13. Последниот судија во Израел

Сподели го ова:

13. лекција Сабота, 31. март 2018.

Последниот судија во Израел

„Доаѓа нашиот Бог, и нема да молчи; пред Него ќе има оган што проголтува, околу Него бура.“ – 1 Самоил 15:22.

„Самоил имал поголемо влијание од него, зашто животот му бил обележан со верност, со послушност и преданост.“ – Патријарси и пророци, 663.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 592-615.

Недела 25. март

1. ТАЈНА НА ПОБЕДАТА

а. Кои можеме да научиме од искуството на Израел во времето кога Самоил му судел на народот? 1 Самоил 7:12,17.

„И денес има потреба од такво оживување на вистинска вера во срцето како што искусиле древните Израелци. Ние треба, како и тие, да донесеме родови достојни за покајание – да ги отфрлиме нашите гревови и да го очистиме осквернетиот храм на срцето како би можел Христос да царува во него…

Покајанието е првиот чекор кој мораат да го преземат сите кои сакаат да се вратат кај Бога. Никој не може да ја направи оваа работа за нас. Ние мора да го понизиме нашето срце пред Бога и да ги отфрлиме нашите идоли. Кога ќе направиме сè што можеме да направиме, тогаш и Господ ќе ни го покаже своето спасение.

И кога небесната светлина ќе ја растера нашата темнина, да ја покажеме, како Самоил, својата благодарност подигајќи спомен на Господа.“ – The Signs of the Times, January 26, 1882.

б. Зошто на оние кои тврдат дека се припадници на Божјиот народ треба да им се упатуваат сериозни апели сè до крајот на времето? Исаија 2:17-22.

Понеделник 26. март

2. СУДБОНОСЕН ЧЕКОР

а. Што довело до пад на Божјиот народ? Осија 4:6. Што направил Самоил за да донесе траен духовен раст меѓу народот?

„Грижата за воспитување на младите се гледала и во тоа што биле воспоставени пророчки школи. Во нив се примани момчиња кои сакале подлабоко да ги истражуваат вистините на Божјата реч и кои копнееле за мудрост одозгора за да можат да станат учители во Израел. Пророчките школи ги основал Самоил да служат како брана од широко распространетата расипаност да обезбедуваат морална и духовна благосостојба на младината и идна среќа на нацијата, на тој начин што ќе подига луѓе кои ќе бидат способни во Божји страв да го водат и да го советуваат народот. За таа цел Самоил собрал многу млади луѓе кои биле побожни, умни и желни за наука. Ги викале пророчки синови. Заедницата со Бога и проучувањето на неговата Реч придонесувале кон нивните природни дарби да се придружи и небесна мудрост. Учителите биле луѓе не само добро запознаени со Божјата вистина, туку кои и самите оствариле заедница со Бога и примиле посебен дар на неговиот Дух. Нив народот ги почитувал и им верувал како поради ученоста така и поради нивната побожност.

Во времето на Самоил постоеле две такви школи, една во Рама, во родното место на пророкот, а друга во Киријат-Јарим, каде што во тоа време се наоѓал ковчегот на заветот. Подоцна се основани и други школи.“ – Патријарси и пророци, 593.

б. Која треба да биде главната тема во таквите училишта? Исаија 34:16; Псалм 12:6.

„Ние сакаме целиот свет да знае дека нашите млади се образувани не само во науката, туку дека тие постојано пред очите го имале значењето од стекнување на знаење за законите на Бога, и да им се покоруваме.“ – College Record, January 1, 1878.

„Зар во школите на старите Евреи нема многу нешта што и денешните воспитувачи со успех би можеле да ги применуваат? Оној што го создал човекот се погрижил за развојот на неговото тело дух и душа. Оттаму, вистинскиот успех во воспитувањето зависи од тоа дали луѓето верно ќе го исполнуваат планот на својот Творец.“ – Патријарси и пророци, 595.

Вторник 27. март

3. САМОИЛ РАЗОЧАРАН

а. Какво разочарување му се случило на Самоил во староста? 1 Самоил 8:1-3. Како луѓето, до извесен степен, кон него се однесувале неправедно?

„Бог му доделил (на Самоил) должност на судија, пророк и свештеник, и тој неуморно и несебично работел за добро на својот народ; под негова мудра управа народот навистина напредувал во секој поглед. Повторно бил воспоставен ред духовноста се зголемила, а духот на незадоволство бил потиснат за извесно време. Но кога остарел, пророкот бил присилен грижите околу владеењето да ги подели со други, па ги одредил своите два сина за помошници. Додека Самоил и понатаму ја вршел својата должност во Рама, синовите ги пратил во Вирсавеја, па јужната граница на земјата, каде што требало да делат правда.

Самоил имал целосна согласност од народот кога на своите синови им ја определил оваа должност.“ – Патријарси и пророци, 604.

„Народот видел дека синовите на Самоил не ги следеле неговите стапки. Иако не биле гнасни, како синовите на Илија, сепак биле нечесни и двосмислени. Додека му помагале на таткото во неговата макотрпна работа, нивната љубов кон наградите и добивката ги натерала во споровите помеѓу луѓето да ја фаворизираат неправдата.“ – The Spirit of Prophecy, vol. 1, p. 353.

„На Самоил не му зборувале за случаите на злоупотреба на власта кај народот. Кога би му било познато лошото однесување на неговите синови, тој секако би ги сменил. Но старешините тоа и не го барале од него. Самоил сфатил дека вистински повод претставуваат незадоволството и гордоста.“ – Патријарси и пророци, 604.

б. Наместо да бараат да се исправат грешките, што луѓето барале од Самоил? Како тој на тоа одговорил? 1 Самоил 8:4-6.

„Остарениот пророк во таа молба видел прекор насочен лично против него и настојување да го отстранат него. Сепак, не ги покажал своите вистински чувства; никого не го прекорувал, туку во молитва го изнел целиот случај пред Господа и само од него барал совет.“ – Патријарси и пророци, 604.605.

 

Среда 28. март

4. КОЈ ТРЕБА ДА БИДЕ НАШИОТ ЦАР?

а. Како Господ му наложил на Самоил да одговори на барањата на народот да им постави цар? Зошто? 1 Самоил 8:7,18.

„Сите што го презираат и го отфрлаат верниот Божји слуга, го омаловажуваат не само тој човек, туку и Учителот што го поставил. Со тоа тие ги отфрлаат Божјите зборови, неговите опомени и совети, го отфрлаат неговиот авторитет.“ – Патријарси и пророци, 605.

б. Кое вечно начело Бог сака да го научиме од ова искуство, како што е објаснето од подоцнежните пророци? Осија 13:11; Езекиел 14:3,8.

„Господ преку своите пророци однапред кажал дека со Израелците ќе владеат цареви, но тоа не значело дека тој начин на владеење за нив ќе биде најдобар и во сообразност со неговата волја.

Кога луѓето ќе посакаат да одат по пат што сами си го одбрале, не прашувајќи го Бога за совет, или наспроти неговата откриена волја, Тој често им ја исполнува желбата со цел низ горчливото искуство што го стекнуваат на тој начин да ја увидат својата лудост и да се покаат за својот грев. Се покажало дека човечката гордост и човечката мудрост се опасни водачи. Сѐ што ќе ни посака срцето наспроти Божјата забрана, сигурно е дека побргу ќе ни служи на проклетство отколку на благослов.“ – Патријарси и пророци, 605.606.

в. Откако првиот цар Саул бил поставен, како Бог милостиво се обидувал да го искористи најдоброто од ситуацијата? 1 Самоил 10:1,6,9;15:17.

г. Што конечно Бог бил принуден да му направи на првиот цар? Зошто? 1 Самоил 13:14; 15:22,23; Дела 13:20,22. Како Тој денес владее со Својот народ? Ефесјаните 4:11,16.

„Во црквата на адвентистите на седмиот ден Бог не поставил никаква царска власт која треба да го контролира целото дело или некоја гранка на делото. Тој не одредил товарот на водството да падне само на неколку луѓе. Одговорностите се поделени на поголем број надлежни луѓе.“ – 8 Сведоштво, 236.

Четврток 29. март

5. БОЖЈО НАСЛЕДСТВО

а. Именувајте еден од најтажните денови во историјата на Израел и објаснете зошто тој бил толку срцепарателен? 1 Самоил 25:1; Псалм 116:15.

„Израелскиот народ смртта на Самоил ја примил како ненадоместлива загуба. Смртта го прибрала во своите пазуви големиот и добар пророк и извонреден судија; болката на целиот народ била длабока и искрена…

Споредувајќи го однесувањето на Саула со Самоиловото држење, народот увидел колку голема била грешката што барале цар само затоа да не се разликуваат од другите народи наоколу. Мнозина со страв го посматрале сѐ поголемото безбоштво и лажната вера што се ширела среде народот…

Народот го загубил основачот и управителот на своите верски школи; но тоа не било сѐ. Го загубиле човекот кај кого народот доаѓал за совет кога би се нашол во голема неволја, кај човекот кој секогаш се заземал пред Бога за интересите на својот народ. Посредувањето на Самоил секогаш влевало чувство на сигурност, „зашто постојаната молитва на праведникот може многу да помогне“ (Јаков 5,16)…

Во мигот кога народот поради внатрешни несогласија сѐ повеќе бил разединуван, а мудриот и богобојазлив совет на Самоил најпотребен, Бог својот стар слуга го повикал на починка. Горчливи мисли го обземале народот додека стоел крај гробот и размислувал за својата лудост што го отфрлиле како народен водач; а тој бил во толку близок допир со небото, што се чинело дека цел Израел го врзува со престолот на Јехова. Самоил бил тој кој ги учел да го љубат Бога и да му се покоруваат.“ – Патријарси и пророци, 663.664.

Петок 30. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Самоил мудро го започнал својот период како судија во Израел?

2. Што ги открива неговите планови за светла иднина на Божјиот народ?

3. Иако Илија и Самоил имале проблематични синови, каква сепак била разликата меѓу нив?

4. Зошто е толку важно целосно да се предадеме на Божјата волја кога се молиме?

5. Зошто треба повеќе да ги цениме водачите како Самоил?

Сподели го ова:

Слични објави