1. Кандидат за небото

Сподели го ова:

1. лекција Сабота, 6. јануари 2018.

Кандидат за небото

„Преку вера Енох беше преселен за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога.“ – Евреите 11:5.

„Колку пати оние кои и верувале на Божјата Реч, иако самите по себе сосема беспомошни, и се спротивставиле на силата на целиот свет – Енох, непорочен во срцето, свет во животот, држејќи се цврсто за својата вера во победата на праведноста наспроти расипаната генерација која му се потсмевала.“ – Воспитување, 254.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 84-89.

Недела 31. декември

1. ВО ВРЕМЕТО НА МОРАЛНА ИЗОПАЧЕНОСТ

а. Како можеме да го сумираме искуството на седмиот од Адам, и како неговата околина е споредена со нашата денес? Битие 5:18-22.

„Никогаш немало и никогаш нема да има време кога моралната темнина ќе биде толку густа, како кога Енох живеел живот на беспрекорна правда.“ – Bible Commentary, vol. 1, p. 1088.

„И Енох имал искушенија како што имаме и ние. Бил опкружен со луѓе кои не биле повеќе пријателски наклонети кон правдата од нашата околина. Атмосферата што ја вдишувал била извалкана со грев и расипаност, исто како и нашата; но сепак живеел свет живот.“ – 2 Сведоштво, 122.

„Браќа и сестри, ние не треба да дозволиме да не носи струјата на популарните, широко распространетите сфаќања. Наша сегашна должност е да излеземе од светот и да се одвоиме. Ова е единствениот начин на кој можеме да одиме со Бога, како што правел и Енох.“ – 5 Сведоштво, 535

„Енох не одел со Бога во занес или визија, туку во сите должности на секојдневниот живот. Тој не станал испосник (пустиник), не се одвоил потполно од светот, бидејќи во светот требало да изврши едно дело за Бога.“ – 8 Сведоштво, 329.330.

Понеделник 1. јануари

2. ЗДРАВ СТРАВ ОД БОГА

а. Каква инспирација треба да ни даде Еноховото искуство со Бога? Битие 5:23,24.

„Господ го љубел Еноха бидејќи тој постојано го следел, упорно избегнувајќи го беззаконието, искрено трагајќи за небесно знаење како би можел совршено да се покорува на Неговата волја. Копнеел уште повеќе да се соедини со Бога од кого се плашел, и кого го почитувал и обожавал. Бог не можел да дозволи Енох да умре како и другите луѓе, туку ги пратил Своите ангели да го одведат на небото без да вкуси смрт.“ – Spiritual Gifts, vol. 3, p. 57.

„Триста години, Енох се стремел за чистота на срцето, како би можел да биде во хармонија со небото…

На таква заедница Бог и нас нè повикува. Светоста на карактерот на оние кои ќе бидат откупени од луѓето при второто Христово доаѓање, мора да одговара на светоста на Еноховиот карактер.“ – Gospel Workers, pp. 53, 54.

б. Што му било покажано на првиот пророк во историјата, и зошто му била дадена таква визија? Јуда 14:15.

„Енох бил првиот пророк меѓу луѓето… Неговиот живот бил пример на христијанска конзистентност. Само светите усни треба да ја изговараат Божјата реч при осуда и жигосување на гревот.“ – Bible Commentary, vol. 1, p. 1088.

в. Какво однесување особено го предизвикува Божјиот гнев во христијанската ера? Јуда 5-8,10,11,16; Матеј 11:20,23,24.

„Судбината на Содом претставува сериозна опомена не само за оние што се виновни за сторениот грев, туку и за сите кои се играат со предимствата и со светлината пратена од небото…

Во страшниот суден ден полесно ќе им биде на жителите на Содом и Гомор отколку на оние кои знаеле за Христовата љубов, а сепак се одвратиле од неа за да уживаат во задоволствата на грешниот свет.“ – Патријарси и пророци, 165.

Вторник 2. јануари

3. ЦЕЛТА СЕКОГАШ ПРЕД ОЧИТЕ

а. Како Енох ја одржувал својата чистота? 1 Коринтјаните 15:33; Тит 1:15,16.

„(Енох) не престојувал меѓу безбожниците. Тој не се населил во Содом, мислејќи да го спаси Содом. Тој се сместил со своето семејство таму каде атмосферата била што е можно почиста. Потоа оттаму повремено би заминувал меѓу жителите во светот, пренесувајќи им ја од Бога дадената порака. Секоја посета што ќе ја направел во светот за него била болна. Тој видел и сфаќал нешто од лепрата на гревот. По објавувањето на својата порака, секој пат со себе во своето осамено и повлечено живеалиште би повел и некого кој го примил предупредувањето. Некои од нив станале победници, и починале пред да дојде потопот. Но, некои живееле толку долго под изопаченото влијание на гревот, така што не можеле да ја поднесат правдата.“ – Bible Commentary, vol. 1, pp. 1087, 1088.

„Колку поголема и поитна била неговата задача, толку поистрајни и поискрени биле неговите молитви. Од време на време повремено се повлекувал од општеството. Откако извесно време би се задржал меѓу луѓето, трудејќи се да им биде од корист со поука и пример, повторно би се повлекувал во осаменост, чувствувајќи глад и жед за божественото знаење кое само Бог можел да го даде.“ – Gospel Workers, p. 52.

б. Што можеме да научиме од ставот на Енох? Евреите 11:5.

„Бескрајната, неиспитлива Божја љубов откриена во Христа станала предмет на неговото размислување ден и ноќ. Тој со сета срдечност на својата душа настојувал таа љубов да ја открие на оние меѓу кои живеел…

Кога пред неговите очи се отвориле сцените на иднината, Енох станал проповедник на праведноста, пренесувајќи им ја Божјата порака на сите оние кои сакале да ги слушаат зборовите на предупредување…

Оние кои слушале, почувствувале дека Божјата сила делува преку Неговиот слуга. Некои го послушале предупредувањето и се откажале од своите гревови, но повеќето се потсмевале на свечената порака.

Во овие последни денови Божјите слуги мораат да му објават на светот слична порака, и исто така ќе наидат на неверување и потсмев.“ – 8 Сведоштво,329.330.

Среда 3. јануари

4. ДА СТАНЕМЕ СЛИЧНИ НА ХРИСТА

а. Во која смисла целта на Енох е пример за нас денес? Галатјаните 6:8,9.

„Како што поминувале годините, плимата на човечките беззаконија станувала сè подлабока и подлабока, се собирале сè помрачни и помрачни облаци на божествениот суд. Но Енох – сведокот на верата – се држел за својот пат, предупредувајќи, преколнувајќи и проучувајќи, трудејќи се да ја спречи плимата на беззаконието и да ги сопре стрелите на одмаздата.

Луѓето од тоа поколение му се смееле на лудоста на оној кој не се трудел да собере злато и сребро, ниту да добие имот на овој свет. Но Еноховото срце копнеело за вечното богатство.“ – 8 Сведоштво, 330.

б. Што треба да ги насочува нашите секојдневни одлуки? 2 Коринтјаните 5:7; Осија 14:9.

„Доколку било поголемо постоечкото беззаконие дотолку бил посрдечен неговиот копнеж за вечниот дом. Иако сè уште се наоѓал на земјата, тој со вера престојувал во царството на светлината.“ – 8 Сведоштво, 330. 331.

„Дали тој (Енох) навистина го гледал Бога на своја страна? Само со вера. Тој бил свесен дека Бог е тука, и доследно и принципиелно се држел до начелата на вистината. Ние, исто така, треба да одиме со Бога. Кога така ќе правиме, нашите лица ќе бидат осветлени со светлината на Неговото присуство, и кога ќе се состанеме еден со друг, ќе зборуваме за Неговата сила, велејќи: Слава на Бога… Добро е Господе, и добро е словото Господово.

На крајот на времето ќе бидат земени само оние кои на оваа земја одржувале постојана врска со Бога на земјата. Оние кои покажуваат дека животот им е сокриен со Христа во Бога, секогаш ќе го претставуваат во сите нивни животни постапки. Себичноста ќе биде целосно искоренета.

Да се потрудиме да ги сфатиме слабостите кои се толку својствени на луѓето, согледувајќи дека човекот паѓа токму тогаш кога за себе вообразено има високо мислење. Тогаш ќе бидеме исполнети со желба да бидеме онакви какви, според Божјата намера и желба, треба да бидеме – чисти, благородни и посветени… Единствената желба на нашата душа ќе биде да станеме како Бога.

Тоа била желбата која го исполнувала срцето на Енох… Тој самиот не го одредувал својот пат, ниту пак ја истакнувал својата волја, сметајќи се доволно способен да управува со својот живот. Тој се борел да биде во согласност со божествениот Пример.“ – Bible Commentary, vol. 1, p. 1087.

Четврток 4. јануари

5. ПРОЦЕС НА ЧИСТЕЊЕ

а. Опишете ја конечната победа на сите што ја делат целта на Енох? Матеј 5:8.

„Небото е полно со благослови кои Тој едвај чека да ги даде на оние кои искрено го молат за помош која само Господ може да ја даде. Енох со вера постојано гледал во Исуса, во молитва се повикувал на Него, верувајќи дека секој Божји збор навистина ќе се исполни, така Енох одел со Бога и бил на Негова страна покорувајќи се на секој Негов збор.“ – Bible Commentary, vol. 1, p. 1087.

„Колку се малку оние кои се свесни дека имаат идоли кои им се многу драги и дека го негуваат гревот! Бог ги гледа тие гревови кои потполно нè заслепиле и со Својата „остра косилка“ Тој понекогаш засекува многу длабоко за да ве ослободи од тие исклучително сакани гревови. Секој од вас сака сам да го избере процесот на чистење низ кој мора да помине. Колку тешко секој од нас се согласува да го распне своето „јас“, но кога тоа ќе му го препушти на Бога како на Оној Кој ги знае сите наши слабости и нашата грешност, Тој ќе одбере најдобар начин да се постигнат саканите резултати. И Енох, живеејќи со вера еднакво според Божјата волја, постојано наидувал на судири. Тоа може да биде искуство на секој од нас. Со целосно обратување и видна промена во својот живот можете навистина да бидете Божји деца, не само познавајќи ја Божјата волја туку наведувајќи со својот пример и други да тргнат по патот на послушност и посветување.“ – 3 Сведоштво, 543.

„(Енох) живеел во време на расипаност и околу него сè било изопачено, но тој го вежбал својот ум кон побожност и љубов кон чистотата. Зборувал за она што е небесно. Го воспитал својот дух да се движи во тој правец и затоа на него бил печатот на божественото. Лицето му било осветлено со светлина која сјаела од Исусовото лице.“ – 2 Сведоштво, 122.

Петок 5. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што треба да сфатиме за генерацијата на Енох?

2. Што треба да научиме од судбината на Содом?

3. Објаснете го однесувањето на Енох во врска со неговата околина?

4. Со каква намера Енох ја проучувал Божјата реч?

5. Како лекцијата за оваа недела треба да ни донесе надеж?

Сподели го ова:

Слични објави