4. Слава само на Бога

Сподели го ова:

4. лекција Сабота, 27. јануари 2018.

Слава само на Бога

„Тој нè спаси, но не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост.“ – Тит 3:5 (прв дел).

„Ние немаме ништо што би не препорачало кај Бога; но молбата која можеме сега и секогаш да ја изнесеме е нашата целосно беспомошна состојба. Таа состојба прави Неговата откупувачка сила да биде неопходна.“ ¬– Копнежот на вековите, 317.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Воспитување, 253–261.

Недела 21. јануари

1. СТРАДАЊАТА НА ЧЕСТИТИОТ ЧОВЕК

а. Опишете ги доблестите кои го карактеризирале секојдневниот живот на Јов. Јов 29:5,8-16.

„Бог во Својата Реч дава слика на човек кој напредува – чиј живот е успешен во полн смисол на зборот, човек кому и Небото и Земјата радосно му оддаваат почест.“ – Воспитување, 142.

б. Која трајна поука можеме да ја научиме од искушенијата на Јов? Псалм 34:18,19.

„Човечките суштества сосема природно ја прифаќаат претпоставката дека големата несреќа е сигурен показател на големи злосторства и тешки гревови; но со таквото мерење на карактерот луѓето често покажуваат погрешно сфаќање. Ние не живееме во времето кога за гревот веднаш се плаќала казна. Живеејќи заедно, добрите и злите се помешани, и несреќите доаѓаат на сите. Понекогаш луѓето ја минуваат граничната линија на Божја заштита, и тогаш сатаната ја покажува својата моќ над нив, а Бог не се меша. Јов бил тешко погоден, а неговите непријатели упорно се обидувале да го натераат да признае дека неговото страдање е последица на неговиот грев, и го натерале да се чувствува под осуда. Според она што му се случило тие го прикажувале како голем грешник.“ – Bible Commentary, vol. 3, p. 1140.

Понеделник 22. јануари

2. ПОВИК ЗА БУДЕЊЕ

а. Иако совеста на Јов била чиста и неговиот живот полн со доблести, што Бог сакал Неговиот верен слуга да научи? Јов 38:1-7; 39:34,35.

„Секој отворен цвет, секој лист со своите нежни жили ќе сведочи за бескрајната вештина на големиот Уметник. Масивните карпи и високите планини, кои се издигаат во далечина, не се резултат на случајноста. Тие тивко зборуваат за Оној Кој седи на престолот на универзумот – висок и возвишен… Сите Негови планови се совршени. На каква стравопочит и на каква побожност треба да нè инспирира Неговото име!“ – Our High Calling, p. 251.

б. Како Јов одговорил на Божјиот повик за будење? Како треба да одговорат сите кои, како и Јов, можат да бидат сурово неразбрани и неправедно обвинувани од другите?

„Поедини кратковиди и неискусни луѓе не се во состојба во својата ограничена претстава да ги сфатат чувствата на оној кој во делото на спасување на душите со сета своја душа долго и нераскинливо е врзан со Христа. Неговите побуди и постапки погрешно ги толкуваат и оние кои се сметаат за негови пријатели. Сè додека не бил принуден како Јов најсесрдно да се моли: Спаси ме од моите пријатели. Во случајот на Јов Бог ги земал Работите во Свои раце. Неговото трпение било тешко искушувано; но кога Бог проговорил, исчезнала неговата мрзоволност. Оправдувањето на самиот себе, кое му било неопходно за да се спротивстави на осудата на своите пријатели, не било потребно пред Бога, Кој никогаш и во ништо не греши. Кога Господ му рекол на Јов: „Препашај се како човек, Јас ќе те прашам, а ти одговарај,“ патријархот го препознал божествениот глас и свесен за својата грешност, во душата се наведнал пред Бога, велејќи понизно: „Се кајам во прав и пепел.“ – 3 Сведоштво, 509.

„Живееме во опасни времиња. Адвентистите на седмиот ден исповедаат дека се Божји народ кој ги држи Неговите заповеди, но тие го губат нивниот посветен дух. Овој дух на почит кон Бога ги учи луѓето како да му пристапат на Создателот – со светост и стравопочит преку вера – не само во свое име, туку преку Посредник. На тој начин човекот останува цврсто втемелен, независен од околностите што го снаоѓаат.“ – Notebook Leaflets, vol. 1, p. 121.

Вторник 23. јануари

3. БОЖЈАТА ИЗОБИЛНА БЛАГОДАТ

а. Што треба да научиме од Божјата конечна пресуда во врска со Јов и неговите пријатели? Јов 42:7-9.

б. Што Бог тогаш направил за Јов? Јов 42:10-17; Псалм 66:10-12.

„Од најдлабоко очајување и малодушност, Јов се воздигнал до височините на цврста вера во милоста и спасоносната Божја сила.“ – Пророци и цареви, 163.

 

И кога Јов за момент се загледал во својот Творец, се згрозил од себеси и се покајал во прав и пепел. Господ тогаш го благословил, така што последните години биле најдобри од неговиот живот.“ – Пророци и цареви, 164.

в. Зошто ставот на верниот Јов треба да го вдахне секој христијанин? Јаков 5:11; Ефесјаните 2:8-10.

„Оние што живеат во најблиска заедница со Спасителот, најдобро ќе ја запознаат непостојаноста и грешноста на човековата природа, и својата надеж ќе ја полагаат само на заслугите на распнатиот и воскреснатиот Спасител.“ – Големата борба, 471.

 

„Во неговиот божествен ред, во неговата наклоност кон нас, која не сме ја заслужиле, Господ одредил добрите дела да бидат наградени. Ние сме прифатени само преку Христовите заслуги, а делата на милоста, делата на љубовта кои ги чиниме, се плодови на верата и тие стануваат благослов за нас; зашто луѓето треба да бидат наградени според нивните дела. Токму мирисот на Христовите заслуги ги прави нашите дела прифатливи за Бога, како што благодатта нè оспособува да правиме добри дела за кои примаме награда од Бога. Нашите дела сами по себе и сами од себе немаат заслуги. Кога ќе направиме сè што можеме да направиме, ние треба да се сметаме за залудни слуги. Ние не заслужуваме никаква благодарност од Бога. Ние само сме го правеле она што било наша должност да го направиме, а добрите дела не сме можеле да ги направиме со силата на нашата грешна природа.“ – Review and Herald, January 29, 1895.

Среда 24. јануари

4. ХРИСТОС ВОЗДИГНАТ

а. Што треба да сфатиме за духовните потреби на Јов (или било кој друг човек) дури иако тој бил толку доблесен? 1 Петрово 1:18,19.

„Молитвите, пофалбите и покајното признавања на гревот се издигаат од вистинските верници како темјан до небесната светиња. Но бидејќи поминуваат преку расипани човечки канали, тие се толку осквернети, што ако не се прочистат со крв, тие никогаш не можат да имаат никаква вредност пред Бога. Тие не се издигаат во беспрекорна чистота, и ако Посредникот кој се наоѓа од десната страна на Бога, не ги очисти и не ги претстави преку Својата праведност, тие не можат да бидат прифатливи за Бога. Сите темјани од земните светињи мора да бидат навлажнети со капките на Христовата крв која чисти.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 344.

„Колку повеќе го имаме Христовиот Дух, толку повеќе ќе станеме попонизни. Кога ќе добиеме јасна претстава за Христа, од нашите усни нема да излезе ниеден збор на самовозвишување. Кога Господ на Јов му го прикажал Своето величество, Јов престанал да ја брани својата праведност. Ја чувствувал својата грешност, и се понижил пред Божјата чистота и светост. ‘Затоа јас се откажувам’, рекол тој, ‘и се покајувам во прав и пепел’ (Јов 42:6). Сепак, преку перото на вдахновението, Бог го претставува Јов како совршен и праведен, како оној кој се бои од Бога и го избегнува злото. ‘Зашто на земјата нема друг како него’ (Јов 1:8).“ – The Signs of the Times, August 11, 1898.

б. Како знаеме дека Јов верувал во Христа како свој Спасител? Јов 19:25-27. На која вдахновена одлука ова треба да го наведе секого од нас?

„Доделени ти се драгоцени часови на милост во кои треба да изградиш исправен карактер…даден ти е период на време во кој треба да го откупиш своето загубено време. Ти не си во состојба со сопствени сили да ги отфрлиш своите мани и заблуди; тие во тебе раснеле со години, бидејќи не си ја видел сета нивна одвратност, ниту решително си ги отфрлил во Божја сила. Мора со жива вера да се потпреш на моќната рака која може да те спаси. Понизи го своето гордо и самоправедно срце пред Бога; поклони се длабоко и падни пред Неговите нозе во својата грешност. Посвети се на делото на подготовка. Не мирувај се додека не можеш навистина да речеш: Мојот Откупител е жив, и бидејќи Тој живее и јас ќе живеам исто така.“ – 2 Сведоштво, 88.

Четврток 25. јануари

5. ВЕРУВАЊЕ ВО БОЖЈАТА ДОБРИНА

а. Кога изгледите се мрачни, кој став нè зајакнува да ја следиме верата на Јов? Јов 13:15,16.

„Ние можеме да одиме по видување додека е тоа можно, но кога веќе нема да бидеме во состојба јасно да го видиме патот, тогаш треба својата рака да ја ставиме во раката на небесниот Отец и да се препуштиме на Неговото водство. Постојат вонредни ситуации во животот кај сите нас, во кои не можеме да се потпреме на видот, ниту да веруваме во сеќавањата или искуството. Сè што можеме е едноставно да веруваме и да чекаме. Ние треба да го почитуваме Бога и да Му веруваме бидејќи Тој е наш небесен Отец.“ – Manuscript Releases, vol. 19, p. 186.

„Дали лесно подлегнувате на мрачни чувства и малодушност? Немојте да стравувате ни во најцрните денови кога се изгледа изгубено. Имајте вера во Бога.“ – Пророци и цареви, 164.

б. Како историјата на Јов го илустрира оправдувањето со вера, и како оваа тема треба да се одразува во нашите животи? Римјаните 5:1-5; Тит 3:3-7.

„Божјиот тест можеме да го издржиме само ако се надеваме во Христовата сила и праведност. Ние ќе мораме да го воспитаме својот ум, и повторно и повторно да се сеќаваме на фактот дека Христовата рака почива врз нас. Со својата божествена усна Тој изјавил: ‘Без Мене не можете да направите ништо’, но преку Христа можеме да сториме сè. Не е на нас да го одредиме патот по кој ќе одиме; но ако сè што ни се случува го прифатиме како Божјо провидение, дури и нашата неволја ќе изгради трпение; затоа не треба да потонеме во обесхрабрување додека со вера гледаме кон Исус.“ – The Signs of the Times, March 28, 1892.

Петок 26. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто јас можам да бидам во опасност погрешно да го проценам случајот на човекот кој страда?

2. Што е речиси исчезнато во Божјата служба, но сепак е од суштинско значење?

3. Што го тргнало Јов од неговата беда?

4. Зошто е толку важно да се потпираме на божествениот Откупител?

5. Без оглед на тоа во колку тешка ситуација сме, што секогаш треба да имаме на ум?

Сподели го ова:

Слични објави