06 Вечен завет
6. лекција Сабота, 11. февруари, 2017
Вечен завет
„И ќе го поставам заветот Мој меѓу Мене и тебе и меѓу твоите потомци по тебе во нивните родови; ќе направам завет вечен, и ќе ти бидам Бог тебе и на потомците твои по тебе.“ – Битие 17,7.
„Заветот на милоста не е некоја нова вистина, бидејќи тој постоел во Божјиот ум од вечноста. Ова е причината зошто тој се нарекува вечен завет.“ – The Signs of the Times, August 24, 1891.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: The Faith I Live By, pp. 76–78, 360–364.
Недела 5. февруари
1. ВЕЧЕН ЗАВЕТ
а. Што покажува дека заветот направен со Аврам е ист како и оној ратификуван од страна на Христос на Голгота? Битие 22,16; Евреите 6,13-18; 9,16.
„Заветот обновен со Аврам е потврден со Христовата крв и се вика „втор“ или „нов“ завет, зашто крвта со која е потврден е пролеана после крвта на првиот завет. Дека новиот завет бил во сила и во времето на Аврам, очигледно произлегува од фактот што тој тогаш бил потврден не само со ветување, туку и со Божја заклетва „Преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже“ (Евреите 6,18).“ – Патријарси и пророци, 382.383.
б. Што со овој завет било ветено и како Аврам одговорил? Битие 17,1-8; 15,6; 26,5 (спореди со Галатјаните 3,8.16; Римјаните 4,20-22).
„Тој сојуз на сите луѓе им нудел проштавање и поддршка од Божјата милост со цел во иднина, со вера во Христа да можат да бидат послушни. Ветен им е вечен живот под услов да му останат верни на Божјиот закон.“ – Патријарси и пророци, 382.
„Божјиот закон бил основа на тој завет, кој всушност е само едно средство човекот пак да стапи во хармонија со Божјата волја на тој начин што е ставен во положба која му овозможува да биде послушен на Божјиот закон.“ – Патријарси и пророци, 382.
Понеделник 6. февруари
2. ВЕЧЕН ОДНОС
а. На кој начин Бог го опишал заветниот однос воспоставен со Аврам и неговото семе? Левитска 26,12 (спореди со Битие 17,7.8; Второзаконие 14,2; 29,13).
б. Што Бог му дал на Аврам како печат на заветниот однос, и зошто? Битие 17,11; Римјаните 4,11.
„Во тоа време на Аврама му бил даден обредот обрезание „како печат на вистинската вера што ја имаше додека не беше обрезан“ (Римјаните 4,11). Тоа за патријархот и за неговите потомци требало да биде знак дека се посветени на Божјата служба и изделени од идолопоклониците и дека Бог ги прифаќа како свое посебно богатство.“ – Патријарси и пророци, 126.
„Нему му бил даден обредот обрезание како знак дека, оние што го примиле, биле посветени на Божјата служба – знак на заветот дека се изделиле од идолопоклонството за да му се покоруваат на Божјиот закон.“ – Патријарси и пророци, 374.
в. Кое искуство денес ни е потребно за да можеме да влеземе во истиот „новозаветен“ однос со Бога? Второзаконие 10,16; Колосјаните 2,11; Евреите 8,10; 2 Коринтјаните 6,16.17.
„Ние треба да веруваме дека сме избрани од Бога, спасени со вера преку Христовата благодат и делувањето на Светиот Дух; и ние ќе го фалиме и величаме Бога за таа чудесна манифестација на Неговата незаслужена наклоност. Божјата љубов е она што ја привлекува душата кон Христа, како би била милостиво примена и претставена на Отецот. Преку работата на Светиот Дух, тој божествен однос помеѓу Бога и грешникот се обновува. Отецот вели: „Јас ќе им бидам Бог, и тие ќе бидат Мој народ. Јас ќе покажам кон нив љубов која проштева и ќе им ја подарам мојата радост. Тие ќе ми бидат особено богатство; народ кој го создадов за Себе, ќе ја покажат Мојата пофалба“.“ – The Signs of the Times, January 2, 1893.
„Услов некој да биде примен во Господовото семејство е да излезе од светот, да се одвои од сите негови загадувачки влијанија.“ – God’s Amazing Grace, p. 57.
Вторник 7. февруари
3. ВЕЧНО СВЕШТЕНСТВО
а. Зошто Христос се нарекува свештеник по редот на Мелхиседек, а не по Ароновиот ред? Евреите 5,5.6; 7,11-16; Матеј 1,1.2.
„Службата на првосвештеникот била воспоставена со цел на еден посебен начин да го претставува Христа, кој требало да стане Првосвештеник засекогаш по редот на Мелхиседек. Овој ред на свештенство никогаш не бил пренесен на некој друг ниту може да биде заменет со некое друго свештенство.“ – Библиски коментари, 809.810.
б. На кој начин Мелхиседековото свештенство се поврзува со вечното свештенство на Христос, и зошто е тоа на повисоко ниво од Ароновото свештенство? Спореди Евреите 7,1-3 со Евреите 7,20-25; 6,18-20.
„Христос бил оној кој зборувал преку Мелхиседек, свештеник на Севишниот Бог. Мелхиседек не бил Христос, но тој бил Божјиот глас во светот, претставник на Отецот.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 409.
„Името на тоа беспомошно мало бебе… било надеж за паднатото човештво. Детето за кое е платен откуп беше Оној кој требало да го плати откупот за гревовите на целиот свет. Тој бил вистинскиот „Првосвештеник над Божјиот дом“, Поглавар на „непроменливото свештенство“, посредник од „десната страна на Величеството на висините“ (Евреите 10:21; 7:24; 1:3).“ – Копнежот на вековите, 35.36.
в. Каква паралела постои во храната која Божјиот свештеник му ја понудил на Аврам? Спореди Битие 14,18-20 со 1 Коринтјаните 10,16; 11,23-26.
„Лебот и виното го претставуваат телото и крвта на Христос. Како што лебот бил скршен, а виното излиено, така на крстот Христовото тело било разбиено, а Неговата крв пролеана за да нѐ спаси…
„Со јадење на леб и пиење на вино, ние покажуваме дека ние веруваме во тоа. Покажуваме дека се каеме за нашите гревови, и дека го прифаќаме Христа како наш Спасител.“ – The Story of Jesus, p. 98.
Среда 8. февруари
4. ВЕЧЕН ПОСЕД
а. Која вечна земја, на која овоземната земја и била само сенка, Бог му ја ветил на Аврам? Битие 17,8; Евреите 11,8-10; Откровение 21,2.
„Различните искуства што ги стекнале Евреите тука, претставувале подготвителна школа за животот во ветената хананска земја. Бог сака Неговиот народ во овие денови со понизно срце и со претприемчив дух да ги проучи искушенијата низ кои поминувал стариот Израел за да може од тоа да извлече поука во својата подготовка за небесниот Ханан.“ – Патријарси и пророци, 296.
„Нека сѐ што е убаво во нашиот земен дом нѐ потсетува на кристалната река и зелените полиња, лелејавите дрвја и живите извори, блескавиот град и пејачите облечени во бело, на небесниот дом – тој свет на убавина кој ниеден уметник не може да го претстави, ниеден смртен јазик да го опише.“ – The Faith I Live By, p. 279.
б. Кога и како Аврам и неговото семе ќе го примат своето вечно наследство? Матеј 25,31.34; Јован 14,1-3; Даниел 7,27.
„Разрушената и нерамна површина на земјата сега изгледаше како рамна широка рамнина. Целата Божја вселена е чиста, и големата борба е засекогаш завршена. Каде и да се погледне, сѐ на што окото одмора беше убаво и свето. И сета откупена војска, стари и млади, големи и мали, ги симнуваат своите блескави круни пред нозете на својот Откупител, и паднаа ничкум во обожавање пред Него, и му се поклонија на Оној кој живее секогаш и засекогаш. Убавата нова земја, со сета своја слава, ќе биде вечно наследство на светиите. Царството и власта и величеството на царството под целото небо, тогаш беше дадено на светиите на Севишниот кое треба да го поседуваат засекогаш, дури и во вечни векови.“ – Рани списи, 318.
„Но целосното воспоставување на царството на Неговата слава ќе се оствари дури со повторното Христово доаѓање на овој свет. „А царството и власта и величеството царско под сето небо“ треба да се даде „на народот на светецот вишен“ (Дан. 7,27). Тие ќе го наследат царството подготвено за нив „од постанокот на светот“ (Мат. 25,34). А самиот Христос ќе ја преземе сета власт и вечно ќе владее.“ – Мисли од гората на блаженството, 77.
Четврток 9. февруари
5. ВЕЧЕН ЖИВОТ
а. Кое е најголемото од сите ветувања дадени преку вечниот завет? Галатјаните 3,29; 1 Јованово 5,11; Откровение 21,3.4.
„Но доаѓа ден кога битката ќе биде извојувана и победата здобиена. Божјата волја ќе биде на Земјата, како што е на Небото. Спасените народи нема да познаваат друг закон освен Небесниот. Сите ќе бидат едно среќно, обединето семејство, облечени во наметки на пофалба и благодарност – облека на Христовата праведност.“ – Здравје и среќа, 451.
„(На небото) нема разочарување, нема тага, нема грев, никој нема да каже: „Јас сум болен“. Таму нема да има погребни поворки, ниту жалост, ниту смрт, нема разделба, нема скршени срца; таму е Исус, таму е мир… Во Негово присуство е полнотата на радоста, утеха во десницата Негова.“ – My Life Today, p. 349.
б. Од која надеж не смееме никогаш да се откажеме? Тит 2,11-13; Евреите 10,35-37.
„Бидете трпеливи, христијански војници. Уште малку, и Оној кој треба да дојде, ќе дојде. Ноќта на заморно чекање, стражарење и жалост речиси помина. Наградата наскоро ќе биде дадена, вечниот ден ќе се раздени. Немаме време за спиење, сега немаме време да се оддаваме на бескорисно жалење, Оној кој сега се осудува да спие ќе ги пропушти драгоцените можности да прави добро… Секоја спасена душа ќе биде дополнителна ѕвезда во круната на Исус, нашиот неодолив Спасител.“ – Christian Service, p. 275.
Петок 10. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како можеме да имаме доверба во Божјата реч?
2. Како можеме да го имаме истиот заветен однос со Бога како што го имал Аврам?
3. Објасни како можеме да имаме доверба Христовото вечно свештенство?
4. Која е блажената надеж на Аврамовите деца?
5. Зошто вечниот живот со Бога е блажена надеж на христијанинот?