3. Трпението на Јов

Сподели го ова:

3. лекција Сабота, 20. јануари 2018.

Трпението на Јов

„Ете, блажени се оние што истрајаа. Сте чуле за трпението на Јов.“ – Јаков 5:11 (прв дел).

„Бог дозволил да те снајдат сите тие искушенија за, минувајќи низ сето тоа, спокојно да донесуваш мирољубиви плодови на правдата.“ – 3 Сведоштво, 416.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 5 Сведоштво, 341-348.

Недела 14. јануари

1. НАДЕЖ ЗАД ОБЛАЦИТЕ

а. Како Јов, со оглед дека бил само човек, се чувствувал поради својата неволја? Јов 3:1-3,9-11,20-22.

б. За што треба да размислуваме во тешки времиња? Јов 5:17-19.

„Вистински момент да веруваме е токму тогаш кога мислиме дека сме лишени од Духот. Кога изгледа дека густи темни облаци лебдат над душата, токму тогаш е време со жива вера да ја пробиеме темнината и да ги растуриме облаците.“ – Рани списи, 72.

„Христос ѝ приоѓа на секоја ранета душа за да ја излекува. Животот полн со откажувања, маки и страдања може да биде осветлен со скапоценото откритие на Неговата присутност.

Бог не сака после болката што нè тишти да останеме наведнати со рането и скршено срце. Тој сака својот поглед да го кренеме горе и да го сретнеме Неговото драго лице полно со љубов. Спасителот кој благословува стои крај многумина чии што очи толку заслепеле од солзи што дури и не Го забележуваат. Тој сака да нè фати за рака и да нè поттикне во Него да гледаме со детска доверба, дозволувајќи Му да нè води. Неговото срце е секогаш отворено за нашите неволји, таги и искушенија. Тој нас нè љубел со вечна љубов и нè опкружувал со нежна добрина. Од срце секогаш можеме да се потпреме на Него и да размислуваме за Неговата добрина ден и ноќ. “Тој ќе ја издигне душата над секојдневните таги и неволји и ќе ја воведе во царството на мирот.“ – Мисли од гората, 12.

Понеделник 15. јануари

2. ЧИЕ СРЦЕ СМЕ СКЛОНИ ДА ГО ИСПИТУВАМЕ?

а. Зошто Јов се стремел да го преиспита своето срце? Изреки 26:2; Јов 9:1-4; 10:1,2.

„Животните искуства се во голема мерка плод на нашите сопствени мисли и дела.“ – Воспитување, 146.

б. Кога ќе нè снајдат неочекувани страдања, зошто е мудро да го следиме примерот на на Јов за самоиспитување? 2 Коринтјаните 13:5; Псалм 139:23,24.

„Ако секој би испитал и видел кои гревови се кријат во неговото срце и ја затвораат вратата на Исуса, тој би го сфатил делото кое треба да го изврши и би бил подготвен другите да ги почитува повеќе од себе. Тој повеќе нема да се стреми да ја извади раската од окото на својот брат, додека во неговото око се наоѓа греда.“ – Historical Sketches of the Foreign Missions of the Seventh-day Adventists, p. 213.

в. Зошто Исус нè предупредува да не бидеме брзи да судиме за причините на маките на другите? Лука 13:1-5.

г. Објаснете го одговорот на Јов кога пријателите погрешно ја процениле неговата неволја. Јов 16:1-3.

„Во неговата чаша била дотурена уште една капка на горчина. Неговите пријатели, сметајќи дека неволјата може да биде само казна за грев, ја напаѓале неговата изранета и натоварена душа со своите обвиненија дека правел зло.“ – Воспитување, 155.

„Во нашиот свет постои злоба, меѓутоа сите страдања не се резултат на изопачениот начин на живеење. Во речта Божја Јов е јасно прикажан како човек кого сатаната, кога тоа му било дозволено, го изложил на тешко искушение и страдања. Непријателот одзел од него сè што поседувал; децата биле одземени од него, и сите семејни врски биле раскинати. Телото одредено време било покриено со одвратни рани и тој многу страдал. Пријателите кои дошле да го тешат, настојувале да го убедат дека самиот со својот грешен живот е одговорен за неговите маки… Настојувајќи упорно да го прикажат за виновен пред Бога, и дека ја заслужил Неговата казна, го доведувале до уште потешки искушенија, а Бога го прикажувале во лажно светло.“ – Bible Commentary, vol. 3, p. 1140.

Вторник 16. јануари

3. ОДРАЗ НА БОЖЕСТВЕНИОТ УТЕШИТЕЛ

а. Што треба да научиме од ставот на Јов кон неговите пријатели? Јов 16:4,5.

„Нека ниеден христијанин не се најде како обвинувач на браќата. Сатаната е оној кој го носи овој епитет; тој ги обвинува пред Бога дење и ноќе; тој ги поттикнува непријателите на нашата вера да нè обвинуваат, а ги наведува и оние кои ја имаат истата драгоцена вера да се критикуваат и осудуваат едни со други. Ние не треба да учествуваме во неговото дело. Ова се денови на искушение и на голема опасност; непријателот на душата е на трагата на секој од нас. Додека стоиме одвоени од светот, треба да напредуваме заедно во вера и љубов. Обединети, ние сме силни; поделени, ние сме слаби.

Ние сме повикани да се љубиме како браќа, да бидеме благородни, љубезни, трпеливи, да оддаваме почит еден на друг.“ – Historical Sketches, pp. 213, 214.

б. Како ние, како псалмистот, треба да се утешиме кога ниеден човек не ја разбира и не сочувствува со нашата болка или тага? Псалм 27:10; 73:25,26.

„Во искуството на сите нас има вакви моменти на големи разочарувања и крајни малодушности, кога мора да ја испиеме чашата на болката, кога ни е тешко да веруваме дека Бог е сѐ уште добротвор на земските деца и полн со љубов кон нас, кога немир ја обзема душата и смртта ни изгледа поубава од животот. Во тие моменти мнозина губат вера во Бога и стануваат робови на сомнеж и неверство. Кога во тие денови би можеле да ја сознаеме смислата на Божјото провидение со своите духовни очи, би виделе ангели кои се трудат да нѐ спасат од самите нас, да нѐ доведат на основа која е поцврста од вечните планини, и во нас би се појавила нова вера и нов живот.“ – Пророци и цареви, 162.

„Набљудувајќи го манифестирањето на големата Божја милост и Неговата постојана љубов, а не мрачните поглавја од нашиот живот, ние многу повеќе ќе пројавуваме благодарност, отколку што ќе се жалиме. Ќе зборуваме за Божјата верност и љубов, за Христа како верен, нежен и сочувствителен пастир на Своето стадо, кое според Неговата изјава, никој нема да го грабне од Неговите раце. Говорот на срцето на вистинските Божји верници нема да биде себично мрморење и негодување, туку од нив како од бистра река ќе се излева благодарност.“ – 6 Сведоштво, 367.

Среда 17. јануари

4. РАЗВИВАЊЕ НА ТРПЕНИЕ

а. Кое гледиште ни помага да развиеме трпение во искушението? Јаков 5:10; Плачот на Еремија 3:31-33.

„Животот е постојана школа. Додека е на овој свет, христијанинот мора да се сретне со негативни влијанија. Ќе постојат провокации да го тестираат нашиот темперамент; но христијанските доблести ќе се развиваат токму во ваквата борба. Ако кротко ги поднесуваме навредите и нападите, ако на навредливите и нападните зборови одговараме смирено, тоа е знак дека во нашето срце престојува Христовиот Дух, дека како прачките се храниме со сокот од живата лоза. Во овој живот ние се наоѓаме во Христовата школа, во која треба да научиме да бидеме кротки и скромни. На денот на конечната пресметка ќе ги видиме сите пречки со кои сме морале да се бориме, сите напријатности и тешкотии што сме морале да ги поднесуваме и практичните поуки преку кои сме ги научиле начелата на христијанскиот живот. Ако во таквите прилики заземеме правилен став, тие во нас ќе развијат карактер сличен на Христовиот, со кој христијаните се разликуваат од останатиот свет.

Постои висок стандард што треба да го постигнеме ако сакаме да бидеме Божји деца, благородни, чисти, свети и непорочни; меѓутоа за да ја достигнеме овој стандард, потребно е да поминеме преку процес на чистење. А како би дошло до тоа, кога не би имале тешкотии со кои би се покажала нашата трпеливост и истрајност? Овие неволји не се најмалите благослови во нашето искуство. Нивната цел е да нè зацврстат и да нè направат одлучни да успееме. Ние треба да ги искористиме како средства со кои Бог ни помага да се победиме себеси, без да дозволиме тие да нè спречуваат, обесхрабруваат и уништат.“ – 5 Сведоштво, 344.345.

б. Како Библијата го поврзува искушението со трпението? Римјаните 5:3,4.

„Господ често нè доведува во различни положби во животот за да нè поттикне на поинтензивни напори во таа насока. Во Своето провидение, Тој понекогаш дозволува да доживееме и непријатности, за да го испита нашето трпение и нашата вера. На тој начин ни пружа поуки како секогаш треба да се потпреме на Него и од каде треба да очекуваме помош кога ќе се најдеме во неволја. Така стекнуваме практично познавање за Неговата божествена волја, што ни е толку потребно во нашето животно искуство. Токму во најострите судири со сомневањето и стравот, верата станува посилна.“ – 4 Сведоштво, 116.117.

 Четврток 18. јануари

5. ИЗМАЧУВАЊЕ ВО МОЛИТВА

а. Зошто денешните искушенија се значајни за борбата која е пред нас? Захарија 13:9.

„Божјата љубов кон Неговите деца во текот на нивните најтешки искушенија е исто така силна и нежна како и во деновите на нивната најсветла благосостојба; но поради нив самите е потребно да поминат низ огнената печка на неволји; сѐ на нив што е земно мора да изгори, за во нив совршено да може да се огледа Христовиот лик.

Времето на неволја и страв, какво што е пред нас, бара вера која може да поднесе умор, одложување и глад – вера која не се губи и кога најтешко е искушувана. Времето на милоста се дава на сите да би можеле да се подготват за ова. Јаков одолеал затоа што бил истраен и решителен. Неговата победа претставува очигледен доказ за силата на истрајната и усрдна молитва. Сите кои ќе се фатат за Божјите ветувања толку цврсто како што и тој се фатил и кои во молитвата ќе бидат толку усрдни и истрајни како што бил и тој, ќе одолеат како што одолеал и тој. Оние кои не сакаат да се одречат од самите себе, да се понижат пред Бога и да се молат долго и усрдно за Неговиот благослов, нема ниту да го примат. Да се бориш во молитва со Бога – колку малку од нив знаат што значи тоа!…

Сега е време да се запознаеме со Бога проверувајќи ги Неговите ветувања. Ангелите ја бележат секоја усрдна и искрена молитва. Побрзо треба да се откажеме од себичните задоволства, отколку да го занемариме постојаното одржување на врската со Бога во молитва. Најголемата сиромаштија и самооткажување со Негово одобрување се подобри отколку сите богатства, почести, удобности и пријателства кои Тој не може да ги одобри. Мораме да најдеме време за молитва. Ако дозволиме земните интереси да ги обземат мислите и срцето, Господ може да ни даде време така што ќе ги одземе нашите идоли од злато – куќите и плодните земји.“ – Големата борба, 621.622.

Петок 19. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каде е Бог кога луѓето како Јов страдаат?

2. Како јас можам да бидам виновен како и пријателите на Јов?

3. Што треба да правиме кога се чини дека нема одговор на нашите страдања?

4. Како искушенијата развиваат трпение?

5. Опишете го искуството кое ни е потребно во подготовката за финалните настани.

Сподели го ова:

Слични објави