10. Измолен од Господа

Сподели го ова:

10. лекција Сабота, 10. март 2018.

Измолен од Господа

„По извесно време Ана зачна, роди син и му даде име Самоил, бидејќи велеше таа: ‘Од Господ го побарав’.“ – 1 Самоил 1:20.

„Секојдневното влијание на мајката врз нејзините деца ги подготвува за вечен живот или вечна смрт. Таа во својот дом шири влијание кое е далеку поголемо од влијанието на проповедникот зад проповедалната, па дури и од царот на неговиот престол. Денот Господов ќе открие колку светот им должи на побожните мајки, кои ги поставиле на нозе луѓето кои биле непоколебливи застапници на вистината и реформата.“ – Reflecting Christ, p. 195.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ Патријарси и пророци, 569-574.

Недела 4. март

1. НЕПЛОДНА И ИЗНЕВЕРЕНА

а. Поради што Ана, жената на Елкан, била тажна? 1 Самоил 1:1,2.

„Љубовта на Елкана кон избраната придружничка била длабока и постојана. Сепак, среќата на нивното домаќинство ја засенувал облак. Детските извици не го опсипувале со радост нивниот дом. На крајот силната желба да го овековечи неговото име го навела сопругот, како што и денес наведува многу други, да тргнат по пат кој Бог не го одобрил – довел во семејството втора жена, која ќе и биде потчинета на првата. Ова чин бил поттикнат од недостаток на вера во Бога и бил проследен со зли последици. Мирот на дотогаш обединетото и хармонично семејство, бил нарушен. Ана ја погодил тежок удар. Се чинело дека сета радост засекогаш е изгонета од нивниот дом. Нејзината болка била жестока и горчлива, но сепак таа своите искушенија ги поднесувала без негодување.

Пенина – новата сопруга – била жена со слаби умни способности, склона кон завист и љубомора. Како што поминувале годините, а бројот на синовите и ќерките во домаќинството растел, таа станала горда и полна со себе и се однесувала кон соперничката со презир и дрскост.“ – The Signs of the Times, October 27, 1881.

Понеделник 5. март

2. ПОТЦЕНЕТА И НЕРАЗБРАНА

а. Објаснете ја типичната сцена со семејството на Елкана во времето на празниците во Силом. 1 Самоил 1:3-5.

„Злиот дух, кој претставувал проклетство за домот на Елкана, бил вмешан дури и за време на светите свечености поврзани со богослужението. После принесувањето на другите жртви, било вообичаено да се принесат и жртви на помирување. Одреден дел од жртвата е даван на свештеникот, а потоа оној кој ја принел, откако на секој член на семејството му го дал неговиот дел, се придружувал на семејството во свечена и радосна гозба. Во такви прилики, Елкана на мајката на своите деца и давал еден дел и на секој нејзин син и ќерка исто така по еден дел, а потоа, во знак на почит, на својата прва и сакана жена, на Ана, и давал два дела. Тоа разбудило љубомора и завист кај втората жена, и таа дрско го барала своето право на првенство тврдејќи дека Бог особено и е наклонет; додека со омаловажување укажувала на фактот дека Ана нема деца, како на доказ дека не му е угодна на Бога.“ – The Signs of the Times, October 27, 1881.

б. Опишете го степенот на горкото страдање на Ана. 1 Самоил 1:6,7.

„Такви сцени често се повторувале, не само за годишните празници, туку секој пат кога околностите и давале на Пенина можност гордо да се издигне себеси на сметка на својата соперничка. Таквото постапување на оваа жена за Ана претставувала речиси неиздржливо искушение. Самиот сатана ја користел оваа жена како свое орудие да вознемирува, и ако е можно, да огорчи и уништи едно верно Божјо дете. Најпосле, додека подбивите на нејзината соперничка се повторувале, во текот на еден од годишните празници, Ана ја издале храброста и издржливоста. Бидејќи повеќе не можела да ги сокрие своите чувства, почнала без воздржување да плаче. Изразите на радост насекаде околу неа и се чинеле како исмејување, поради тоа таа не можела да учествува во празничната веселба.“ – The Signs of the Times, October 27, 1881.

в. Како Елкана се обидувал да ја утеши својата драга сопруга, но залудно? 1 Самоил 1:8.

„Елкана не можел целосно да ги разбере чувствата (на Ана) или да ја разбере причината.“ – The Signs of the Times, October 27, 1881.

Вторник 6. март

3. ВЕРЕН И МИЛОСТИВ

а. Што треба да научиме од карактерот на Ана и решението што го барала за нејзината тешкотија? 1 Самоил 1:9-11; Псалм 50:15.

„Понизност, совесност и цврсто потпирање врз Бога биле владејачките особини на Аниниот карактер.“ – The Signs of the Times, October 27, 1881.

„Ана не го обвинувала својот сопруг поради неговиот немудар брак. Тагата што не можела да ја сподели со ниту еден земен пријател ја изнела пред небесниот Отец. Само во Него барала утеха… Во молитва се крие голема сила. Нашиот голем противник постојано се обидува нашата растревожена душа да ја одвои од Бога. Кога најпонизната душа му се обраќа на Бога, сатаната мора да се плаши многу повеќе, отколку кога владите или царевите издаваат наредби.

Молитвата на Ана била нечујна за смртното уво, но допрела до увото на Господа над силите.“ – The Signs of the Times, October 27, 1881.

б. Откако била погрешно сфатена од страна на својата злобна ривалка, како сега за Ана погрешен суд донел и првосвештеникот во домот Божји? 1 Самоил 1: 12-14.

„Празничните веселби целосно ја потиснувале вистинската побожност во Израел. Примерите на неумереност, дури и кај жените, биле честа појава, и затоа Илија одлучил да ја предупреди Ана мислејќи дека заслужува укор.“ – The Signs of the Times, October 27, 1881.

в. Како благородниот одговор на Ана ја открива изобилната благодат на Христовиот карактер? 1 Самоил 1:15.16.

„Ана разговарала со Бога. Таа верувала дека Тој ја слушнал нејзината молитва и Христовиот мир го исполнил нејзиното срце. Нејзината природа била нежна и чувствителна, но сепак не се предала ниту на болката ниту на горчината поради неправедното обвинување дека е пијана во Божјиот дом. Со должна почит кон Божјиот помазаник, таа смирено го одбила обвинението и ја објаснила причината на нејзините емоции.“ – The Signs of the Times, October 27, 1881.

Среда 7. март

4. САМОИЛОВИТЕ ПРВИ ТРИ ГОДИНИ

а. Какво чудо Бог направил како одговор на молитвата на Ана? 1 Самоил 1:17-22.

б. Што треба да научиме од Анините темелни упатства до младиот Самоил? Изреки 22:6.

„За време на првите три години од животот на пророкот Самуел, неговата мајка грижливо го учела да прави разлика помеѓу доброто и злото. Преку секој познат предмет кој го опкружувал, таа настојувала неговите мисли да ги води кон Создателот.“ – Совети за детето, 197.

 

„Првите три години се време во кое треба да се насочува малечкото гранче. Мајките треба да ја разберат важноста која е прикачена за овој период. Тогаш е време кога се положуваат основите.“ – Совети за детето, 194.

„Таква била и Ана, жена на молитва, самопожртвуваност и небесно вдахновение, која го родила Самоил – дете поучувано од небото, непоткупливиот судија, основачот на израелските свети училишта.“ – Здравје и среќа, 372.

в. Што треба да научиме од Ана во поглед на сериозноста на заветот направен со Бога? 1 Самоил 1:11,21-28; Проповедник 5:4,5.

„Штом момчето пораснало толку за да може да се одвои од мајка си, таа го исполнила својот завет. Ана го сакала своето дете со сета преданост на мајчинското срце; посматрајќи го секој ден како се развива и слушајќи го неговиот детски говор, го сакала сѐ повеќе и повеќе. Тоа и било единствено дете, посебен небесен дар. Меѓутоа, бидејќи го примила како дар посветен на Бога, таа не сакала на Дародавецот да му го скуси она што е негово.

Кога Ана повторно пошла со својот маж во Силом, му го донела на свештеникот во Божјо име својот драгоцен подарок.“ – Патријарси и пророци, 570.571.

Четврток 8. март

5. ПЕСНИ НА БЛАГОДАРНОСТ И ПРОРОШТВА

а. Што Ана јавно и гласно објавила со сила? 1 Самоил 2:1.

„(Ана) чувствувала дека, во знак на благодарност, не може да стори ништо повеќе отколку јавно да ја признае божествената милост и добрина. Духот на вдахновението дошол врз неа, и иако скромна и срамежлива, нејзиниот глас се слушнал во народниот собир, фалејќи го Бога…

Рогот кај некои животни претставува оружје за напад и одбрана; користејќи се со оваа симболика, Ана признала дека нејзиното избавување доаѓа од Бога. Во нејзината радост немало никакво празно самозадоволство. Таа не се радувала поради Самоил, ниту поради сопствената благосостојба, туку во Господа.“ – The Signs of the Times, October 27, 1881.

б. Како зборовите на Ана ни донесуваат утеха и мудрост? 1 Самоил 2:2-10.

„Не зборувајте повеќе толку горделиво! Зборови дрски нека не излегуваат од вашата уста; зашто Господ е Бог на знаењето, и постапките Негови се одмерени (1 Цареви 2:3). Додека овде мисли на фалењето на Пенина и дрското однесување, се чини дека Ана се обраќа и на сите непријатели на вистинската побожност, кои се слават себеси, а ги навредуваат и презираат верните Божји деца. Гордоста и фалењето не можат да го измамат Бога. Тој го познава срцето и животот на секој човек. Тој ги мери сите дела. Тој го препознава карактерот на луѓето и нивните побуди ги мери на мерилата. Кога гледа дека тоа е за добро на луѓето и на Негова слава, Тој ќе интервенира во корист на Својот народ. Тој во вистински момент ќе ги награди праведните и ќе ги казни злите.“ – The Signs of the Times, October 27, 1881.

Петок 9. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како мнозина честопати ја повторуваат грешката како Елкана?

2. Што треба да правиме со „Пенините“ во нашиот живот?

3. На кој начин и јас можам да бидам виновен за погрешната проценка на некој што го познавам?

4. Објаснете ја улогата на родителите во првите три години од животот на детето?

5. Што ја поттикнало Ана да објави јавно признавање што направила?

Сподели го ова:

Слични објави