одвоен и избран народ, како можеме да копнееме за популарност и да тежнееме кон имитирање на обичаите и навиките на овој свет?…

Да се понижи нашето мерило за да си обезбедиме себеси популарност и да ги зголемиме бројките, а потоа да се радуваме на тоа зголемување, значи да се биде сосем слеп. Кога броевите би биле мерило за успех, сатаната би можел да полага право на превласт, зашто големо мноштво од овој свет се негови следбеници. Особините и успехот на едно училиште се огледуваат во неговата морална сила. Тие зависат од особините, интелегенцијата и побожноста на оние кои се наоѓаат во нив, а не од нивниот број и тоа треба да биде причина за радост и благодарност.“ – 6 Сведоштво, 142.143.

„Многумина кои заземаат одговорни позиции во Божјата црква, ја жртвуваат својата чест за да ја осигурат наклоноста на неверниците. Силна струја ги влече надолу, и тие одлучуваат дека е полесно да се плива со плима отколку да и се спротивставуваат. Како и децата на Израел, тие со својата духовна немоќ и мрзеливост ги жртвуваат Божјите благослови. Мнозина поставија идоли во своите срца – себичност, гордост и суета. Вечните работи ја губат својата вредност. Отстранете ги сите влијанија кои Бог ги означил како штетни и погубни за духовноста, од кои таа пропаѓа и умира. Мораме постојано да бараме да се приближиме до Бога и да ја разбереме Неговата волја.“ – The Signs of the Times, June 30, 1881.

Вторник 13. февруари

3. ПОБЕДА И ТАКТИЧНОСТ

а. Што, за Божјото дело во ова време, треба да научиме од необичната стратегија дадена на Гедеоновата војска? Судии 7:12-22.

„Мошне е опасно кога луѓето се противат на Духот на вистината, благодатта и правдата, бидејќи Неговото манифестирање не е во согласност со нивните идеи и затоа што не доаѓа на начин кој тие го испланирале. Господ работи на свој начин и според своите лични планови. Луѓето треба да се молат на Бога за да се ослободат од своето ‘јас’ и да бидат во хармонија со небото…

Во упатството што Господ му го дал на Гедеон кога тој требало да се бори со Мадијамците – дека тој треба да излезе против своите непријатели со војска од триста луѓе кои требале да дуваат во труби, носејќи во своите раце празни бокали и викајќи: ‘Меч Господов и Гедеонов!’ – овие прецизни, методолошки, формални луѓе, не би виделе ништо друго туку недоследност и конфузија. Тие би почнале да се враќаат назад со одлучен протест и отпор. Би воделе долги расправии да докажат колку е недоследно и опасно да се поаѓа во војна на таков екстремен начин и конечно секој таков потфат би го прогласиле како крајно смешен и неразумен.“ – Bible Commentary, vol. 2, p. 1004.

б. Објасни ја користа од тактичноста на Гедеон кон неговите браќа? Судии 7:23-25; 8:1-3.

„Но сепак (луѓето на Ефрем) биле љубоморни и гневни на Гедеона како тој тоа да го сторил сам по своја волја. Тие не виделе дека победата на Израелците всушност е Божјо дело и не ја ценеле неговата моќ и неговата милост покажана во нивното ослободување; и токму со тоа посведочиле дека не се достојни Бог да ги избере за свои посебни орудија…

Духот на љубомора лесно можел да распали караници што би довеле до судир и крвопролевање, но одговорот на Гедеона, во кој се видела неговата понизност и чедност, ја ублажил јароста на Ефремовите луѓе, па во мир се вратиле кај своите стада. Гедеон бил цврст и непопустлив кога биле во прашање начелата во војната мошне храбар, а сепак во однесувањето со луѓето ретко љубезен и учтив.“ – Патријарси и пророци, 554.555.

Среда 14. февруари

4. ПОСТОЈАНОСТ, А ПОТОА ПАД

а. Каков пример ни пружа ставот на Гедеон и одбивањето да ги наруши Божјите принципи на теократија? Судии 8:22,23.

б. И покрај неговата скромна едноставност, која грешка тогаш Гедеон ја направил и какво предупредување треба да извлечеме од тоа? Судии 8:24-27.

„Времето на безделничење и опуштање што обично настапува по големите напори, често е поврзано со поголеми опасности отколку времето на војна. Во таква опасност сега се наоѓал и Гедеон. Го обзел дух на некакво неспокојство и немир. До тогаш наоѓал задоволство во верното извршување на налозите добиени од Бога. А сега, наместо да почека Бог и понатаму да го води, почнал да крои сопствени планови. Кога Божјата војска ќе задобие некоја голема победа, сатаната двојно ги зголемува своите напори да го осуети Божјото дело. Така тој и на вознемирениот дух на Гедеона му дошепнувал мисли и планови со кои имал намера да го заведе израелскиот народ.

Затоа што му било наредено да принесе жртва на карпата на која му се јавил ангел, Гедеон мислел дека е повикан да биде свештеник. Не чекајќи Божјо посветување, почнал да бара погодно место каде би завел систем на богослужение, слично на она што се вршело во шаторот за состанок. Бидејќи народот му бил мошне наклонет, без никакви тешкотии можел да го оствари својот план. На негово барање, сите му предале златни гривни што како воен плен ги зеле од Мадијанците. Освен тоа, народот собрал и многу други скапоцености заедно со богато украсените облеки на обајцата мадијански кнезови. Од тој материјал што го добил, Гедеон направил свечен плеќник и градник, имитирајќи ја облеката на првосвештеникот. Оваа негова постапка била стапица не само за него и за неговото семејство, туку и за целиот израелски народ. Неовластеното богослужение помогнало мнозина од народот најпосле да го напуштат Бога и да им служат на идолите. По смртта на Гедеона, голем дел од народот, заедно со неговото семејство, бил зафатен со нов отпад. Токму оној човек кој некогаш со уривањето на олтарот на Вал го уништувал идолопоклонството во Израел, сега го завел народот од Бога.

Многу малку се оние што сфаќаат колку далекусежни се нивните зборови и нивните постапки. Колку често заблудите на родителите имаат најпогубно дејство врз нивните синови и врз синовите на нивните синови далеку по нивната смрт.“ – Патријарси и пророци, 555.556.

Четврток 15. февруари

5. ДОВЕРБА НО НЕ ВО ТЕЛЕСНА РАКА

а. Како подоцнежната грешка на Гедеон влијаела врз луѓето по неговата смрт? Судии 8:28,33-35. Каде денес се наоѓа нашата сигурност?

„(Гедеон) себеси се сметал за најмал во домот на својот татко. Човечката мудрост не би го избрала; но Бог видел во Гедеона човек од доверба и морална храброст. Тој не верувал во себе и бил подготвен да ги слуша Божјите поуки и да ги оствари Неговите намери. Господ не зависи од луѓе со висока положба; со голем интелект и големо знаење. Таквите луѓе се честопати горди и самодоволни. Тие се чувствуваат компетентни да планираат и да спроведуваат планови без совет од Бога. Тие се одделуваат од вистинската винова лоза, и затоа стануваат суви и неплодни, како исушени гранки.

Бог ќе ја посрами човечката суетност. Тој ќе ги награди со успех оние чии напори изгледаат преслаби – чии методи на работа воопшто не ветуваат – доколку истите тие поединци дејствуваат според божествениот налог, во дух на понизност и доверба. Бог нема да ја тестира нашата вера повеќе од она што можеме да поднесеме. Тој ќе ни даде доволно докази, за да можеме, во својата слабост, да се потпреме на Неговата силна рака и целосно да се довериме во Неговата моќ. Талентите, образованието и влијанието можат да бидат, под посветувачкото влијание на Светиот Дух, употребени во служба на Бога; но тие почесто се користат во служба на сатаната, отколку во Исуса Христа.“ – The Signs of the Times, June 30, 1881.

„И оние што се наоѓаат на највисока положба можат да водат во заблуда. И најмудрите се лажат, и најсилните можат да се сопнат и да потклекнат. Затоа е неопходно нашиот пат постојано да биде осветлен со светлина одозгора. Нашата единствена сигурност се наоѓа во тоа секогаш безусловно да му се доверуваме на Оној кој кажал: „Ајде по мене!“ – Патријарси и пророци, 556.

Петок 16. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Опишете ја својата должност како „брзи, подготвени луѓе“ за Бога денес ?

2. Која грешка често се прави во верските институции отворени за јавност?

3. Зошто Бог избрал едноставна стратегија да ги порази Мадијамците?

4. Дури и за оние кои изгледаат понизни, која грешка на Гедеон може да биде замка?

5. Зошто сме предупредени да не се надеваме во човечки раце?

Сподели го ова:

Слични објави