02 Верата на Аврам

Сподели го ова:

2. лекција   Сабота, 14. јануари, 2017

Верата на Аврам

„И Му поверува Аврам на Господ, и тоа му се засмета за праведност.“ – Битие, 15,6.

„Нашите души мораат да бидат обучени да веруваат, научени да се потпираат на Божјата реч.“ – Our High Calling, p. 119.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 4 Сведоштво, 58-63.
Недела 8. јануари
1. НАЈГОЛЕМАТА ГРИЖА НА АВРАМ
а. Која била најголемата грижа на Аврам во поглед на Божјите ветувања? Битие 12,7; 15,1-3.

„Бидејќи Аврам немал син, тој најпрвин помислил дека неговиот верен слуга, Елиезер, треба да стане негов син преку посвојување, а со тоа и негов наследник. Но, Бог го информирал Аврам дека неговиот слуга нема да стане негов син и наследник, туку дека навистина ќе има син.“ – The Story of Redemption, p. 77.

б. Како Бог го уверувал Аврама дека Тој не го заборавил своето ветување? Битие 15,4.5; Исаија 55,10.11.

„Бог сака ние да примиме големи благослови. Неговите ветувања се толку јасно објавени така што не постои причина за неизвесност. Тој сака да го држиме за речта. Понекогаш ќе се најдеме во голема конфузија и нема да знаеме што да направиме. Но, во такви ситуации, наша предност е да ја земеме Библијата и да ги читаме пораките кои Тој ни ги дал; а потоа да паднеме на колена и да побараме да ни помогне. Одново и одново Тој ни дава докази дека Тој е Бог кој ги слуша молитвите и одговара на нив. Тој ги исполнува Неговите ветувања во многу поголема мерка отколку што ние очекуваме да примиме помош…

Каде и да сме, ние сме под обврска како следбеници на нашиот Господ и Учител својата вера да ја закотвиме на Божјите ветувања.“ – The Watchman, May 1, 1914.

Понеделник 9. јануари
2. НАПОЛНО УВЕРЕНИ
а. Зошто Аврам одлучил да верува во Божјите ветувања за детето? Битие 15,6 (прв дел); Римјаните 4,20.21.

„Верата која работи преку љубовта и ја прочистува душата не е прашање на импулс. Таа се потпира на Божјите ветувања, цврсто верувајќи дека Бог е способен да го изврши она што го рекол.“ – Our High Calling, p. 119.

„(Филипјаните 4,4-7) Самото ветување само по себе нема никаква вредност, освен ако јас целосно верувам дека Оној кој го дал е кадар да го исполни ветувањето, и безграничен во моќта да го изврши сето она што го рекол.“ – Тhis Day With God, p. 156.

б. Каква била неговата награда затоа што верувал во Божјото ветување? Битие 15,6 (последен дел); Римјаните 4.22.

„Во оној момент кога грешникот поверува во Христа, тој стои пред Бога невин; бидејќи Христовата правда е негова; Христовата совршена послушност му се припишува на него. Но, тој мора да соработува со божествената сила, да ги вложи своите човечки напори да го совлада гревот, и да биде потполн во Христа.“ – Fundamentals of Christian Education, pp. 429, 430.

„Ние можеме да се потпреме на Бога, не поради нашите сопствени заслуги, туку затоа што Христовата праведност ни се припишува нам. Мораме својот поглед да го насочиме од себе на беспрекорното Јагне Божјо, кое не направило грев; и гледајќи со вера во Него, ние ќе станеме слични на Него.“ – Gospel Workers (1892), p. 427.

в. Кога верата навистина се покажува? Евреите 1,1; Авакум 2,3.

„Да живеете со вера значи да ги оставите настрана своите чувства и себичните желби, да одите понизно со Господа, да ги барате Неговите ветувања и да ги примените на сите пригоди, верувајќи дека Бог ќе ги исполни своите планови и намери во твоето срце и живот со посветување на вашиот карактер; тоа значи целосно потпирање, безрезервна доверба во Божјата верност. Ако го следиме овој курс, другите ќе ги видат особените плодови на Духот манифестирани во животот и карактерот.“ – Fundamentals of Christian Education, pp. 341, 342.

Вторник 10. јануари
3. БОГ ГО ОПРАВДУВА ГРЕШНИКОТ
а. Што ни покажува дека Аврам бил грешник и имал потреба од оправдување? Римјаните 3,9-12.23; Битие 12,11-20.

„За време на својот престој во Египет, Аврам покажал дека ни тој не бил слободен од човечки слабости и несовршености. Прикривајќи го фактот дека Сара е негова сопруга, покажал недоверба во божествената заштита, еден недостиг на онаа возвишена вера и храброст кои толку често и благородно го обележувале неговиот живот.“ – Патријарси и пророци, 116.

б. Што вели Библијата за Аврамовото оправдување пред Бога? Римјаните 4,1-8; 3,28.

„Сигурноста дека Бог нѐ прима единствено ја наоѓаме во Христа, Неговиот возљубен Син, а добрите дела се само резултат на дејствувањето на Неговата љубов која ги проштева гревовите. Нашите добри дела не се нешто со што ние треба да се гордееме, и ние сами по себе немаме ништо со што би можеле да полагаме некое право на спасување на нашата душа. Спасението е незаслужен Божји дар – само заради Христа – му се подарува на оној кој ќе поверува. Секоја вознемирена и загрижена душа може преку вера во Христа да пронајде мир, и тој мир ќе биде во сооднос со нејзината вера и доверба во Бога. Со своите добри дела не можеме да полагаме право на спасение на својата душа.“ – Библиски коментари, 523.

„Запомни дека Христос дошол на овој свет за да ги спаси грешниците. Ние немаме ништо со што би се препорачале кај Бога; причината поради која ние можеме да бараме сега и во кое било време е нашата крајно беспомошна состојба, поради која Неговата откупувачка сила станува неопходност. Отфрлајќи ја сета надеж во себе, ние можеме да погледнеме кон крстот на Голгота.“ – Здравје и среќа, 38.

в. Што се случува со безбожниот човек, кога тој или таа ќе одлучат со целото срце да веруваат во Бога? Римјаните 6,17.18; 10,9.10; 1,17.

„Оној момент кога, верувајќи во Христа, ќе Му се предадеме на Бога, ние ја имаме Христовата правда. Ние сфаќаме дека сме откупени од гревот и ја цениме Неговата жртва поднесена заради здобивање на нашата слобода.“ – Manuscript Releases, vol. 5, p. 34.

Среда 11. јануари
4. ЗНАК НА ОБРАТУВАЊЕ
а. Кој надворешен чин Аврам го извршил за да ја покаже својата внатрешна промена? Битие 17,10.11; Римјаните 4,11.

„Обредот обрезание… за патријархот (Аврам) и за неговите потомци требало да биде знак дека се посветени на Божјата служба и изделени од идолопоклониците и дека Бог ги прифаќа како свое посебно богатство. Со тој обред тие се обврзале дека верно ќе ги исполнуваат условите на заветот направен со Аврам. Не смееле да склучуваат брачни врски со незнабошците зашто со тоа би ја загубиле страхопочитта кон Бога и кон Неговиот свет закон; би се изложиле на искушение да учествуваат во грешните обичаи на незнабошците и да бидат вовлечени во идолопоклонство.“ – Патријарси и пророци, 126.

б. Зошто е важно да разбереме дека Аврам бил сметан за праведен пред тој да се обреже? Римјаните 4,8-12; 2,28.29.

„Правдата е послушност на законот. Законот бара правда; и грешникот тоа му го должи на законот, но тој е неспособен тоа да го оствари. Единствениот начин на кој може да се здобие со правда е преку вера. Со вера тој може на Бога да му ги принесе Христовите заслуги, и Господ му ја припишува на грешникот послушноста на својот Син. Христовата правда е прифатена наместо неуспехот на грешникот, и Бог ја прима, помилува, оправдува душата која верува и се кае, ја третира како праведник, и ја сака како што Тој го сака својот Син…

Мнозина го губат од вид вистинскиот пат, како последица на размислувањето дека мораат да се искачат на небото, дека мораат да направат нешто за да ја заслужат Божјата наклонетост. Тие се обидуваат да станат подобри со свои напори, без никаква помош. Ова тие никогаш не можат да го постигнат. Христос го овозможил патот умирајќи како наша жртва, живеејќи како наш Пример, станувајќи наш Првосвештеник. Тој изјавува: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14,6). Ако со сите наши напори можеме да напредуваме еден чекор на скалилата, Христовите зборови не би биле вистинити. Но, кога ќе го прифатиме Христа, добрите дела ќе се појават како плодоносен доказ дека ние одиме на вистинската патека која води кон небото.“ – Faith and Works, pp. 101, 102.

Четврток 12. јануари
5. ОБРЕЖАНИ ОДВНАТРЕ
а. Пред да се крстиме со вода (чин на Новиот Завет кој го заменува обрежувањето), што прво мора да се случи одвнатре? Јован 3,5-8; Колосјаните 2,10-13.

„Сите кои влегуваат во нов живот треба да сфатат, пред нивното крштевање, дека Господ бара неподелени чувства… Плодовите сведочат за карактерот на дрвото. А доброто дрво не може да дава лоши плодови… Грешникот треба темелно да биде обратен кон вистината.“ – Evangelism, p. 308.

„Секоја душа која се соединила со Христа ќе биде жив мисионер на сите околу него.“ – Evangelism, p. 319.

б. Што се случува со христијаните кои се потпираат само на надворешниот чин на крштевањето, со цел да се спасат, како што Евреите се потпирале на обрежувањето? Римјаните 10,1-3; Матеј 23,25-28.

„Вашата поврзаност со црквата, начинот на кој браќата гледаат на вас, нема да биде од никаква корист, освен ако не верувате во Христос. Не е доволно да верувате за Него, вие морате да верувате во Него. Морате целосно да се потпрете на Неговата спасоносна благодат.“ – 5 Сведоштво, 31.

„Господ има одредена задача за секого од нас. И ако вистината не е вкоренета во срцето, ако природните црти на карактерот не се променети под влијанието на Светиот Дух, ние никогаш не можеме да бидеме соработници со Исус Христос. Нашето ‘јас’ постојано ќе се појавува, а Христовиот карактер нема да се манифестира во нашиот живот.“ – Библиски коментари, 903.

Петок 13. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како можеме да имаме доверба во Божјите ветувања?

2. Што значи да се биде убеден во Божјата реч?

3. Кои драгоцени благослови стануваат наши кога ќе му се предадеме на Бога?

4. Што симболизира обрежувањето?

5. Што е поважно, крштевање одвнатре или однадвор?

Сподели го ова:

Слични објави