2. Енигмата на искушението

Сподели го ова:

2. лекција Сабота, 13. јануари 2018.

Енигмата на искушението

„Но, Тој го знае патот мој, нека ме испита, – ќе излезам како злато чист.“ – Јов, 23:10.

„Душата која страдала станала трпелива, доверлива, победоносна во Господа, под најтешки околности.“ – Testimonies to Ministers, p. 355.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Mess. to Young People, pp. 78-80, 94-98;.

Рани списи, 46-48.

Недела 7. јануари

1. НЕВИНА ЦЕЛ

а. Што е запишано за карактерот на Јов? Јов 1:1; 29:15; 31:6.

„Јов не ја запоставил својата должност кон оние надвор од неговото домаќинство. Тој бил полн со благонаклонетост, љубезен и внимателен, загрижен за интересите на другите.“ – The Review and Herald, August 30, 1881.

 

б. Објаснете ги проблематичните влијанија кои дејствуваат во овој свет, скриени зад сцената – и зошто треба да сме свесни за нив. Ефесјаните 6:12.

„Од Адамовите денови па сѐ до ден денес, нашиот голем непријател постојано ја покажува својата моќ во угнетување и уништување. Сега се подготвува за својот последен воен поход против Божјата заедница. Сите оние кои сакаат да го следат Исуса ќе дојдат во неизбежен судир со својот неуморен непријател. Колку е посличен еден христијанин на својот божествен Пример, толку е посигурно дека ќе стане мета на сатанските напади.“ – Големата борба, 510.

 

„Кога вашите очи би се отвориле и би го виделе делувањето на силите на доброто и злото, тогаш веќе не би имало лесноумност, суета, шеги и пародии.“ – 6 Сведоштво, 41.

Понеделник 8. јануари

2. РОДИТЕЛСКА БУДНОСТ

а. Кое сериозно предупредување треба да го научат родителите од внимателноста на Јов во врска со големата борба меѓу доброто и злото? Јов 1:4,5.

„За родителите би било мошне добро поуките за постојаност и побожност да ги научат од овој човек од земјата Уз. Јов… искрено се залагал за спасение на своето семејство. За време на свеченостите кои ги приредувале неговите синови и ќерки, тој треперел децата да не му погрешат на Бога правејќи го она што не Му е по волја. Како верен свештеник во домаќинството, тој принесувал жртви за секој од нив поединечно. Тој знаел колку гревот е одвратен во Божјите очи, и помислата дека неговите деца можеле да заборават на божествените барања, го наведувале најсесрдно да се залага пред Бога за нив.“ – The Review and Herald, August 30, 1881.

„Вие префрлувате голема одговорност врз проповедникот и сметате дека тој е одговорен за душата на вашите деца, а не ја согледувате вашата лична одговорност како родители… Со вашиот пример и со вашата непостојаност во начелата вие ги расипувате вашите деца. И покрај недостатокот од домашно воспитување вие од проповедникот очекувате да ги исправува последиците од вашето секојдневно влијание и да постигне чудесни достигнувања во изградбата на доблести и побожност во нивните срца и животи. Кога проповедникот ќе направи сè што може за црквата преку верно советување, трпеливо поучување и со сесрдни молитви да ги спаси душите, и сепак во тоа нема успех, татковците и мајките често вината ја префрлуваат на него затоа што нивните деца не се обратени, додека можеби тоа е последица на нивната немарност. Врз родителите почива товар; ќе сакаат ли да ја преземат работата која Бог им ја доверил, и верно да ја извршуваат таа задача? Дали се подготвени преку пат на христијански развој да продолжат понизно, трпеливо и истрајно – напред и само напред, учејќи ги така и своите деца?“ – 5 Сведоштво, 494.495.

„Задачата на родителите е да даваат правило по правило, заповед по заповед, овде малку, таму малку. Исправајте ги грешните тенденции, не со страст, туку со љубов. Децата можат да се спасат кога татковците и мајките верно ќе ја вршат својата работа…

Ние децата ги подучуваме со личен пример кои би сакале тие да го копираат. Ако сакаме нашите деца да бидат чисти, непорочни и благородни, и ние мораме да бидеме такви. Ако сме измамници, тврдејќи дека сме Божји деца, додека нашата нетрпеливост, немир и измамата покажуваат дека всушност сме деца на сатаната, нашите деца нема да бидат ништо подобри од нас. Сите напори родителите би требало да ги вложат во усовршување на христијанскиот карактер.“ -The Review and Herald, April 14, 1885.

Вторник 9. јануари

3. НАСТАНУВА ТРАГЕДИЈА

а. Што го предизвикало гневот на ѓаволот против Јов? 1:6-11.

б. И покрај верноста на Јов, која серија на шокови наскоро дошла врз неговиот земен имот и животот на неговите деца? Јов 1:12-19.

„Сите страдања не се последица на развратен живот. Јов ни е даден како пример на човек, кого сатаната, со Божја дозвола, можел да го измачува. Непријателот му одзел сè што поседувал; неговите семејни врски биле прекинати; неговите деца биле земени од него.“ – The Signs of the Times, June 21, 1899.

 

в. Што можеме да научиме од тоа како Јов реагирал на овие искушенија? Јов 1:20-22.

„Христос е наш Водич и Утешител, кој нè теши во сите наши неволји. Кога Тој ни дава да пиеме горчлива голтка, Тој исто така ја држи и чашата на благословот на нашите усни. Тој го исполнува срцето со поднесување, со радост и мир кои доаѓаат преку верата, и ни овозможува да речеме покорно: Не моја волја, туку нека биде Твојата волја Господе.“ – Selected Messages, bk. 2, p. 270.

 

г. Иако соочени со тешките обвинувања на сатаната пред небесниот универзум, зошто и понатаму можеме да имаме надеж? Јов 2:1-6.

„Не постои сила во целото сатанско царство која може да ја спречи душата која со едноставна доверба верува во мудроста која доаѓа од Бога.

Христос е нашата моќна тврдина и сатаната нема никаква власт над душата која со понизен дух живее еднакво според Божјата волја… Секоја душа која е во искушение во Христа може да најде совршена и целосна помош. Опасностите и искушенијата можат да доаѓаат од сите страни, но целата вселена будно внимава ниеден од оние кои се искушуваат да не биде искушуван над она што тој е во состојба да поднесе.“ – My Life Today, p. 316.

Среда 10. јануари

4. ДА СЕ ОДГОВОРИ СО ВЕРА И МУДРОСТ

а. Објаснете ги следните напади на ѓаволот врз Јов и одговорот на верниот човек од Уз. Јов 2:8-10.

„Јов бил лишен од сè што имал на овој свет, а потоа заболел од толку страшна болест што од него се гаделе и роднините и пријателите, а сепак не престанал да се држи за својата честитост и својата верност кон Бога.“ – 4 Сведоштво, 525.

б. Што открива неизмерната длабочина на трагичната ситуација на Јов? Јов 2:11-13.

в. Што Јов сфатил за својата несреќа, и како апостол Петар ги повторува овие мисли заради наша корист? Јов 23:8-10; 1 петрово 1:3,6,7.

„Фактот дека сме повикани да трпиме неволји докажува дека Господ Исус гледа во нас нешто драгоцено што Тој сака да го развива. Кога во нас не би видел ништо со што може да се слави Неговото име, Тој не би трошел време за да нè облагороди. Ние не трошиме време во кроење на трње. Христос не прекалува безвредни камења во Својата печка, туку скапоцена руда.“ – 7 Сведоштво, 214.

г. Зошто Бог сака да ја разбереме вредноста на искушението? 1 Петрово 4:12,13.

„Огнот на искушението не уништува, туку прочистува, облагородува и посветува. Без искушенијата ние не би можеле да сфатиме колку ни е потребен Бог и колку ни е неопходна Неговата помош и би станале горди и самодоволни.

Според тие искушенија коишто те снаоѓаат гледам дека окото Господово е над тебе и дека Тој настојува да те привлече кон Себе.“ – 8 Сведоштво, 123.124.

„Не треба да го обесчестуваме Бога со тажно прераскажување на неволјите кои ни изгледаат мачни и тешки. Сите искушенија кои ги примаме како воспитно средство ќе ни донесат радост.“ – 6 Сведоштво, 365.

Четврток 11. јануари

5. ПОДГОТОВКА ЗА ПОГОЛЕМИ БЛАГОСЛОВИ

а. Што Господ сака да имаме на ум среде неочекуваните, остри и жестоки искушенија? Еремија 29:11; Јован 16:33.

„Бог своите деца ги води по пат кој ним не им е познат, но Тој никогаш не ги заборава ниту ги отфрла оние што се надеваат во Него. Тој дозволил Јов да го снајдат маки и неволји, но не го заборавил ниту него. Дозволил саканиот Јован да биде протеран во самотија на пустиот остров Патмос, но токму таму се сретнал со Божјиот Син и од Него го добил Откровението исполнето со сцени на бесмртна слава. Бог дозволува Неговиот народ да биде опсипуван со искушенија за со истрајност во верата и со послушност духовно да се збогати и со својот пример да може да стане извор на сила за други. „Зашто ги знам мислите што ги мислам за вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло“ (Еремија 29:11). Токму оние искушенија кои нашата вера ја ставаат на најтешка проверка и предизвикуваат впечаток како Бог да не напуштил, треба најмногу да не приближат до Христа за да можеме сите наши товари да ги положиме пред Неговите нозе и да примиме спокојство што ќе ни го даде Тој во замена за сето тоа.

Бог својот народ секогаш го проверувал во огнена печка на неволји. Во пламенот на усвитената печка вистинското злато на христијанскиот карактер се изделува од троскотот. Исус будно го следи процесот на пречистување; Тој знае што е потребно за драгоцениот метал да се очисти за да може да ги одблеснува зраците на Неговата љубов. Токму со тие тешки искушенија и проверки Бог Своите слуги ги учи и ги прави кротки. Тој гледа дека поединци имаат способности што успешно би можеле да се употребат во Неговото дело и нив Господ ги става на проверка. Во своето провидение Тој ги доведува во положба и во околности кои претставуваат проба и проверка за нивниот карактер и им ги откриваат недостатоците и слабостите за кои дури ни самите тие не знаеле. Тој им дава можност да ги отстранат тие недостатоци и да се оспособат за Неговата служба. Им ги покажува нивните слабости и ги учи да се потпрат на Него како на своја единствена помош и сигурност. Така се остварува Неговата цел. Тие се изградуваат, се воспитуваат, се дисциплинираат и се приготвуваат да ја исполнат големата задача, онаа заради која им се дадени нивните способности.“ – Патријарси и пророци, 129.130.

Петок 12. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како постојаната свест за големата борба треба да влијае на нас?

2. Што родителите треба да сфатат, додека се заострува големата борба?

3. Зошто Јов можел релативно мирно да одговори на нападите?

4. Следниот пат кога ќе се појави неочекувано искушение, на што треба да се сетам?

5. Зошто ќе раснеме ако на искушенијата гледаме на позрел начин?

Сподели го ова:

Слични објави