07 Вечна милост
7. лекција Сабота, 18. февруари, 2017
Вечна милост
„Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји.“ – Ефесјаните 2,8.
„Милост значи наклоност кон оној којшто е недостоен, оној којшто е изгубен. Фактот дека сме грешници, наместо да не одвојува од Божјата милост и љубов, го прави апсолутно потребно искажувањето на Неговата љубов кон нас со цел да се спасиме.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 347.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 374-385;
Faith and Works, pp. 15–28.
Недела 12. февруари
1. НОВИОТ ЗАВЕТ НА ВЕТУВАЊЕТО
а. На кој начин Бог го направил новиот завет со Аврам – и што Бог подоцна направил за да го потврди овој завет и зошто? Галатјаните 3,14-18; Евреите 6,13-18.
б. Што Аврам направил од своја страна за да ги заслужи овие заветни благослови, и што нѐ учи тоа за Божјиот став кон грешниците? Битие 12,1-3; 1 Коринтјаните 1,26-31; Римјаните 3,10-12.
„Милоста е особина, која Бог им ја укажува на човечки битија што не ја заслужуваат. Иако ние не сме ја барале, таа е испратена со цел да нè пронајде. Бог ја излева на нас Својата благодат со радост, не затоа што сме достојни, туку затоа што сме целосно недостојни…
Тој (Бог) се слави кога му простува и на најголемиот грешник.“ – Здравје и среќа, 137.
„Колку понедостоен е примателот, толку повеличествена е Божјата милост.“ – General Conference Daily Bulletin, January 28, 1893.
Понеделник 13. февруари
2. СТАРИОТ ЗАВЕТ ВТЕМЕЛЕН НА ДЕЛАТА
а. Зошто Бог направил уште еден завет преку Мојсеј, 430 години подоцна, и зошто тој не може да го поништи новиот завет на ветувањата? Второзаконие 4,12.13; Излез 19,5-7; Галатјаните 3,17; 1 Петрово 1,18-20.
„Израелскиот народ за време на своето робување во голема мера го загубил поимот за Бога и за начелата на Аврамовскиот завет. Кога ги ослободил од Египет, Бог настојувал да им ја открие својата моќ и милост за да ги одоброволи да Го љубат и да имаат доверба во Него… за да сфатат колку се беспомошни и колку им е неопходна божествената помош. А тогаш се погрижил да ги ослободи…
Бидејќи живееле среде идолопоклонство и расипаност, тие немале вистинска претстава за Божјата светост, за тежината на грешноста на сопственото срце, за целосната неспособност само со своја сила да му се потчинуваат на Божјиот закон. А ниту пак чувствувале колку им бил потребен Спасителот. На сето тоа требало да се научат.“ – Патријарси и пророци, 383.
„Една друга спогодба во Библијата наречена „стар“ завет е склучен на Синај меѓу Бога и израелскиот народ и потоа потврден со крв на заклана жртва. Заветот обновен со Аврам е потврден со Христовата крв и се вика „втор“ или „нов“ завет, зашто крвта со која е потврден е пролеана по крвта на првиот завет.“ – Патријарси и пророци, 382.
б. Како народот реагирал на Божјите барања во рамките на стариот завет? Излез 19,8. Како и ние можеме да западнеме во истата опасност?
„Меѓутоа, тие не ја увидувале грешноста на своето сопствено срце и фактот дека без Христа не е можно да се држи Божјиот закон.“ – Патријарси и пророци, 383.
„Оние што сметаат дека Христовата крв не им е неопходна, дека со лични заслуги, без божествена милост, можат да стекнат небесна наклоност и одобрение, паѓаат во истата онаа заблуда во која се наоѓал и Каин. Ако не ја прифатат крвта која може да очисти, тие остануваат под осудата и клетвата.“ – Патријарси и пророци, 51.
„Самоправедноста е опасност на ова време; ја одделува душата од Христа. Оние кои се потпираат на својата праведност не можат да разберат како спасението доаѓа преку Христа. Тие гревот го нарекуваат праведност, а праведноста грев. Тие не сфаќаат колкаво зло се крие во престапот, ниту разбираат колку законот е страшен; бидејќи не ги почитуваат Божјите морални стандарди.“ – Faith and Works, p. 96.
Вторник 14. февруари
3. ОД СТАРО КОН НОВО
а. Која била целта на моралниот закон во стариот завет и за која цел тој служи и денес? Римјаните 7,7.9-13.20; 3,19.20.
„Законот бил даден за да ги осведочи за гревот и да им ја покаже нивната потреба од Спасителот.“ – Копнежот на вековите, 288.
б. Како Бог во Новиот завет го менува нашиот однос кон Неговиот закон и каква промена ќе се види во нашиот живот? Евреите 8,10; Псалм 40,8; Езекиел 36,26.27; Колосјаните 3,9.10.
„Истиот закон, кој бил напишан на камени плочи, Светиот Дух го втиснал на плочите на срцето. Наместо празното настојување да „утврдиме“ некоја своја правда, треба да ја прифатиме Христовата правда. Неговата крв е измирување за нашите гревови. Неговата послушност ни се припишува нам. Тогаш срцето, преродено со Светиот Дух, донесува ,духовен плод“. Благодарение на Христовата милост, ќе успееме да живееме со послушност кон Божјиот закон напишан во нашето срце.“ – Патријарси и пророци, 384.
„Промената на човечкото срце, трансформацијата на човечкиот карактер – тоа е чудото што го открива живиот Спасител, кој секогаш живее и кој се залага за спасение на душата.“ – Копнежот на вековите, 394.
в. Како искуството на Новиот завет совршено го исполнува духот и намерата на законот – и што во тој поглед било речено за Аврам? Матеј 5,20-22.27.28.31-48; Римјаните 13,8-10; Битие 26,5.
„Меѓутоа, да обрнеме овде внимание на фактот дека послушноста не е само некое формално покорување, туку служење од љубов. Божјиот закон е израз на Неговата вистинска природа; тој е олицетворение на големото правило на љубовта и според тоа темел на Неговото владеење на Небото и Земјата. Ако нашите срца се обновени според ликот на Бога, ако Божјата љубов е всадена во нашата душа, нема ли и Божјиот закон да се остварува во нашиот живот? Ако начелото на љубовта е всадено во срцето, ако човекот е обновен по ликот на Оној што го создал, тогаш е исполнето и новозаветното ветување: „Ќе ги ставам Моите закони во нивните срца и ќе ги напишам во нивните мисли“ (Евреите 10,16). А ако Законот е впишан во срцето, зарем тој нема да го обликува животот?“ – Патот кон Христа, 45.46.
Среда 15. февруари
4. СПАСЕНИ СО МИЛОСТ ПРЕКУ ВЕРА
а. Кој бесплатен дар Бог му го подарил на Аврам, поради неговата одлука да верува? Римјаните 4,22; Галатјаните 3,6.
„Прекрасна е и самата помисла дека Христовата правда ни се припишува, не поради нашите заслуги, туку како бесплатен дар од Бога. Непријателот на Бога и човекот не сака оваа вистина да биде јасно претставена; бидејќи знае дека доколку луѓето ова во потполност го прифатат – неговата моќ ќе биде скршена.“ – Gospel Workers, p. 161.
„Христовата милост бесплатно го оправдува грешникот без заслуги или права од негова страна. Оправдувањето е потполно, целосно простување на гревот. Оној момент кога грешникот го прифаќа Христа со вера, во тој момент нему му е простено. Христовата правда му се припишува и тој повеќе не треба да се сомнева во Божјата милост и простувањето.“ – The Faith I Live By, p. 107.
б. Што Аврам направил за да биде прогласен за праведен – и како единствено верниците на ист начин се спасуваат? Римјаните 4,1-5; Ефесјаните 2,8.9.
„Сигурноста дека Бог нѐ прифаќа е сигурно само преку Неговиот возљубен Син. Добрите дела се само резултат на делувањето на Неговата љубав која ги проштава гревовите. Тие не се кредит за нас, и ние немаме ништо врз основа на што би можеле да покажеме некое право на спасение на својата душа. Спасението е бесплатен Божји дар на верникот, кој Бог, само поради Христа, му го подарува на оној кој поверува.“ – Библиски коментари, 523.
в. Иако верата сама по себе е дар (види Римјаните 12, 3 (последен дел)), што да правиме со него? Јован 3,16; Лука 7,1-9; Римјаните 10,17.
„Верата што ни овозможува да ги примиме Божјите дарови, и самата по себе е дар, од кој една извесна мерка е всадена во секое човечко суштество. Таа расте кога се вежба во примањето на Божјата реч. За да ја зајакнеме верата, мораме често да ја доведуваме во допир со Речта.“ – Воспитување, 253.254.
„Мажите и жените нема да бидат спасени ако не ја вежбаат својата вера, и градат на вистинскиот темел, доколку не дозволат Бог наново да ги создаде од страна на Светиот Дух.“ – The Signs of the Times, February 14, 1900.
Четврток 16. февруари
5. НЕЗАСЛУЖЕНА НАКЛОНОСТ
а. Каква незаслужена милост, ветена под Новиот завет, Бог ја покажал со цел да го спаси човештвото? Битие 12,3; 1 Јованово 4,14; Ефесјаните 2,4-8; Римјаните 5,15-18.
„Иако со својата непослушност сме го заслужиле Божјото незадоволство и осуда, Тој не нѐ напуштил.“ – God’s Amazing Grace, p. 10.
„Оние што ќе влезат во Небото нема да стигнат во него со својата праведност, ниту неговите врата ќе се отворат поради богатите прилози од злато или сребро, туку ќе добијат пристап во многуте станови и куќи на Отецот преку заслугите на Христовиот крст.“ – God’s Amazing Grace, p. 179.
б. На кој начин грешникот има пристап кон тој бесплатниот дар на спасението преку Исус Христос? Јован 1,12; Римјаните 5,17; Евреите 11,8.
„Сите оние кои веруваат дека Христос е откупителна жртва можат да дојдат и да добијат простување на гревовите; бидејќи преку Христовите заслуги е воспоставена комуникација помеѓу Бога и човекот. Бог може да ме прифати како Негово дете, а јас можам да се повикувам на Него и да се радувам во Него како мој сакан Татко. Нашите надежи на небото мораме да ги темелиме исклучиво на Христа, затоа што Тој е наша замена и гарант.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 363.
в. Кои две работи Бог ги уништил со својата чудесна милост? Римјаните 8,2; 1 Јованово 3,5.8; 2 Тимотеј 1,10.
Петок 17. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Објасни го значењето на зборот „ветување“ во светлината на фактот дека за Бога е невозможно да лаже?
2. Зошто е даден стариот завет, и зошто тој е лишен од вера?
3. Како Бог го пишува својот закон на љубовта во нашите срца и умови?
4. Зошто не можеме да се повикуваме на заслугите на своите добри дела во процесот на спасението?
5. Зошто никогаш нема да можеме да се фалиме со својата вера?