04 Вториот Илија

Сподели го ова:

4. лекција – 23. јануари 2016.

Вториот Илија

“И Јован) ќе оди пред (Господ) во духот и силата на Илија, за да ги сврти срцата на татковците кон децата, и непокорните кон разумот на праведните, па да Му подготви на Господ народ подготвен.“ – Лука 1,17.

„Јован им рекол на Евреите дека нивната положба пред Бога ќе зависи од нивниот карактер и живот. Исповедањето на верата нема вредност. Ако нивниот живот и карактер не се во склад со Божјиот закон, тогаш тие не се Негов народ.“ ¬– Копнежот на вековите, 65.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 97-108.

Недела 17. јануари

1. СОСТОЈБАТА ВО КОЈА СЕ НАОЃАЛ ИЗРАЕЛ

а. Каква била задачата на Божјиот гласник кого Бог го испратил да го подготви патот за првото Господово доаѓање? Малахија 3,1-3.

б. Каков тип на личност бил овој гласник? Лука 1,13-17.

в. Во каква состојба се наоѓал Божјиот народ кога им бил потребен таков гласник? Лука 5,37-39; Матеј 15,8.9.

„Мевовите што се користеле како садови за чување на ново вино… Со ова позната слика, Исус ја прикажал состојбата на еврејските водачи… Тие сметале дека нивната сопствена праведност е сосем доволна и не сакале некој нов елемент да биде внесен во нивната религија.“ Копнежот на вековите, 201.
„Смоквата (што Исус ја проколнал) се исушила. Ова неродно дрво ја симболизирало состојбата на еврејскиот народ во тоа време. Ним им биле дадени сите можности и привилегии.“ Знаци на времето, 23. мај, 1900.

Понеделник 18. јануари

2. ЈОВАН КРСТИТЕЛ – БОЖЈИ ГЛАСНИК

а. Кои зборови Исус ги користел зборувајќи за Јован Крстител? Матеј 11,9.10.13-15.

„И сто така се верувало дека Илија лично ќе се појави пред доаѓањето на Месијата. Ова очекување Јован го негирал, но неговите зборови имале подлабоко значење. Подоцна, повикувајќи се на Јован, Исус рекол: ‘Ако сте подготвени да го прифатите, тој е Илија, кој треба да дојде’ (Матеј 11,14). Јован дошол во духот и силата на Илија за да ја изврши истата задача што Илија ја извршил. Кога Евреите би го примиле, таа би била извршена за нив. Меѓутоа, тие не ја прифатиле неговата вест. За нив тој не бил Илија. За нив тој не можел да ја исполни мисијата што дошол да ја исполни.“ – Копнежот на вековите, 87.

б. Кој отишол да го слуша Јован Крстител? Матеј 3,5.6; 21,32; Лука 11,1.

в. Зошто тие повеќе биле привлечени од Јовановата порака отколку од учителите во нивните денови? Матеј 3,1-3.

„Својата порака Јован не ја објавувал со вешто обработени и внимателно одбрани аргументи ниту пак со добро пресметани теории. Силен и строг, но сепак полн со надеж, одекнувал неговиот глас од пустината: ‘Покајте се, зашто се приближи царството небесно’ (Матеј 3,2). Тоа со некоја нова, необична сила ги допирало луѓето. Целата нација била возбудена. Мноштво луѓе доаѓале во пустината .“ – Слуги на евангелието, 43.

г. Дали Јован Крстител се плашел да ја говори вистината? Матеј 14,3.4.

„Тој го гледал Царот во Неговата убавина, и себеси се изгубил од вид. Посматрајќи го величеството на светоста, ја увидел својата неспособност и недостојност. Негова должност била на луѓето да им ја објавува небесната порака и пред нив да стои во Божјата сила и правда. Бил подготвен како гласник од Небото да излезе пред луѓето без никаков страв, бидејќи го имал пред очите само она што е божествено. Можел бестрашно да стои пред земните цареви, бидејќи со трепет му се поклонувал на Царот над царевите.“ – Слуги на евангелието, 42.

Вторник 19. јануари

3. ЈОВАНОВАТА ПОДГОТОВКА – ПУСТИНАТА

а. Во која смисла животот во природното опкружување го подготвил Јован Крстител за неговата мисија? Исаија 40,3-5; 30,15; Псалм 101,3.

„Според природниот редослед, синот на Захарија би бил обучен за свештеничка служба. Меѓутоа, воспитувањето во рабинските школи би го онеспособило за неговото дело. Бог не го испратил кај учителите по теологија за да го научат како да ги толкува Писмата. Тој го повикал во пустината за да се запознае со природата и со Творецот на таа природа…
Тука околината била поволна за навиките на едноставност и самоодрекување. Непопречуван од бучавата на светот, тој можел да ги проучува поуките на природата, на откровението и провидението. Зборовите што ангелот му ги упатил на Захарија често биле повторувани од страна на неговите богобојазливи родители. Уште од детството тие му укажувале на неговата мисија и тој ја прифатил светата доверба. Самотијата во пустината му дала можност да побегне од општеството, во кое речиси целосно доминирале сомнежот, неверувањето и нечистотијата. Тој немал доверба во сопствените сили дека ќе се спротивстави на искушението и затоа избегнувал постојан допир со гревот, за да не го изгуби чувството на неговата страшна грешност.“ – Копнежот на вековите, 60.61.

б. За да се докаже како ‘работник кој нема од што да се срами’, кои извори на поучување Јован Крстител првенствено ги користел и какво влијание тие имале на него? 2 Тимотеј 2,15; Псалм 19,1-3; Лука 1,80.

„Јован не бил немарен… Сѐ што го опкружувало во неговиот дом меѓу планините за него претставувало една книга на инструкции која содржела поуки од најдлабоко значење во поглед на карактерот, добродушноста и Божјата љубов.
…Далеку од зафатениот свет, чии грижи и примамливи задоволства го пренасочувале неговиот ум и ги изопачувале неговите мисли и впечатоци, тој се наоѓал во тишина опкружен со Бога и природата. Тука не бил изложен на влијанието на лошата околина, неговото разбирање не било заслепено, ниту пак неговиот дух бил запознаен со расипаноста. Во осаменоста на пустината, Јован станал силен во духот. Со своите строго умерени навики тој си обезбедил физичко, ментално и морално здравје. Неговото расудување било јасно, неговиот суд исправен.“ – The Youth’s Instructor, January 7, 1897.
Среда 20. јануари

4. ЕДНА ЦЕЛ

а. Каков бил животниот фокус на Јован? Дела 13,24. Како овој фокус, слично на апостол Павле, влијаел на неговите животни навики во целина? 1 Коринтјаните 9,27.

„Пред Јован се наоѓала сериозна задача; за да има здрава физичка конституција и умна и морална сила да ја изврши таа задача, тој морал да го контролирал апетитот и страстите. Јован требало да предводи во делото на реформа и со својот умерен начин на живот и едноставната облека да претставува укор на неумерените навики и грешните претерувања на луѓето.“ – Преглед и гласник, 7. јануари, 1873.
„Меѓутоа, Јован не го поминал својот живот во безделничење, во испосничка тага или во себична изолација. Од време на време одел во друштво на луѓето и внимателно следел сѐ што се случува во светот. Од своето мирно и тивко засолниште го следел развојот на настаните. Со визија просветлена од Божјиот Дух тој го проучувал карактерот на луѓето, за да пронајде начин како да допре до нивните срца со небесна порака. Врз него почивал товарот на мисијата. Во самотија, во размислување и молитва, тој се трудел да ја подготви својата душа за животното дело што било пред него.“ – Копнежот на вековите, 61.

б. Опишете ја исхраната и облекувањето на Јован Крстител? Матеј 3,4; Лука 1,15. Зошто ова претставувало важен дел во Јовановата служба?

„Посветен на Бога уште од своето раѓање како назиреј, (синот на Захарија) го прифатил овој завет како свој завет на доживотно посветување.“ – Копнежот на вековите, 61.
„Јован требало, како гласник на Јехова, да им ја носи Божјата светлина на луѓето. Тој ќе им даде нов правец на нивните мисли. Морал да им укаже на светоста на Божјите барања и на нивната потреба за Неговата совршена правда. Таквиот гласник мора да биде свет. Мора да биде храм во кој ќе живее Божјиот Дух. За да ја исполни својата мисија, тој мора да има здрава телесна градба, умна и духовна сила. Затоа било потребно да го контролира својот апетит и страстите, за да може да стои меѓу луѓето непоколебан од околностите, како карпите и планините во пустина.“ – Копнежот на вековите, 59.
„Јован не бил осамен, мрачен или мрзоволен, туку уживал во својот едноставен и повлечен начин на живот, а неговите умерени навики ги сочувале неговите сетила неизопачени.“ – The Youth’s Instructor, January 7, 1897.

Четврток 21. јануари

5. НАШАТА ПОРАКА ДЕНЕС

а. Од каде знаеме дека пораката на Илија не го достигнала своето целосно исполнување во текот на мисијата на Јован Крстител, Христовиот предвесник? Малахија 4,5.6. Која е нашата порака денес? Дела 3,19; Исаија 58,1.

„Јован бил повикан да изврши посебно дело; требало да го подготви патот на Господ и да ги исправи Неговите патеки… (Исаија 40,3-5). Ова е пораката која мора да се упати на нашиот народ; ние сме блиску до крајот на времето, а пораката гласи: ‘Исчистете го патот за Царот; соберете камења; подигнете го знамето за народот. Луѓето мора да се разбудат. Сега не е време да зборуваме: Мир и сигурност.“ – Преглед и гласник, 18. февруари, 1890.

б. Какво влијание оваа порака може да има на црквата и светот денес? Дела 22,15; Римјаните 10,13.

„Должноста кон ближните нѐ обврзува на тоа… постојано да вршиме спасоносно влијание и позитивно мислење за Божјиот закон. Со својот живот треба да светиме така што сите околу нас, во нашето покорување на секоја Божја заповед и секој Негов принцип, ќе го видат посветувачкото влијание на евангелието. Во голема мерка сме одговорни пред светот за душите кои се околу нас… Нека светот види дека ние… сакаме да ги споделиме нашите благослови и привилегии преку посветувањето со вистината.“ – 4 Сведоштво, 43.

Петок 22. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Под кои услови денес можеме да бидеме сметани за Божји народ?
2. Како Јован ја изнесувал пораката на народот и каков бил резултатот?
3. Кои се некои од предностите на оние кои живеат во природата, далеку од градовите?
4. Зошто Јован бил умерен во сите свои навики?
5. Како Бог сака ние да учествуваме во ширењето на порака денес?

Сподели го ова:

Слични објави