02 Древен реформатор

Сподели го ова:

2. лекција – 9. јануари 2016.

Древен реформатор

„И пророкот Илија, тишбеец од галаадските жители, му рече на Ахав: „Се колнам во живиот Господ, Бог Израелов, пред Кого стојам! Во овие години нема да има ниту роса, ниту дожд, освен според мојот збор.“ – 1 Цареви, 17,1.

„Иако живеел далеку од сите познати градови и не заземал никаква висока положба во животот, Илија Тишбеецот… се посветил на својата служба сигурен во Божјата намера да го подготви патот пред него и дека ќе му осигура изобилен успех.“ – Пророци и цареви, 81.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 81-88.

Недела 3. јануари

1. ПОТЕКЛОТО НА ИЛИЈА И ПОВИКОТ

а. Кој бил Илија и каков тип на човек бил тој? 1 Цареви 17,1; Јаков 5,17.

„Илија… бил роден меѓу планините на Галад, источно од Јордан и потекнувал од народ кој бил приврзан во ‘гнасотиите на Аморејците’. Но, тој го започнал своето делување со зборови на вера и сила на устата и целиот живот го посветил на делото на реформа.“ – Преглед и гласник, 14. август, 1913.

б. Покрај какви луѓе Бог честопати само поминува, а кого наместо нив повикува? 1 Коринтјаните 1,26-28.

„На обичните животни патеки, мнозина со тешки напори трпеливо ги извршуваат своите секојдневни задачи, несвесни за сокриените сили кои, кога би биле разбудени на активност, би ги вклучиле меѓу големите и водечките луѓе во светот. Потребен е само еден допир на вешта рака да ги разбудат и развијат овие заспани способности. Такви биле луѓето кои Исус ги повикал да тргнат по Него и три и пол години да се обучуваат под Негов личен надзор. Никакво обучување во школите на рабините или салите на филозофите не можеле според вредноста и значењето да се споредат со оваа обука.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 425.
Понеделник 4. јануари

2. СООЧУВАЊЕ СО ОТПАДНИШТВОТО

а. Зошто Илија отишол во царската палата за таму јавно да го осуди отпадот на израелската нација? Јован 16,8; 3,20; 1 Тимотеј 5,20.

„На Илија му била доверена мисија на Ахав да му ја соопшти небесната порака за претстојната казна. Тој не барал да биде Божји гласник – Божјата Реч го пронашла патот до него. Горлив за честа на Божјото дело, тој не се двоумел да го послуша божествениот повик, иако подготвеноста да послуша изгледала како покана на брза погибел од страна на нечестивиот цар. Пророкот веднаш тргнал и патувал цел ден и ноќ, сѐ додека не стигнал во Самарија. Кога стигнал, не побарал прием кај царот, ниту чекал официјално да биде најавен. Облечен во груба облека каква што обично носеле пророците во тоа време, поминал покрај стражарите, наизглед незабележан, и застанал за миг пред шокираниот цар.
Илија не се извинил поради своето ненадејно доаѓање. Оној кој е поголем од израелскиот владетел му наредил да зборува, и кревајќи ја раката кон небото, свечено посведочил со живиот Бог дека казните на Севишниот треба да го снајдат Израел. ‘Во овие години нема да има ниту роса, ниту дожд’ изјавил тој, ‘освен според мојот збор’ (1 Цареви 17,1).“ – Преглед и гласник, 14. август, 1913.

б. Со каква цел Илија подоцна го укорил царот? 1 Цареви 18,17, 18; Јов 17,8.

„Непочитувањето на Божјиот закон од страна на Ахав и неговиот народ довело до сите несреќи кои им се случиле, и Илија не се двоумел да му ја соопшти целата вистина на виновниот цар. Светот е полн со ласкавци и лицемери, како во царските палати, така и во секојдневниот живот; но колку малку се оние кои имаат храброст која Илија ја покажал; колку малку се оние кои ќе застанат во одбрана на Божјиот погазен закон наспроти оние кои се сметаат за моќници на оваа земја.“ – Знаци на времето, 18. декември, 1884.
„Господ сака да спаси, а не да уништи. Тој се радува во спасувањето на грешниците. ‘Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја посакувам смртта на грешникот’ (Езекиел 33,11)… Тој им дава на своите избрани гласници света храброст и одлучност, така што оние што слушаат да можат да се уплашат и да бидат наведени на покајание.“ – Пророци и цареви, 68.

Вторник 5. јануари

3. ПОВИК НА ИЗБОР

а. Додека на гората Кармил повикувал на реформација, кој предизвик Илија го упатил до народот? 1 Цареви 18,21.

„Илија среде општото отпадништво на израелскиот народ, не го прикривал фактот дека му служи на небесниот Бог. Имало четиристотини и педесет пророци, четиристотини свештеници и илјадници обожаватели на Ваал; сепак, Илија не се обидувал ниту на кој било начин да создаде привиден впечаток дека и тој е на таа популарна страна. Тој свечено стоел сам… Каде се денес таквите како Илија?… Ништо не може да се постигне со кукавичлук или страв кога ќе се дознае дека сме народ кој ги држи Божјите заповеди. Криењето на нашата светлина, како да се срамиме од нашата вера, може да доведе само до пропаст. Бог во таков случај нѐ препушта на нашите слабости. Нека Тој во својата голема милост нѐ сочува од воздржувањето да светиме на секое место на кое Тој во своето провидение нѐ повикува. Ако се осмелиме да одиме сами – раководејќи се според сопствените идеи и планови, а оставајќи го Исуса на страна – не можеме да очекуваме дека Тој ќе ни подари постојаност, храброст и духовна сила. Бог имал морални херои, и денес ги има – тоа се оние кои не се срамат да бидат Негов особен народ. Својата волја и своите планови тие секогаш и во сѐ ги подредуваат на Божјиот закон. Љубовта кон Христа ги наведува и животот да го дадат за Него ако затреба… Верност и преданост на Бога е нивното мото.“ – 5 Сведоштво, 365.

б. Што направил Илија како прв чекор во делото на реформа? 1 Цареви 18,30.

„Измама и слепило го покрило Израел, како темен облак. Ова кобно отпадништво не ги совладало одеднаш, туку постепено, затоа што не ги слушале зборовите на прекори и опомени што Господ им ги упатувал. Секое отстапување од правиот пат, секое одбивање да се покајат ја зголемувало нивната вина и ги оддалечувало сѐ подалеку од Небото. И сега, во оваа криза, тие упорно одбивале да застанат на Божјата страна.
Господ се гнаси од рамнодушност и неверство во време кога криза го зафаќа Неговото дело. Целата вселена со неискажлив интерес ги гледа завршните сцени од големата борба помеѓу доброто и злото. Припадниците на Божјиот народ се приближуваат до границите на вечниот свет; што може да му биде поважно од верноста на небесниот Бог?“ – Пророци и цареви, 97.98.
Среда 6. јануари

4. ОТКРИВАЊЕ НА БОЖЈАТА СИЛА

а. Именувајте некои реформатори од минатото. Лука 1,17; Битие 32,28; Излез 9,16. Како тие ја стекнале потребна сила за исполнување на своите мисии? Псалм 27,14; 28,7.

„Ако луѓето одат со Бога, Тој ќе ги сокрие во пукнатините на Карпата. Така сокриени, тие можат да го видат Бога токму онака како што го видел Мојсеј. Благодарение на моќта и светлината што ги дава Бог, ќе можат да сфатат повеќе и поцелосно отколку што нивниот слаб разум воопшто можел и да замисли.“ – Делата на апостолите, 281.
„Јаков победил затоа што бил истраен и решителен. Неговото искуство сведочи за силата на истрајната молитва. Сега е време да ја научиме оваа лекција за истрајната молитва и непоколебливата вера. Најголеми победи на Христовата црква или на поединечните христијани не се оние што се постигнуваат со талент или знаење, со богатство или со услови поволни за човекот, туку тоа се победи што се постигнуваат во разговор на душата со Бога во тајна молитва, кога верата во душевна борба најсесрдно се фаќа за раката на семожната сила. Оние кои не се подготвени да го остават секој грев и искрено да бараат Божји благослов, нема никогаш ниту да го добијат. Но, сите оние кои цврсто се држат за Божјото ветување како и Јаков, и кои се толку истрајни и искрени како тој, ќе успеат како што и тој успеал. ‘Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави? Ви велам, ќе ги одбрани набргу’ (Лука 18,7.8).“ – Патријарси и пророци, 198.

б. На кои ветувања денешните реформатори можат да се повикаат кога ќе се укаже потреба за божествена сила? Псалм 68,35; 2 Самуил 22,32.33.

„Искуството на Илија, кога одново се надевал на Бога во часот на искушението, не претставува поука само за луѓето на одговорни должности. Оној кој бил силата на Илија, може со својата сила да го поддржи секое свое дете без разлика колку е слабо. Тој од секој очекува лојалност и секому му дава сила во зависност од неговата потреба. Човек во своја сила е слаб, но во Божјата сила е толку јак така што може не само да го победи злото, туку и да им помогне на другите да го победат. Сатаната никогаш не може да го совлада оној кој се става под Божја заштита. Со сигурност треба да кажеме: ‘Во Господ е правда и сила… Во Господ сето семе на Израел ќе биде оправдано и прославено’.“ – Преглед и гласник, 30. октомври, 1913.
Четврток 7. јануари

5. ОСАМЕНИ?

а. Дали Илија бил осамен во одбрана на Бога и Неговиот закон? Зошто да или зошто не? Псалм 34,7; 91,11; 103,20.

„Соочен со царот Ахав и лажните пророци, опкружен од страна на мноштвото Израелци, Илија единствен стоел да ја брани честа на Јехова… Меѓутоа Илија не бил сам. Над него и околу него се наоѓале заштитничките војски на Небото – ангели со исклучителна сила.“ – Преглед и гласник, 18. септември, 1913.

б. Кога сме осамени во одбрана на вистината и правдата, што треба да имаме на ум? 1 Цареви 19,18.

„Не се сите во овој свет беззаконици и грешници, ниту пак сите поминале на страната на непријателот. Бог има многу илјадници луѓе кои не ги свиткале колената пред Ваал, мнозина кои долго време тежнеат поцелосно да разберат сѐ што е во врска со Христа и Законот, мнозина кои се надеваат – иако е тешко да се надеваш – дека Исус наскоро ќе дојде и ќе стави крај на владеењето на гревот и смртта. Постојат мнозина кои од незнаење му служат на Ваал, но со нив Божјиот Дух сеуште се бори.“ – Пророци и цареви, 113.
„Кога поднесувате презир, срам и прогонство поради вистината, вие се наоѓате во друштво на најдобрите; бидејќи и Христос го поднесол сето тоа во многу поголема мера. Ако бидете верни стражари во Божјото дело, сето ова ќе претставува само комплимент за вас. Херои се оние души кои ќе останат верни, иако се осамени, и кои ќе примат круни на непоминлива слава.“ – The Youth’s Instructor, May 28,1884.

Петок 8. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Од каде Бог честопати ги повикува луѓето и зошто?
2. Наместо јасно да го осудат гревот, што повеќето луѓе прават?
3. На што укажува фактот дека ја криеме светлината што ни е доверена и каков ќе биде резултатот на тоа?
4. Како можеме да добиеме благослов Божјата сила да дејствува во нашиот живот?
5. Зошто, всушност, не сме сами иако сме единствените што ја бранат вистината?

Сподели го ова:

Слични објави