03 Делото на обнова

Сподели го ова:

3. лекција – 16. јануари 2016.

Делото на обнова

„И Мојот народ, кој се именува со Моето име, се понизи, почне да се моли, да го бара лицето Мое и се одврати од своите лоши патишта, Јас ќе чујам од небото и ќе му ги простам гревовите негови и ќе ја излекувам земјата негова.“ – 2 Летописи 7,14.

„Никогаш израелското царство не било оставено без благородни сведоци на Божјата сила да ги спасат луѓето од гревот. Некои дури и во најмрачните периоди останале верни на божествениот Владетел и среде идолопоклонството живееле без мана пред очите на светиот Бог.“ – Пророци и цареви, 70.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Преглед и гласник, 21. август 1913.

Недела 10. јануари

1. ВЕРЕН ОСТАТОК

а. Дали во времето на Илија, додека Божјите казни паѓале на отпадничкиот Израел, постоел верен остаток,? 1 Цареви 18,13; 19,18.

б. Дали Бог секогаш има свој верен остаток? Римјаните 11,5; Откровение 12,17.

в. Како Бог ветува дека ќе се грижи за својот народ додека Неговите казни паѓаат на Земјата? Псалм 27,5; Исаија 33,15.16.

“Оној ист Бог, кој се грижел за Илија, нема да напушти ниту едно од своите самопожртвувани деца. Оној, што ја изброил косата на нивната глава, ќе се грижи за нив; за време на гладот ќе имаат храна. Додека безбожниците ќе умираат од глад и епидемии, ангелите ќе ги штитат праведните и ќе ги задоволуваат сите нивни потреби. На оној што ‘оди во правда’ му е дадено ветување: ‘ќе му се даде леб, водата негова нема да пресуши’ (Исаија 33,15.16; 41,17).“ – Големата борба, 655.

Понеделник 11. јануари

2. ПОДГОТВЕТЕ ГО ПАТОТ ЗА ГОСПОД

а. Какво конкретно барање Илија упатил како предизвик за отпадот на израелскиот народ? 1 Цареви 18,19.20.

“Илија побарал на Кармил да се собере сиот Израел, како и сите пророци на Ваал. Со остар поглед, кој влева стравопочит, пророкот давал изглед на човек кој стоел во присуство на Господ, Израеловиот Бог. Состојбата на израелците во нивното отпадништво барала цврстина во однесувањето, остар настап и заповеднички авторитет. Бог подготвува порака која одговара на дадениот момент и на постојните околности… Бог секогаш има соодветна порака за својот народ во сите околности.“ – 3 Сведоштво, 216.

б. Кој исто така зазел цврст став на страната на Бога во процесот на спроведување на реформата? Неемија 5,9.

„Господ за своето дело ќе употреби луѓе кои се како челик цврсто верни на начелото, кои нема да ги поколебаат погрешните заклучоци на оние кои го изгубиле својот духовен вид.
Неемија од Бога бил избран затоа што бил подготвен да соработува со Бога во делото на обнова… Кога видел дека луѓето се раководат со погрешни принципи, тој не стоел на страна како набљудувач и со своето молчење го одобрувал злото. Тој не дозволил народот да дојде до заклучок дека и тој ја подржува погрешната страна. Тој зазел еден цврст, непопустлив став за она што е право. Ниту во најмала ситница не попуштал на влијанијата кои би ги изопачиле принципите кои Бога ги воспоставил.“ – Преглед и гласник, 2. мај,1899.
„Кога Неемија го започнал своето делување како реформатор и ослободител во Израел, тој бил поттикнат од љубовта кон Бога и грижата за просперитетот на Неговиот народ. Тој со цело срце пристапил кон тоа дело; неговата надеж, енергија, ентузијазам, одлучноста на карактерот, биле заразни и ги инспирирале другите со иста храброст и возвишени цели. Секој човек станал Неемија во својата сфера и ги крепел рацете и срцето на својот ближен така што набргу немоќта била надвладеана од силата и храброста.“ – Преглед и гласник, 18. март,1884.
„Најголемата потреба на светот е потребата за луѓе – луѓе кои не можат ниту да се купат ниту продадат, луѓе кои во длабочината на својата душа се праведни и чесни, луѓе кои не се плашат да го наречат гревот со неговото вистинско име, луѓе чија совест е верна на должноста како што е магнетната игла на полот, луѓе кои ќе стојат на страната на праведноста па дури и небото да се урне.“ – Воспитување, 47.

Вторник 12. јануари

3. ПОВИК НА ПОКАЈАНИЕ

а. Која била целта на казните кои биле пратени на Израел? Исаија 1,16-18; Лука 11,32. Какво влијание тие казни имале на Ахав? 1 Цареви 18,17.

„Целта на оваа (ненадејна) неволја била да ги наведе Израелците да го увидат својот грев, да ги наведе на покајание и да ги насочи кон Бога како би го почитувале Јехова како единствен вистински и жив Бог. После три и пол години на суша, Господ му рекол на Илија: ‘Оди и јави му се на Ахав, и јас ќе дадам дожд на земјата‘. ‘Штом Ахав го виде Илија, му рече: „Ти ли си оној што му носи неволји на Израел?”
Илија му одговори: „Јас не му донесувам неволји на Израел, туку ти и татковиот дом твој, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по Вааловците’ (1 Цареви 18,1.17.18).“¬ – Преглед и гласник, 26. мај,1891.
„Признавањето нема да биде прифатливо за Бога без искрено покајание и реформа. Мора да се видат одлучни промени во животот, сѐ што го навредува Бога мора да биде отфрлено. Тоа ќе биде последицата на вистинското жалење поради гревот.“ – Патот кон Христа, 26.

б. Во што е разликата помеѓу вистинското и лажното покајание? 2 Коринтјаните 7,9-11.

„Мнозина не успеваат да ја сфатат вистинската природа на покајанието. Тие жалат затоа што грешеле и дури привидно се менуваат само затоа што се плашат дека ќе мора да трпат поради своите лоши дела. Но тоа не е покајание во библиска смисла на зборот. Тие се жалат на страдањата наместо на гревот. Таква била болката на Исав кога сфатил дека засекогаш го загубил првенството. Валам, преплашен од ангелот кој стоел на неговиот пат со извлечен меч, ја признал својата вина за да не го загуби животот; но тука немало вистинско каење поради гревот, немало промена на намерите, не се јавила одвратност кон злото. Откако го предал својот Господ, Јуда Искариотски извикнал: ‘Згрешив, зашто предадов невина крв’ (Матеј 27,4).“ – Патот кон Христа, 15.
„Кај овој началник на цариниците се разбудил копнеж за подобар живот… Закхеј го слушнал повикот за покајание… Тој ги познавал Писмата и бил осведочен дека она што го прави е погрешно… Тој се чувствувал како грешник во очите на Бога… Закхеј веднаш почнал да се придржува кон своето ново уверување и да им ги враќа парите на оние што ги оштетил.“ – Копнежот на вековите, 421.
Среда 13. јануари

4. ПОВИК НА ПОСЛУШНОСТ

а. Од што зависи нашата среќа и спасение? Псалм 106,3; Јов 36,11; Еремија 7,23.

„Нашата среќа и нашето спасение зависат од јадење на лебот на животот; значи од слушање на Христовите зборови, од извршување на Христовите дела, од напредување во праведноста и воздржување од неправда. Ништо не може да ни даде таква самоувереност, таква храброст, такво зголемување на способностите и талентите, како правилното прифаќање на барањата на Божјиот закон… Љубовта кон Исус нѐ наведува да ги почитуваме Божјите заповеди, кои се како светилка на нашите нозе и светлина на нашата патека, обезбедувајќи ни просветлувачко, пречистувачко, блажено присуство и на Отецот и на Синот. Оној кој е послушен, може да разговара со Бога онака како што Енох разговарал со Него.“ – Синови и ќерки Божји, 194.

б. Каков став откриваат оние кои одбиваат послушност на Бога? Дела 7,51-53; 2 Тимотеј 3,8. Како тие ќе се однесуваат кон Божјиот народ во последните денови? Матеј 24,9.

„Грешниците, кои всушност го предизвикале небесното негодување, сиот товар ќе го струполат врз оние чијашто послушност кон Божјите заповеди е постојан прекор за престапниците. Ќе се тврди дека луѓето кои не ја почитуваат неделата, со тоа го навредуваат Бога; дека овој грев навлекува неволја што нема да престане сѐ додека не бидат сите присилени да ја празнуваат неделата, и дека оние што ги истакнуваат барањата на четвртата заповед и со тоа го поткопуваат почитувањето на неделата, го бунат народот, спречувајќи го повторно да ја добијат Божјата милост и да постигнат земна благосостојба. Така ќе се повторат некогашните обвинувања против Божјите слуги, и тоа за истата причина: „Штом Ахав го виде Илија, му рече: ‘Ти ли си оној што му носи неволји на Израел’? Илија му одговори: ‘Јас не му донесувам неволји на Израел, туку ти и татковиот дом твој, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по Вааловците’ (1 Цареви 18,17.18).“ – Големата борба, 614.
„Сите искушенија на сатаната Христос ги пречекал со Божјата Реч. Имајќи доверба во Божјите ветувања, Тој примил сила да ги почитува Божјите заповеди и искушувачот не можел кај Него да има успех.“ – Здравје и среќа, 129.
Четврток 14. јануари

5. ДЕЛОТО НА ОБНОВА

а. Што се тоа „старите патеки“ кои имаат потреба од обнова? Еремија 6,16; Исаија 58,12-14.

„Еремија постојано го свртувал вниманието (на нацијата) на советите дадени во Петтата книга Мојсеева. Тој ги нагласил учењата на Мојсеевиот закон повеќе од било кој друг пророк и покажал како тие можат да донесат најголем духовен благослов на нацијата и за секое срце. ‘Разгледајте и распрашајте се за дамнешните патишта, каде е добриот пат, врвете по него, и ќе најдете спокојство на душите свои’ (Еремија 6,16).“ – Пророци и цареви, 278.279.

б. Што е вклучено во делото на обнова и кој е повикан да учествува во ова дело? Исаија 62,6; 58,1.

„Алармантен е фактот дека рамнодушноста, поспаноста и апатијата во духовен поглед претставуваат обележје на луѓето на одговорни функции, како и дека горделивоста и алармантното игнорирање на предупредувањата на Божјиот Дух сѐ повеќе земаат замав. Се рушат оградите кои Бог во својата Реч ги подигнал околу својот народ. Луѓето на кои им е познато како Бог го водел својот народ во минатото, наместо да ‘прашуваат за старите патеки’ и да застануваат во одбрана на нашата положба како посебен и избран народ, сѐ повеќе се поврзуваат со светот. Најмногу вознемирува фактот дека гласот на опомена, укор и сесрдно преколнување сѐ помалку се слуша. Очите на Божјиот народ како да се заслепени, додека црквата, како да е гонета со некоја сила, се побрзо плови по каналот на световноста.“ – 4 Сведоштво, 397.

Петок 15. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како припадниците на верниот Божји остаток живееле, иако тие од време на време биле опкружени со идолопоклонство? Како ова може да се примени на нас денес?
2. Што Неемија направил за да ги инспирира другите да работат со него?
3. Какви промени се неопходни во нашите животи ако навистина сме се покајале?
4. Од каде потекнува вистинската среќа и зошто?
5. Наместо да ги бараат „старите патеки“, што некои правеле, и како тоа влијаело на црквата?

Сподели го ова:

Слични објави