10 Оживување на првобитната побожност
10. лекција – 5. март 2016.
Оживување на првобитната побожност
„Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сè што е потребно за животот и побожноста, а преку познанието на Оној Кој нè повика со Својата слава и совршенство.“ – 2 Петрово 1,3.
„Единствено ако на Божјиот закон му се врати неговото вистинско место, може да дојде до оживување и побожност на првобитната вера.“ – Големата борба, 494.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ Христовите поуки, 301-304.
Colporteur Ministry, pp. 72–75.
Недела 28. февруари
1. НАЈГОЛЕМАТА ПОТРЕБА НА ЦРКВАТА НА ОСТАТОКОТ
а. Која е најважната и неодложна потреба на црквата? Осија 6,1.2; Исаија 57,14.15.
„Оживување на вистинската побожност меѓу нас е најголемата и најитната од сите наши потреби. Да го бараме ова треба да биде нашата прва задача.“ – Преглед и гласник, 22. март, 1887.
б. Која е таа сила која овозможува вистинско оживување? Захарија 4,6; Јован 3,5.6.
„Под влијанието на Светиот Дух мора да дојде до будење и реформација. Будење и реформација се два различни поими. Будење значи обновување на духовниот живот, оживување на силите на умот и срцето, воскресение од духовната смрт. Реформацијата подразбира реорганизација, промена на идеите и теориите, навиката и праксата. Реформацијата не може да донесе добар род на правда ако не е поврзана со будење под влијание на Светиот Дух. Будењето и реформацијата треба да извршат дело кое им е наменето, и во тоа мора да бидат поврзани.“ – Преглед и гласник, 25. февруари, 1902.
Понеделник 29. февруари
2. ДЕЛО НА ОБНОВА
а. Што сѐ е вклучено во нашата мисија? Исаија 58,12; Дела 3,20.21.
„Жива сила мора да ја прати веста за второто Христово доаѓање. Не смееме да застанеме додека не видиме дека многу души се обратиле кон блажената надеж во Господовото враќање. Веста која во времето на апостолите ја носеле учениците извршила големо дело; луѓе кои им служеле на идолите се обраќале кон служба на живиот Бог. Задачата која треба денес да се изврши не е ништо помалку реална; а вистината не е ништо помалку вистина; само треба да ја објавуваме веста со толку поголема сериозност колку е поблизу Господовото доаѓање. Веста за денешно време е позитивна, едноставна и од најголемо значење. Ние мора да постапуваме како мажи и жени кои веруваат во тоа. Наша задача е да чекаме, бдееме, работиме, да се молиме и да го предупредуваме светот.“ – Евангелизам, 219.
б. Како Неемија се соочувал со пречките при обновата на ерусалимските ѕидови после враќањето од ропство? Неемија 6,3. Што можеме да научиме од ова искуство?
„Делото на обнова и реформа што го извршиле повратниците од ропството предводени од Зоровавел, Ездра и Неемија претставува слика на духовна обнова која мора да се изврши во последните денови од историјата на овој свет. Остатокот на Израел бил слаб народ, изложен на бесот на непријателот, но Бог сакал токму тој народ да го сочува на земјата сознанието за Него и Неговиот закон. Тие биле чувари на вистинското богослужение, чувари на светите пророштва. Доживеале многу искуства додека работеле на обновата на храмот и ѕидовите на Ерусалим, и наидувале на силно противење. Тешко било бремето што го носеле водачите во тоа дело, но тие луѓе работеле со непоколеблива доверба, понизен дух, цврсто потпирајќи се на Бога и верувајќи дека Тој ќе направи Неговата вистина да триумфира. Слично на царот Езекија, Неемија ‘се приврза кон Господ, не отстапувајќи од Него и ги пазеше заповедите Негови… И Господ беше со него’ (2 Цареви 18,6.7).“ – Пророци и цареви, 459.
„Бог повикува луѓе како Илија, Натан и Јован Крстител- луѓе кои верно ќе ја објавуваат пораката без оглед на последиците; луѓе кои храбро ќе ја говорат вистина, па дури ако за тоа мораат да жртвуваат сѐ што имаат.“ – Пророци и цареви, 95.
Вторник 1. март
3. ОПРАВДУВАЊЕ НА ГРЕВОТ
а. Како Библијата го дефинира гревот? 1 Јованово 3,4. Како Бог гледа на немудрите симпатии кон гревот? Тит 3,10.11; Ефесјаните 5,11.
„Во делото на реформа која треба да се спроведе денес, потребни се луѓе кои, слично на Ездра и Неемија, нема да го ублажуваат или да се изговараат за гревот, ниту ќе се срамат да се борат за Божјата слава. Оние врз кои почива товарот на ова дело нема да останат мирно кога луѓето прават неправда, ниту ќе го прекриваат злото со наметка на лажно милосрдие. Тие ќе имаат на ум дека Бог не гледа кој е кој и дека строгоста кон неколкумина може да се покаже како милост за мнозина. Тие, исто така, ќе имаат на ум дека кај оној кој го укорува злото, Христовиот Дух секогаш ќе се открива.“ – Пророци и цареви, 457.458.
„Постои извесна наклоност кон гревот и грешниците која претставува опасност за напредок на црквата во нашите денови. ‘Морате да имате братска љубов’, може да се слушне. Но сентименталноста која пронаоѓа изговор за гревот и го штити виновникот не е братска љубов.“ – Знаци на времето, 6. јануари, 1881.
б. Дали гревот смее да помине без укор? Ефесјаните 5,11; 2 Тимотеј 4,2.
„Кога во црквата повторно ќе се слушне гласот на укор: ‘Ти си тој’ (Самоил 12,7). Кога тие зборови не би биле така ретки, ние би виделе многу поголема манифестација на Божјата сила. Божјите гласници не треба да се жалат на неуспех во своите напори сѐ додека не ја покајат својата желба за одобрување од страна на луѓето, бидејќи тоа ги наведува да ја премолчат вистината и да викаат: ‘Мир’ и тогаш кога Господ не објавува мир“ – Слуги на евангелието, 135.
„(Јован 20,23). Христос со ова не му дава право ниту на еден човек да им суди на другите. Тој тоа изрично го забранил во својата Беседа на гора. Тоа право му припаѓа само на Бог. Меѓутоа Тој црквата како организирана целина ја прави одговорна за поедини членови. Оние што ќе паднат во грев, црквата е должна да ги предупредува, поучува и, ако е можно, поправи. ‘Укорувај, забранувај, советувај – вели Господ – со голема долготрпеливост и поука’ (2 Тимотеј 4,2).
Постапувајте правилно со оние што грешат. Предупредете ја секоја душа која е во опасност. Не дозволувајте било кој да падне во самоизмама. Нагласувајте го она што Бог го рекол за лажењето, кршење на саботата, кражбата, идолопоконството и сите други зла. ‘Оние што го прават тоа, нема да го наследат царството Божјо’ (Галатјаните 5,21).“ – Слуги на евангелието, 448.
Среда 2. март
4. РЕВНОСТ ДА СЕ ПОСТАПИ ПРАВИЛНО
а. Колку ревно треба Божјите гласници да се залагаат за она што е право? Исаија 58,1.
„Во овие денови на речиси сеопшт отпад, Бог ги повикува своите гласници да го објавуваат Неговиот закон во духот и силата на Илија. Како што Јован Крстител, подготвувајќи го народот за првото Христово доаѓање, им обрнувал внимание на своите слушатели на прописите на Десетте Божји заповеди, така и ние требаме јасно и одредено да ја објавуваме пораката: ‘Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд’ (Откровение 14,7). Со срдечност која била карактеристична за пророкот Илија и Јован Крстител, и ние мораме да се трудиме да го подготвиме патот за второто Христово доаѓање.“ – Коментари на библ. текстови, 425.
„Нашата порака мора да биде исто така одредена и непосредна како што била и Јовановата. Тој бестрашно ги укорувал властодршците поради нивното беззаконие. Иако поради тоа и самиот живот му бил во опасност, не се двоумел да ја објави Божјата Реч. И нашето дело во овој век мора исто така да биде извршено.“ – Слуги на евангелието. 43.
б. Како ние често реагираме кога сме повикани да се вклучиме во делото на реформацијата, и како тоа влијае на другите? Второзаконие 20,8.
в. Што треба да се сетиме во тие моменти? Исаија 35,4; Матеј 28,20 (последен дел).
„Илија не смеел да го напушти местото на својата должност. Требало да му се обрати на Оној кој го пратил да ја одбрани честа на Јехова, молејќи Го за заштита од гневот на Језавела. Требало да му каже на гласникот дека Бог, во кого се надева, ќе го заштити од омразата на кралицата. Поминале само неколку часа откако бил сведок на манифестацијата на чудесната божествена сила, и тоа требало да му биде сведоштво дека Бог нема да го напушти. Да останал таму каде што се наоѓал, да се потпрел на Божјата сила и заштита, да останал одлучен бранител на вистината, би бил заштитен од сѐ. Господ би му подарил уште една победа казнувајќи ја Језавела; а впечатокот оставен врз царот и кај народот би довел до голема реформација.“ – Пророци и цареви, 106.
Четврток 3. март
5. МОЌТА НА ПРИМЕРОТ
а. Како ефикасна и далекусежна може да биде моќта на примерот? 1 Тимотеј 4,12; Исаија 62,10.
„Народот ретко кога ќе се издигне на поголем степен од својот проповедник. Ако во проповедникот владее дух на љубов кон световните работи, тоа ќе има големо влијание на другите. Луѓето ќе се повикуваат на неговите мани како изговор за својата љубов кон светот… Проповедниците би требало да му даваат пример на стадото. Кај нив треба да се огледа постојана љубов за душите и иста преданост кон делото кое би сакале да го видат кај народот.“ – 2 Сведоштво, 728.
б. Како сите ние можеме да живееме во самоизмама во поглед на нашата состојба? Матеј 23,25-28. Што е лекот за тоа? Јаков 4,8.
„Реформаторите не се рушители. Тие никогаш нема да се трудат да ги уништат оние кои не постапуваат во склад со нивните планови и не ги усвојуваат. Реформаторите мораат да одат напред, не повлекувајќи се. Тие мораат да бидат одлучни, цврсти, решителни, непоколебливи, но цврстината не смее да се изопачи во надмоќен дух. Бог сака сите кои му служат да бидат цврсти како карпа во поглед на принципите, но кротки и понизни во срцето како што бил Христос. Тогаш, ако се во Христа, ќе можат да го извршат делото кое Тој би го извршил да е на нивно место.“ – 6 Сведоштво, 114.
„Христовата религија и најгрубиот и најжесток темперамент го чини благ и го облагородува држењето колку и да е неугледно и грубо. Нашите зборови ги прави нежни, а однесувањето привлечно. Да се научиме од Христа како високото чувство на чистота и честитост да го усогласиме со ведрото расположение. Учтивото и љубезното христијанско однесување претставува најсилен доказ кој можеме да го изнесеме во прилог на христијанството.“ – Colporteur Ministry, p. 73.
Петок 4. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Која е најголемата потреба на црквата денес?
2. Како и ние можеме да се вклучиме во проповедање на пораката за Исусовото скоро доаѓање?
3. Каква е одговорноста на црквата кон своите членови?
4. Каков треба да биде нашиот став кога ќе се прифатиме за делото на реформација?
5. Како можеме да го следиме Исусовиот пример во начинот на кој постапуваме со другите?