04 Двата сина на Аврам

Сподели го ова:

4. лекција    Сабота, 28. јануари, 2017

Двата сина на Аврам

“Зашто е напишано дека Авраам имаше двајца синови, еден од слугинката, а друг од слободната.“ – Галатјаните 4,22.

„Верата не е радосен полет на чувствата; тоа е едноставно држење на Бога за Неговиот збор – верувајќи дека Тој ќе ги исполни своите ветувања бидејќи така рекол.“ ¬– Our High Calling, p. 119.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Our High Calling, pp. 119–122,
Патријарси и пророци, 381–385.
Недела 22. јануари
1. СИНОТ НА ВЕТУВАЊЕТО
а. Зошто Исак е наречен син на ветувањето? Битие 15,2.3; 17,15.16; 18,9-14 (спореди со Галатјаните 4,22.23.27.28).

б. Како Аврам и Сара се обиделе да му помогнат на Господа да го исполни Своето ветување за синот? Битие 16,1-4.

„Ветувањето дека ќе добие син, Аврам требало да го прифати без никакво прашање или сомневање, но тој не чекал Бог да го исполни ветувањето во свое време и на начин што Тој го определил. За да се испита неговата вера во Божјата моќ, исполнувањето на ова ветување било одложено за извесно време; но тој не ја издржал проверката. Сара, сметајќи дека не е можно во својата длабока старост да добие дете за да се остварат Божјите намери му предложила на Аврама како втора жена да земе една од нејзините слугинки. Многуженството во тоа време било вообичаено и толку распространето, што не се сметало веќе за грев; но тоа сепак не било ниту малку помал престап на Божјиот закон и било кобно за светоста и за спокојството на семејниот живот. Аврамовиот брак со Агара имал лоши последици не само за неговото семејство, туку и за идните генерации.“ – Патријарси и пророци, 135.

Понеделник 23. јануари
2. СИНОТ НА РОПСТВОТО
а. Како Бог реагирал кога Аврам го претставил Исмаил како син на ветувањето? Битие 17,15-21.

„Кога Аврам имал речиси сто години, Бог уште еднаш му го повторил ветувањето дека ќе добие син, и му било загарантирано дека идниот наследник ќе биде дете на Сара. Но Аврам сѐ уште не го сфатил ветувањето. Веднаш помислил на Исмаил, верувајќи дека преку него ќе се исполни благословената божествена намера. Обземен со љубов кон својот син, извикнал: „Жив нека биде Исмаил пред тебе.“ Тогаш ветувањето му било повторено со зборови што не можат погрешно да се разберат: „Навистина, твојата жена, Сара, ќе ти роди син и ќе го наречеш со името Исак; и ќе сторам мојот завет со него да биде завет вечен“ (Битие 17,18.19).“ – Патријарси и пророци, 136.

б. Зошто Бог одбил да го прифати Исмаил како ветено семе? Галатјаните 4,22.23.30; Римјаните 14,23 (последен дел).

„Раѓањето на Исмаил, што претставувало мешање на праведничкото со безбожничкото семе, настанало само затоа што ниту Аврам ниту Сара немале доволно вера. Наспроти влијанието на татко му, врз Исмаил дејствувало идолопоклоничкото влијание на роднините на мајка му и неговите брачни врски со жените од незнабожечко потекло.“ – Патријарси и пророци, 167.

в. Која важна вистина Аврам би пропуштил да ја сфати, кога Бог би го прифатил Исмаил како ветено семе? Римјаните 4,1-5.21.22.

„Наградата не е од дела, за да не се пофали никој; туку сѐ е од милост.“ – Христовите очигледни поуки, 366.

„Кога, секој за себе, ќе се потпре на Христа, со целосна сигурност на верата, верувајќи само во делотворноста на Неговата крв која нѐ чисти од сите гревови, ние ќе имаме мир во верувањето дека она што Бог го ветил, Тој е способен и да го исполни.“ – Selected Messages, bk. 3, p. 181.

„(Филипјаните 4,4-7) Самото ветување само по себе нема никаква вредност, освен ако јас целосно верувам дека Оној кој го дал е кадар да го исполни ветувањето, и безграничен во моќта да го изврши сето она што го рекол.“ This Day With God, p. 156.

Вторник 24. јануари
3. ДЕЦА НА РОПСТВОТО
а. Објаснете која категорија на луѓе во духовен поглед го претставуваат Исмаил и неговата мајка Агара, и зошто? Битие 16,4-6; Галатјаните 4,22.23.

б. Зошто апостол Павле ги опишува Евреите што живееле во Ерусалим во негово време како слуги на ропството, како Агара и Исмаил? Јован 8,31-36; Римјаните 9,6-8.

„Секој што не сака да му се предаде на Бога се наоѓа под власт на другата сила. Тој не е свој господар. Тој може да зборува за слобода, но се наоѓа во најцрно ропство. Нему не му е дозволено да ја согледа убавината на вистината, зашто неговиот ум е под власт на сатаната. Додека самиот себеси си ласка дека ги следи налозите на својот сопствен разум, тој ја исполнува волјата на кнезот на темнината. Христос дошол да ги искине од душата оковите на ропството на гревот.“ – Копнежот на вековите, 453.

„Бог направил толку многу за нас, за да ни овозможи да бидеме слободни во Христа, ослободени од ропството на погрешните навики и злите склоности. Драги млади пријатели, зарем нема да настојувате да бидете слободни во Христа.“ – Our High Calling, p. 29.

в. Во кого и на што телесните Евреи (буквалните потомци на Аврам) ги полагале своите надежи за примање на Божјите благослови? Јован 8,37-40; Филипјаните 3,3-9; Галатјаните 6,12.13.

„Евреите тврделе дека потекнуваат од Авраам; но, пропуштајќи да ги вршат Аврамовите дела, тие покажале дека не се негови вистински деца. Единствено оние што ќе докажат дека духовно се во хармонија со Аврам, слушајќи го Божјиот глас, се сметаат како негово вистинско потомство.“ – Христовите очигледни поуки, 235.

„Павле кажува дека „според правдата законска“ – ако се има во предвид само формалното исполнување на прописите – тој бил „без мана“ (Филипјаните 3,6); но кога го запознал духовниот карактер на законот, сфатил дека е грешник. Според словото на законот, онака како што го применуваат луѓето во животот, Павле се воздржувал од гревот; но кога ја запознал длабината на светите правила на законот и се видел себеси онака, како што го гледа Бог, во понизност се поклонил и ја признал својата вина.“ – Патот кон Христа, 26.

Среда 25. јануари
4. АЛЕГОРИЈА
а. Кога имаме доверба во нашите сопствени дела, како Бог би нѐ прифатил, а не во Христа, под кој завет потпаѓаме ние? Галатјаните 4,21-25; 3,10; 2 Коринтјаните 3,14.15.

„Меѓутоа, тие не ја увидувале грешноста на своето сопствено срце и фактот дека без Христа не е можно да се држи Божјиот закон. Затоа биле готови веднаш и без премислување да склучат сојуз (завет) со Бога. Уверени дека можат сами ,да ја утврдат својата правда“, изјавиле: „Се што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни“ ( 2. Мојсеева 24,7)… а сепак само по неколку седмици го раскинале својот завет со Бога и се клањале пред делкан кип. Не можеле веќе да се надеваат на Божја милост врз основа на заветот што го раскинале. И сега, откако ја увиделе својата грешност и потреба од проштавање, биле доведени во состојба лично да почувствуваат колку им е потребен и Спасителот кој бил откриен во заветот на Аврама и навестуван со принесувањето на жртвите. И сега со вера и со љубов се врзале за Бога како свој Ослободител од робувањето на гревот. Дури сега биле подготвени да ги ценат благословите на Новиот завет…

„Новиот завет“ е заснован на „подобри ветувања“ на ветување за проштавање на гревот и за божествена милост која е во состојба да го прероди срцето и да го доведе во хармонија со начелата на Божјиот закон…

Истиот закон, кој бил напишан на камени плочи, Светиот Дух ги втиснал на плочите на срцето. Наместо празното настојување да „утврдиме“ некоја своја правда, треба да ја прифатиме Христовата правда. Неговата крв е измирување за нашите гревови. Неговата послушност ни се припишува нам. Тогаш срцето, преродено со Светиот Дух, донесува „духовен плод“. Благодарение на Христовата милост, ќе успееме да живееме со послушност кон Божјиот закон напишан во нашето срце. А ако го имаме во себе Христовиот Дух, ќе живееме онака како што живеел Тој.“ – Патријарси и пророци, 383.384.

б. Зошто е очигледно дека човек не може себеси да се направи праведен пред Бога преку држење на законот? Галатјаните 2,21; 3,11.12.

„Ако не беше Христовата жртва на помирување, во нас нема да има ништо со што Бог би се радувал. Сета природна добрина на човекот е безвредна во Божјите очи. Тој не ужива ниту во еден човек кој ја задржал својата стара природа, и кој не се толку обновил во знаењето и благодатта да стане нов човек во Христа.“ – God’s Amazing Grace, p. 66.

Четврток 21. јануари
5. БРАТСКИ ПРОГОН
а. Кој настан апостол Павле го користи за да го опише еврејскиот прогон на христијанската црква? Галатјаните 4,28.29; Битие 21,6-10.

б. Зошто децата на духот секогаш ќе бидат прогонувани од страна на децата на телото? Јован 15,17-22; Јован 3,19.20; Галатјаните 5,17 (прв дел).

„Каин го мразел брата си и го убил не затоа што овој му сторил некакво зло, туку затоа што „неговите дела беа лоши, а на брат му праведни“ (1. Јованово 3,12)… Авеловиот живот на послушност и неговата непоколеблива вера, за Каина биле постојан укор. „Зашто секој што прави зло, ја мрази светлината, и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави“ (Јован 3,20). „Сите што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети“ (2. Тимотеј 3,12). Во колку светлината со која верните Божји слуги го одразуваат неговиот карактер свети посилно, се појасно се гледаат гревовите на грешните и се порешителни се нивните напори да ги уништат оние што го нарушуваат нивниот мир.“ – Патријарси и пророци, 53.

„Првите христијани навистина биле „посебен народ“ (Второзаконие 7:6). Нивното беспрекорно однесување и нивната непоколеблива вера претставувале постојан укор кој го нарушувал мирот на грешниците. Иако малубројни, без богатство, положба и почесни титули, тие насекаде, за оние што правеле зло биле страв и трепет, каде што нивниот карактер и нивното учење биле познати… Од иста причина Евреите го отфрлиле и го распнале Спасителот – затоа што чистотата и светоста на Неговиот карактер биле јавен укор за нивната себичност и расипаност. Од Христовите денови, па сѐ до денес, Неговите верни ученици секогаш предизвикувале омраза и противење кај оние што го сакаат патот на гревот и одат и понатаму по него.“ – Големата борба, 35.

Петок 27. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како единствено Божјите ветувања можат да бидат исполнети?

2. Зошто Бог никогаш нема да ги прифати телесните дела како праведност?

3. Зошто никогаш не можеме да се надеваме во своето наследство, своето тело, или своите дела?

4. Зошто е невозможно да се оправдаме со делата на законот?

5. Опишете ја борбата преку која христијаните мораат да поминат поради својата вера?

Сподели го ова:

Слични објави