6. Оживување на остатокот
6. лекција Сабота, 10. февруари 2018.
Оживување на остатокот
„Па така, поднесувај ги страдањата како добар војник на Исус Христос. Зашто никој кој служи како војник не се вплетува во работите на секојдневниот живот, за да му угоди на својот војсководач.“ – 2 Тимотеј 2:3,4.
„Одете чекор по чекор на патот на должноста. Можеби постојат стрмни места по кои треба да се качите, но одете напред по патот на понизноста, на верата и самоодрекувањето, оставајќи ги облаците на сомнеж зад вас.“ – Selected Messages, bk. 2, p. 272.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 547–549.
Недела 4. февруари
1. БОЖЈИОТ ДУХ НА ДЕЛО
а. Откако Гедеон во ноќта го срушил олтарот на својот татко подигнат на Ваал, како жителите на градот реагирале следното утро? Судии 6:28-30.
б. Како на тоа одговорил таткото на Гедеон? Зошто? Судии 6:31.32.
„Гедеон му рекол на својот татко Јоас за посетата на ангелот и за ветувањето дека Израел ќе биде ослободен. Тој исто така му ја пренел и божествената заповед да го уништи жртвеникот на Ваал. Божјиот Дух влијаел на срцето на Јоас. Тој видел дека боговите што ги обожавал немаат моќ ниту самите да се спасат од целосно уништување и затоа не можеле да ги заштитат своите следбеници. Кога идолопоклонското мноштво ја побарало смртта на Гедеон, Јоас бестрашно застанал во негова одбрана, и настојувал да им покаже на луѓето колку се беспомошни и недостојни за обожавање нивните богови. „Вие ли ќе се застапувате за Ваал, вие ли ќе го заштитувате? Кој ќе се застапи за него, ќе биде предаден на смрт уште ова утро; ако е тој бог, сам нека се одмазди на тој што му го срушил жртвеникот негов.” (Судии 6:31).
Тој ги потсетил дека смртната казна праведно ќе ги стигне нив, наместо Гедеон, бидејќи го прекршиле Божјиот закон против идолопоклонство.“ – The Signs of the Times, June 23, 1881.
Понеделник 5. февруари
2. БОЖЈОТО ВЕЛИЧЕСТВЕНО ПРОВИДЕНИЕ
а. Како отстранувањето на идолите довело до напредок? Судии 6:33-35.
„Сета работа (уништување на идолите), со Гедеоновите поттикнувачки молби, оставила силен впечаток врз луѓето од Офра. Сите мисли за насилство биле отфрлени; и кога, поттикнат од Господовиот Дух, Гедеон на трубата и дал воен знак, тие биле меѓу првите што се собрале кај него. Потоа испратил гласници во неговото Манасиево племе, а исто така и во Асир, Завулон и Нефталим, и сите радосно го послушале повикот.“ – The Signs of the Times, June 23, 1881.
б. Што можеме да научиме од молитвите на Гедеон, барајќи одобрување од Господ? Кој дух ги поттикнал неговите молби? Судии 6:36-40.
„Гедеон длабоко ја почувствувал својата неспособност за големото дело кое му претстоело. Не се осмелувал да застане на чело на војската додека не добил јасна потврда дека Господ го повикал на ова дело и дека Тој ќе биде со него…
Меѓутоа, сега неверувањето му говорело дека волната природно ја апсорбира влагата која ја има во воздухот и дека испитот не е доволно сигурен. Затоа (Гедеон) побарал повторување на знакот, понизно молејќи се со своето неверување да не го налути Бога. Неговото барање било прифатено…
‘Пред славата оди смиреноста.’ Господ најмногу може да ги употреби оние кои се најмногу свесни за својата недостојност и несовршеност. Тој ќе ги научи како да ја манифестираат храброста на верата. Тој ќе ги направи силни обединувајќи ја нивната слабост со Неговата моќ и ќе ги направи мудри соединувајќи го нивното незнаење со Неговата мудрост.
Бог ќе ја прифати службата на сите оние кои се послушни на Неговата волја; кои ниту за каква била причина нема да сакаат да ја извалкаат својата совест, кои нема да дозволат никакво влијание да ги одврати од патот на должноста…
Поучливите луѓе, полни со доверба, кои имаат исправни намери и чисто срце, не треба да чекаат некои големи прилики, или да стекнат извонредни способности пред да ја употребат својата сила. Тие не треба да стојат неодлучни, со многу прашања и страв од она што светот ќе каже или мисли за нив. Не треба да се измачуваме и вознемируваме со грижите, туку да продолжиме, тивко и со верност да го извршуваме делото кое Бог ни го доделил, препуштајќи го резултатот целосно на Него.“ – The Signs of the Times, June 23, 1881.
Вторник 6. февруари
3. БОГ ГО ПОЗНАВА СРЦЕТО
а. Кој закон бил воспоставен во древниот Израел, откривајќи го Божјото сочувство кон семејствата за време на војна? Второзаконие 20:5-8.
„Во Израел постоел закон дека пред да се оди во битка да се објави следниот проглас пред целата војска: ‘Кој изградил нова куќа и не се вселил во неа, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да се всели во неа; и кој насадил лозје и не го обрал, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да собере сè; и кој се свршил и не се оженил, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да ја земе свршеницата негова. Надзорниците нека му кажат уште на народот и нека му речат: ‘Кој е плашлив и малодушен, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не ги направи плашливи срцата на браќата свои, како неговото срце’ (Второзаконие 20:5-8). Каква извонредна илустрација е ова за Христовата нежна љубов и сочувство! Оној кој ги воспоставил роднинските и семејните врски се погрижил тие на долго време да не се прекинуваат. Тој од никого не барал во војната да оди неволно. Овој проглас исто така се однесува и на присилното влијание кое може да го изврши еден човек врз сите оние на кои им недостасува вера или храброст. Освен тоа, тоа покажува и како нашите мисли и чувства делуваат на нашите постапки.“ – The Signs of the Times, June 30, 1881.
б. Сега, кога Гедеон бил уверен во Божјото водство во неговиот потфат, како Господ повторно го восхитил? Зошто? Судии 7:1,2. Какво влијание гордоста има врз нас денес?
„Затоа што во споредба со бројните непријатели имал толку малку луѓе, Гедеон пропуштил да ја објави оваа вообичаена порака. Тој се вчудовидел кога Господ му рекол оти неговата војска е премногу голема. Но Господ ја видел гордоста и неверноста во срцата на присутните. Загреани со возбудливиот повик на Гедеона, тие биле готови да се одѕвијат, но кога ги виделе огромните маси Мадијанци, мнозина се уплашиле. Сепак, во случај Израелците да победат, истите тие, наместо победата да му ја припишат на Бога, сета слава би ја присвоиле за себе.“ – Патријарси и пророци, 549.
„Гордоста на срцето е страшна црта на карактерот. ‘Пред погибел гордоста врви’ (Изреки 16:18, прв дел). Ова е законитост која се потврдува во семејството во Црквата и нацијата.“ – The Faith I Live By, p. 68.
Среда 7. февруари
4. ТЕСТ НА КАРАКТЕРОТ
а. Откако војската на Гедеон била намалена на само 10.000, што му рекол Бог да направил пред да оди во битка? Зошто? Судии 7:4.5.
„Очекувајќи да излезе директно пред непријателот, народот слегол до водата. Само неколкумина од нив набрзина зеле малку вода со рака, испиле и тргнале понатаму, а повеќето се спуштиле на колена и удобно пиеле прекумера од површината на водата. Од десет илјади луѓе само триста биле кои водата ја принеле кон устата со рака; но само тие биле одбрани. Сите други добиле дозвола да се вратат дома.
Карактерот често се става на проверка со наједноставни средства. Оние кои во мигот на опасноста мислеле само на тоа да ги задоволат своите потреби, не биле луѓе во кои можело да се има доверба во тешките часови. За немарните и за оние што гледаат само да си угодат себеси нема место во Божјото дело. Неговиот избор паднал врз оние малубројни кои не сакале поради задоволување на личните потреби да се задржуваат при извршувањето на своите должности.“ – Патријарси и пророци, 549.
б. Кое начело со кое Бог го подучувал Гедеона може да се примени и на членовите на црквата денес? Филипјаните 2:4; 3:13,14.
„Успехот не зависи од силата или броевите. Бог може Своето дело на ослободување да го изведе со мал број, исто како и со голем. Голема црква не е нужно и силна црква. Некои од нејзините членови можеби негуваат себичност, гордост или неверување; некои се можеби нечесни, а некои можеби расипани во срцето и животот. Сето ова се извори на слабост за црквата. Тие предизвикуваат Бог со неодобрување да гледа на Својот народ, а големиот противник работи преку нив како би го унапредил своето дело.
Во старо време, оние чии срца биле привлечени со световни интереси и биле оддалечени од Божјото дело, им било дозволено да се вратат во своите домови. И денес за делото на вистината би било подобро, ако оние чиешто внимание е преокупирано со лични приватни интереси, се одвојат од Божјото дело, и да се посветат на она во што нивното срце се радува. Тие тогаш со својот погрешен пример не би вршеле толку опасно влијание врз другите.
Бог се прославува, не толку со големиот број, колку со карактерот на оние кои Му служат.“ – The Signs of the Times, June 30, 1881.
Четврток 8. февруари
5. ВОЈНИЦИ НА КНЕЗОТ НА МИРОТ
а. Каков е Божјиот план за сите кои се вклучени во Неговата духовна војска? 2 Тимотеј 2:3-5.
„Ние не сме дошле на светот за да се грижиме само за себе, туку сме повикани да соработуваме во големото дело на спасението, следејќи го Христа во Неговото самоодрекување и самопожртвување.“ – 1 Сведоштво, 325.
„Вистинскиот христијански карактер се препознава по искреноста на намерата и непоколебливата одлучност; која одбива да попушти на светските влијанија кои нема да бидат во склад со библискиот стандард. Ако луѓето дозволат да бидат обесхрабрени во Божјата служба, големиот противник ќе наведе многу причини да ги одврати од јасниот пат на должноста и ќе ги наведе да тргнат по полесниот пат одбегнувајќи ја секоја одговорност. Оние кои можат да бидат подмитени или заведени, обесхрабрени или преплашени, нема да војуваат во христијанската борба. Оние кои својата љубов и вниманието ги подаруваат на богатството или почестите на овој свет нема да водат војна со началствата и властите, против поднебесните духови на злобата.
Сите кои сакаат да бидат војници на Христовиот крст мораат да се опашат со сето оружје и да се подготват за борба. Тие не треба да бидат заплашени од заканите; или преплашени од опасностите. Тие мораат да бидат претпазливи во опасностите, но цврсти и храбри во соочување со непријателот и да се борат за Бога. Посветеноста на Христовиот следбеник мора да биде целосна. Таткото, мајката, жената, децата, куќата и имотот – сето тоа мора да биде на второ место, а Божјото дело на прво. Тој мора да биде подготвен да поднесе трпеливо, ведро и радосно сè што Бог во своето провидение ќе дозволи да наиде на него. Неговата последна награда ќе биде да го подели со Христа престолот на бесмртна слава.“ – The Signs of the Times, June 30, 1881.
Петок 9. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како можам да обратам некого од отпадништво како што тоа го направил Гедеон со Јоас?
2. Зошто на Гедеон му била доделена задача да го избави Божјиот народ?
3. Зошто Бог сакал 32.000 да бидат намалени на 10.000?
4. Објаснете како може тестот со начинот на кој луѓето пиеле вода да се примени и на нас денес?
5. Што значи да се биде духовен војник за царството кое не е од овој свет?