11. Посветено дете

Сподели го ова:

11. лекција Сабота, 17. март 2018.

Посветено дете

„Дури и дете може да се познае по работите негови: чисто ли ќе биде и правилно ли ќе биде поведението негово?“ – Изреки 20:11.

„Господ го прифатил Самоил уште од неговото детство, бидејќи неговото срце било чисто. Тој бил даден на Бога – на посветена служба – и Господ го направил канал на светлината.“ – Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 537.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 575–580.

Недела 11. март

1. ПОВИКАН НА СЛУЖБА

а. Што работел Самоил во својот нов живот во храмот? 1 Самоил 2:11,18. Што правела Ана за Самоил, и како Бог ја благословил Ана? 1 Самоил 2:19-21.

„Било вообичаено Левитите да не стапуваат во званична служба додека не наполнат дваесет и пет години, но кај Самоил е направен исклучок. Секоја година му биле доверувани се поголеми должности, и уште како дете носел ленен плеќник во знак дека е посветен за служба во светињата. Иако бил сосема млад кога е доведен да служи во светињата, Самоил веднаш ја прифатил должноста во Божјата служба во сообразност со своите можности. Тие должности од почеток биле мошне скромни и не биле секогаш пријатни, но тој ги исполнувал колку што можел подобро и со добра волја.“ – Патријарси и пророци, 573.

„Дури и кога била одвоена од своето дете, грижата на верната мајка не престанала. Тој бил предмет на нејзините молитви. Секоја година му правела мала наметка, и кога со својот маж доаѓала да принесе годишна жртва, таа го донесувала како знак на својата љубов. На секој шев на наметката ја додавала и молитвата тој да биде чист, благороден и вистинит. Не барала да биде голем, туку искрено се молела да биде добар.“ – The Signs of the Times, November 3, 1881.

Понеделник 12. март

2. СО ИЛИЈА И НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО

а. Што е запишано за Самоил во неговата младост? 1 Самоил 2:26. Каков бил односот помеѓу детето Самоил и првосвештеникот Илија?

„Самоил му бил доверен на грижа на Илија и милноста на детскиот карактер кај стариот свештеник предизвикувала топла наклоност. Момчето било љубезно, великодушно, послушно и полно со почит. Ожалостен поради отпадот на своите синови, Илија наоѓал мир, утеха и благослов во присуство на својот малечок штитеник. Самоил бил услужлив и предан, и дури ни таткото не би го сакал толку своето дете колку Илија што го сакал Самоила. Имало нешто необично во тоа што меѓу највисокиот народен судија и едно дете се родила толку топла наклоност. Секогаш кога остарениот Илија би го обзела немоќ или би го мачела совеста поради лошото однесување на неговите синови, тој му се обраќал на Самоил да го теши.“ – Патријарси и пророци, 573.

б. Иако младиот Самоил живеел во просториите на првосвештеникот, што треба да сфатиме за тамошното опкружување? Какво сериозно предупредување му е дадено на Илија? 1 Самоил 2:12,22,27-31.

„Самоиловата младост поминувала во свечена служба во светињата; меѓутоа, дури ниту овде не бил слободен од злите влијанија или грешните примери. Синовите на Илија се опишани во светото слово како ‘лоши’; не се плашеле од Бога, ниту го почитувале својот татко; но Самоил не го барал нивното друштво ниту ги следел нивните зли патишта. Тој постојано се трудел да биде она што Бог од него го барал. Ова е привилегија на секој млад човек. Бог е задоволен кога дури и млади деца се посветуваат на Неговата служба; тие не треба да бидат обесхрабрени во нивните напори да станат христијани…

Најмладото дете, кое има љубов и страв Божји, поголемо е во Неговите очи од најталентираниот и најучениот човек кој го занемарува големото спасение.“ – The Signs of the Times, November 3, 1881.

„И покрај тоа што луѓето се повикуваат на верност на бројните владетели, целото човештво му служи на еден од двајцата господари – Кнезот на светлината или Кнезот на темнината. Самоил му служел на првиот, а Илиевите синови на вториот.“ – The Signs of the Times, November 3, 1881.

Вторник 13. март

3. ПОСЛУШНОСТА САМО КАКО ОПЦИЈА?

а. Објаснете го проблемот на Илија и како можеме да бидеме виновни за повторувањето на истата грешка денес. 1 Самоил 2:22-25; Исаија 3:12 (прв дел).

„Илија брзо ги увидувал и укорувал гревовите и заблудите на луѓето – понекогаш, како во случајот на Ана, дури и давајќи непотребен укор; но гревовите на неговите синови му се чинеле помалку навредливи од гревовите на другите. Во својата непримерна наклонетост тој секогаш бил подготвен да најде изговори за нивните перверзни гревови.“ – The Signs of the Times, November 24, 1881.

„Илија ги поучувал своите деца во Божјиот закон и им дал добар пример со својот живот; но со самото тоа не ја извршил во целост својата должност. Бог од него со право барал, како татко и свештеник, да ги одврати од спроведувањето на нивната изопачена волја. Ова не успеал да го направи.“ – The Signs of the Times, November 10, 1881.

„(Илија) не наложил послушност.“ – The Signs of the Times, August 30, 1881.

б. Што треба да сфатиме кога кај нашите деца гледаме духовна слабост? Изреки 26:2; Второзаконие 6:6,7.

„Во секое искрено христијанско срце се покренува прашањето: ‘Зошто, о зошто, во земјата на Библијата и христијанското учење, непријателот на душите може да владее толку моќно и толку неограничено?’ Причината е очигледна. Родителите ја занемаруваат својата свечена одговорност. Тие не се искрени, истрајни и верни во воспитувањето на своите деца за Бога, ограничувајќи ги нивните грешни желби и наметнувајќи послушност на родителскиот авторитет, дури и во раното детство.“ – The Signs of the Times, November 3, 1881.

„Мајката не смее да дозволи нејзиното дете да добие предност во ниту еден случај, а, со цел да го задржи својот авторитет, не е неопходно да прибегне кон остри мерки; цврстата, стабилна рака а и добрината која го убедува детето во мајчината љубов ќе ја постигне целта…

Никогаш не треба (на децата) да им се дозволи да покажат непочитување кон своите родители. Своеглавоста не треба да помине неукорена. Идната благосостојба на децата изискува љубезна, полна со љубов, но цврста дисциплина.“ – Совети за детето, 83.

Среда 14. март

4. ДОСТОЕН ЗА ВИСОКИОТ ПОВИК

а. За разлика од синовите на Илија, што може да научи секое дете од искуството на малиот Самоил во храмот? Изреки 20:11; Псалм 71:17.

„На децата нивната работа би им била многу попријатна и почесна кога родителите би ги учеле дека нивните малечки секојдневни должности всушност се пат што им го одредил Бог, училиште во кое треба да се обучат за верно и успешно да ја вршат службата. Секоја должност што ја вршиме од срце, како да му е извршена лично на Бога, е единствена должност што го облекува со убавина и најскромното занимање и работниците на земјата ги поврзува со светите суштества кои на небото ја извршуваат Божјата волја.“ – Патријарси и пророци, 574.

б. Зошто можеме да бидеме инспирирани од начинот на кој Самоил бил чудесен сведок за стариот Илија, и како тоа единствено било можно? 2 Коринтјаните 2:14-17.

„Додека срцето на Илија било полно со грижи и жалење поради злите патишта на неговите синови, тој наоѓал олеснување и утеха во честитоста и посветеноста на младиот Самоил. Неговата подготвеност да помогне и непроменливата верност го олеснувале товарот на свештеникот обземен со грижи. Илија го засакал Самоила зашто видел дека на него почива Божјата благодат и љубов…

Како Самоил растел, грижата на неговите родители станувала поинтензивна. Многу молитви биле принесени за да не биде заразен од злото кое ги пратило синовите на Илија “ – Signs of the Times, December 15, 1881.

в. Објаснете ја неверојатната приказна за Божјиот повик на Самоил. 1 Самоил 3:1-10.

„Кога имал само дванаесет години, синот на Ана добил особена задача од Севишниот… Три пати Самоил бил повикан, и три пати одговорил на ист начин; тогаш Илија бил убеден дека таинствениот повик всушност бил Божјиот глас. Какви чувства го вознемириле срцето на првосвештеникот во тој час! Бог го заобиколил својот избран слуга, човекот со седа коса, за да комуницира со дете.“ – Signs of the Times, December 15, 1881.

Четврток 15. март

5. ВЕСТ ОД КОЈА ЅВОНАТ УШИТЕ

а. Каква порака му дал Бог на Самоил и како се чувствувало момчето додека ја пренесувало? 1 Самоил 3:12-15.

„На Самоил не му биле непознати злите патишта на синовите на Илија, но сепак бил исполнет со страв и чудење што Бог му доверил толку страшна порака. Тој се разбудил наутро и ги извршувал своите должности како и обично, но неговото младо срце го притискал тежок товар. Колку искрено сакал сочувство и совет од своите родители во тој тежок час! Господ не му заповедал да ја открие страшната осуда на Илија или на неговите синови; затоа ништо не зборувал и го избегнувал колку што е можно присуството на Илија. Се плашел некое прашање да не го принуди да ја објави божествената пресуда против оној кого толку го сакал и почитувал.“ – The Signs of the Times, December 15, 1881.

б. Учтив и послушен како и секогаш, што наскоро Самоил морал да направи? Што треба да имаме на ум кога размислуваме за дадената порака? 1 Самоил 3:18.

„Во секоја ера, Божјите казни ја посетувале земјата затоа што луѓето го прекршиле Неговиот закон. Што тогаш треба да очекуваме додека гледаме како злото преовладува во денешно време?… Многу признати водачи во црквата и во државата го прекршуваат законот и ги учат другите да го прекршат тој закон, кого Бог го смета за свет како и Својот престол и името. Време е самиот Бог да го одбрани Својот авторитет на Земјата… Тој го отстранува Своето заштитничко провидение и грижа, и ги праќа своите казни врз синовите човечки.“ – The Signs of the Times, December 15, 1881.

Петок 16. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Иако останал сам во храмот без своите родители, зошто Самоил бил безбеден?

2. Зошто Илија толку многу го ценел Самоила?

3. Како можат денес родителите да бидат како Илија?

4. Наведете некои клучни причини за Самоиловата чистота во расипаниот храмски двор?

5. Што сведочи за одговорноста која Бог ја очекува во сите времиња?

Сподели го ова:

Слични објави