01 Повикувањето на Аврам
1. лекција Сабота, 7. јануари, 2017
Повикувањето на Аврам
„А од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен.“ – Битие 12,2.
„Аврам пораснал во средина проникната со суеверие и со незнабоштво… Но вистинската вера не смеела да се угасне ниту да се уништи. Бог секогаш чувал еден мал остаток на верни кои му служеле.“ – Патријарси и пророци, 125.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 109-117.
Недела 1. јануари
1. БОГ ГО ПОВИКУВА АВРАМ
а. Што Бог го повикал Аврама да направи, и кој тргнал со него? Битие 12,1-4; Дела 7,4.
„По напуштањето на Вавилон, идолопоклонството повторно станало речиси сеопшта појава, и Господ закоравените престапници конечно ги пуштил да одат по нивните лоши патишта, а од лозата на Сим го избрал Аврама да биде чувар на Неговиот закон за идните поколенија.“ – Патријарси и пророци, 109.
б. Зошто Бог веднаш не му го кажал на Аврам местото во кое го пратил да оди? Евреите 11,8. Каква одлука Аврам морал да донесе како би одговорил на Божјиот повик? Битие 12,1; Матеј 10,34-38.
„Аврамовата безусловна послушност, претставува еден од највпечатливите примери на верата што можат да се најдат во целата Библија… Проверката на која бил изложен Аврам со ова не била ниту малку лесна, ниту жртвата што се барала од него била мала. Постоеле силни врски што го врзувале за родното место, за роднините и пријателите, но тој не се колебал ниту се притеснувал да го прифати Божјиот повик. Тој не поставувал прашања во врска со ветената земја… Бог рекол, а неговиот слуга требало само да послуша; за него најсреќно место на земјата било она што ќе му го одреди Бог.“ – Патријарси и пророци, 110-112.
Понеделник 2. јануари
2. ВЕТУВАЊА
а. Кои ветувања Бог во почетокот му ги дал на Аврам? Битие 12,2.3.
„Во тоа што го повикал Авраам да се одвои од своите роднини кои што биле склони кон идолопоклонство и да оди во хананската земја, Бог имал намера да им ги подари најголемите небесни дарови на сите народи од оваа земја. Тој рекол: ”Од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти самиот ќе бидеш благословен” (Битие 12:2). Голема чест му била понудена на Авраам со тоа што бил повикан да биде татко на народот кој со векови требал да биде чувар и бранител на Божјата вистина во светот, народ преку кого сите народи на земјата требало да бидат благословени со доаѓањето на ветениот Месија.
Луѓето речиси и го загубиле знаењето за вистинскиот Бог. Идолопоклонството го помрачило нивниот разум. Настојувале божествената заповед која е ”света, праведна и добра” (Римјаните 7:12) да ја заменат со закони кои одговарале на желбите на нивните свирепи, себични срца. Но сепак, Бог во својата милост не ги уништил. Одлучил да им пружи можност да се запознаат со Него преку Неговата црква. Начелата откриени во животот на Неговиот народ сакал повторно да станат средство за обновување на моралниот божествен лик во човекот.“ – Пророци и цареви, 5.
б. Која земја Бог му ја ветил на Аврам и на неговото семе? Битие 12,5-7; 13,14-18.
в. Што е значајно во фактот дека Аврам и неговите деца живееле во шатори? Евреите 11,9.10.13-16. Каков сличен став и ние сме повикани да усвоиме? 2 Петрово 3,11-14.
„Ајде да се потрудиме да бидеме христијани (слични на Христос) во секоја смисла на зборот, и нека нашето облекување, разговорот и постапките сведочат дека во нас живее Христос, надежта на славата, и дека ја очекуваме блажената надеж и славното појавување на Исус. Да им покажеме на оние околу нас дека овој свет не е нашиот дом, дека овде сме дојденци и странци.“ – The Review and Herald, June 10, 1852.
Вторник 3. јануари
3. ГОЛЕМАТА ГРЕШКА НА ЛОТ
а. Во какво искушение паднал Лот додека со Аврам патувал кон ветената земја? Битие 13,5-11; 1 Јованово 2,16.17.
„Најплоден предел во цела Палестина била долината на Јордан која посматрачот го потсетувала на загубениот рај, а според убавината и плодноста личела на долината што ја натопува реката Нил, од каде штотуку се вратиле… Заслепен со визии за земна добивка, Лот не бил во состојба да ги согледа моралните и духовните зла со кои морал да се сретне тука. Жителите на таа долина „беа расипани и многу му грешеа на Господа“; но Лот за тоа ништо не знаел или, иако знаел, сметал дека тоа не е важно. И „ја избра за себе сета Јорданска долина, и отиде Лот на исток… преместувајќи ги своите шатори до Содом“ (Битие 13,11.12). Колку малку ги предвидувал ужасните последици на својот себичен избор.“ – Патријарси и пророци, 119.
б. Што ѓаволот сакал да постигне преку похотта на очите? Марко 4,18.19; Матеј 4,8-10.
„Ако се дозволи барањата и грижите на овој свет да го обземат нашето целокупно време и влијание, нашите духовни сили слабеат и умираат, бидејќи не ги употребуваме.“ – This Day With God, p. 87.
в. Како местото што ќе го избереме да го распостеламе својот шатор може потенцијално да го уништи нашиот духовен живот и на нашите семејства? Битие 13,12.13; 19,1.12-16.
„Мнозина… кога бараат место за живеење… повеќе внимаваат на земните погодности и можности да заработат, отколку на моралните и општествените влијанија на кои ќе бидат изложени и кои ќе го опкружуваат нивното семејство. Настојувајќи да постигнат колку што е можно поголема благосостојба, тие бираат убава и плодна долина или се населуваат во некој град што дава можност за брзо збогатување; но поради тоа децата им се изложени на искушенија и често склучуваат познанства што мошне неповолно влијаат врз развитокот на побожноста и врз изградбата на исправен карактер. Атмосферата на слабиот морал, неверството и рамнодушноста кон верските работи, често дејствуваат спротивно од влијанието на родителите… Мнозина поинтимно се зближуваат со неверниците и својата судбина ја поврзуваат со Божјите непријатели.“ – Патријарси и пророци, 160.161.
Среда 4. јануари
4. ГРЕШНА ОКОЛИНА
а. Што треба да научиме од искуството на жената на Лот? Битие 19,26; Лука 17,28-33.
„(Жената на Лот) се бунела против Бога што неговата казна го зафатила и нејзиниот имот и нејзините деца…
Повикот на милоста му е упатен на секого, и ако нашите пријатели или роднини ја отфрлаат молбата на љубовта на Спасителот, треба ли тогаш и ние да се свртиме од Него? Спасението на душата е нешто што според вредноста нема споредба. За нашето спасение Христос платил неизмерно висока цена, и секој што знае да ја цени таа голема жртва и вредноста на душата, нема да ја презре понудената Божја милост поради тоа што други ја презираат.“ – Патријарси и пророци, 155.156.
б. Иако ќерките на Лот побегнале од Содом, како нивниот морал станал изопачен? Битие 19,30-38; Левитска 18,6.7.
„Потоа Лот се упатил во планините и живеел таму во пештера, лишен од сето она заради што се осмелил своето семејство да го изложи на влијанието на безбожничкиот град. Но содомското проклетство го прогонувало и таму. Грешното однесување на неговите ќерки уследило како резултат на лошото влијание на оние со кои се дружеле во тој изопачен град. Моралната расипаност во толкава мера им се вовлекла во карактерот, што не биле во состојба да го разликуваат доброто од злото. Единствените потомци на Лот, Моавците и Амонците, биле идолопоклонички племиња, бунтовници против Бога и огорчени непријатели на Неговиот народ.“ – Патријарси и пророци, 159.160.
в. Во овие последни денови, каде е најбезбедното место да ги распостеламе шаторите на патувањето до ветената земја, и зошто? Битие 2,7.8; Јуда 5-7.
„Се додека Господ ми дава сила да му зборувам на Неговиот народ, нема да престанам да ги повикувам родителите да ги напуштат градовите и да најдат дом надвор од градот, каде што ќе можат да обработуваат земја и да учат од книгата на природата поуки за чистотата и едноставноста. Делата во природата се Господови неми проповедници, кои треба да нѐ учат на духовните вистини. Тие ни зборуваат за Божјата љубов и ја откриваат мудроста на Големиот Уметник.“ – The Adventist Home, pp. 146, 147.
Четврток 5. јануари
5. ДА ГО УТВРДИМЕ СВОЈОТ ПОВИК
а. Бидејќи сме повикани, како Аврам, во ветената земја, на што треба да бидеме свесни? 2 Петрово 1,10.11; Матеј 22,14.
„Никој не треба да го изгуби вечниот живот. Секој кој ќе одлучи секојдневно да го поучува небесниот Учител ќе го утврди својот повик и избор. Да ги понижиме своите срца пред Бога и да настојуваме да Го запознаеме бидејќи тоа е вечен живот…
Ние не можеме да си дозволиме било што да нѐ оддели од Бога и небото. Уште во овој живот мораме да бидеме учесници во божествената природа. Браќа и сестри, имаме само еден живот за живеење. Нека биде тоа живот на доблест, живот сокриен со Христа во Бога.“ – In Heavenly Places, p. 29.
б. Кој единствено ќе успее да стигне до ветената земја? Откровение 17,14; Евреите 3,12-14.
„Злото може да се победи и искорени само со залагање преземено со посредство на вера. Оние што одат на бојното поле ќе се осведочат дека мораат да го имаат сето Божјо оружје. Штитот на верата ќе биде нивната одбрана, и ќе им овозможи да станат повеќе од победници. Ништо нема да им помогне повеќе отколку верата во Господ над војските и послушност на Неговите наредби. Огромните војски опремени со сите други погодности нема да бидат од било каква корист во последниот голем судир. Оној кој нема вера, ниту цела војска на ангели не може да му помогне. Само живата вера ќе ги направи христијаните непобедливи и ќе ги оспособи да опстанат во злиот ден, постојани и непоколебливи, држејќи се цврсто до својата доверба од почеток до крај.“ – Counsels to Parents, Teachers, and Students, pp. 182, 183.
Петок 6. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што значи да ги сакаме нашите семејства повеќе од Христа?
2. Како можеме да знаеме дали сме денес дојденци и странци?
3. Објаснете како изборот на местото во кое ќе живееме може да влијае на нашата судбина?
4. Кои се опасностите од живеење во непосредна близина на грешните градови?
5. Зошто сите кои се повикани не се исто така и избрани?