03 Ветеното семе

Сподели го ова:

3. лекција    Сабота, 21. јануари, 2017

Ветеното семе

„Но ветувањата му беа дадени на Авраам и на семето негово. Не е речено: „И на семињата”, како за мнозина, туку како за еден: „И на семето твое”, кое е Христос.“ – Галатјаните 3,16.

„Ветувањето дадено на Аврам и на неговото семе не се однесувало само на Ханан, туку на целата земја.“ – Патријарси и пророци, 162.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 135-146.
Недела 15. јануари
1. СЕМЕТО НА ВЕТУВАЊЕТО
а. Иако Аврам барал од Бога едно семе да биде негов наследник, со колку деца Бог ветил дека ќе го благослови? Битие 13,15.16; 15,2-5.

б. Како апостол Павле открива дека Божјите ветувања дадени на Аврам требало да бидат остварени преку едно многу особено семе, Исус Христос? Битие 17,1-8; Галатјаните 3,16; Евреите 2,14-16.

„На доаѓањето на ветениот Месија се однесуваат многу јасни и одредени пророштва. На Адам му било дадено сигурно ветување за Откупителот. Пресудата изречена над сатаната: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (Битие 3,15), за нашите прародители претставувала ветување дека ќе се избават со Христово посредство.

На Аврам му било дадено ветување дека од неговата лоза ќе се појави Спасителот на светот. „И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата, зашто го послуша Мојот глас“ (Битие 22,18). „Не е речено: ‘И на семињата’, како за мнозина, туку како за еден: ‘И на семето твое’, кое е Христос“ (Галатјаните 3,16).“ – Делата на апостолите, 168.

Понеделник 16. јануари
2. РАЃАЊЕТО НА ВЕТЕНОТО СЕМЕ
а. Од каде знаеме дека Аврам бил свесен дека ветувањето ќе дојде преку едно многу особено семе, Исус Христос? Јован 8,56.

“(На Аврам) му бил даден поглед на божествената жртва за гревот. За оваа жртва тој имал илустрација преку своето сопствено искуство… На жртвениот олтар го положил синот на ветувањето во кого ги полагал своите надежи.

Аврам од Бога ја научил најголемата поука која некогаш му била дадена на еден смртник. Му било одговорено на неговата молитва да го види Христа пред да умре. Го видел Христа, го видел сето она што смртните луѓе можат да го видат и да останат живи. Потчинувајќи се целосно на Божјата волја, бил во состојба да ја сфати визијата што му била дадена за Христа. Му било покажано дека Бог, давајќи го Својот единороден Син за да ги спаси грешниците од вечната пропаст, поднел поголема и повеличествена жртва од онаа што кога било би можел да ја принесе еден човек.“ – Копнежот на вековите, 456.

б. Бидејќи повеќе Сара не била во годините кога можела да раѓа деца, што на Аврам и Сара им било потребно пред да можат да имаат дете? Битие 17,15-19; 18,9-14; Марко 10,27.

„Би сакала сите да можат да ги сфатат можностите и веројатностите кои им се нудат на оние кои Христа ќе го направат своја доволност и своја доверба. Животот сокриен со Христа во Бога секогаш има прибежиште; таквиот може да каже: „Сè можам преку Исус Христос, Кој ме крепи“ (Филипјаните 4,13).“ – Country Living, p. 28.

в. Во која смисла чудесното раѓање на Исак го симболизира чудесното раѓање на ветеното семе, Исус Христос? Исаија 7,14; Матеј 1,18-23.

„Раѓањето на синот на Захарија, како и раѓањето на Аврамовото

дете и детето на Марија, требало да го поучи светот на големата духовна вистина, вистина која ние тешко ја сфаќаме и која често ја забораваме. Ние сами по себе сме неспособни да направиме нешто добро. Но, она што ние не можеме да го направиме, ќе го направи Божјата сила во секоја душа што ќе се покори и верува. Со вера е подарено ветеното дете. Со вера се раѓа духовен живот и ние се оспособуваме да вршиме праведни дела.“ – Копнежот на вековите,77.

Вторник 17. јануари
3. СМРТТА НА ВЕТЕНОТО СЕМЕ
а. Опиши како Бог ја предвидел смртта на ветеното семе, Исус Христос, преку жртвувањето на Исак. Битие 22,1-3.9-13; Римјаните 8,31.32; Исаија 53,4-7.

„Овенот, принесен на олтарот наместо Исака, го претставувал Божјиот Син кој требало да биде жртвуван наместо нас. Кога човекот бил осуден на смрт поради престапот на Божјиот закон, Отецот погледнувајќи го својот Син му рекол на грешникот: „Живеј, најдов откуп!“

Кога од Аврама барал да го жртвува својот син, Бог имал намера живо да му ја предочи стварноста на евангелската вистина и да ја испита неговата вера. Душевната болка и страдањата што требало да ги претрпи во текот на тие страшни денови на неговата проверка биле дозволени со цел од лично искуство, барем донекаде, да ја сфати големината на жртвата што ја принесува Семожниот и вечниот Бог за откуп на човекот. Ниту едно друго искушение за Аврамовата душа не би било толку болно како жртвувањето на саканиот син. А Бог својот Син го дал да биде изложен на срамно понижување, на измачување и смрт. На ангелите што требало да бидат сведоци за понижувањата и за душевните страдања на Божјиот Син не им било дозволено да интервенираат како во случајот на Исака. Тогаш немало глас кој би извикнал: „Доста е!“ За да го спаси загубениот човечки род, Царот на славата морал да го положи својот живот. Има ли посилен доказ што би можела да ја даде бесконечната Божја љубов и сомилост?“ – Патријарси и пророци, 144.

б. Какво е значењето на изразот „твојот единец“ кога Бог му зборувал на Аврам? Битие 22,2; Марко 1,11; 1 Јованово 4,9.

„Нашиот небесен Отец го предал Својот возљубен Син да поднесе агонија и распнување… Божјиот мил Син, Спасителот на светот, бил навредуван, исмејуван, изложен на потсмев и мачен сѐ додека не ја наведнал главата и умрел. Каков поголем доказ за својата божествена љубов и милост вечниот Бог можел да даде? (Римјаните 8,32).“ – That I May Know Him, p. 20.

„Затоа да бидеме волни и ние нешто да претрпиме заради Христа, да го распнуваме секојдневно своето ‘јас’, да бидеме овде Негови соучесници во страдањето за да можеме да учествуваме со Него и во Неговата слава, и да бидеме крунисани со слава, чест, бесмртност и вечен живот.“ – Рани списи, 124.

Среда 18. јануари
4. ВОСКРЕСЕНИЕТО НА ВЕТЕНОТО СЕМЕ
а. Како Бог му покажал на Аврам дека ветеното семе, Исус Христос, требало да биде Спасител на светот? Битие 22,7.8.11-13; Евреите 11,17-19.

„Заповедта упатена на Аврама да го жртвува својот син предизвикала внимание кај небесните суштества. Со најголема сериозност тие го следеле секој чекор во извршувањето на оваа заповед. Кога Исак го прашал Аврама, „Каде е јагнето за жртва?“, кога Аврам одговорил, „Бог ќе се погрижи себеси за јагне за жртва“ (Битие 22,7.8), кога раката на таткото била задржана во мигот кога веќе замавнал да го заколе сина си, и кога наместо Исака е жртвуван овенот за кој навистина се погрижил Бог, тогаш над тајната на откупувањето заблескала светлина и тогаш ангелите појасно ја сфатиле чудесната Божја грижа за спасението на човекот.“ – Патријарси и пророци, 145.146.

б. За која прекрасна вистина Аврам бил осведочен додека се држел до ветувањето „зашто по Исак ќе произлезе потомството твое“ (Битие 21,12)? Битие 22,5; Евреите 11,18.19.

„(Аврам) ја зајакнувал својата душа задржувајќи се на доказите за Неговата добрина и верност. Тој син му е подарен тогаш кога за тоа не можел веќе да се надева; и, зар Оној што му го дал тој драгоцен дар немал право повторно да го земе она што било негово! Тогаш верата го повторила ветувањето: „Од Исака ќе имаш потомство“ (Евреите 11,18), потомство безбројно како морскиот песок. Исак бил дете на чудо и, зар Оној што му го дал животот не е во состојба повторно да му го врати? Гледајќи преку границите на видливото, Аврам ги сфатил божествените зборови: „Помислувајќи дека Бог може и мртви да воскреснува“ (Евреите 11,19).“ – Патријарси и пророци, 140.141.

в. Како оваа вистина го симболизира вистинското ветено семе, Исус Христос? Дела 3,25.26; 1 Петрово 1,18-21.

„(Божјиот Син) воскреснал од гробот и објавил пред отворениот Јосифов гроб: „Јас сум воскресението и животот“ (Јован 11,25). Оној кој е еднаков со Бога поминал преку смртта во наше име. Тој вкусил смрт за секој човек, за преку Него секој да може да биде учесник во вечниот живот.“ – In Heavenly Places, p. 13.

Четврток 19. јануари
5. НАСЛЕДСТВОТО НА ВЕТЕНОТО СЕМЕ
а. Кое наследство Бог му го ветил на Аврам и на неговото потомство? Битие 17,7.8; Псалм 105,6-11. На кој начин ова го симболизира Христовото наследство? Даниел 7,13.14.18; Матеј 25,31-34.

„Јазикот не може да ја изрази вредноста на бесмртното наследство. Славата, богатството и честа понудени од страна на Божјиот Син се од таква бесконечна вредност што е надвор од моќта на луѓето, па дури и на ангелите, да стекнат точна претстава за нивната вредност, нивната совршеност, нивната величественост.“ 2 Сведоштво, 39.40.

б. Како можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе ги испочитува своите ветувања и на своите деца ќе им ја даде ветената земја? Евреите 6,13-18; Јован 14,1-3.

„Долго чекавме на враќањето на нашиот Спасител. Но, сепак, ветувањето е сигурно. Наскоро треба да бидеме во ветениот дом. Таму Исус ќе нѐ води покрај живата река која тече од Божјиот престол, и ќе ни го раскажува засега несфатливото провидение преку кое нѐ водел на оваа земја, со цел да ги усовршиме нашите карактери. Таму со непоматен вид ќе ги гледаме убавините на обновениот Едем. Ставајќи ги пред нозете на Спасителот круните кои Тој ги ставил на нашите глави, и допирајќи ги нашите златни харфи, ние ќе го исполниме целото небо со песни на пофалба на Оној, Кој седи на престолот.“ – 8 Сведоштво, 272.

Петок 20. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како Бог му го открил Евангелието на Аврам?

2. Кое чудо потврдува дека Христос има божествено потекло?

3. Како искуството на Аврам и Исак ја откриваат длабочината на жртвата која Бог ја поднел за човечкиот род?

4. Зошто воскресението е толку важно за верникот?

5. Што не треба никогаш да заборавиме додека ја очекуваме земјата на наследството?

Сподели го ова:

Слични објави