11 Наша порака

Сподели го ова:

11. лекција – 12. март 2016.

Наша порака

„Браќа, пазете некој да не ве заведе со филозофија и со празна измама што се потпира на човечкото предание, на стихиите на светот, а не по Христос.“ – Колосјаните 2,8.

„Божја намера не е на грешниците да им испраќа гласници кои ќе им ласкаат и ќе ги задоволат нивните желби. Тој не праќа никаква порака за мир и спокој за непосветените да не заспијат во лулката на телесната сигурност, туку полага тешко бреме на одговорност врз совеста на престапникот и ја прободува неговата душа со остри стрели на осуда.“ – 4 Сведоштво, 136.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 79-87.

Недела 6. март

1. РАЗВОДЕНЕТА ПОРАКА

а. Како е можно да се ослаби или обессили Божјата порака? 1 Коринтјаните 1,17; Марко 7,13.

б. Што често им се зборува на луѓето наместо верна порака? Еремија 6,14.15; Езекиел 13,10.

„Луѓето се осмелуваат да направат гревови кои се тешки во Божјите очи и мислат дека поради тоа не треба да бидат повикани на одговорност; велат дека тоа го направиле поради нервоза или поради посебен темперамент, но тоа е само смирување на совеста и повик: ‘Мир, мир, кога нема мир’. Гревот е грев, и тоа е сатанска измама на гревот да се гледа во поинаква светлина отколку што навистина е.“ – Преглед и гласник, 1. август, 1893.

в. Како Бог гледа на ласкањето? Псалм 5,9; 12,3. Што се постига со ласкање? Изреки 26,28; 29,5.

„Пофалбите, ласкањето и попуштањето направиле многу повеќе во насочување на драгоцените души на лажни патеки од која било друга сатанска измама.“ – Fundamentals of Christian Education, p. 304.
Понеделник 7. март

2. НАШИОТ НАЧИН НА ЖИВОТ

а. Каква била исхраната на Јован, и што е кажано за неговиот карактер? Матеј 3,4; Лука 1,80. Во која смисла неговиот начин на живот претставувал укор за луѓето во тоа време?

„Во времето на Јован Крстител, алчноста за богатство, љубовта кон раскошот и надворешното покажување биле многу распространети. Сетилните задоволства, веселбите и пијанките предизвикале телесни заболувања и дегенерација што ги умртвувале духовните способности и ја намалувале чувствителноста кон гревот. Јован требало да стои како реформатор. Со својот умерен живот и со едноставната облека, тој претставувал укор за неумереноста во тоа време. Затоа ангелот од небесниот престол им дал на Јовановите родители упатства за умереност.“ – Копнежот на вековите, 60.
„Со години Бог го насочувал вниманието на својот народ кон здравствената реформа. Тоа е една од големите гранки на делото за подготовка на доаѓањето на Синот Човечки. Јован Крстител, во духот и силата на Илија, одел напред да го подготви патот на Господа и да го обрати народот кон мудроста на праведниците. Тој бил претставник на оние кои живеат во овие последни денови, на кои Бог им ги доверил светите вистини да ги објават на луѓето, да го подготват патот за второто Христово доаѓање. Јован бил реформатор. Ангелот Гаврил, директно од небото, им дал упатства за здравствената реформа на таткото и мајката на Јован. Ангелот рекол дека Јован не смее да пие вино ниту жесток пијалак, бидејќи од своето раѓање треба да биде исполнет со Светиот Дух.“ – Совети за исхраната, 71.

б. Споредете ја облеката на Јован со онаа на Илија. Матеј 3,4; 2 Цареви 1,8. Каква е тоа поука за нас?

„Невообичаениот изглед на Јован будел кај слушателите сеќавања на старите пророци. Со своето однесување и облекување, Јован бил сличен на пророкот Илија. Со силата и духот на Илија, тој ја осудувал расипаноста на народот и ги укорувал гревовите кои преовладувале. Неговите зборови биле јасни, директни и убедливи. Мнозина верувале дека тој е еден од пророците кој воскреснал од мртвите. Кај целиот народ постоела силна возбуда. Мноштво се слевало во пустината.“ – Копнежот на вековите, 63.
„Чистата едноставност и неизвештаченост треба да биде обележје и на домовите и на облеките на сите оние кои веруваат во свечената вистина за ова време.“ – 5 Сведоштво, 125.
Вторник 8. март

3. НЕМА МЕСТО ЗА ГОРДОСТ, СУЕТА, ЕКСТРАВАГАНТНОСТ

а. Каков треба да биде нашиот став кон световните работи? 1 Јованово 2,15-17. Кој основен принцип се наоѓа зад здравствената реформата и која е неговата цел? 1 Тимотеј 2,9.10; Броеви 15,38-40.

„На децата на Израел, откако биле изведени од Египет, им било заповедано на своите облеки да носат едноставна сина лента со која ќе се разликуваат од околните народи и која ќе ги обележува како посебен Божји народ. Денес од Божјиот народ не се бара на својата облека да носи посебни ознаки, но во Новиот Завет ние често се наведуваме на примери од древниот Израел. Ако Бог му дал на својот народ во минатото толку одредени и јасни упатства во поглед на нивната облека, нема ли Тој да ја забележи и облеката на својот народ во денешно време? Зарем не треба да постои разлика во нивното облекување со онаа на светот? Зарем не треба Божјиот народ, кој е Негово особено богатство, да настојува и со својата облека да го прослави Бога? Зарем не треба да бидат пример и со своето облекување и со својот едноставен стил да ја укоруваат гордоста, суетата и екстраваганцијата на световните луѓе кои сакаат задоволства? Бог го бара ова од својот народ. Неговата Реч ја осудува гордоста.“ – Преглед и гласник, 23. јануари, 1900.

б. Што често се случува кога Божјиот народ ќе го напушти Бога и каква е нашата одговорност кон овие браќа и сестри? Изреки 28,4; Римјаните 1,32.

„Кога оние што се обединуваат со светот, но сепак се прогласуваат себеси дека се чисти, се залагаат за единство со оние кои секогаш се противеле на делото на вистината, од нив мора да се плашиме и да ги избегнуваме, исто онака одлучно како што тоа го правел Неемија. Такво наговарање може да потекнува само од непријателот на сите добра. Тоа се зборови на лицемери кои и денес треба да ги отфрлиме исто онака одлучно како и некогаш. Мора да се пружи одлучен отпор на секое влијание чија цел е да ја поткопа верата на Божјиот народ во Неговото водство.“ – Пророци и цареви, 447.
„Постојат моменти кога отпадништво се појавува во нашите редови, кога од срцата на оние кои треба да држат чекор со својот божествен Водач исчезнува побожноста. Божјиот народ се одвојува од изворот на својата сила, а потоа следуваат гордост, суета, екстравагантност и фалење. Постојат идоли одвнатре и идоли однадвор, но Бог го испраќа Утешителот да го укори гревот како Неговиот народ би бил предупреден на своето отпадништво и изобличен поради своето застранување.“ – Christian Education, 95.
Среда 9. март

4. ВОЗДИГАЊЕ НА ПРИНЦИПИТЕ

а. Како може да се издигне принципот на вистината денес? 2 Петрово 1,10-12; 2 Тимотеј 2,15; Римјаните 12,9.

„Сите оние кои се приклучуваат на црквата треба да откријат една трансформација на карактерот кој ја покажува нивната почит кон светите нешта. Целиот нивен живот треба да биде моделиран според чистотата и префинетоста на Исус Христос. Оние кои се приклучуваат на црквата треба да бидат доволно понизни како би примиле упатства во оние точки каде што имаат недостатоци и каде можат и мораат да се променат. Тие мораат да вршат христијанско влијание. Оние кои не се менуваат во зборовите и однесувањето, во облекувањето или во својот дом, живеат само за себе, а не за Христа. Не се создадени повторно во Исуса Христа, со внатрешно чистење на срцето и она што однадвор ги опкружува.“ – Testimonies to Southern Africa, p. 87.
„Наредено ми е да кажам дека има потреба од реформа во секоја црква, во секое семејство. Ние немаме време да посветиме на уживања, ниту пак средства да ги инвестираме во купување на фотографии со човечки лица. Инвестирајте ги своите пари во Божјото дело. Водете сметка за примерот кој го оставате. Од најголемо значење за секоја душа е да го љуби и да се плаши од Бога и да ги почитува Неговите заповеди. Сите ние треба подобро да се запознаеме со законите на Божјото царство како не би ја изгубиле полисата за осигурување на вечен живот (2 Петрово 1,10-12) и да не успееме да најдеме влез во Божјиот град.“ – Manuscript Releases, vol. 21, p. 409.

б. На што треба да се базираат нашите принципи? Исаија 59,19; 8,20; Проповедник 12,13.

„Но Бог на земјата ќе има свој народ кој ќе внимава на Библијата, и само на Библијата, како мерило на сите науки и темел на секоја реформа. Ниту мислењата на учените луѓе, ниту тврдењата на науката, ниту верските догми или одлуки на црковните собори, толку многубројни и спротивни како и црквите што ги застапуваат, ниту гласот на мнозинството – ниту едно од ова, ниту сите заедно не можат да се сметаат како доказ за или против која и да е точка на верата. Пред да примиме која било наука или пропис, треба да се увериме дека е во согласност со она јасното: ‘Така кажува Господ!’“ – Големата борба. 619.

Четврток 10. март

5. ДОДАТНА СИЛА НА ПОРАКАТА

а. Како Светиот Дух може да помогне во упатувањето на завршната порака на вистината? Дела 2,1.4; Откровение 2,26.

„Кога од црквата ќе исчезне немарноста и мрзливоста, Божјиот Дух милостиво ќе се покаже. Божествената моќ ќе биде откриена. Црквата ќе го согледа делувањето на провидението на Господ над војските. Светлината на вистината ќе блеска со јасни, силни зраци, и многу души, како во времето на апостолите, од заблуда ќе се обратат кон вистината. Земјата ќе биде осветлена со славата на Господ.“ – 9 Сведоштво. 42.

б. Кога можеме да очекуваме Божјата сила да се манифестира на чудесен начин во исцелување на болните? Матеј 17,19-21; 1 Коринтјаните 10,31; 9,27.

„Вие можете да кажете: ‘Зошто тогаш не се прифатиме за работа и не ги лекуваме болните како што тоа го правел Исус?’ Мојот одговор е: ‘Вие не сте подготвени’. Некои верувале и некои се излекувале, но има и многу кои се разболеле поради неумереност во исхраната или поради попуштање на погрешните навики. Кога ќе се разболат, дали ќе се молиме да се подигнат, за повторно да продолжат по старо? Мора да се изврши реформа во нашите редови; луѓето мора да постигнат повисоки стандарди пред да можеме да очекуваме Божјата сила да се манифестира на јасен начин во оздравување на болните.“ – Medical Ministry, pp. 15, 16.

Петок 11. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што е ласкање и зошто христијанинот не треба да го користи?
2. Како Јован ја осудувал неумереноста распространета во негово време? Што ова значи за нас?
3. Што се случува со оние кои се горди, суетни и екстравагантни?
4. Како откриваме дека сме создадени одново во Христа?
5. Со цел да напредува пораката во сила, како треба да живееме?

Сподели го ова:

Слични објави