12. Од ихавод до евенезер
12. лекција Сабота, 24. март 2018.
Од ихавод до евенезер
„Повика Самоил кон Господ за Израел и Господ го слушна.“ – 1 Самоил, 7:9 (прв дел).
„Самоил се обидел на Израелците да им го предочи фактот дека тие самите мораат нешто да направат за да ја осигурат божествената наклоност. Тие мораат да се покајат за своите гревови и да ги отфрлат своите идоли.“ – The Signs of the Times, January 26, 1882.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 581-591.
4 Сведоштво, 516-517.
Недела 18. март
1. НЕСРЕЌА КОЈА СЕ НАДВИЛА НАД НАЦИЈАТА
а. За кој дар верниот Самоил станал познат? 1 Самоил 3:19,21.
б. Во меѓувреме, иако Илија во понизност се потчинил на укорот упатен до неговиот дом, како Бог гледал на ситуацијата? Проповедник 8:11.
„Илија не покажал плодови на вистинско покајание. Ја признал кривицата, но не се откажал од гревот. Господ со години ја одложувал најавената казна. За тоа време можело многу да се стори за да се искупат грешките од минатото. Но стариот свештеник не презел ништо одредено за да го отстрани злото што ја валкало светињата Господова и водело во пропаст илјадници Израелци. Божјото трпение придонело срцето на Офнија и Финеса уште повеќе да се стврдне, па тие биле уште подрски во престапите. Илија целиот народ го запознал со укорот и со опомената што му ја упатил Бог на неговиот дом. Се надевал дека на тој начин ќе ја ублажи немарноста на своите поранешни години. Но, како и некогаш свештениците што им придавале малку важност на Божјите опомени, така сега ниту народот не им придавал сериозно значење. И околните народи, кои биле добро запознаени со неправдата што отворено се правела во Израел, станале уште посмели во своето идолопоклонство и во лошите дела. Тие не чувствувале дека се виновни за своите гревови како тогаш кога Израелците би биле истрајни во својата чесност. Но денот на одмаздата се приближувал. Божјиот авторитет бил омаловажуван, неговата служба занемарена, па Бог морал да се вмеша за да ја сочува честа на своето име.“ – Патријарси и пророци, 582.583.
Понеделник 19. март
2. ПОВИКУВАЊЕ НА СИМБОЛОТ
а. Каква будалеста одлука донеле Израелците во момент на слаба духовна состојба, и кој бил одговорен за оваа одлука? 1 Самоил 4:2,4.
„Израелците излегоа во војна против Филистејците и се улогорија при Евен-Езер, а Филистејците се сместија во Афек.“ Израелците тргнале во овој воен поход не прашувајќи го Бога за совет и не барајќи помош од првосвештеникот или од пророк. „И Филистејците се наредија за борба против Израелците; и почна борбата, и Филистејците ги разбија Израелците, и загинаа од нив на бојното поле околу четири илјади души.“ А кога разбиената и победена војска се вратила во логорот, „рекоа старешините: Зошто Господ денес не порази пред Филистејците?“ Народот бил зрел да прими Божја казна, а сепак не увидувале дека нивните гревови ја предизвикале таа страшна несреќа.“ – Патријарси и пророци, 583.
„Наместо да ги исповедаат и остават гревовите што довеле до нивен пораз, (Израелците) сега почнале да измислуваат други средства да дојдат до победа. Тогаш помислиле на Божјиот ковчег. Какви чуда биле направени кога свештениците пред народот го внеле во Јордан! Како неговата вода се разделила, оставајќи сигурен пат за премин на големото мноштво! Тие се сетиле и како ковчегот во свечена тишина бил носен околу градот Ерихон седум дена, и како потоа, со огласување на трубите и виката на народот, огромните ѕидови се срушиле на земјата.
Сеќавањето на тие славни триумфи го инспирирале целиот Израел со нова надеж и храброст.“ – The Signs of the Times, December 22, 1881.
б. Што покажува дека Израелците не го сфаќале правилно значењето на ковчегот, и како и ние денес можеме да паднеме во истата стапица? 1 Самоил 4:5.
„(Израелците) заборавиле дека на ковчегот на заветот неговата светост му ја дава само Божјиот закон кој се наоѓал во него, и дека присуството на ковчегот може да им донесе среќа и напредок само ако го почитуваат тој закон…
Сепак, и во денешно време кај мнозина може да се види истата заслепеност и невнимание… Бог на современиот Израел му дал предупредувања, совети и укори, како би ги довел до покајание и реформација во животот. Но, премногу често тие оставаат само моментален впечаток. Лицата кои се предупредени набргу се враќаат на своите патишта… Едно е да се признаат барањата на Божјиот закон, а сосема друго да се покаже верна и драговолна послушност кон сите негови барања.“ – The Signs of the Times, December 22, 1881.
Вторник 20. март
3. НЕОСНОВАНА ДОВЕРБА
а. Со каква почит Израелците гледале на ковчегот? Каков бил исходот на битката? 1 Самоил 4:6,10. Зошто ковчегот не му бил од помош на Израел?
„(Израелците) ја превиделе разликата помеѓу божественото присуство со кое се удостоиле верните и послушни луѓе, и ковчегот кој бил само симбол на тоа присуство. Оттука тие самоуверено во ковчегот ги барале оние благослови кои само Бог може да ги даде. Тие не ја виделе целосната спротивност помеѓу состојбата на Израел во времето кога Бог за нив чинел толку големи чуда, и нивната сегашна состојба.“ – The Signs of the Times, December 22, 1881.
„Тие тогаш оделе во послушност кон Бога. Ковчегот го носеле свети луѓе, во согласност со Неговата изрична заповед, и Заповедникот на војската Господова одел пред складиштето на Неговиот закон. Тогаш Неговата рака ги избавила. Но, тие сега ги следеле своите планови, во спротивност со божествениот совет и авторитет. Ковчегот го носеле непослушни луѓе, осудени на пропаст. Сатаната толку го заслепил народот што можел да помисли дека може да го наведе Бога да се бори за нив, додека законот под престолот на милоста ги осудил на пораз, несреќа и смрт!“ – The Signs of the Times, December 22, 1881.
„Господ дозволил ковчегот да го земат нивните непријатели, за да им покаже на Израелците колку е напразно да се верува во ковчегот, симболот на Неговото присуство, додека ги осквернувале заповедите кои се наоѓаа во ковчегот. Господ сакал да ги понижи со тоа што ќе го отстрани од нив ковчегот, силата и довербата со која тие се фалеле.“ –Spiritual Gifts, vol. 4a, p. 106.
б. Кои трагедии претставувале врв на овој пораз? 1 Самоил 4:11,15-22.
„Господ длабоко го казнил Својот народ Израел, откривајќи го нивното лицемерие и укорувајќи ја нивната претпоставка, а со тоа на страниците на историјата на сите идни поколенија им оставил сведоштво дека беззаконијата на оние кои се нарекуваат за Негов народ нема да останат неказнети. Колку е поголемо познавањето на Божјата волја, толку е поголем гревот на оние кои ја игнорираат. За да се воздигне Неговото име и да се почитува на земјата, Бог не зависи од луѓе. Тој ги прифаќа напорите на оние кои во вера и понизност одат пред Него, но ги отфрла сите оние кои одат по патот на неправедниците додека тврдат дека му служат Нему.“ – The Signs of the Times, December 22, 1881.
Среда 21. март
4. ОДГОВОРНОСТ ПРЕД БОГА
а. Во пресудата која го снашла домот на Илија, кое сериозно предупредување за начинот на кој историјата се повторува, треба да го привлече нашето внимание? Матеј 7:19,23; Исаија 58:1.
„За првосвештеникот Илија може да се каже дека бил благороден, љубезен и благ, вистински заинтересиран за Божјата служба и за напредок на Неговото дело и човек со сесрдна молитва. Никогаш не се спротивставувал на Божјата реч. Но сериозно му недостигала цврстина на карактерот и одлучност да го осуди гревот и праведно да го казни престапникот; поради тоа Бог не можел да се потпре на него да го одржи чист израелскиот народ. На својата вера тој не ѝ додавал особини на храброст и сила одлучно, во вистински момент и на вистинско место да каже: „Не.“ Гревот е грев, а правдата е само правда. На трубата мора да и се даде сосем јасен и одреден звук. Ние живееме во време на страшна безбожност. И ако на секоја одговорна положба не бидат луѓе со широко отворени очи, служењето на Бога ќе се изроди во обична форма. Денес не е време било кој себично да гледа само на своите лични интереси. Ниту за еден збор кој Бог го изговорил, не смее да се дозволи да падне на земја – да не му се посвети соодветно внимание.
Поедини членови во Батл Крик, иако тврдат дека верувааат во Сведоштвата, практично ги фрлаат под нозе. Но малкумина се оние кои тие книги ги читаат со интерес, а уште помалку оние кои живеат според нив. Во служењето на Бога сè повеќе се вовлекува попуштање на себе, горделивост, мода и покажување. Бог бара одлучни и храбри луѓе, луѓе кои нема да можат да гледаат како се подигаат идоли и внесуваат гнасотии, а да не го подигнат својот глас како труба, укажувајќи му на народот на неговите престапи и на Јакововиот дом за неговите гревови.“ – 4 Сведоштво, 517.
„Опомените и укорите не им се даваат на адвентистите на седмиот ден затоа што тие живеат понечесен живот од христијаните кои им припаѓаат номиналните цркви, ниту пак затоа што нивните постапки и дела се полоши од оние на адвентистите кои не им се покоруваат на барањата на Божјиот закон, туку затоа што тие имаа голема светлина, и што преку својата вера станале посебен, избран Божји народ, кој во своите срца го има напишан Неговиот закон.“ – 2 Сведоштво, 452.
б. Бидејќи Филистејците биле проколнати поради кражбата на симболот на кого тие не му се поклонувале, колку време поминало пред да го вратат ковчегот? После колку време Израелците повторно почнале да ја ценат вредноста на светиот симбол? 1 Самоил 6:1; 7:1,2.
Четврток 22. март
5. ЧУДО НА МИЛОСТА
а. Каков сериозен апел Самоил му упатил на народот на Израел и како прекрасни биле неговите резултати? 1 Самоил 7:3,6.
„На самиот почеток на својата служба како судија во Израел – иако млад – Самоил на сеопштиот собир во Миспа го повикал народот на длабоко каење пред Бога во пост и молитва. Најсвечено им го пренел сериозното сведоштво од Божјите усни; и тие почнале да увидуваат во што се наоѓа нивната сила.“ – 4 Сведоштво, 517.
б. Што треба да научиме од тоа како Бог бил милостив кон понизниот Израел? Зошто, како што тие правеле, треба да ги преиспитаме нашите срца? 1 Самоил 7:7,10,12.
„Слична е состојбата и на Божјиот народ во денешно време на идолопоклоничкиот Израел. Мнозина кои го носат христијанското име, освен на Бога им служат и на други богови. Нашиот Создател бара од нас врховна преданост, нашата прва верност. Сè што има тенденција да ја намали нашата љубов кон Бога, или што стои на патот на нашата служба Нему, со самото тоа станува идол. За некои идол е нивната земја, за некои нивните куќи, а за другите економските добра. Работните потфати се преземаат со ревност и преданост, додека служењето на Бога е од второстепена важност. Семејната служба е занемарена, тајната молитва заборавена. Многумина тврдат дека кон своите ближни се однесуваат справедливо, и се чини дека чувствуваат дека со тоа ја извршуваат својата целокупна должност. Но не е доволно само да се држат последните шест заповеди од декалогот. Ние треба да го сакаме Господа, нашиот Бог, со сето срце. Ништо помалку од послушноста кон секоја заповед – ништо помалку од врховната љубов кон Бога, како и рамноправната љубов кон нашите ближни – не може да ги задоволи барањата на божествениот закон.“ – The Signs of the Times, January 26, 1882.
Петок 23. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто не е доволно да се прифати укорот?
2. Зошто присуството на ковчегот на заветот не бил од помош на бојното поле?
3. Кое е значењето на зборот „Ихавод“ во историјата на Израел?
4. Илија бил човек на молитва, но што му недостасувало во неговата духовност?
5. Како ние – како и Израел – имаме потреба од искуството на Миспа денес?