07 Каде започнува реформацијата?

Сподели го ова:

7. лекција – 13. февруари 2016.

Каде започнува реформацијата?

„Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо.“ – Езекиел 36,26.

„Верските будења доведувале до темелно испитување на срцата и до понизност. Тие се одликувале со свечени и сериозни повици упатени до грешниците и со искрена сомилост кон оние што се откупени со Христовата крв. Мажите и жените се молеа и се бореа со Бога за спасение на душите.“ – Големата борба, 477.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Совети за животот и исхр., 15-27.

Недела 7. февруари

1. САМОИСПИТУВАЊЕ

а. Од каде мора да започне нашата духовна реформација? 2 Коринтјаните 13,5; Римјаните 8,10.

„Вистинската реформација започнува со чистење на душата. Нашата работа за паднатите ќе постигне вистински успех единствено доколку Христовата благодат го преобрази карактерот и ја доведе душата во тесна врска со живиот Бог.“ – Здравје и среќа, 128.

б. Која внатрешна сила е потребна за да се спроведе реформа однадвор? Тит 3,5; Езекиел 36,26.27.

„Тивкиот и тенок глас на Божјиот Дух има моќ да го промени срцето.“ – Пророци и цареви, 112.
„Планот според кој требало да се отпочне однадвор, а потоа да се работи одвнатре, секогаш пропаѓал и секогаш ќе пропадне. Божјиот план со вас е да почне во самото средиште на сите тешкотии, во срцето, и тогаш од срцето ќе излезат принципите на правдата; реформата ќе биде остварена и однадвор и одвнатре.“ – Совети за исхраната, 35.

Понеделник 8. февруари

2. ДА СЕ ПОСМАТРА ХРИСТОС

а. Што можеме да научиме од Христовиот пример? Евреите 12,2; 1 Петрово 2,21-23.

„Законот ги осудува сите гревови и бара од сите доблест. Тој бара од човекот надворешна почит и бара чистота на душата. ‘Ете’, пишува псалмистот, ‘Ти ја сакаш вистината во срцето, и внатре во мене ме учиш на мудроста Твоја’ (Псалм 51,6). Христос во својот живот го воздигал Законот. Тој е модел за целото човештво. Тој го живеел Законот. Неговата чистота и добродетелта, Неговата посветеност на вистината и Неговата ревност за Божја слава го откриваат совршенството на Законот. Секоја Негова постапка претставувала откровение на Татковата волја. Бил сето она што законот барал од Него да биде.“ – Преглед и гласник, 26. февруари, 1901.
„Христос живеел живот на совршена послушност кон Божјиот закон, и во тоа оставил пример за секое човечко суштество. Животот што Тој го живеел на овој свет ние треба да го живееме преку Неговата сила и под Негови инструкции.“ – Здравје и среќа, 128.

б. Во која смисла гледањето нѐ преобразува? 2 Коринтјаните 3,18; Псалм 119,11.

„Гледајќи на Христа ние се менуваме. Ако умот постојано се занимава со она што е минливо, тоа целосно нѐ обзема, влијае на карактерот, така што Божјата слава се губи од вид и се заборава. Се занемаруваат можностите кои на таквите им стојат на дофат на раката да се научат на она што е небесно. Духовниот живот умира.“ – Синови и ќерки Божји, 105.
„Како би можеле да објавиме таква порака каква што Јован објавил, мораме да имаме духовно искуство како неговото. Истиот процес мора да се изврши во нас. Во Христа мораме да го видиме Бога, и гледајќи во Него, целосно да се изгубиме од вид себеси.“ – Слуги на евангелието, 43.
„Срцето преокупирано со Божјата Реч е наоружано против сатаната. Оние кои го земаат Христа за свој секојдневен сопатник и семеен пријател ќе почувствуваат дека невидливата сила на Божјата Реч е насекаде околу нив; гледајќи постојано во Исуса, тие ќе се преобразат во Неговиот лик. Гледајќи во Исуса, тие стануваат слични на божествениот пример; нивниот карактер е омекнат и достоен за небесното царство.“ – 4 Сведоштво, 480.

Вторник 9. февруари

3. ДА СЕ ОТКАЖЕМЕ ОД НАШЕТО ЈАС

а. Кога ќе видиме дека е потребна реформа, кој чекор најпрвин треба да се преземе? Марко 8,34; 2 Коринтјаните 10,5.

„Учењето на Јован предизвикало во срцата на мнозина голема желба да имаат удел во благословите што Христос требало да ги донесе, и тие ја прифатиле вистината… Ништо освен страсната желба, одлучната волја, зацртаната цел, не може да одолее на моралната темнина која ја покрива Земјата како смртна покривка. Со цел да ги добиеме благословите кои претставуваат голема привилегија, тие мораат ревносно да работат и да се откажат од себе.“ – The Youth’s Instructor, May 17, 1900.
„Кога Божјиот Дух со својата чудесна сила на пробудување ќе ја допре душата, тогаш се руши човечката горделивост. Световните задоволства, положбата и власта тогаш стануваат безвредни… Тогаш понизноста и самопожртвуваната љубов, кои толку малку се ценети меѓу луѓето, се издигнуваат како единствена вредност. Тоа е дело на евангелието чијшто еден дел била Јовановата порака.“ – Копнежот на вековите, 87.

б. Колку далеку досега делото на самоодрекување? Филипјаните 1,21; 2 Коринтјаните 5,14.15; Јован 3,30.

„Гледајќи со вера во Спасителот, Јован се искачил на висина на самоодрекување. Не се обидувал да го привлече вниманието на луѓето врз себе, туку да ги издигне нивните мисли повисоко и уште повисоко, додека не ги насочи на Божјото Јагне. Тој и самиот бил само еден глас, глас на крик во пустината. Сега со радост ја прифатил тишината и анонимноста, како очите на сите би можеле да се свртат кон светлината н животот.“ – Слуги на евангелието, 44.

в. Каков став треба да заземе вистинскиот Божји гласник? Римјаните 14,7.8; Галатјаните 2,20.

„Оние кои верно го извршуваат својот повик како Божји гласници, нема да бараат никакви почести за себе. Љубовта кон себе ќе биде проголтана во љубовта за Христа. Тие ќе препознаат дека нивна работа е да прогласуваат, како и Јован Крстител: ‘Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе’ (Јован 1,29).“ – Слуги на евангелието, 44.
Среда 10. февруари

4. УМЕРНОСТ И ПОСВЕТЕНОСТ

а. Во која смисла правилната исхрана поттикнува на поефикасна работа? 1 Коринтјаните 9,25-27. Каде и кога ова дело треба да се примени? Филипјаните 2,5; 2 Петрово 1,5-8.

„Големото дело на реформа и умереност за да биде целосно успешно, мора да започне во домот.“ – Преглед и гл., 23. август, 1877.
„Светлината за здравствена реформа светли денес пред Божјиот народ за да ја увиди потребата од држење на апетитот и страстите под контрола на повисоките сили на умот. Ова, исто така, е потребно за да имаат сила и острина на умот како би го препознале светиот синџир на вистината и да се одвратат од маѓепсувачките заблуди и пријатни измислици кои го преплавуваат светот.“ – The Spirit of Prophecy, vol. 2, p. 44.
„Желбите и страстите мора да се потчинат на повисоките ментални сили на умот. Таа самодисциплина е од суштинско значење за ментална сила и духовно расудување, кое ни овозможува да ги сфатиме и да ги спроведеме во дело светите вистини на Божјата Реч. Од таа причина умереноста има свое значајно место во подготовката за второто Христово доаѓање.“ – Копнежот на вековите, 60.

б. Како треба да се охрабруваат младите да ги контролираат своите мисли? Римјаните 12,2; 1 Петрово 1,13.

„Секој од нас поединечно треба да ги препаше бедрата на својот ум, да биде трезвен и будно да бдее во молитва. Умот мора да биде строго контролиран како би се задржувал само на она што ги зајакнува и облагородува моралните сили. Младите треба рано да започнат да ги негуваат исправните навики на размислување. Треба да го дисциплинираме својот ум да размислува во здрава насока и не смееме да му дозволиме да се занимава со она што е зло. Псалмистот вели: ‘Зборовите на устата моја и помислите на срцето мое нека бидат благоугодни пред Тебе, Господи, Карпо моја и избавителе мој’ (Псалм 19,14). И додека Бог дејствува врз срцето со својот Свет Дух, човекот мора да соработува со Него. Мислите мораат да се ограничуваат, да се спречи нивното разгранување и разгледување на работи кои само ќе ја ослабнат и осквернат душата. Мислите мора да бидат чисти, помислите на срцето мора да бидат чисти, како зборовите кои излегуваат од устата би биле зборови прифатливи за Небото и корисни за оние со кои се дружиме.“ – Преглед и гласник, 12. јуни, 1888.

Четврток 11. февруари

5. ПОНИЗНОСТ ВО СЛУЖБАТА

а. Што мораме да разбереме за да бидеме успешни во придобивањето на души за Христа? Лука 14,8-11; Јован 3,30.

„Пред честа доаѓа понизноста. За исполнување на високите должности меѓу луѓето, Небото бира работник кој, како Јован Крстител, пред Бога зазема ниско место. Ученикот што најмногу наликува на дете, најуспешно работи за Бога. Небесните суштества можат да соработуваат со оној што копнее да ги спаси душите, а не да се издигне себеси. Оној, кој најдлабоко чувствува дека му е потребна божествена помош ќе се моли да ја добие, а Светиот Дух ќе му даде дел од Исусовата светлина, што ќе ја зајакне и воздигне душата. По средбата со Христа, тој заминува да работи за оние кои пропаѓаат во своите гревови. Тој е помазан за својата мисија и ќе има успех таму каде што многу учени и интелектуално мудри претрпеле неуспех.“ – Копнежот на вековите, 323.

б. Што е неопходно во црквата денес? 1 Петрово 5,5.6.

„Драгоцената особина која се вика понизност за жал им недостига и на проповедниците и на црквата. Луѓето кои ја проповедаат вистината имаат премногу високо мислење за своите способности. Вистинската понизност го наведува човекот да го издига Христа и вистината и да биде свесен за својата целосна зависност од Бога, кој е Автор на вистината. Поуката за понизност се учи тешко и многу болно, но на крајот тоа донесува најблаготворни резултати. Болниот процес кој обично го следи учењето и прифаќањето на оваа поука е предизвикан од лажната претстава за себе и од лажната проценка на самите себе, така што не сме во состојба да ја увидиме нашата голема потреба.“ – 4 Сведоштво, 290.291.

Петок 12. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што значи да се доживее промена на срцето, и како тоа може да се случи кај нас?
2. Како можеме да го следиме Христовиот пример живеејќи живот на совршена послушност на Божјиот закон?
3. Што се случува кога Божјиот Дух ќе ја допре душата?
4. Како можеме да ги контролираме нашите мисли и како тоа ќе влијае на нашите зборови?
5. Како понизноста ќе ни помогне во нашата служба за другите?

Сподели го ова:

Similar Posts